Зошто треба да одиш на христијанските состаноци
РОЗАРИО, која живее во Јужна Америка, со месеци се радувала на библиската студија која со неа ја водела Елизабет. За Розарио било возбудливо да научи нешто за Божјето Царство и како тоа ќе доведе до рајски услови на Земјата. Сепак, секогаш кога Елизабет ја поканувала да присуствува на состаноците во Царската сала, таа одбивала. Сметала дека може и дома да ја студира Библијата и да го спроведува во пракса она што таа го вели, без да ги посетува собраниските состаноци. Си се прашал ли некогаш дали ти навистина имаш корист од христијанските состаноци? Зошто Бог се погрижил неговиот народ да се собира заедно?
Бидејќи христијаните од првиот век биле сосем поинакви од луѓето околу нив, здравото друштво за нив било битно за опстанок. Апостолот Павле му пишал на едно собрание на првите христијани: „За да бидете прави и чисти, непорочни чеда Божји среде лош и расипан род, во кој светите како светила во светот“ (Филипјаните 2:15). Особено тешко им било на христијаните во Јудеја и ним Павле им напишал: „И да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела, не напуштајќи го своето собрание, како што некои имаат обичај, туку да се поучуваме еден друг, и тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден“ (Евреите 10:24, 25). На кој начин ние се поттикнуваме еден друг кон љубов и добри дела кога се собираме заедно?
Како христијаните „се острат“ еден со друг
Грчкиот збор кој Павле го употребил и кој се преведува со „поттикнува“ дословно значи „острење“. Една библиска изрека објаснува на кој начин христијаните „се острат“ еден со друг кога вели: „Железо железо остри, и човек го изострува погледот на пријателот свој“ (Соломонови изреки 27:17; Проповедник 10:10). Ние сме како орудија на кои им е потребно редовно острење. За да ја изразуваме нашата љубов кон Јехова и донесуваме одлуки кои се темелат на нашата вера, треба да бидеме поинакви од светот и мораме постојано да постапуваме поинаку од мнозинството.
Постојаниот напор да бидеме различни може да ја отапи нашата ревност за добри дела. Но кога сме со другите кои го љубат Јехова, ние се остриме еден со друг — се поттикнуваме кон љубов и добри дела. Од друга страна, кога сме сами, имаме тенденција да размислуваме повеќе за себе. Во нашите мисли можат да навлезат неморални, себични или луди идеи. „Оној којшто се изолира ќе оди по своите сопствени себични желби; против секаква практична мудрост ќе станува“ (Соломонови изреки 18:1, NW). Затоа Павле му пишал на собранието во Солун: „Поради тоа советувајте се помеѓу себе и поправајте го својот ближен, како што и правите!“ (1. Солунјаните 5:11).
Кога завршила студијата со Розарио за основните библиски науки, таа сѐ уште се воздржувала од дружење со собранието. Затоа, не можејќи повеќе да ѝ помогне, Елизабет престанала да ја посетува. Неколку месеци подоцна, еден патувачки надгледник ја посетил Розарио и ја прашал: „Дури и кога секој член на едно семејство би можел добро да се храни во ресторан, што ќе им недостига на сите членови на семејството поради тоа што не јадат заедно дома?“ Розарио одговорила: „Ќе им недостига семејното дружење“. Ја сфатила суштината и почнала редовно да доаѓа на состаноците. Открила дека тоа е толку корисно што оттогаш доаѓа скоро на секој состанок.
Кога ќе слушнеме како другите покажуваат вера во истите работи во кои веруваме и ние е охрабрувачко, а охрабрува и кога гледаме колку таквата вера ги променила нивните животи. Павле тоа го знаел од лично искуство, и му пишал на собранието во Рим: „Зашто копнеам да ве видам, па да ви предадам некој духовен дар за вашето зацврстување, односно, кога ќе бидам меѓу вас, заедно да се утешиме преку општата вера — вашата и мојата“ (Римјаните 1:11, 12). Всушност, поминале неколку години пред Павле да можел да го посети Рим, а кога тоа го сторил, бил римски затвореник. Но кога ги видел браќата од Рим кои пешачеле преку 60 километри од градот за да се видат со него, ‚Павле му заблагодарил на Бога и се ободрил‘ (Дела на св. апостоли 28:15).
Да се пронајде духовна храна во критични времиња
Додека бил во куќен притвор во Рим, Павле им пишал на Евреите да не го напуштаат своето собрание. За нас е значајно што тој ги додал зборовите: „И тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден“ (Евреите 10:25). На Јеховините сведоци постојано од Писмата им се покажува дека 1914 година го означила почетокот на времето на крајот за овој свет и дека „денот на судот и погибелта на нечестивите луѓе“ се приближува (2. Петрово 3:7). Според библиската книга Откровение, кога Ѓаволот бил исфрлен од небото на почетокот на ова време на крајот, имал голем гнев и ‚отишол да војува со другите [остатокот, NW] . . . што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исуса Христа“ (Откровение 12:7-17). Поради тоа, пазењето на Божјите заповеди особено е тешко денес; потребно е да се состануваме со соверниците уште повеќе. Состаноците ќе ни помогнат да ја зајакнеме нашата вера и нашата љубов кон Бог за да се спротивставиме на Ѓаволовите напади.
Љубовта кон Бог и верата не се како згради кои се постојани откако еднаш ќе се изградат. Повеќе сличат на нешто живо кое полека расте со постојано хранење, или кое слабее и умира поради изгладнетост. Тоа е причината зошто Јехова овозможува редовна духовна храна за да го зацврстува својот народ. На секој од нас му е потребна таквата храна, но можеме ли некаде на друго место да ја добиеме освен во Божјата организација и на нејзините состаноци? Не, никаде (5. Мојсеева 32:2; Матеј 4:4; 5:3).
Исус поставил прашање кое може да ни помогне да видиме како тој го храни христијанското собрание. Прашал: „Кој е, пак, тој верен и благоразумен слуга, кого ќе го постави господарот негов над слугите свои, да им дава навреме храна? Блазе на тој слуга, кого кога ќе дојде господарот негов, го најде да постапува така“ (Матеј 24:45, 46). Кого Исус го наименувал во првиот век за да ги храни неговите следбеници и го нашол дека верно ги храни кога се вратил во Царска моќ? Очигледно, ниту еден човек не живеел сите тие векови. Доказите покажуваат дека овој слуга е собрание од духовно-помазани христијани, токму како што нацијата Израел била Божји слуга од претхристијанско време (Исаија 43:10). Да, Исус овозможува духовна храна преку ова тело од со дух помазани христијани од целиот свет, кое денес ја пренесува духовната храна преку месните собранија на Јеховините сведоци.
Исусовата подготовка за канал преку кој ќе се снабдува духовната храна понатаму ја опишал апостолот Павле: „Издигајќи се на височина, плени плен и им даде дарови [во облик на луѓе, NW]. . . . И Он постави едни за апостоли, други за пророци, трети за евангелисти, четврти за пастири и учители, за усовршување на светите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело, додека сите не стигнеме до единство во верата и познавање на Синот Божји, до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство“ (Ефесјаните 4:8, 11-13).
Воглавно, во рамките на месните собранија — на состаноците — овие ‚дарови во облик на луѓе‘ ги изградувале браќата. На пример, во Антиохија, „Јуда . . . и Сила, бидејќи и самите пророци, со многу зборови ги утешија браќата и ги утврдија“ (Дела на св. апостоли 15:32). На сличен начин и денес, предавањата од духовно оспособените мажи ја хранат нашата вера за да не ослаби или стане неактивна.
Вистина е дека ние можеби добро сме напредувале поради личната помош од некој член од собранието иако можеби сѐ уште не сме почнале да ги посетуваме состаноците. Библијата вели дека постои време кога ‚имаме потреба да нѐ учат — кои се првите начела на словото Божјо, . . . и имаме потреба од млеко, а не од тврда храна‘ (Евреите 5:12). Но, не може некој засекогаш да остане на млеко. Христијанските состаноци овозможуваат континуирана програма на библиска поука обликувана да ни ги зачува живи љубовта кон Бог и верата во него, како и да ни овозможи практична помош преку применување на „целокупната волја [совет, NW] Божја“ (Дела на св. апостоли 20:27). Тоа е повеќе од „млеко“. Библијата понатаму вели: „Но тврдата храна е за зрелите, кои преку употреба ја извежбале својата моќ на забележување за да го разликуваат исправното од погрешното“ (Евреите 5:14, NW). На состаноците можат да се разгледуваат многу теми кои не се составен дел од основниот курс во рамките на домашната библиска поука, како што е истражувањето на секој цитат од важни библиски пророштва и длабоки дискусии за тоа како ние можеме да го имитираме Бог во нашите животи.
Јеховините потсетници — како глас зад тебе
Преку таквите собраниски студии, Јехова редовно нѐ потсетува какви личности треба да бидеме. Таквите потсетници се животоважни. Без нив лесно можеме да се насочиме кон себичност, горделивост и алчност. Потсетниците од Библијата ќе ни помогнат да имаме успешни односи со другите луѓе и со Бог лично. „Размислував за своите патишта за да можам да ги вратам своите чекори кон твоите потсетници“, признал писателот на Псалм 119:59 (NW).
Бидејќи редовно ги посетуваме нашите христијански состаноци, го доживуваме исполнувањето на Јеховиното пророштво преку Исаија, кое вели: „Твојот Учител нема повеќе да се крие, а очите твои ќе Го гледаат твојот Учител; ако свртите надесно, ако свртите налево, ушите ваши ќе го слушаат словото, кое говори зад вас — ете го патот, врвете по него“. Јехова бдее над нашиот напредок и со љубов нѐ исправа ако направиме погрешен чекор (Исаија 30:20, 21; Галатјаните 6:1). А тој ни пружа помош уште поголема од оваа.
Добивање на светиот дух преку собранието
Со редовно посетување на христијанските состаноци со Јеховините сведоци, ние се зацврстуваме преку Божјиот свет дух кој почива над неговиот народ (1. Петрово 4:14). Понатаму, христијанските надгледници во собранието се наименувани преку свет дух (Дела на св. апостоли 20:28). Оваа активна сила од Бог има моќно влијание врз христијаните. Библијата вели: „А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кроткоста, воздржливоста“ (Галатјаните 5:22, 23). Светиот дух, кој делува преку Божјата организација, ќе ни помогне исто така да добиеме прекрасно јасно разбирање за она што Јехова го приготвил за оние кои го сакаат. Откако објаснил дека истакнатите луѓе од овој систем на ствари не можат да ги сфатат Божјите намери, Павле напишал: „А нам, пак, ни го откри тоа Бог преку Својот Дух“ (1. Коринтјаните 2:8-10).
Покрај духовната храна која ја јакне верата, собранието овозможува и поука за оние кои сакаат да учествуваат во темелната христијанска активност. Која е таа?
Поука дадена преку собранието
Христијанското собрание не е некој клуб каде луѓето само уживаат во забава и можеби се поттикнуваат меѓусебно да живеат поквалитетно. Исус го овластил собранието да им ја носи добрата вест на оние кои живеат во духовна темнина (Дела на св. апостоли 1:8; 1. Петрово 2:9). Од денот кога е основано, на Пентакост 33. н. е., тоа е организација на проповедници (Дела на св. апостоли 2:4). Дали ти се случило кога си се обидел некому да му кажеш за Јеховините намери да не си успеал да го увериш во тоа? Собраниските состаноци овозможуваат лична поука во уметноста на поучувањето. Преку проучување на библиски примери учиме како да воспоставиме заедничка основа од која може да се расудува, како да се користат Писмата како основа за логично аргументирање и како да им се помогне на другите да расудуваат преку употреба на прашања и споредби. Таквите способности можат да ти помогнат да доживееш неискажана радост што си му помогнал на друго лице да ја разбере библиската вистина.
Во овој неморален свет расцепкан од раздори, христијанското собрание е вистинско духовно засолниште. Иако е составено од несовршени луѓе, тоа е засолниште на мир и љубов. Затоа, биди редовен посетител на сите негови состаноци и сам доживеј ја вистинитоста на зборовите од псалмистот: „Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно . . . зашто таму Господ дал благослов и живот вечен“ (Псалми 132:1, 3).