СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 46
Јехова нѐ уверува дека ќе го исполни своето ветување за рај
Секој што ќе бара благослов на земјата, ќе добие благослов од Богот на вистината (ИСА. 65:16, Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013)
ПЕСНА 3 Нашата сила, надеж и доверба
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Која била пораката на пророкот Исаија до Израелците?
ПРОРОКОТ Исаија за Јехова рекол дека е „Богот на вистината“ (Иса. 65:16, Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013). Зборот кој е преведен со „вистина“, дословно значи „амин“. „Амин“ значи „навистина е така“ или „така нека биде“. Кога во Библијата зборот „амин“ се користи во поврзаност со Јехова или со Исус, тоа е гаранција дека нешто е вистина. Според тоа, пораката на Исаија до Израелците била следнава: Она што Јехова ќе го прорече, секогаш се исполнува. Јехова го докажал овој факт со тоа што го исполнил секое свое ветување.
2. Зошто можеме да имаме доверба во ветувањата на Јехова за нашата иднина, и кои прашања ќе ги разгледаме?
2 Дали можеме да имаме доверба и во ветувањата што Јехова ги дал за нашата иднина? Речиси 800 години откако живеел Исаија, апостол Павле објаснил зошто Божјите ветувања секогаш се исполнуваат. Павле напишал дека „е невозможно Бог да лаже“ (Евр. 6:18). Исто како што од еден извор не може да тече и солена и слатка вода така и Јехова, кој е изворот на вистината, не може да лаже. Од таа причина, можеме да имаме потполна доверба во сето она што Јехова го кажува, вклучувајќи ги и неговите ветувања за нашата иднина. Во оваа статија ќе ги разгледаме следниве прашања: Какви ветувања ни дал Јехова за иднината? И, како тој нѐ уверува дека ветувањата што ги дал навистина ќе се исполнат?
ШТО ВЕТИЛ ЈЕХОВА?
3. а) Кое ветување многу им значи на Божјите слуги? (Откровение 21:3, 4). б) Како реагираат некои луѓе кога ќе го споделиме ова ветување со нив?
3 Ветувањето што ќе го разгледаме многу им значи на сите Божји слуги. (Прочитај Откровение 21:3, 4.) Јехова ветува дека ќе дојде време кога „смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“. Многумина од нас им ги читаат овие стихови на луѓето во служба за да ги утешат и за да им покажат каков ќе биде животот во рајот. Како реагираат некои луѓе кога ќе го споделиме со нив ова ветување? Тие можеби велат: „Ова звучи премногу добро за да биде вистинито“.
4. а) Кога го дал своето ветување за рајот, што знаел Јехова? б) Освен што дал ветување, што друго направил Јехова?
4 Кога со својот свет дух го поттикнал апостол Јован да го запише ова ветување за рајот, Јехова знаел дека ние денес ќе им ја пренесуваме оваа надеж на другите со тоа што ќе им ја проповедаме добрата вест. Јехова исто така знаел дека на многумина ќе им биде тешко да веруваат дека овие промени навистина ќе се случат (Иса. 42:9; 60:2; 2. Кор. 4:3, 4). Тогаш, како можеме да ги увериме другите, а и себеси, дека благословите што се опишани во Откровение 21:3, 4 навистина ќе се исполнат? Освен што ни го дал ова прекрасно ветување, Јехова ни дал и уверливи причини зошто можеме да имаме доверба дека тоа ќе се исполни. Какви причини ни дал?
ЈЕХОВА НЀ УВЕРУВА ДЕКА НЕГОВОТО ВЕТУВАЊЕ ЌЕ СЕ ИСПОЛНИ
5. Кои стихови ни даваат причини за да веруваме во Божјето ветување, и што пишува во нив?
5 Во стиховите што следат потоа, наоѓаме причини зошто можеме да веруваме во Јеховиното ветување за рај. Таму читаме: „Оној што седи на престолот рече: ’Гледај, правам сѐ ново!‘ Уште рече: ’Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни!‘ И ми рече: ’Се исполнија! Јас сум алфа и омега, почетокот и крајот‘“ (Отк. 21:5, 6а).
6. Зошто зборовите од Откровение 21:5, 6 ни ја зајакнуваат довербата во Божјето ветување?
6 Зошто овие библиски стихови ни ја зајакнуваат довербата во Божјето ветување? Во врска со овие стихови, во книгата Откровение — величествена завршница, го пишува следново: „Ова е исто како Јехова лично да им потпишал на верните луѓе една гаранција или потврда за овие идни благослови“.b Божјето ветување е запишано во Откровение 21:3, 4. А потоа, во стихови 5 и 6, Јехова, така да се каже, го ставил својот потпис како гаранција дека ќе се исполни неговото ветување. Да ги разгледаме подетално зборовите што Јехова ги употребил за да нѐ увери дека можеме да имаме доверба во него.
7. Кој почнува да зборува во стих 5, и зошто овој факт е значаен?
7 Божјата гаранција започнува на следниов начин: „Оној што седи на престолот рече“ (Отк. 21:5а). Ова е едно од трите места во книгата Откровение каде што Јехова лично зборува во виденијата. Значи, оваа гаранција не ја дал некој моќен ангел, дури ни воскреснатиот Исус, туку самиот Јехова. Овој факт е доказ дека можеме да имаме апсолутна доверба во она што тој го кажува потоа. Зошто? Бидејќи Јехова „не може да лаже“ (Тит 1:2). Значи, зборовите што ги читаме во Откровение 21:5, 6 сигурно ќе се исполнат.
„ГЛЕДАЈ, ПРАВАМ СЀ НОВО!“
8. Што кажал Јехова за да нагласи дека неговото ветување сигурно ќе се исполни? (Исаија 46:10).
8 Сега да го разгледаме зборот „Гледај!“ (Отк. 21:5). Грчкиот збор кој е преведен со „гледај“ често се користи во книгата Откровение. Според една книга, овој збор се користи за да му се укаже на читателот да обрне поголемо внимание на она што ќе биде кажано потоа. Што рекол Бог потоа? Тој рекол: „Правам сѐ ново“. Точно е дека Јехова ќе ги направи овие промени во иднина. Но, бидејќи е толку сигурен дека ќе го исполни своето ветување, тој зборува за тие промени како веќе да се случуваат. (Прочитај Исаија 46:10.)
9. а) На што се однесува изразот „правам сѐ ново“? б) Што ќе се случи со постоечките „небо“ и „земја“?
9 Да го разгледаме изразот што се наоѓа во Откровение 21:5: „Правам сѐ ново“. Во ова поглавје од Библијата, овој израз се однесува на две работи што ќе ги направи Јехова — замена и обнова. Најпрво да видиме што ќе замени Јехова. Во Откровение 21:1 читаме: „Поранешното небо и поранешната земја исчезнаа“. „Поранешното небо“ се однесува на сите човечки влади што се под влијание на Сатана и демоните (Мат. 4:8, 9; 1. Јов. 5:19). Кога се користи во Библијата, зборот „земја“ може да се однесува на луѓето (1. Мој. 11:1; 1. Лет. 16:31). Според тоа, „поранешната земја“ се однесува на денешното злобно човечко општество. Јехова нема само да ги подобри или поправи постоечките „небо“ и „земја“. Наместо тоа, тој потполно ќе ги отстрани. Јехова ќе ги замени сегашното небо и сегашната земја со „ново небо и нова земја“, односно со нова влада и ново човечко општество.
10. Во која смисла Јехова ќе направи сѐ ново?
10 Во која друга смисла Јехова ќе направи сѐ ново? (Отк. 21:5). Јехова ќе ги направи Земјата и луѓето како нови во таа смисла што ќе ги доведе до совршенство. Како што прорекол Исаија, Јехова ќе ја претвори целата Земја во едно прекрасно место слично на еденската градина. Исто така, секој од нас лично ќе доживее обнова така што Јехова потполно ќе нѐ излекува. Слепите, глувите и сакатите ќе бидат излекувани, па дури и мртвите ќе бидат вратени во живот (Иса. 25:8; 35:1-7).
„ОВИЕ ЗБОРОВИ СЕ ВИСТИНИТИ И ВЕРНИ!... СЕ ИСПОЛНИЈА!“
11. Каква заповед му дал Јехова на Јован, и од која причина?
11 Што друго ни служи како гаранција дека Јехова ќе го исполни своето ветување? Тој му рекол на Јован: „Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни!“ (Отк. 21:5). Освен што му заповедал: „Напиши“, Јехова му дал и причина зошто да го направи тоа. Тој рекол: „Зашто овие зборови се вистинити и верни!“ — што значи дека Божјите зборови се достојни за доверба. Ние сме благодарни што Јован ја послушал заповедта да го напише она што му го кажал Јехова. Како резултат на тоа, ние можеме да читаме за Божјето ветување за рај и да размислуваме за прекрасните благослови што нѐ очекуваат.
12. Зошто Јехова рекол: „Се исполнија“?
12 Што вели Бог потоа? „Се исполнија!“ (Отк. 21:6). Зошто Јехова рекол дека овие ветувања за рајот се исполниле? Бидејќи ништо не може да го спречи да ја исполни својата намера. Потоа, Јехова кажал уште нешто што служи како гаранција дека неговото ветување ќе се исполни. Да видиме што кажал.
„ЈАС СУМ АЛФА И ОМЕГА“
13. Зошто Јехова за себе рекол дека е „алфа и омега“?
13 Како што спомнавме претходно, самиот Јехова трипати зборувал во виденијата што ги имал Јован (Отк. 1:8; 21:5, 6; 22:13). Во секоја од тие прилики, Јехова го кажал следново: „Јас сум алфа и омега“. Алфа е првата буква од грчката азбука, а омега е последната. Со тоа што за себе кажал дека е „алфа и омега“, Јехова ни помага да сфатиме дека, кога тој ќе започне нешто, сигурно ќе го доврши.
14. а) Наведи пример за тоа кога Јехова всушност рекол „алфа“, а кога во некоја смисла ќе рече „омега“. б) Каква гаранција ни даваат зборовите запишани во 1. Мојсеева 2:1-3?
14 Откако ги создал Адам и Ева, Јехова им кажал која е неговата намера за луѓето и за Земјата. Во Библијата пишува: „Бог ги благослови и им рече: ’Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја‘“ (1. Мој. 1:28). Во тој момент, Јехова всушност кажал „алфа“. Тој јасно ја кажал својата намера. Ќе дојде време кога совршените, послушни потомци на Адам и на Ева ќе ја наполнат Земјата и ќе ја претворат во рај. Кога ќе дојде тоа време во иднина, Јехова всушност ќе рече „омега“. Откако завршил со создавањето на „небото и земјата и сѐ што е на нив“, Јехова кажал нешто што служи како гаранција. Тоа е запишано во 1. Мојсеева 2:1-3. (Прочитај.) Јехова го прогласил за свет седмиот ден. Што значи ова? Тоа значи дека Јехова го посветил, односно го одвоил седмиот ден за да ја исполни својата намера за Земјата и за човештвото. Таа потполно ќе се оствари на крајот од седмиот ден.
15. Зошто можеби Сатана си мислел дека успеал да го спречи Јехова да ја исполни својата намера?
15 Откако Адам и Ева се побуниле, тие станале грешни и несовршени и им ги пренеле гревот и смртта на своите потомци (Рим. 5:12). Како резултат на тоа, можеби изгледало дека Сатана го спречил Бог да ја исполни својата намера — на Земјата да живеат совршени и послушни луѓе. Се чинело дека Сатана успеал да го спречи Јехова да може некогаш да каже „омега“. Сатана можеби мислел дека на Јехова не му остануваат многу опции. Едната опција била да ги уништи Адам и Ева и да создаде нов совршен пар за да ја исполни својата намера со човештвото. Но, ако Бог го направел тоа, Ѓаволот би го обвинил дека е лажливец. Зошто? Бидејќи, како што е запишано во 1. Мојсеева 1:28, Јехова им рекол на Адам и Ева дека нивното потомство ќе ја наполни Земјата.
16. Зошто можеби Сатана си мислел дека може да го обвини Јехова дека не ја исполнил својата намера?
16 Која друга опција можеби Сатана си мислел дека му преостанува на Бог? Можеби си мислел дека Јехова ќе им дозволи на Адам и на Ева да имаат несовршени потомци кои никогаш нема да можат да станат совршени (Проп. 7:20; Рим. 3:23). Во тој случај, без сомнение, Ѓаволот би го обвинил Јехова дека не успеал да ја исполни својата намера — Земјата да биде полна со совршени луѓе.
17. Како Јехова се справил со побуната на Сатана и на првите луѓе, и кој ќе биде крајниот резултат? (Види ја и сликата.)
17 Јехова се справил со побуната на Сатана и на првите луѓе на начин кој Сатана никогаш не можел да си го замисли (Пс. 92:5). Со тоа што им дозволил на Адам и на Ева да имаат деца, Јехова докажал дека не е лажливец. Исто така, тој докажал дека, кога ќе каже дека ќе направи нешто, ништо не може да го спречи во тоа. Тој се погрижил да се оствари неговата намера така што обезбедил „потомство“ кое ќе ги спаси послушните потомци на Адам и Ева. Тоа „потомство“ ќе го дало својот живот како откупнина за да го спаси човештвото (1. Мој. 3:15; 22:18). Сатана никогаш не очекувал такво решение. Зошто? Бидејќи откупнината се темели на несебична љубов (Мат. 20:28; Јован 3:16). Сатана не ја поседува оваа особина бидејќи е себичен. Што ќе се случи благодарение на откупнината? На крајот од илјадагодишното владеење на Христос, на Земјата, која тогаш ќе биде претворена во рај, ќе живеат совршени и послушни потомци на Адам и Ева — токму како што Јехова имал намера на почетокот. Во тоа време, Јехова, така да се каже, ќе рече „омега“.
КАКО СИ ЈА ЗАЈАКНУВАМЕ ДОВЕРБАТА ВО ЈЕХОВИНОТО ВЕТУВАЊЕ ЗА РАЈ
18. Кои три причини ни ги дал Бог за да имаме доверба дека неговото ветување ќе се исполни? (Види ја и рамката „Три причини зошто може да имаме доверба во Јеховиното ветување“.)
18 Според она што го разгледавме, што можеме да им кажеме на другите за да ги увериме дека Божјето ветување за рај навистина ќе се исполни? Како прво, Јехова е тој што ни го дава тоа ветување. Во книгата Откровение пишува: „Оној што седи на престолот рече: ’Гледај, правам сѐ ново!‘“ Тој има мудрост, моќ и желба за да го исполни тоа свое ветување. Како второ, исполнувањето на неговото ветување е толку сигурно што од Јеховина гледна точка тоа веќе се случило. Токму затоа, Јехова вели: „Овие зборови се вистинити и верни!... Се исполнија!“. Како трето, кога ќе започне нешто, Јехова сигурно ќе го доврши. Тоа се гледа од следниве зборови: „Јас сум алфа и омега“. Јехова ќе докаже дека Сатана е лажливец и дека не може да го спречи исполнувањето на Божјата намера.
19. Што би можел да направиш кога на луѓето им е тешко да веруваат во Божјето ветување за рај?
19 Не заборавај, секогаш кога им кажуваш на другите каква гаранција ни дал Бог дека ќе го исполни своето ветување, си ја зајакнуваш твојата доверба во тоа ветување. Затоа, следниот пат кога ќе му го читаш некому прекрасното ветување за претстојниот рај, кое е запишано во Откровение 21:4, а тоа лице ти каже: „Ова звучи премногу добро за да биде вистинито“, што би можел да направиш? Би можел да му ги прочиташ и објасниш стихови 5 и 6. Објасни му каква гаранција ни дал Јехова дека ќе го исполни своето ветување со тоа што, така да се каже, го потпишал со својот потпис (Иса. 65:16).
ПЕСНА 145 Бог ни ветил живот во рај
a Во оваа статија ќе разгледаме што кажал Јехова за да нѐ увери дека неговото ветување за рај ќе се исполни. Секогаш кога им кажуваме на другите каква гаранција ни дал Јехова дека ќе се исполнат неговите ветувања, си ја зајакнуваме нашата доверба во нив.
b Види во книгата Откровение — близу е величествената завршница!, стр. 303, пас. 8-9.