Јеховината реч е жива
Избрани стихови од Посланијата до Тит, до Филимон и до Евреите
НЕКОЕ време откако е пуштен од своето прво затворање во Рим во 61 год. од н.е., апостол Павле го посетува островот Крит. Бидејќи забележува во каква духовна состојба се собранијата таму, тој го остава Тит за да ги зајакне. Подоцна, веројатно од Македонија, Павле му пишува писмо за да му објасни како да си ги врши задолженијата, но и да им покаже на христијаните на Крит дека лично тој му ги дал тие задолженија на Тит.
Кратко пред да биде пуштен од затвор во 61 год. од н.е., Павле му пишува писмо на Филимон, еден христијански брат од Колоси. Тоа писмо е една лична, пријателска молба до него.
Околу 61 год. од н.е., Павле им пишува писмо и на еврејските верници во Јудеја, во кое покажува дека христијанството е далеку подобро од тогашниот еврејски поредок. Сите три писма содржат скапоцени совети за нас (Евр. 4:12).
ОСТАНЕТЕ ЗДРАВИ ВО ВЕРАТА
Откако му дава упатства како да ‚назначи старешини по градовите‘, Павле го советува Тит ‚строго да ги укори непокорните, за да бидат здрави во верата‘. Тој ги опоменува сите во собранијата на Крит ‚да се откажат од безбожноста и да живеат разборито‘ (Тит 1:5, 10-13; 2:12).
Павле дава и други совети за да им помогне на браќата на Крит да останат здрави во верата. Тој го советува Тит ‚да избегнува глупави испитувања и препирки околу Законот‘ (Тит 3:9).
Одговорени библиски прашања:
1:15 — Како може „на чистите сѐ [да] им е чисто“, а на „валканите и безверни луѓе“ ништо да не им е чисто? Одговорот ќе го добиеме ако разбереме што сакал да каже Павле со зборот „сѐ“. Тој не мислел на она што е директно осудено во Божјата пишана реч, туку на работите за кои секој верник можел да донесе лична одлука во склад со својата совест. За оној чие размислување е во согласност со Божјите мерила, тие работи се чисти. Сосем спротивното важи за оние чие размислување е извртено и чија совест е извалкана.a
3:5 — Со какво ‚капење‘ се спасени помазаните христијани и како се ‚обновени преку светиот дух‘? Тие се спасени ‚со капење‘ во таа смисла што Бог ги капе, односно ги чисти, со крвта на Исус која има откупна вредност. Тие се ‚обновени преку светиот дух‘ во таа смисла што стануваат „ново создание“ како Божји синови родени со дух (2. Кор. 5:17).
Поуки за нас:
1:10-13; 2:15. Христијанските надгледници мора да бидат храбри и да ги исправаат погрешните работи во собранието.
2:3-5. Исто како во првиот век, зрелите христијанки денес треба да „се однесуваат богобојазливо, [да] не клеветат и [да] не робуваат на многу вино, туку [да] ги поучуваат другите за она што е добро“. Ако го прават тоа, ќе можат да им дадат добри поуки на „помладите жени“ од собранието кога разговараат со нив.
3:8, 14. „Добро и корисно“ е да се ‚сосредоточиме на правењето на добри дела‘, затоа што тоа ни помага да бидеме активни во Божјата служба и да се држиме одвоено од злобниот свет.
СОВЕТУВАЈТЕ ‚ПОВИКУВАЈЌИ СЕ НА ЉУБОВТА‘
Павле го пофалува Филимон бидејќи е пример за ‚љубов и вера‘. Апостолот многу ‚се израдувал и се утешил‘ затоа што Филимон ги поткрепувал сохристијаните (Филим. 4, 5, 7).
Павле им дава пример на сите надгледници со тоа што се справува со една чувствителна работа — случајот со Онисим — не така што дава заповед, туку така што ‚се повикува на љубовта‘ на Филимон. Тој му вели: „Со надеж дека ќе го исполниш моето барање, ти пишувам, уверен дека ќе сториш и повеќе од ова што те молам“ (Филим. 8, 9, 21).
Одговорени библиски прашања:
10, 11, 18 — Како Онисим, кој порано бил „бескорисен“, сега станал „корисен“? Онисим бил бунтовен роб кој побегнал од домот на Филимон во Колоси и заминал за Рим. Веројатно Онисим украл и пари од својот господар за да може да си го плати патувањето долго 1.400 километри. Тој навистина му бил бескорисен на Филимон. Но, во Рим, Павле му помогнал на Онисим да стане христијанин. Бидејќи сега бил духовен брат, овој порано „бескорисен“ роб сега станал „корисен“.
15, 16 — Зошто Павле не побарал од Филимон да го ослободи Онисим? Павле сакал строго да се држи за задачата да го ‚проповеда Божјето царство и да поучува за Господарот Исус Христос‘. Затоа решил да не се меша во општествени прашања, како што било прашањето за ропството (Дела 28:31).
Поуки за нас:
2. Филимон го ставил својот дом на располагање за христијански состаноци. Голема чест е состанокот за проповедање да се одржува во нашиот дом (Рим. 16:5; Кол. 4:15).
4-7. Треба да ги пофалуваме соверниците кои се пример во верата и љубовта.
15, 16. Не треба претерано да се грижиме поради непријатните случки во животот. На крајот можеби сѐ ќе се сврши добро, како што било случај со Онисим.
21. Павле очекувал од Филимон да му прости на Онисим. И од нас се очекува да бидеме спремни да му простиме на некој брат што можеби нѐ навредил (Мат. 6:14).
„ДА НАПРЕДУВАМЕ КОН ЗРЕЛОСТ“
За да докаже дека верата во Исусовата жртва е од многу поголема вредност отколку држењето на Законот, Павле ја нагласува извонредноста на Основачот на христијанството, на неговото свештенство, на неговата жртва и на новиот сојуз (Евр. 3:1-3; 7:1-3, 22; 8:6; 9:11-14, 25, 26). Тоа што ги знаеле овие работи сигурно им помогнало на еврејските христијани да го издржат прогонството од страна на Евреите. Павле ги поттикнува своите еврејски соверници ‚да напредуваат кон зрелост‘ (Евр. 6:1).
Колку е важна верата за еден христијанин? „Без вера не е можно да му се угоди на Бог“, пишува Павле. Тој ги поттикнува Евреите: „Со истрајност да ја трчаме трката што е пред нас“, и тоа да го правиме со вера (Евр. 11:6; 12:1).
Одговорени библиски прашања:
2:14, 15 — Дали тоа што Сатана „ја има моќта да предизвикува смрт“ покажува дека може да му нанесе предвремена смрт кому сака? Не, не е така. Сепак, уште кога во почетокот постапил злобно во градината Еден, неговите лаги предизвикале смрт бидејќи Адам згрешил и ги пренел гревот и смртта на човечкото семејство (Рим. 5:12). Освен тоа, Сатановите застапници на Земјата понекогаш ги прогонуваат Божјите слуги до смрт, исто како што било случај со Исус. Но, ова не значи дека Сатана има неограничена моќ да убие кого сака. Кога би било така, тој уште одамна би ги збришал сите Јеховини слуги. Јехова го штити својот народ како група и не му дозволува на Сатана да го уништи. Дури и ако Бог дозволи некој од нас да умре под нападите на Сатана, можеме да бидеме уверени дека Тој може да ја надомести секоја штета што ќе ни биде нанесена.
4:9-11 — Како ‚влегуваме во Божјата починка‘? На крајот на шесте творечки денови, Бог си починал, односно се одморил од своите дела на создавањето, уверен дека неговата намера со Земјата и со луѓето ќе се исполни (1. Мој. 1:28; 2:2, 3). Ние ‚влегуваме во таа починка‘ така што не се обидуваме преку нашите дела да докажеме дека сме праведни, туку ја прифаќаме откупната жртва што ја обезбедил Бог. Кога покажуваме вера во Јехова и послушно го следиме неговиот Син, наместо да си гледаме само за себе, секој ден уживаме во благослови кои нѐ поткрепуваат и ни даваат душевен мир (Мат. 11:28-30).
9:16 — Кој е човекот „што посредувал во склучувањето“ на новиот сојуз? Јехова е Основачот на новиот сојуз, а Исус е човекот што посредувал во неговото склучување. Исус е Посредникот на тој сојуз, и со својата смрт ја обезбедил жртвата што била потребна за овој сојуз да стапи во сила (Лука 22:20; Евр. 9:15).
11:10, 13-16 — Кој „град“ го очекувал Авраам? Ова не бил дословен, туку симболичен град. Авраам го очекувал „небесниот Ерусалим“, кој се состои од Христос Исус и неговите 144.000 совладетели. За овие совладетели во нивната небесна слава се вели дека се и „светиот град, Новиот Ерусалим“ (Евр. 12:22; Отк. 14:1; 21:2). Авраам со душа чекал да живее под Божјето Царство.
12:2 — Која била ‚радоста што стоела пред Исус‘, поради која ‚претрпел маченички столб‘? Тоа било радоста што ја чувствувал кога гледал што ќе постигне со својата служба. Во тоа спаѓало посветувањето на Јеховиното име, оправдувањето на Божјето право да владее и откупувањето на човечкото семејство од смртта. Исус, исто така, со радост очекувал да ја добие наградата — да владее како Цар и да служи како Првосвештеник во корист на човештвото.
13:20 — Зошто се вели дека новиот сојуз е ‚вечен‘? Од три причини: 1) никогаш нема да биде заменет, 2) резултатите од него се трајни, и 3) ‚другите овци‘ ќе имаат корист од новиот сојуз и по Армагедон (Јован 10:16).
Поуки за нас:
5:14. Треба трудољубиво да ја проучуваме Божјата реч, Библијата, и да го применуваме она што го учиме од неа. Нема друг начин на кој можеме да ‚ја извежбаме нашата моќ на согледување да разликува добро и зло‘ (1. Кор. 2:10).
6:17-19. Ако нашата надеж цврсто се темели на Божјето ветување и на Божјата заклетва, тоа ќе ни помогне да не застраниме од патот на вистината.
12:3, 4. Наместо ‚да се умориме и душите да ни папсаат‘ кога ќе се соочиме со мали проблеми или противење, треба да напредуваме кон зрелост и да станеме уште поспособни да истраеме во испитите. Треба да бидеме решени да истраеме, дури и ако тоа значи ‚да ја пролееме својата крв‘, односно да останеме верни до смрт (Евр. 10:36-39).
12:13-15. Не смееме да дозволиме никаков „отровен корен“, односно никој во собранието што го критикува начинот на кој се прават работите, да нѐ спречи ‚да ги израмниме патеките по кои одат нашите нозе‘.
12:26-28. „Она што не го направил Бог“, односно целокупниот сегашен поредок, во кој спаѓа и злобното ‚небо‘ — ќе биде потресено и отстрането. Кога ќе се случи тоа, ќе остане само „она што не може да се потресе“, односно Царството и оние што го поддржуваат. Колку е важно ревносно да го објавуваме Царството и да живееме според неговите начела!
13:7, 17. Ако постојано мислиме на овој совет да им бидеме послушни и подложни на надгледниците во собранијата, ќе ни биде полесно да соработуваме со нив.
[Фуснота]