Оди со Бог во овие бурни времиња
„Енох одеше со Бога, потоа исчезна; Бог го зеде“ (БИТИЕ 5:24).
1. Поради кои работи нашево време е многу тешко?
БУРНИ времиња! Овие зборови добро ги опишуваат годините исполнети со немир и насилство што ги доживува човештвото откако се родило Месијанското Царство во 1914 година. Во текот на сево ова време, луѓето живеат во „последните денови“. Несреќите како што се гладот, болестите, земјотресите и војните ги измачуваат луѓето во невидени размери (2. Тимотеј 3:1; Откровение 6:1-8). Оние што го обожаваат Јехова не се поштедени од сето тоа. Помалку или повеќе, сите ние мораме да се бориме со неизвесноста и тешкотиите што ги носи нашево време. Економските притисоци, политичките немири, криминалот и болестите се само некои работи што го отежнуваат животот.
2. Со какви проблеми се соочуваат Јеховините слуги?
2 Освен тоа, многу Јеховини слуги постојано се мета на силно прогонство затоа што Сатана води војна против оние „кои ги држат заповедите Божји и го имаат делото на сведочење за Исус“ (Откровение 12:17). И иако секој од нас сѐ уште лично не искусил прогонство, сите вистински христијани мораат да се борат против Сатана Ѓаволот и против духот што го шири тој меѓу луѓето (Ефешаните 2:2; 6:12). Треба постојано да внимаваме за да не ни влијае тој дух, бидејќи наидуваме на него на работа, на училиште и на сите други места каде што доаѓаме во контакт со луѓе што не се интересираат за чистото обожавање.
Оди со Бог, а не со нациите
3, 4. Во кој поглед христијаните се разликуваат од светот?
3 И во првиот век христијаните воделе тешка борба против духот на овој свет, а поради тоа многу се разликувале од оние што не припаѓале на христијанското собрание. Павле ја опишал таа разлика кога напишал: „Ова го велам и сведочам за него во Господ, да не одите веќе како што одат и нациите во бескорисноста на својот ум, додека умствено се во темнина и отуѓени од животот кој му припаѓа на Бог, поради незнаењето што е во нив, поради неосетливоста на нивното срце. Откако изгубиле секакво морално чувство, се предале на распуштено однесување за да вршат секаков вид нечистота со алчност“ (Ефешаните 4:17-19).
4 Од овие зборови јасно се гледа во колкава морална и умствена темнина западнал светот — како во времето на Павле така и денес! Како што било во првиот век, и христијаните денес не ‚одат како што одат нациите‘. Наместо тоа, тие имаат голема чест да одат со Бог. Сепак, некои луѓе можеби се прашуваат дали е логично да се рече дека едни безначајни, несовршени луѓе можат да одат со Јехова. Меѓутоа, Библијата покажува дека можат. Што е уште поважно, Јехова го очекува тоа од нив. Во осмиот век пред нашата ера, пророкот Михеј ги запишал следниве инспирирани зборови: „Што бара Господ од тебе: да се прави само правда, да се љуби милосрдието и да се оди смирено со својот Бог“ (Михеј 6:8).
Како и зошто да одиме со Бог?
5. Како може еден несовршен човек да оди со Бог?
5 Како можеме да одиме со семоќниот, невидлив Бог? Се разбира, не можеме да одиме со Бог онака како што одиме со другите луѓе. Во Библијата, изразот „да се оди“ може да значи ‚да се постапува на одреден начин‘.a Имајќи го тоа на ум, сфаќаме дека оној што оди со Бог живее онака како што вели Бог и како што му се допаѓа нему. Поради таквиот начин на живот, ние се разликуваме од повеќето луѓе што се околу нас. Сепак, тоа е единствената исправна одлука што може да ја донесе еден христијанин. Зошто? Од повеќе причини.
6, 7. Зошто да одиме со Бог е најдобар начин на живот?
6 Прво, Јехова е нашиот Творец, Изворот на нашиот живот и Оној што ни обезбедува сѐ што ни е потребно за да останеме во живот (Откровение 4:11). Затоа, само тој има право да ни каже како да одиме. Освен тоа, да одиме со Бог е најдобриот начин на живот. За оние што одат со него, Јехова направил подготовка да им бидат простени гревовите и им нуди сигурна надеж за вечен живот. Освен тоа, нашиот небесен Татко, кој многу ги сака сите луѓе, дава мудри совети што им помагаат на оние што одат со него да бидат успешни во животот во денешно време, и покрај тоа што се несовршени и живеат во свет што лежи во власта на Сатана (Јован 3:16; 2. Тимотеј 3:15, 16; 1. Јованово 1:8; 2:25; 5:19). Друга причина за да одиме со Бог е тоа што нашата спремност да го правиме тоа придонесува да има мир и единство во собранието (Колошаните 3:15, 16).
7 И на крајот, што е најважно од сѐ, кога одиме со Бог, покажуваме на чија страна сме во важното спорно прашање што било покренато уште во градината Еден — спорното прашање за правото на владеење (Битие 3:1-6). Со нашиот начин на живот покажуваме дека сме сосема на Јеховината страна, и бестрашно објавуваме дека само тој има право да владее над сѐ (Псалм 83:18). Така постапуваме во склад со нашата молитва да се свети Божјето име и да се извршува неговата волја (Матеј 6:9, 10). Колку се мудри оние што одлучуваат да одат со Бог! Тие можат да бидат уверени дека одат во исправна насока, бидејќи Јехова е „единствено мудар“. Тој никогаш не греши (Римјаните 16:27).
8. Каква сличност постои помеѓу времето на Енох и Ное и нашево време?
8 Но, како е можно да живееме како христијани кога времињата се толку бурни и повеќето луѓе не сакаат да му служат на Јехова? Одговорот ќе го добиеме ако размислиме за верните луѓе од минатото што останале беспрекорни и лојални во многу тешки времиња. Двајца од нив биле Енох и Ное. И едниот и другиот живееле во времиња многу слични на времето во кое живееме ние денес. Злобата била многу распространета. Во времето на Ное, Земјата била полна со насилство и неморал. Но, Енох и Ное му се спротивставиле на духот на светот што владеел во нивното време и оделе со Јехова. Како успеале во тоа? За да одговориме на ова прашање, во оваа статија ќе го разгледаме примерот на Енох. Во следната статија ќе зборуваме за Ное.
Енох одел со Бог во бурни времиња
9. Што знаеме за Енох?
9 Енох бил првиот човек за кого во Светото писмо се вели дека одел со Бог. Извештајот во Библијата вели дека, кога на Енох му се родил Матусал, тој ‚одел со Бога‘ (Битие 5:22). Потоа, откако се известува колку долго живеел Енох — што за тоа време било кратко, иако е долго кога ќе се спореди со нашиот животен век — извештајот продолжува: „Енох одеше со Бог, потоа исчезна; Бог го зеде“ (Битие 5:24). Најверојатно Јехова го пренел Енох од живот во смртен сон пред да го убијат противниците (Евреите 11:5, 13). Освен овие кратки стихови, Енох се спомнува во Библијата само неколку пати. Сепак, од информациите што ги имаме и од други показатели, имаме добри причини да речеме дека времињата во кои живеел Енох биле бурни.
10, 11. а) Како се раширила расипаноста откако се побуниле Адам и Ева? б) Која пророчка порака ја проповедал Енох, и најверојатно на каква реакција наишол?
10 На пример, да размислиме за тоа колку брзо се раширила расипаноста меѓу луѓето по гревот на Адам. Библијата ни кажува дека првородениот син на Адам, Каин, станал првиот убиец кога го убил својот брат Авел (Битие 4:8-10). По насилничката смрт на Авел, на Адам и на Ева им се родил уште еден син, и тие му го дале името Сит. За него читаме: „На Сит му се роди син, кому тој му го даде името Енос. Тогаш почнаа да го повикуваат Господовото име“ (Битие 4:25, 26). За жал, тие не го ‚повикувале Господовото име‘ на исправен начин. Изгледа дека луѓето им го давале тоа име на луѓе или на идоли и ги повикувале нив, а не вистинскиот Бог.b Многу години по раѓањето на Енос, еден потомок на Каин, по име Ламех, составил песна за своите две жени велејќи дека тој убил млад човек што го ранил. Исто така, предупредил: „Ако Каин биде одмазден седмократно, Ламех ќе биде седумдесет и седумкратно“ (Битие 4:10, 19, 23, 24).
11 Кратките податоци како овие покажуваат дека расипаноста што почнал да ја шири Сатана во градината Еден брзо придонела да се рашири злобата меѓу потомците на Адам. Во еден таков свет, Енох бил Јеховин пророк чии силни инспирирани зборови важат дури и денес. Јуда кажува што пророкувал Енох: „Гледај! Јехова дојде со своите свети миријади за да изврши суд над сите, и да ги прогласи за виновни сите безбожни поради сите нивни безбожни дела што ги извршија на безбожен начин и поради сите шокантни работи што ги зборуваа безбожните грешници против него“ (Јуда 14, 15). Овие зборови ќе бидат потполно исполнети во Армагедон (Откровение 16:14, 16). Сепак, можеме да бидеме уверени дека дури и во времето на Енох имало многу ‚безбожни грешници‘ што се лутеле кога го слушале пророштвото на Енох. Јехова покажал голема љубов со тоа што го тргнал својот пророк за да не го повредат!
Што го зајакнало Енох да оди со Бог?
12. Во што била разликата помеѓу Енох и луѓето што живееле во негово време?
12 Во градината Еден, Адам и Ева го послушале Сатана, и Адам се побунил против Јехова (Битие 3:1-6). Нивниот син Авел постапил поинаку, и Јехова со наклоност погледнал на него (Битие 4:3, 4). За жал, повеќето од Адамовите потомци не биле како Авел. Меѓутоа, како него бил Енох, кој се родил стотици години подоцна. Во што била разликата помеѓу Енох и другите потомци на Адам? Апостол Павле одговорил на тоа прашање кога напишал: „Со вера Енох беше пренесен за да не види смрт, и никаде не можеше да се најде, бидејќи Бог го пренесе; зашто пред да биде пренесен тој имаше сведоштво дека му угодил на Бог“ (Евреите 11:5). Енох бил дел од еден голем „облак со [претхристијански] сведоци“, кои ни оставиле извонреден пример на вера (Евреите12:1). Верата била таа што му помогнала на Енох да продолжи да постапува исправно во текот на целиот свој живот долг преку 300 години — повеќе од трипати подолг од животниот век на повеќето од нас денес!
13. Каква вера имал Енох?
13 Павле ја опишал верата на Енох и на другите сведоци кога напишал: „Верата е осигуреното очекување на она на кое човек се надева, јасното докажување на стварности иако не се гледаат“ (Евреите 11:1). Да, верата е осигуреното очекување, врз основа на гаранција, дека работите на кои се надеваме ќе се остварат. Тоа очекување е толку силно што влијае врз тоа што ќе ставиме на прво место во животот. Таквата вера му помогнала на Енох да оди со Бог иако светот околу него не го правел тоа.
14. Врз кое точно спознание веројатно се темелела верата на Енох?
14 Вистинската вера се темели на точно спознание. Какво спознание имал Енох? (Римјаните 10:14, 17; 1. Тимотеј 2:4). Без сомнение, Енох знаел што се случило во Еден. Веројатно чул и за тоа каков бил животот во градината Еден — која можеби сѐ уште постоела, но луѓето немале пристап до неа (Битие 3:23, 24). Исто така, знаел дека Божјата намера била потомците на Адам да ја наполнат Земјата и целата планета да ја претворат во место што ќе изгледа како тој првобитен Рај (Битие 1:28). Освен тоа, сосема сигурно Енох се надевал дека ќе се исполни ветувањето што го дал Јехова, дека ќе создаде Семе што ќе му ја смачка главата на Сатана и што ќе ги отстрани сите кобни последици од измамата на Сатана (Битие 3:15). Всушност, инспирираното пророштво што го кажал Енох, кое е зачувано во книгата на Јуда, се однесува на уништувањето на семето на Сатана. Бидејќи Енох имал вера, знаеме дека го обожавал Јехова како Оној што „ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Евреите 11:6). Значи, иако Енох немал толкаво спознание какво што имаме ние, тој знаел доволно за да постави темел за една цврста вера. Со таква вера, останал верен и беспрекорен во бурни времиња.
Биди како Енох
15, 16. Како можеме да бидеме како Енох?
15 Ако сакаме да бидеме како Енох и да му угодиме на Јехова во овие денешни бурни времиња, треба да го следиме неговиот пример. Треба да стекнеме и да задржиме точно спознание за Јехова и за неговата намера. Но, потребно е уште нешто. Треба да дозволиме тоа точно спознание да нѐ води во животот (Псалм 119:101; 2. Петрово 1:19). Треба да нѐ води начинот на кој размислува Бог и треба секогаш да се трудиме да му угодиме нему со секоја наша мисла и постапка.
16 Извештајот не ни кажува кој друг му служел на Јехова во времето на Енох, но јасно е дека бил или единствениот или само еден од малкумина. И ние сме само малку во светот, но тоа не нѐ обесхрабрува. Јехова ќе ни помогне, без оглед на тоа кој е против нас (Римјаните 8:31). Енох храбро опоменувал дека безбожните луѓе ќе бидат уништени. И ние сме храбри додека ја проповедаме „оваа добра вест за царството“ и покрај тоа што другите ни се исмејуваат, ни се противат и нѐ прогонуваат (Матеј 24:14). Енох не живеел толку долго колку повеќето негови современици. Сепак, тој не се надевал на светот. Погледот му бил вперен во нешто многу поважно (Евреите 11:10, 35). И нам погледот ни е вперен во исполнувањето на Јеховината намера. Затоа, не го користиме овој свет до крај (1. Коринќаните 7:31). Наместо тоа, ја користиме својата сила и средства првенствено во Јеховината служба.
17. Кое спознание што го немал Енох го имаме ние, и затоа, што треба да правиме?
17 Енох верувал дека Семето што го ветил Бог ќе се појави во време што го одредил Јехова. Сега се поминати речиси 2.000 години откако тоа Семе — Исус Христос — се појавило, дало откуп и ни отворило пат нам и на верните сведоци од старо време, како што бил Енох, да наследат вечен живот. Тоа Семе, кое сега е устоличениот Цар на Божјето Царство, го исфрлило Сатана од небото на Земјата, и сега околу нас ја гледаме неволјата што произлегла од тоа (Откровение 12:12). Да, ние денес имаме многу поголемо спознание отколку што имал Енох. Затоа, да имаме цврста вера како неговата. Нашата доверба во исполнувањето на Божјите ветувања нека влијае врз сѐ што правиме. Исто како Енох, и ние да одиме со Бог, иако живееме во бурни времиња.
[Фусноти]
a Види Insight on the Scriptures, том 1, страница 220, пасус 6, издадена од Јеховините сведоци.
b Пред времето на Енос, Јехова зборувал со Адам. Авел му принел на Јехова жртва што Бог ја прифатил. Бог зборувал дури и со Каин пред љубоморниот гнев да го наведе да изврши убиство. Значи, луѓето почнале „да го повикуваат Господовото име“ на еден поинаков начин, а не за да го обожаваат Бог на чист начин.
Како би одговорил?
• Што значи да се оди со Бог?
• Зошто да одиме со Бог е најдобриот начин на живот?
• Што му помогнало на Енох да оди со Бог и покрај тоа што живеел во бурни времиња?
• Како можеме да бидеме како Енох?
[Слика на страница 15]
Со вера ‚Енох одел со Бога‘
[Слика на страница 17]
Цврсто веруваме дека Јеховините ветувања ќе се исполнат
[Извори на слики на страница 13]
Жена, сосема десно: FAO photo/B. Imevbore; зграда што се урива: San Hong R-C Picture Company