Дали ја исполнуваш целата своја обврска кон Бог?
„Оти Бог ќе ја изведе на суд секоја работа и што е тајно, било да е добро или лошо“ (ПРОПОВЕДНИК 12:14).
1. Кои подготовки ги направил Јехова за својот народ?
ЈЕХОВА ги поддржува оние кои си спомнуваат за него како за свој Голем Творец. Неговата инспирирана Реч им го дава спознанието кое е потребно за да му угодат во потполност. Божјиот свет дух ги води во вршењето на божествената волја и во ‚принесувањето на секое добро дело‘ (Колосјаните 1:9, 10). Освен тоа, Јехова ни обезбедува духовна храна и теократско водство преку „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45—47, NW). Значи, на многу начини Божјиот народ има небесен благослов додека му служи на Јехова и го извршува животоважното дело на проповедање на добрата вест за Царството (Марко 13:10).
2. Во врска со службата за Јехова, кои прашања може да се појават?
2 Вистинските христијани се среќни што се зафатени со светата служба за Јехова. Сепак, некои може да се обесхрабрат и да мислат дека нивните напори се безначајни. На пример, понекогаш некои предадени христијани можеби се прашуваат дали нивните совесни напори навистина се исплатат. Кога еден семеен поглавар размислува за семејната студија и за другите активности, во неговите мисли може да се јават вакви прашања: ‚Дали Јехова навистина е задоволен со она што го правиме? Дали ја исполнуваме целата своја обврска кон Бог?‘ Мудрите зборови на проповедникот можат да ни помогнат да одговориме на тие прашања.
Дали сѐ е суета?
3. Во склад со Проповедник 12:8, што е кулминација на суетата?
3 Можеби некои мислат дека зборовите на мудриот човек не се многу охрабрувачки за кој и да било — млад или стар. „Суета над суетите, вели проповедникот, сѐ е суета!“ (Проповедник 12:8). Всушност, да се игнорира Големиот Творец во младоста, да се остари без да му се служи и да се доживее поодмината старост само како трофеј за долгиот живот е кулминација на суетата. За такво лице сѐ е суета, односно празнина, дури и ако умре со богатство и слава во овој свет кој лежи во моќта на злобниот, Сатана Ѓаволот (1. Јованово 5:19, NW).
4. Зошто може да се рече дека не е сѐ суета?
4 За оние, пак, кои си собираат богатство на небото како Јеховини верни слуги не е сѐ суета (Матеј 6:19, 20). Тие се богато вработени во наградувачкото дело на Господ, и таквиот труд на крај не е залуден (1. Коринтјаните 15:58). Но, ако сме предадени христијани, дали остануваме зафатени во делото што ни го доделил Бог за овие последни денови? (2. Тимотеј 3:1). Или, пак, сме присвоиле животен стил кој, општо земено, малку се разликува од стилот на нашите соседи? Можеби тие се поврзани со различни религии и можеби се прилично побожни, со тоа што редовно ги посетуваат своите места за обожавање и се обидуваат да го извршат она што нивниот облик на обожавање го бара од нив. Се разбира, тие не се објавители на пораката за Царството. Тие немаат точно спознание дека ова е „последното време“ и немаат чувство на итност за деновите во кои живееме (Даниил 12:4).
5. Што треба да правиме ако нормалните стремежи во животот ни станале главна грижа?
5 Во врска со нашите критични времиња, Исус Христос рекол: „Како што беше во деновите на Ноја, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки; оти, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и не узнаа, додека не дојде потопот и истреби сѐ — така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24:37—39). Кога јадењето и пиењето се умерени, нема ништо погрешно во нив, а бракот е подготовка која потекнува од самиот Бог (1. Мојсеева 2:20—24). Сепак, ако увидиме дека нормалните стремежи во животот ни станале главна грижа, зошто ова да не го направиме предмет на молитва? Јехова може да ни помогне да ги задржиме интересите на Царството на прво место, да го правиме она што е исправно и да ја исполниме нашата обврска кон него (Матеј 6:33; Римјаните 12:12; 2. Коринтјаните 13:7).
Преданието и нашата обврска кон Бог
6. На кој важен начин некои крстени поединци пропуштаат да ја исполнат својата обврска кон Бог?
6 Некои крстени христијани треба сесрдно да се молат бидејќи не живеат според своите проповеднички обврски кои ги прифатиле кога му се предале на Бог. Па, веќе неколку години, годишно се крштаваат по над 300.000 лица, но севкупниот број на активни Сведоци на Јехова не е во склад со тоа темпо. Некои кои станале објавители на Царството престанале да ја објавуваат добрата вест. Сепак, пред да се крстат, поединците мора да имаат смисловно учество во христијанската служба. Значи тие се свесни за налогот што им го дал Исус на сите свои следбеници: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал“ (Матеј 28:19, 20). Освен ако имаат најисклучителни ограничувања заради здравјето или други фактори кои се вон нивна контрола, крстените поединци кои повеќе не служат како активни Сведоци на Бог и на Христос всушност не живеат во склад со целата своја обврска кон нашиот Голем Творец (Исаија 43:10—12).
7. Зошто треба редовно заеднички да се состануваме за обожавање?
7 Древниот Израел бил нација предадена на Бог, и под заветот на Законот, овој народ имал обврски кон Јехова. На пример, сите мажи требало да се соберат на трите годишни празници, и оној човек кој намерно не ја држел Пасхата бил ‚истребен‘ со смрт (4. Мојсеева 9:13; 3. Мојсеева 23:1—43; 5. Мојсеева 16:16). За да ја исполнат својата обврска кон Бог како негов предаден народ, Израелците морале да се собираат за обожавање (5. Мојсеева 31:10—13). Ништо во Законот не кажувало: ‚Прави го тоа ако можеш да го вклопиш во својот живот‘. За оние кои сега му се предадени на Јехова, ова сигурно додава тежина на Павловите зборови: „Да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела, не напуштајќи го своето собрание, како што некои имаат обичај, туку да се поучуваме еден друг, и тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден“ (Евреите 10:24, 25). Да, редовното собирање со соверниците е дел од обврската на еден предаден христијанин кон Бог.
Одмери ги внимателно своите одлуки!
8. Зошто една млада предадена личност треба молитвено да размисли за својата света служба?
8 Можеби си млада личност предадена на Јехова. И ти ќе добиеш богати благослови ако ги задржиш интересите на Царството на прво место во животот (Изреки 10:22). Со молитва и грижливо планирање, можеби ќе можеш да ги поминеш барем помладите години во некој облик на полновремена служба — убав начин да покажеш дека си спомнуваш за својот Голем Творец. Инаку, материјалните интереси можат да почнат да го окупираат поголемиот дел од твоето време и внимание. Како и луѓето воопшто, можеби ќе стапиш во брак рано во животот и ќе западнеш во долг за да стекнеш материјални работи. Некоја профитабилна кариера може да одземе голем дел од твоето време и енергија. Ако имаш деца, ќе мораш со децении да ги носиш семејните одговорности (1. Тимотеј 5:8). Можеби не си го заборавил својот Голем Творец, но мудро е да сфатиш дека претходното планирање, или недостигот на планирање, може да го трасира правецот на твојот живот како возрасен. Во подоцнежните години можеби ќе се свртиш и ќе посакаш барем младите години од полнолетството уште поцелосно да си ги поминал во светата служба на нашиот Голем Творец. Зошто уште сега молитвено не размислиш за своите изгледи да можеш да најдеш задоволство во својата света служба на Јехова во помладите години?
9. Што може да биде можно за оној кој остарел, а некогаш носел сериозна одговорност во собранието?
9 Размисли и за еден поинаков сплет на околности — околностите на маж кој некогаш служел како пастир на „Божјето стадо“ (1. Петрово 5:2, 3). Од некоја причина тој доброволно ги напуштил таквите предности. Точно, сега остарел и можеби му е потешко да ја извршува Божјата служба. Но, дали можеби би требало повторно да посегне по теократски предности? Какви само благослови би можел да им донесе еден таков маж на другите ако е способен да носи поголема одговорност во собранието! И бидејќи никој не живее само за себе, тогаш неговите пријатели и сакани ќе се радуваат ако тој може да ја зголеми својата служба, на Божја слава (Римјаните 14:7, 8). А најважно од сѐ е тоа што Јехова нема да заборави што прави секој поединец во својата служба (Евреите 6:10—12). Тогаш, што може да ни помогне да си спомнуваме за нашиот Голем Творец?
Помагала да си спомнуваме за нашиот Голем Творец
10. Зошто проповедникот бил во одлична положба да даде упатства во врска со спомнувањето за нашиот Голем Творец?
10 Проповедникот бил во одлична положба да даде упатства за да си спомнуваме за нашиот Голем Творец. Јехова одговорил на неговите искрени молитви со тоа што му дал извонредна мудрост (3. Царства 3:6—12). Соломон темелно го истражил целиот домен на човечките работи. Освен тоа, бил божествено инспириран да ги запише своите откритија за да можат и другите да извлечат корист. Тој напишал: „Проповедникот не само што беше мудар, туку и го учеше народот на мудрост. Тој сѐ испитуваше, изучуваше и остави многу мудри паримии. Проповедникот се трудеше да најде убави изреки и точно ги запиша зборовите на вистината“ (Проповедник 12:9, 10).
11. Зошто треба да го прифатиме мудриот совет на Соломон?
11 Во преводот на грчката Септуагинта овие зборови гласат вака: „И освен тоа, бидејќи проповедникот беше мудар, бидејќи го учеше човештвото на мудрост; увото да може да увиди што е пријатно од параболите, проповедникот направи марливо истражување за да најде угодни зборови и запис на правичност — зборови на вистината“ (The Septuagint Bible, преведена од Чарлс Томсон). Соломон настојувал да ги достигне срцата на своите читатели со прекрасни зборови и навистина интересни и вредни теми. Бидејќи неговите зборови кои се наоѓаат во Писмото се производ на инспирација од светиот дух, можеме без двоумење да ги прифатиме неговите откритија и мудриот совет (2. Тимотеј 3:16, 17).
12. Како со свои зборови ќе го изразиш она што го рекол Соломон, а е запишано во Проповедник 12:11, 12?
12 Дури и во отсуство на современите методи на печатење, во времето на Соломон имало изобилство книги. Како требало да се гледа на таквата литература? Тој рекол: „Зборовите на мудреците се како остени, и како забиени клинци; зборовите на оние што ги напишаа, дадени се од единствениот Пастир. А освен сето тоа, синко, пази се и од ова: да пишуваш многу книги — тоа нема крај, а да читаш многу — и тоа е заморно за телото“ (Проповедник 12:11, 12).
13. Како можат зборовите на оние кои поседуваат побожна мудрост да се покажат како остени, и кои се како „забиени клинци“?
13 Зборовите на оние кои поседуваат побожна мудрост се покажуваат како остени. Како? Тие ги боцкаат читателите или слушателите да напредуваат во склад со мудрите зборови кои ги читаат или слушаат. Освен тоа, оние кои се занимаваат со ‚напишаните зборови‘, или со навистина мудрите и вредни изреки, се како ‚клинци забиени‘ или цврсто фиксирани. Ова може да биде случај затоа што убавите зборови на таквите поединци ја одразуваат Јеховината мудрост и затоа можат да служат за да ги стабилизираат и поддржат читателите или слушателите. Ако си богобојазлив родител, зарем не треба да го вложиш сиот потребен напор за да ја всадиш таа мудрост во умот и срцето на своето дете? (5. Мојсеева 6:4—9).
14. а) Какви книги не е корисно ‚многу да читаме‘? б) На која литература треба првенствено да ѝ обрнеме внимание, и зошто?
14 Но, зошто Соломон се изразил така за книгите? Па, во споредба со Јеховината реч, бескрајните томови од овој свет содржат само човечко расудување. Голем дел од ова размислување го одразува умот на Сатана Ѓаволот (2. Коринтјаните 4:4). Затоа, ‚многу читање‘ на таков световен материјал донесува малку трајна вредност. Всушност, голем дел од него може да биде духовно штетен. Како Соломон, и ние да медитираме за она што Божјата реч го вели за животот. Тоа ќе ја зајакне нашата вера и ќе нѐ приближи кон Јехова. Претераното внимание на другите книги или извори на упатство може да нѐ исцрпи. Таквите записи се нездрави и погубни за верата во Бог и во неговите намери, особено кога се производ на световното расудување кое е во конфликт со побожната мудрост. Значи, да запомниме дека најкорисните записи од времето на Соломон и од наше време се оние кои ја одразуваат мудроста на „единствениот Пастир“, Јехова Бог. Тој ги обезбедил 66-те книги од Светото писмо, и ним треба да им обрнеме најголемо внимание. Библијата и корисните публикации од ‚верниот роб‘ ни овозможуваат да го стекнеме „самото спознание за Бог“ (NW) (Изреки 2:1—6).
Целата наша обврска кон Бог
15. а) Како би ги изразил зборовите на Соломон во врска со „целата обврска на човекот“? б) Што мораме да правиме за да ја исполниме својата обврска кон Бог?
15 Резимирајќи го целокупното свое истражување, проповедникот, Соломон, вели: „Суштината на сѐ е: бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е [целата обврска, NW] за човекот; оти Бог ќе ја изведе на суд секоја работа и што е тајно, било да е добро или лошо“ (Проповедник 12:13, 14). Здравиот страв од нашиот Голем Творец, или побожната почит кон него, ќе нѐ заштити нас — и се надеваме нашите семејства — од тежнеење кон лудо смел начин на живот кој би можел да донесе неискажани неволји и тага за нас и за нашите сакани. Здравиот страв од Бог е чист и е самиот почеток на мудроста и спознанието (Псалм 18:9; Изреки 1:7). Ако поседуваме увид темелен на Божјата инспирирана Реч и го применуваме нејзиниот совет во сѐ, тогаш ќе ја исполниме нашата „цела обврска“ кон Бог. Не, не се работи за тоа да направиме цел список со обврски. Напротив, она што се бара е да обрнеме внимание на Писмото кога ги решаваме животните проблеми и секогаш да ги правиме работите на Божји начин.
16. Што ќе стори Јехова во врска со судот?
16 Треба да сфатиме дека ништо не може да му избегне на вниманието на нашиот Голем Творец (Изреки 15:3). Тој „ќе ја изведе на суд секоја работа“. Да, Највишиот ќе ги суди сите работи, вклучувајќи ги и оние кои се скриени од човечките очи. Свесноста за тие фактори може да служи како поттик да ги држиме Божјите заповеди. Но, најголемиот поттик треба да биде љубовта кон нашиот небесен Татко, зашто апостол Јован напишал: „Бидејќи љубовта кон Бога се состои во тоа: да ги пазиме заповедите Негови. А Неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3). И бидејќи Божјите заповеди се наменети да унапредуваат наша вечна благосостојба, сигурно дека не само што е исправно, туку е и мудро да ги држиме. Тоа не е товар за љубителите на Големиот Творец. Тие сакаат да ја исполнат својата обврска кон него.
Исполни ја целата своја обврска
17. Што ќе правиме ако навистина сакаме да ја исполниме целата наша обврска кон Бог?
17 Ако сме мудри и вистински сакаме да ја исполниме целата своја обврска кон Бог, освен што ќе ги држиме неговите заповеди, ќе имаме и страв полн со почит да не предизвикаме негово незадоволство. Навистина, „почеток на мудроста е стравот Господов“, и оние кои ги држат неговите заповеди имаат „добар увид“ (Псалм 111:10, NW; Изреки 1:7). Затоа, мудро да постапуваме и да му бидеме послушни на Јехова во сѐ. Ова е особено животоважно сега, бидејќи Царот Исус Христос е присутен, и денот на суд кој ќе го изврши тој како Божји наименуван Судија е близу (Матеј 24:3; 25:31, 32).
18. Каков ќе биде исходот за нас ако ја исполниме целата наша обврска кон Јехова Бог?
18 Сега секој од нас се наоѓа под божествен надзор. Дали сме духовно настроени или сме дозволиле световните влијанија да го ослабат нашиот однос со Бог? (1. Коринтјаните 2:10—16; 1. Јованово 2:15—17). Било да сме млади или стари, да сториме сѐ што можеме за да му угодиме на нашиот Голем Творец. Ако сме му послушни на Јехова и ги држиме неговите заповеди, ќе ги отфрлиме суетните работи на стариот свет кој поминува. Тогаш можеме да ја негуваме надежта за вечен живот во Божјиот ветен нов систем на ствари (2. Петрово 3:13). Какви само величествени изгледи се тоа за сите кои ја исполнуваат целата своја обврска кон Бог!
Како би одговорил?
◻ Зошто би рекол дека не е сѐ суета?
◻ Зошто еден млад христијанин треба молитвено да размисли за својата света служба?
◻ Какви книги не е корисно ‚многу да читаме‘?
◻ Која е „целата обврска на човекот“?
[Слика на страница 20]
За оние кои му служат на Јехова не е сѐ суета
[Слика на страница 23]
За разлика од многуте книги во овој свет, Божјата реч освежува и е корисна