Зафатени со мртви дела или во Јеховина служба?
„ЖАЛАМ, ама зафатен сум.“ Ова е еден од приговорите на кои мораат да сметаат Јеховините сведоци додека јавно ја проповедаат добрата вест за Царството (Матеј 24:14). И додека тврдењето „Зафатен сум“ понекогаш не е ништо друго освен згодно изговарање, вистина е дека многу луѓе навистина се зафатени. Тие практично се истрошени од „грижите од овој свет“ — притисоците да се заработи за живот, да се платат сметките, одењето и враќањето од работа, подигањето деца, грижата за домот, автомобилот и другиот имот (Матеј 13:22).
Меѓутоа, додека луѓето можеби навистина се зафатени, некои се ангажирани во дела кои се навистина плодни или продуктивни. Токму како што еднаш напишал мудриот човек Соломон: „Што му останува на човекот од сиот негов труд и од грижата на срцето негово, што се труди под сонцето? Бидејќи сите денови му се мачни, а трудовите негови — неспокојство; дури и ноќе не знае за мир. Ете, и тоа е суета!“ (Проповедник 2:22, 23).
Таквите залудни активности Библијата исто така ги нарекува „мртви дела“ (Евреите 9:14). Дали такви дела доминираат во твојот живот? Тоа би требало да биде од голем интерес за тебе како христијанин, дотолку повеќе што Бог ќе „му плати на секого според неговите дела“ (Псалми 62:12, ДК). А бидејќи „преостанатото време е скратено“, треба посебно да водиме грижа да не го трошиме времето на дела кои се мртви (1. Коринтјаните 7:29, NW). Но, што се тоа мртви дела? Како треба да гледаме на нив? И како можеме да бидеме сигурни дека сме зафатени со дела кои се од вистинска вредност?
Препознавање на мртвите дела
Во Евреите 6:1, 2 (NW) Павле напишал: „Затоа сега, кога сме ја оставиле зад себе темелната наука за Христос, да навалуваме кон зрелост, не поставувајќи повторно темел, имено, покајание за мртви дела и вера спрема Бог, науката за крштенија и ракополагања, воскресение од мртвите и вечен суд“. Забележи дека „темелната наука“ вклучувала „покајание од мртви дела“. Како христијани, Павловите читатели веќе се покајале од такви мртви дела. Како тоа?
Пред да го прифатат Христос, некои во првиот век се ангажирале во мртви „дела на телото“, имено, „блудство, нечистотија, бесрамност, служење на идоли, магии“ и други одвратни дела (Галатјаните 5:19-21). Да не биле спречени, таквите дела можеле да го одведат до нивна духовна смрт. Сепак, тие христијани милосрдно се одвратиле од нивниот уништувачки пат, се покајале и „се измиле“. Така се радувале на чиста положба пред Јехова (1. Коринтјаните 6:9-11).
Но, не требало сите христијани да се покајат од дела кои биле зли или неморални. Павловото писмо првенствено било упатено до еврејските верници, од кои мнозина без сомнение строго се држеле на Мојсеевиот закон пред да го прифатат Христос. Тогаш, од какви мртви дела се покајале тие? Секако дека немало ништо лошо во тоа што ги следеле ритуалите и прописите за исхрана од Законот. Зарем Законот не бил „свет и справедлив и добар“? (Римјаните 7:12). Да, но во Римјаните 10:2, 3 (NW) Павле рекол за Евреите: „Им сведочам дека имаат ревност за Бог, но не според точно спознание, бидејќи, затоа што не ја спознаа Божјата праведност, туку бараа да ја воспостават својата, не ѝ се подложија на Божјата праведност“.
Да, Евреите заблудно мислеле дека со претерано совесно следење на Законот би можеле да го наследат своето спасение. Павле, меѓутоа, објаснил дека „човекот се оправдува не преку делата од Законот, туку само преку верата во Исуса Христа“ (Галатјаните 2:16). Откако била обезбедена Христовата откупнина, делата на Законот — без разлика колку се побожни или благородни — биле мртви дела и без никаква вредност во постигнувањето на спасение. Така Евреите со искрено срце барале Божја милост со покајание од таквите мртви дела и се крштавале за да го симболизираат своето покајание (Дела на св. апостоли 2:38).
Што учиме од ова? Дека мртвите дела можат да значат повеќе отколку зли или неморални постапки; тие го опфаќаат секое дело што е духовно мртво, залудно или бесплодно. Но зарем не се покајале сите христијани од такви мртви дела пред своето крштение? Точно, но некои христијани во првиот век подоцна западнале во неморално однесување (1. Коринтјаните 5:1). А меѓу еврејските христијани постоела тенденција да се вратат на вршењето на мртви дела од Мојсеевиот закон. Павле морал да ги потсети таквите да не им се враќаат на мртвите дела (Галатјаните 4:21; 5:1).
Заштита од мртвите дела
Затоа, Јеховиниот народ денес мора да внимава да не западне во замката на мртвите дела. Напаѓани сме практично од секоја страна со притисоци да направиме компромис во морален поглед, да бидеме нечесни, да се ангажираме во дела на сексуално неисправно однесување. За жал, илјадници христијани секоја година подлегнуваат на таквите притисоци, и ако не се покајат, исклучени се од христијанското собрание. Затоа, повеќе од кога и да е порано, христијанинот мора да внимава на Павловиот совет во Ефесјаните 4:22-24 (NW): „Да ја оставиме настрана старата личност која одговара на вашиот поранешен начин на однесување и која се распаѓа по своите измамнички желби; туку . . . треба да се обновите во силата која го двигнува вашиот ум, и треба да ја облечете новата личност која е создадена според Божја волја во вистинска праведност и лојалност“.
Се разбира, Ефесјаните на кои Павле им пишал во голема мера веќе ја облекле новата личност. Но Павле им помогнал да сфатат дека тоа бил постојан процес! Ако не се напрегаат непрестајно, измамничките желби кои траат како расипувачко влијание би можеле да ги одведат христијаните назад во мртви дела. Истото важи и за нас денес. Мораме постојано да се стремиме да ја облекуваме новата личност и да не дозволиме да ја расипат никакви особини коишто сме ги стекнале со нашиот стар начин на живот. Мораме да избегнуваме — да мразиме — секаков облик на зли дела на телото. „О вие кои го љубите Јехова, мразете го злото“, охрабрува псалмистот (Псалми 97:10, NW).
За пофалба е што огромното мнозинство од Јеховиниот народ денес внимава на овој совет и останало морално чисто. Сепак, некои биле турнати од дела кои не се лоши сами по себе, но кои на крајот се залудни и бесплодни. На пример, некои биле потполно обземени со планови да заработат пари или да стекнат материјални работи. Но Библијата предупредува: „Оние, што сакаат да се збогатат, паѓаат во искушение, во примка и во многу неразумни и штетни желби, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел“ (1. Тимотеј 6:9). За други, световното образование се покажало како замка. Вистина, извесно ниво на световно образование може да биде неопходно за да се добие вработување. Но во тежнеењето по повисоко световно образование кое го одзема времето, некои си наштетиле духовно.
Да, многу дела можеби не се морално неисправни сами по себе, но тие бездруго се мртви ако навистина не придонесуваат за нашиот живот сега или ако не ни донесуваат милост кај Јехова Бог. Таквите дела ни го одземаат времето и енергијата, а не донесуваат духовни користи, ниту трајно освежување. (Спореди Проповедник 2:11.)
Без сомнение, ти се трудиш да бидеш зафатен во вредни духовни активности. Сепак, тоа помага редовно да се испитуваш. На пример, одвреме-навреме можеш да се прашаш: ‚Дали моето учество во службата на проповедање и на состаноците трпи затоа што сум зел непотребна световна работа?‘ ‚Дали имам време за рекреација, а малку време за лична и семејна студија?‘ ‚Дали трошам повеќе време и енергија грижејќи се за материјални работи отколку да се грижам за оние од собранието на кои им треба помош, како што се болните и постарите?‘. Одговорите на овие прашања можат да откријат дека е потребно да им дадеш поголема предност на духовните дела.
Биди зафатен во Јеховината служба
Како што стои во 1. Коринтјаните 15:58, постои ‚богата вработеност во делото Господово‘. А пред сѐ во проповедањето на Царството и во делото на правење ученици. Во 2. Тимотеево 4:5, Павле поттикнал: „Направи го проповедањето на Добрата Вест свое животно дело, темелна служба“ (Jerusalem Bible). Старешините и слугите помошници исто така имаат многу да сторат додека се грижат за потребите на стадото (1. Тимотеј 3:1, 5, 13, NW; 1. Петрово 5:2). Поглаварите на семејствата — од кои многумина се самохрани родители — исто така имаат тешки одговорности додека се грижат за своите семејства и им помагаат на своите деца да растат во својот однос со Бог. Таквото дело може да биде исцрпувачко, понекогаш дури и совладувачко. Но, далеку од тоа да бидат мртви дела, тие донесуваат вистинско задоволство!
Проблемот е: Како да се најде време за извршување на сиве овие неопходни вредни дела? Од животоважно значење се самодисциплината и личната организација. Во 1. Коринтјаните 9:26, 27 (NW) Павле напишал: „Затоа трчам не на несигурно; ги насочувам моите удари да не удирам во воздух; туку го претепувам своето тело и го водам како роб, за откако сум проповедал на другите, на некој начин и самиот да не станам непризнат“. Еден начин да се примени начелото од овој стих би бил повремено да го испитуваш својот личен план и животен стил. Би можел да откриеш дека можеш да отстраниш голем број непотребни трошоци на твоето време и енергија.
На пример, дали многу од твојата енергија и време трошиш на гледање ТВ, рекреација, читање на световна литература или на твоето хоби? Според една статија во весникот The New York Times, просечен возрасен човек во САД посветува „само околу 30 часа седмично“ на гледање ТВ. Сигурно дека тоа време би можело да се употреби подобро! Сопругата на еден патувачки надгледник известува: „Скоро потполно ги исклучив сите крадци на време, како што е гледањето ТВ“. Со каков резултат? Била во можност од почеток до крај да ја прочита двотомната енциклопедија Увид во Писмото (Insight on the Scriptures)!
Можеби исто така треба да разгледаш до која мерка можеш да го поедноставиш твојот животен стил. Соломон рекол: „Сладок е сонот за оној што служи, јадел тој многу или малку; но изобилството на богатиот не му дава да спие“ (Проповедник 5:12, NW). Посветуваш ли голем дел од твоето време и енергија на грижата за неопходните материјални поседи? Вистина, колку повеќе работи поседуваме, толку повеќе мораме да одржуваме, осигуруваме, поправаме и заштитуваме. Дали би било предност за тебе едноставно да се лишиш од извесни лични предмети?
Друг начин за подобро да го употребиш своето време, е да имаш реалистичен план. Во таквиот план треба да се земе во обѕир разонодата или рекреацијата. Но на духовните интереси треба да им се даде предност. Треба да се одвои време за присуствување на сите собраниски состаноци кои се на редовна основа. Можеш исто така однапред да одлучиш кои денови или вечери ќе ги посветиш за делото на евангелизација. Со грижливо планирање можеш дури да бидеш во состојба да го зголемиш своето учество во службата, можеби служејќи како помошен пионер одвреме-навреме. Сепак, задолжително планирај време за лична и семејна студија, вклучувајќи ја темелната подготовка за состаноците. Ако си подготвен, не само што самиот ќе имаш повеќе од состаноците, туку ќе бидеш во подобра положба да ‚поттикнуваш на љубов и извонредни дела‘ преку твоите коментари (Евреите 10:24, NW).
За да најдеш време за проучување, можеби треба да направиш некои жртви. На пример, бетелските фамилии ширум светот стануваат рано наутро за да водат дискусија за дневниот текст. Дали ти е можно да си откупиш малку време секое утро за лично проучување? Псалмистот рекол: „Станав рано в зори, за да викам на помош. Чекав на твоите зборови“ (Псалми 119:147, NW). Секако, раното станување ќе бара да се планира разумно време за одење в кревет за да можеш да го започнеш следниот ден здрав и одморен.
Корист од зафатеноста во Јеховината служба
Да бидеш ‚богато вработен во делото Господово‘ бара планирање, дисциплина и самопожртвуваност. Но како резултат на тоа, ќе се радуваш на безброј користи. Затоа остани зафатен, не со мртви или залудни дела кои донесуваат само празнина и жалост, туку во Јеховината служба. Зашто, со такви дела можеш да ја покажеш твојата вера, да добиеш Божје одобрување, и конечно, наградата на бескраен живот!
[Слика на страница 28]
Правењето на реалистичен план му помага на христијанинот помудро да го користи своето време