УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА
„Иако е мртов, сѐ уште зборува“
АВЕЛ го гледал своето стадо овци кое мирно си пасело на падината. Потоа, можеби го насочил погледот во далечината, каде што можел да се види само еден слаб блесок светлина. Знаел дека таму постојано се вртел меч со пламено сечило, кој го спречувал влезот во рајската градина. Некогаш во неа живееле неговите родители, но сега не можеле да влезат внатре ниту тие ниту нивните деца. Додека попладневното ветре му ја разбушавувало косата, замисли си како Авел го кренал погледот нагоре и помислил на својот Творец. Дали јазот меѓу Бог и луѓето некогаш ќе бил премостен? Авел не посакувал ништо друго повеќе од тоа.
Денес, Авел ти зборува и тебе. Можеш ли да го чуеш? Можеби ќе речеш дека такво нешто е невозможно. На крајот на краиштата, овој втор син на Адам умрел многу одамна. Неговите останки веќе долго време ги нема, помешани се со правот од речиси 60 векови. Во врска со оние што починале, Библијата вели: „Мртвите не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5, 10). Освен тоа, во Библијата не е запишан ниту еден единствен збор што го кажал Авел. Тогаш, како може да ни зборува?
Под водство на светиот дух, апостол Павле го кажал следново за Авел: „Поради таа вера, иако е мртов, сѐ уште зборува“ (Евреите 11:4). Да, Авел зборува преку својата вера. Тој бил првиот човек кој ја стекнал таа извонредна особина. Покажал толку голема вера, што неговиот пример е жив и од него можеме да учиме до ден-денес. Ако го следиме неговиот пример и се трудиме да покажуваме иста таква вера, тогаш е исто како Авел да ни зборува.
Но, што може да научиме од Авел и од неговата вера, иако за него во Библијата е кажано толку малку? Да видиме.
РАСТЕЛ КОГА СВЕТОТ БИЛ ВО ЗАРОДИШ
Авел се родил на самиот почеток од човечката историја. Исус подоцна го поврзал Авел со „основањето на светот“ (Лука 11:50, 51). Со овој израз Исус очигледно мислел на луѓето кои се надевале да бидат откупени од гревот. Иако Авел бил четвртиот човек што постоел, изгледа дека тој бил првиот кому Бог сметал дека може да му бидат простени гревовите.a Значи, Авел не растел во идеални услови.
Иако светот бил во својот зародиш, над човечкото семејство се надвиснал облак од тага. Адам и Ева, кои му биле родители на Авел, сигурно биле убави и полни со енергија. Но, тие направиле голема грешка и добро го знаеле тоа. Во почетокот биле совршени и имале можност да живеат вечно. Потоа, се побуниле против Јехова Бог и биле истерани од рајската градина. Со тоа што ги ставиле своите желби пред сѐ друго — дури и пред доброто на своите деца — го изгубиле совршенството и вечниот живот (1. Мојсеева 2:15—3:24).
Надвор од градината, Адам и Ева воделе вистинска борба за опстанок. Сепак, кога им се родило првото дете, му го дале името Каин, што значи „добиен, стекнат или направен“. Ева рекла: „Добив син со помош на Јехова“. Нејзините зборови покажуваат дека таа можеби го имала на ум ветувањето што Јехова го дал во рајската градина, со кое било проречено дека една жена ќе има „потомство“ кое еден ден ќе го уништи злобниот што ги навел Адам и Ева да му згрешат на Бог (1. Мојсеева 3:15; 4:1). Дали Ева си помислила дека таа е жената од пророштвото, а дека Каин е ветеното „потомство“?
Ако мислела така, била во голема заблуда. Освен тоа, ако таа и Адам му всадиле таква мисла и на Каин додека растел, сигурно ја потхраниле гордоста што ја имал како несовршен човек. По некое време, Ева родила и втор син, но за него не можеме да прочитаме ниту една радосна изјава. На второто дете му го дале името Авел, што значи „воздишка“ или „суета“ (1. Мојсеева 4:2). Дали изборот на тоа име покажува дека овојпат имале пониски очекувања, дека полагале помали надежи во Авел отколку во Каин? Не знаеме со сигурност.
Како и да е, родителите денес можат многу да научат од првите родители. Дали со своите зборови и постапки ќе ги храните гордоста, амбициите и грешните склоности на своите деца? Или, пак, ќе ги учите да го сакаат Јехова Бог и да станат блиски со него? За жал, првите родители не успеале да ја исполнат својата одговорност. И покрај сѐ, за нивните потомци имало зрак надеж.
КАКО АВЕЛ СТЕКНАЛ ВЕРА?
Како што растеле двете момчиња, Адам најверојатно ги научил да работат сѐ што требало за да се прехрани семејството. Каин станал земјоделец, а Авел овчар.
Меѓутоа, Авел направил нешто многу поважно. Низ годините тој стекнал вера — прекрасната особина што ја спомнал Павле. Размисли за момент. Авел не можел да се угледа на ниеден човек. Тогаш, како стекнал вера во Јехова Бог? Да наведеме три работи кои изгледа му помогнале да ја изгради својата цврста вера.
Јеховиното творештво.
Точно е дека Јехова ја проколнал земјата и затоа таа раѓала трње и троскот, кои го отежнувале одгледувањето земјоделски култури. Сепак, почвата сѐ уште можела да дава изобилство храна за Авел и неговото семејство. Освен тоа, не биле проколнати животните, вклучувајќи ги птиците и рибите, а не биле проколнати ниту планините, езерата, реките, морињата, небото, облаците, сонцето, месечината и ѕвездите. Каде и да погледнел, Авел гледал докази за неизмерната љубов, мудрост и добрина на Јехова Бог, оној што создал сѐ (Римјаните 1:20). Неговата вера се зајакнувала кога со ценење длабоко размислувал за тие работи.
Авел сигурно одвојувал време да размислува за духовни работи. Замисли си го како се грижи за своето стадо. Еден овчар морал многу да пешачи. Тој ги водел кротките овци по ридовите, низ долините и преку реките — барајќи сочни пасишта, најдобри извори на вода и најубави почивалишта. Од сите Божји созданија овците изгледале најбеспомошни, како да биле создадени со потреба човек да ги води и штити. Дали Авел сфатил дека и нему му требало водство, заштита и грижа од Некој далеку помудар и помоќен од кој и да е човек? Без сомнение многу од овие размислувања ги спомнувал во своите молитви, па затоа неговата вера продолжила да расте.
Во творештвото, Авел нашол цврста основа за вера во еден грижлив Творец
Јеховините ветувања.
Адам и Ева сигурно им раскажале на своите синови зошто биле истерани од рајската градина. Значи, Авел можел длабоко да размислува за многу работи.
Јехова рекол дека земјата ќе биде проколната. Авел со свои очи ги гледал трњето и троскотот, како што било проречено. Исто така, Јехова прорекол дека Ева ќе трпи болки за време на бременоста и породувањето. Кога на Авел му се родиле и други браќа и сестри, сигурно станал свесен и за исполнувањето на тие зборови. Јехова однапред знаел дека Ева ќе чувствува неурамнотежена потреба од љубовта и вниманието на својот сопруг, а дека Адам, од друга страна, ќе господари над неа. Авел видел како сите овие тажни работи станале сурова реалност. Потполно се исполнило сето она што го кажал Јехова. Поради тоа, Авел имал цврсти причини да покаже доверба во Божјето ветување за едно „потомство“ кое еден ден ќе ги исправело работите што тргнале наопаку во рајската градина (1. Мојсеева 3:15-19).
Јеховините слуги.
Авел не можел да најде добри примери меѓу своето семејство, но луѓето не биле единствените суштества обдарени со разум што во тоа време биле на Земјата. Кога Адам и Ева биле истерани од рајската градина, Јехова се погрижил во неа да не можат да влегуваат ниту тие ниту нивните потомци. На влезот поставил херувими, кои биле ангели на висока положба, како и меч со пламено сечило кој постојано се вртел (1. Мојсеева 3:24).
Замисли си го Авел кој, како дете, ги гледал тие херувими. Од нив можел да види колку многу силни биле ангелите. А и ‚мечот‘, кој секогаш бил во пламен и постојано се вртел, исто така влевал страхопочит. Додека Авел растел, дали некогаш забележал дека на тие ангели им било здодевно и дека го напуштиле своето место? Не. Од ден на ден, од година на година, од деценија во деценија, тие интелигентни и моќни суштества мирно си стоеле на истото место. Така, Авел сфатил дека Јехова Бог има праведни, непоколебливи слуги. Авел видел дека херувимите му се верни и послушни на Јехова, особини што не можел да ги види кај членовите на своето семејство. Сигурно примерот на тие ангели му ја зајакнал верата.
Кога Авел длабоко размислувал за сето она што Јехова го открил за себе преку творештвото, преку своите ветувања и преку примерите на своите слуги, неговата вера станувала сѐ поцврста. Навистина, преку својот пример, Авел ни зборува и нам денес. Особено за младите е многу утешно да знаат дека можат да стекнат вистинска вера во Јехова Бог, сеедно како постапуваат членовите на нивното семејство. Со оглед на тоа што сме опкружени со толку чуда на создавањето, ја имаме целата Библија и можеме да се угледаме на верата на многу луѓе, и ние денес имаме цврста основа да изградиме вера.
ЗОШТО ЖРТВАТА НА АВЕЛ БИЛА ПОДОБРА?
Со текот на времето, Авел сакал својата голема вера во Јехова да ја покаже со дела. Но, што може еден обичен човек да му даде на Творецот на целата вселена? Се разбира, на Бог не му требал никаков подарок или помош од луѓето. Низ годините, Авел сфатил една длабока вистина: Ако од исправни мотиви едноставно му го даде на Јехова најдоброто што го има, неговиот добар небесен Татко ќе биде задоволен.
Така, Авел спремил неколку овци за да му ги принесе на Јехова како жртва. Тој ги избрал најдобрите, првините од стадото. Во исто време, и Каин сакал да добие Божји благослов и одобрување, па затоа за жртва спремил различни плодови. Но, неговите мотиви не биле исти како мотивите на Авел. Разликата станала очигледна кога двајцата браќа ги принеле своите жртви.
И двата сина на Адам можеби направиле жртвеници и запалиле оган за своите жртви, веројатно дури и пред очите на херувимите, кои во тоа време биле единствените претставници на Јехова на Земјата. Што направил Јехова? Во Библијата читаме: „Јехова погледна со одобрување на Авел и на неговата жртва“ (1. Мојсеева 4:4). Извештајот не ни открива на кој начин Бог го покажал своето одобрување. Но, зошто ја прифатил баш жртвата на Авел?
Дали тоа било поради самата жртва? Авел принел живо суштество на кое му ја пролеал скапоцената крв. Дали сфатил колку голема вредност има една таква жртва? Многу векови по смртта на Авел, преку принесувањето на јагне што немало маана Бог ја предочил жртвата на својот совршен Син, „Божјето Јагне“, чија невина крв требало да биде пролеана (Јован 1:29; 2. Мојсеева 12:5-7). Меѓутоа, тогаш Авел сигурно не знаел и не сфаќал многу од тие работи.
Едно е сигурно: Авел го принел најдоброто што го имал. Јехова погледнал со одобрување не само на жртвата туку и на човекот што ја принел. Она што го направил Авел било мотивирано од искрена вера и љубов кон Јехова.
Со Каин било поинаку. Јехова ‚не погледнал со одобрување на Каин и на неговата жртва‘ (1. Мојсеева 4:5). Проблемот не бил во самата жртва. Подоцна, Божјиот закон дозволувал како жртва да се принесуваат земјоделски производи (3. Мојсеева 6:14, 15). За Каин, Библијата вели дека ‚неговите дела биле зли‘ (1. Јованово 3:12). Исто како многу луѓе денес, тој очигледно мислел дека е доволно само да остави надворешен впечаток дека му е верен на Бог. Набргу, од неговите постапки се видело дека немал вистинска вера и љубов кон Јехова.
Кога видел дека Јехова не ја одобрува неговата жртва, дали Каин се обидел да научи нешто од примерот на Авел? Не. Наместо тоа, почнал да го мрази својот брат. Јехова видел што се случува во срцето на Каин и стрпливо разговарал со него. Го предупредил дека тоа може да води до тежок грев и му рекол дека ќе му стане „мил“ ако се промени (1. Мојсеева 4:6, 7).
Каин не му обрнал внимание на Божјето предупредување. Наместо тоа, го викнал својот помлад брат да се прошетаат во полето. Тогаш го нападнал и го убил (1. Мојсеева 4:8). Во извесна смисла, Авел бил првата жртва на верско прогонство, првиот маченик. Тој умрел, но неговата приказна продолжува да живее.
Во симболична смисла, крвта на Авел викала кон Јехова Бог за одмазда, односно за правда. И, Бог навистина се погрижил правдата да биде задоволена со тоа што го казнил злобниот Каин за неговото дело (1. Мојсеева 4:9-12). Што е уште поважно, преку својот пример на вера, Авел ни зборува и нам денес. Неговиот живот — кој веројатно бил долг околу еден век — бил краток во споредба со животот на луѓето од тоа време, но Авел живеел за да му угоди на Бог. Умрел сигурен дека неговиот небесен Татко, Јехова, го сака и го одобрува (Евреите 11:4). Можеме да бидеме уверени дека тој е во Јеховиното неограничено сеќавање и дека ќе воскресне во рајот на Земјата (Јован 5:28, 29). Ќе го видиш ли таму? Ќе можеш да го видиш ако си решен да го слушаш она што ти го зборува и ако се угледаш на неговата извонредна вера.
a Изразот „основањето на светот“ ја вклучува мислата за сеење семе, што укажува на најраните почетоци на човештвото. Но, зошто Исус го поврзал со „основањето на светот“ Авел, а не Каин, кој бил првиот човек што се родил? Одлуките и постапките на Каин покажале дека намерно се побунил против Јехова Бог. Исто како неговите родители, изгледа дека ни Каин нема да биде откупен и воскреснат.