Собранието нека го фали Јехова
„Ќе им го објавувам твоето име на своите браќа, ќе те фалам... среде насобраното мноштво“ (ЕВРЕИТЕ 2:12).
1, 2. Зошто е добро што го имаме собранието, и која е неговата главна улога?
НИЗ ИСТОРИЈАТА, луѓето ја задоволувале потребата од дружење и сигурност во рамките на семејството како основна клетка на општеството. Меѓутоа, Библијата ни открива дека има уште едно место во кое безброј лица од целиот свет денес уживаат во прекрасно дружење и сигурност. Тоа е христијанското собрание. Сеедно дали имаш или немаш семејство во кое владее блискост и кое ти дава поддршка, ти можеш и треба да го цениш она што Бог ни го обезбедува преку собранието. Се разбира, ако веќе си поврзан со некое собрание на Јеховините сведоци, веројатно веќе уживаш во срдечното дружење со неговите членови и ќе потврдиш дека таму има срдечно дружење и владее чувство на сигурност.
2 Собранието не е само некоја група луѓе на кои им е најважно да се дружат. Тоа не е некакво граѓанско здружение ниту клуб каде што се собираат луѓе што произлегуваат од слична општествена средина или што ги интересира ист спорт или хоби. Наместо тоа, собранието служи првенствено за да го фалиме Јехова Бог. Уште одамна, Божјите слуги се собирале со таа цел [т.е. да го фалат Јехова], како што е нагласено во книгата Псалми. Во Псалм 35:18 читаме: „Ќе те фалам среде големото насобрано мноштво, тебе ќе те фалам меѓу многуброен народ“. Слично, Псалм 107:31, 32 нѐ охрабрува: „Нека му благодарат на Јехова за неговата милост и за чудесните дела што ги направи за синовите човечки. Нека го возвишуваат пред насобраниот народ“.
3. Според Павле, која е улогата на собранието?
3 Христијанскиот апостол Павле истакнал уште една од главните улоги на собранието кога зборувал за „Божјиот дом, кој е собрание на живиот Бог, столб и потпора на вистината“ (1. Тимотеј 3:15). За кое собрание зборувал Павле? Кои зборови од изворните јазици се користени во Библијата кога се зборува за собранието?a И како треба тоа да влијае врз нашиот живот и врз нашата иднина? За да го дознаеме одговорот, најнапред да го испитаме значењето на изворните зборови што се користени во Божјата реч кога се зборува за собранието.
4. Во која смисла најчесто се користи зборот кахал во Хебрејските списи?
4 Во Хебрејските списи се користи зборот кахал, кој може да се преведе со „заедница, собир, собрание“. Неговото изворно значење е „свикува“ или „собира“ (2. Мојсеева 12:6, фуснота). Псалмистот го употребил зборот кахал во врска со ангелите на небото, а може да се употреби и за да се опише група злобни луѓе (Псалм 26:5; 89:5-7). Меѓутоа, во Хебрејските списи тој збор најчесто се применува на Израелците. Според буквалниот превод на оригиналниот текст, Бог рекол дека од Јаков ќе „настане голем народ [хебрејски: кахал]“, и така и било (1. Мојсеева 28:3; 35:11; 48:4). Израелците биле повикани, или избрани, да бидат ‚Јеховина заедница [хебрејски: кахал]‘, ‚заедница на вистинскиот Бог‘ (4. Мојсеева 20:4; Неемија 13:1; Исус Навин 8:35; 1. Самоилова 17:47; Михеј 2:5).
5. Кој грчки збор обично е преведен со „собрание“, и во која смисла може да се користи овој збор?
5 Соодветниот грчки збор гласи еклисиʹа и доаѓа од два грчки збора што значат „од“ и „повика“. Може да се примени на некоја нерелигиозна група, како што бил „собирот“ што Димитриј го подбуцнал против Павле во Ефес (Дела 19:32, 39, 41). Но, во Библијата овој збор обично се користи кога се зборува за христијанското собрание. Некои преведувачи го преведуваат со „црква“, но The Imperial Bible-Dictionary кажува дека тој „никогаш... не значи дословната зграда во која се собирале христијаните за да го обожаваат Бог“. Сепак, интересно е тоа што во Христијанските грчки списи зборот еклисиʹа се користи најмалку на четири различни начини кога се зборува за христијанското собрание. (Спореди Матеј 16:18, фуснота.)
Помазаното Божје собрание
6. Што правеле и Давид и Исус среде насобраното мноштво, односно во собранието?
6 Применувајќи ги на Исус Давидовите зборови од Псалм 22:22, апостол Павле напишал: „,Ќе им го објавувам твоето име на своите браќа, ќе те фалам со песна среде насобраното мноштво [„кахал“, фуснота]‘. Затоа [Исус] мораше во сѐ да стане како своите ‚браќа‘, за да биде милосрден и верен како првосвештеник во Божјата служба“ (Евреите 2:12, 17). Давид го фалел Бог „среде насобраното мноштво“, односно собрание, во древниот Израел (Псалм 40:9). Меѓутоа, на што мислел Павле кога рекол дека и Исус го правел истото? За кое собрание зборувал тој?
7. Првенствено на кој начин се користи зборот „собрание“ во Христијанските грчки списи?
7 Значајно е она што го читаме во Евреите 2:12 и 17. Тоа покажува дека и Христос бил член на едно собрание во кое им го објавувал Божјето име на своите браќа. Кои биле тие браќа? Оние што биле дел од „Авраамовото потомство“, т.е. Христовите браќа помазани со дух, кои се „учесници во небесниот позив“ (Евреите 2:16—3:1; Матеј 25:40). Да, првенственото значење на зборот „собрание“ во Христијанските грчки списи е група од следбеници на Христос помазани со дух. Овие 144.000 помазаници го сочинуваат „собранието од првородените, кои се запишани на небесата“ (Евреите 12:23).
8. Како укажал Исус на формирањето на христијанското собрание?
8 Исус укажал дека ова христијанско „собрание“ требало да се оформи во иднина. Околу една година пред својата смрт, тој му рекол на еден од апостолите: „Ти си Петар. На оваа карпа ќе го изградам своето собрание‚ и портите на гробот нема да го надвладеат“ (Матеј 16:18). И Петар и Павле исправно разбрале дека самиот Исус е таа проречена карпа. Петар напишал дека оние што се изградени како „живи камења“ на еден духовен дом врз карпата, Христос, биле ‚народ кој е Божја сопственост, за да ги објавува доблестите‘ на Оној што ги повикал (1. Петрово 2:4-9; Псалм 118:22; Исаија 8:14; 1. Коринќаните 10:1-4).
9. Кога почнало да се формира Божјето собрание?
9 Кога почнал да се оформува во христијанско собрание овој „народ кој е Божја сопственост“? Тоа било на Педесетница 33 год. од н.е., кога Бог го излеал светиот дух врз учениците што биле собрани во Ерусалим. Подоцна истиот ден, Петар одржал еден извонреден говор пред една група Евреи и прозелити. Мнозина ги прободела в срце Исусовата смрт, па се покајале и се крстиле. Библискиот извештај ни кажува дека тоа го сториле три илјади души, и така станале дел од новото и сѐ побројно собрание на Бог (Дела 2:1-4, 14, 37-47). Тоа собрание растело затоа што сѐ повеќе Евреи и прозелити го прифаќале фактот дека дословниот Израел повеќе не бил Божје собрание. Наместо тоа, помазаните христијани што го сочинувале духовниот ‚Израел Божји‘ станале вистинското Божје собрание (Галатите 6:16; Дела 20:28).
10. Каква врска постои помеѓу Исус и Божјето собрание?
10 Библијата честопати прави разлика помеѓу Исус и помазаниците, како на пример, со изразот „за Христос и за собранието“. Исус е Главата на ова собрание од христијани помазани со дух. Павле напишал дека Бог ‚го направил Исус глава над сѐ за доброто на собранието, кое е негово тело‘ (Ефешаните 1:22, 23; 5:23, 32; Колошаните 1:18, 24). Денес на Земјата се останати само уште малку од помазаните членови на ова собрание. Но, можеме да бидеме уверени дека оној што им е Глава, Исус Христос, ги сака. Она што го чувствува кон нив е опишано во Ефешаните 5:25: „И Христос го сакаше собранието и се предаде себеси за него“. Тој ги сака затоа што ревносно му принесуваат на Бог „жртва на фалба, односно плод на усните кои го објавуваат неговото име“, исто како што правел и Исус кога бил на Земјата (Евреите 13:15).
Други значења на зборот „собрание“
11. Во која втора смисла се користи зборот „собрание“ во Христијанските грчки списи?
11 Понекогаш, во Библијата се користи зборот „собрание“ и во потесна смисла, а не на целата група од 144.000 помазаници што го сочинуваат „Божјето собрание“. На пример, Павле им напишал на една група христијани: „Не бидете им за спрепнување ниту на Евреите, ниту на Грците, ниту на Божјето собрание“ (1. Коринќаните 10:32). Јасно е дека, ако некој христијанин во древниот Коринт постапел неисправно, тоа би можело да наведе некои да се спрепнат. Но, дали тоа би можело да ги спрепне и сите Грци, Евреи или помазаници од тоа време па сѐ до денес? Тешко. Затоа, изгледа дека во овој стих „Божјето собрание“ се однесува на христијаните што живеат во одредено време. Според тоа, кога ќе се рече дека Бог го води, се грижи или го благословува собранието, се мисли на сите христијани во одредено време, каде и да се наоѓаат. Или, пак, кога ќе речеме дека денес во Божјето собрание владеат среќа и мир, се мисли на среќата и мирот меѓу сите христијани.
12. Во која трета смисла се користи зборот „собрание“ во Библијата?
12 Третиот начин на кој во Библијата се користи зборот „собрание“ се однесува на сите христијани во едно место. Во неа пишува: „За собранието низ цела Јудеја, Галилеја и Самарија настапи време на мир“ (Дела 9:31). Во тоа големо подрачје имало повеќе од една група христијани, но за сите што биле во Јудеја, Галилеја и Самарија било речено дека се „собранието“. Со оглед на бројот на луѓе што се крстиле на Педесетница 33 год. од н.е. и кратко потоа, можеби имало дури и повеќе од една група што редовно се собирале во подрачјето на Ерусалим (Дела 2:41, 46, 47; 4:4; 6:1, 7). Ирод Агрипа I владеел со Јудеја сѐ до својата смрт во 44 год. од н.е., и од она што е кажано во 1. Солуњаните 2:14 е јасно дека најдоцна до 50 год. од н.е. имало прилично многу собранија во Јудеја. Затоа, кога читаме дека Ирод ‚почнал да малтретира некои од собранието‘, тоа може да се однесува на повеќе од само една група христијани што се собрале во Ерусалим (Дела 12:1).
13. Кој е четвртиот вообичаен начин на кој во Библијата се користи зборот „собрание“?
13 Четвртата, уште потесна и повообичаена употреба на зборот „собрание“ се однесува на христијаните што сочинуваат само едно локално собрание, како што се христијаните собрани во нечиј дом. Павле ги спомнал „собранијата во Галатија“. Во таа прилично голема римска провинција имало повеќе од едно такво собрание. Павле двапати ја употребил множината „собранија“ во врска со Галатија, при што биле вклучени и собранијата во Антиохија, Дерва, Листра и Иконија. Во овие локални собранија биле поставени да служат оспособени старешини, или надгледници (1. Коринќаните 16:1; Галатите 1:2; Дела 14:19-23). Според Светото писмо, сите тие собранија биле ‚Божји собранија‘ (1. Коринќаните 11:16; 2. Солуњаните 1:4).
14. Што можеме да заклучиме од начинот на кој се користи зборот „собрание“ во неколку библиски стихови?
14 Во некои случаи, групите што се собирале на христијанските состаноци сигурно биле мали и можело да ги собере во нечиј дом. Сепак, зборот „собрание“ се применувал и на некои такви групи. На пример, такви биле собранијата во домовите на Акила и Приска, на Нимфа, како и на Филимон (Римјаните 16:3-5; Колошаните 4:15; Филимон 2). Ова треба да им послужи како охрабрување на денешните собранија што се прилично мали и што можеби редовно се состануваат во нечиј приватен дом. Јехова ги прифатил тие мали собранија во првиот век, а сигурно ги прифаќа и денес, благословувајќи ги со својот свет дух.
Собранијата го фалат Јехова
15. Како можело да се види дејствувањето на светиот дух во некои од првите собранија?
15 Веќе рековме дека Исус го исполнил Псалм 22:22 со тоа што го фалел Бог среде собранието, односно среде насобраното мноштво (Евреите 2:12). Истото требало да го прават и неговите верни следбеници. Во првиот век, кога вистинските христијани биле помазани со свет дух за да станат Божји синови а со тоа и Христови браќа, кај некои светиот дух почнал да дејствува на еден нов, посебен начин. Духот им дал дарови да прават чуда. Тие дарови можеле да се видат преку зборовите на мудрост и знаење, моќта да лекуваат и да пророкуваат, па дури и преку способноста да зборуваат јазици што дотогаш не ги знаеле (1. Коринќаните 12:4-11).
16. Која била една од целите што требало да се постигнат со тоа што духот дал дарови да се прават чуда?
16 Во врска со зборувањето јазици, Павле рекол: „Ќе пеам фалбени песни со дарот на духот, но ќе ги пеам и со умот“ (1. Коринќаните 14:15). Тој сфатил колку е важно другите да ги разберат неговите зборови и со тоа да бидат поучени. Целта на Павле била да го фали Јехова во собранието. Ги поттикнал другите што имале дарови на духот: „Настојувајте да ги имате во изобилство заради изградување на собранието“, што значи на локалното собрание во кое некому му бил даден тој дар (1. Коринќаните 14:4, 5, 12, 23). Јасно, Павле бил заинтересиран за локалните собранија, и знаел дека во секое од нив христијаните ќе имаат можност да го фалат Бог.
17. Во што можеме да бидеме уверени во врска со локалните собранија денес?
17 Јехова и понатаму го користи и го поддржува своето собрание. Тој ја благословува групата помазани христијани на Земјата денес. Ова може да се види од богатата духовна храна со која се гоштава Божјиот народ (Лука 12:42). Тој го благословува и светското братство како целина. А ги благословува и локалните собранија, каде што го фалиме нашиот Творец со нашите дела и со нашите коментари кои им ја зајакнуваат верата на другите. Таму добиваме образование и обука за да можеме да го фалиме Бог и во други прилики, кога не сме физички присутни во своето локално собрание.
18, 19. Што сакаат да прават искрените христијани во секое локално собрание?
18 Сети се дека апостол Павле ги поттикнал христијаните во собранието во градот Филипи, во Македонија: „И се молам... со помош на Исус Христос, да бидете полни со плодот на праведноста, на Божја слава и фалба“. Тоа вклучува да им зборуваат на другите, кои не му припаѓаат на собранието, за својата вера во Исус и за својата прекрасна надеж (Филипјаните 1:9-11; 3:8-11). Затоа, Павле ги поттикнал христијаните: „Преку Исус секогаш му принесуваме на Бог жртва на фалба, односно плод на усните кои го објавуваат неговото име“ (Евреите 13:15).
19 Дали со радост го фалиш Бог „среде насобраното мноштво“, како што правел Исус, и дали ги користиш усните да го фалиш Јехова пред оние што сѐ уште не го запознале и не го фалат? (Евреите 2:12; Римјаните 15:9-11). Донекаде, одговорот што ќе го даде секој од нас можеби зависи од тоа како гледаме на улогата на нашето локално собрание во Божјата намера. Во следната статија ќе видиме како Јехова го води и го користи нашето локално собрание и каква улога треба да има собранието во нашиот живот денес.
[Фуснота]
a Во македонското издание на преводот Нов свет, терминот „собрание“ главно се користи во Грчките списи. Соодветниот хебрејски збор што се користи во Хебрејските списи е преведен со различни изрази во зависност од контекстот, а најчесто со „заедница, собир, насобрано мноштво, насобран народ итн.“
Се сеќаваш ли?
• Како било основано „Божјето собрание“ составено од помазани христијани?
• На кои три други начини во Грчките списи се користи зборот „собрание“?
• Во врска со собранието, што сакале да прават Давид, Исус и христијаните од првиот век, и како треба тоа да влијае врз нас?
[Слика на страница 21]
На кое собрание бил темел Исус?
[Слика на страница 23]
Локалните групи христијани се состанувале како ‚Божји собранија‘
[Слика на страница 24]
Исто како христијаните во Бенин, можеме да го фалиме Јехова среде насобраното мноштво