Прашања од читателите
Древниот свештеник Мелхиседек бил вистинска личност, зошто тогаш Библијата вели дека тој бил „без родословие“ (НС)?
Оваа реченица се наоѓа во Евреите 7:3. Забележи го цитататот во неговиот контекст:
„Оти тој Мелхиседек беше цар Салимски, свештеник на Севишниот Бог, кој што го пресретна Авраама, кога се враќаше од борбата со царевите, и го благослови, кому и Авраам му даде десеток од сѐ, и кој по значењето на името негово е прво цар на правдата, а потоа и цар на Салим, односно цар на мирот, без татко, без мајка, без род (родословие, НС), немаше ни почеток на дните, ниту крај на животот и, по таков начин, е уподобен на Синот Божји, и останува вечен свештеник“ (Евреите 7:1-3).
Според тоа, Мелхиседек бил вистинска личност, како што бил и Авраам, со кого тој бил директно во контакт (1. Мојсеева 14:17-20; Евреите 7:4-10). Ако е тоа точно, тогаш Мелхиседек морал да има родители, татко и мајка, како и потомци. Значи, како човек тој имал родословие, односно, семејна лоза. Исто така и умрел. Кога-тогаш Мелхиседек умрел, во согласност со изјавата на апостолот Павле во Римјаните 5:12, 14. Но, бидејќи ние не знаеме кога Мелхиседек умрел и престанал да служи како свештеник, од тој аспект тој служел без да се знае до кога.
Во Евреите, Павле коментирал за Мелхиседек кога зборувал за улогата на Исус Христос како врховен Првосвештеник. Осврнувајќи се на Мелхиседек како пример, односно образец, Павле, што се однесува до оваа свештеничка улога, за Исус рекол: „Исус . . . стана вечен Првосвештеник по чинот Мелхиседеков“ (Евреите 6:20). Како?
Павле секако знаел дека библискиот извештај не пружа поединости за Мелхиседековата семејна линија — за неговите наследници или можни потомци. Оваа информација едноставно не е дел од библискиот запис. Според она што Павле го знаел или, пак, ние го знаеме за Мелхиседек, сосем исправно може да се каже дека тој е без „родословие“ (New World Translation of the Holy Scriptures, American Standard Version), „без список на потомци“ (В. Џ. Конибир), или без „семејно дрво“ (Џ. Б. Филипс).
Во која смисла Исус бил како него? Се разбира, ние знаеме дека Исусовиот татко е Јехова Бог и дека негова човечка мајка била Марија, од племето Јуда. Сепак, постои сличност меѓу Мелхиседек и Исус. Која? Исус не бил роден во племето Леви, племето на свештениците во нацијата Израел. Не, Исус не станал свештеник по човечка родословна линија. Истото е и со Мелхиседек кој не станал свештеник „по силата на телесна заповед“, односно, така што се родил во свештеничко племе и фамилија (Евреите 7:15, 16). Наместо да стане свештеник преку човечки татко кој исто така бил свештеник, Исус „од Бога беше наречен Првосвештеник по чинот Мелхиседеков“ (Евреите 5:10).
Освен тоа, Исус немал потомци, односно наследници во своето свештенство. И според ова, значи, бил без родословие. Тој вечно ќе ја извршува својата свештеничка служба како учител од кој ќе имаме корист. Павле, коментирајќи за оваа вечна служба, рекол:
„[Исус], бидејќи Сам, пребива вечно, има свештенство што нема да мине на друг. Затоа Он и може и за вечно да ги спаси оние, што преку Него доаѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив за да се моли за нив“ (Евреите 7:24, 25).
Нашето разгледување на Павловите зборови во Евреите 7:3 би требало да биде повеќе отколку само делче на спознание кое треба да се складира во нашите глави. Тоа би требало да го зголеми нашето ценење за љубезната подготовка која Јехова Бог ја направил за нас за да добиеме вечно простување на гревот како и ценење за начинот кој тој го подготвил за нас за постојано да добиваме помош и водство.