Тие го „виделе“ она што го ветил Бог
„Не го добија она што им беше ветено, туку го видоа оддалеку“ (ЕВР. 11:13)
1. Како ни користи способноста да си го замислуваме она што не сме го виделе? (Види ја сликата погоре.)
БОГ ни дал еден прекрасен дар — способност да си го замислуваме она што не сме го виделе. Тоа ни помага да правиме мудри планови и да очекуваме да ни се случат убави работи. Јехова може да ја предвиди иднината. Во својата Реч, тој честопати однапред ни кажува какви настани ни претстојат. Иако не ги гледаме, ние можеме да си ги замислиме и да имаме цврста вера дека навистина ќе се случат (2. Кор. 4:18).
2, 3. а) Зошто е важно да си ги замислуваме работите што сигурно ќе се исполнат? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?
2 Се разбира, понекогаш си замислуваме работи што никогаш нема да се случат. На пример, ако едно девојче си замислува дека јава на пеперутка, тоа е чиста фантазија. Но, она што си го замислувала Ана, мајката на Самоил, не било фантазија. Зошто? Затоа што таа била цврсто решена да го исполни ветувањето што му го дала на Бог во врска со својот син. Тоа што си го замислувала денот кога ќе го однесе малиот Самоил да служи во светиот шатор ѝ помогнало да си го одржи зборот (1. Сам. 1:22). А како е со нас? Кога си го замислуваме она што го ветил Бог, ние не фантазираме. Напротив, мислиме на работи кои се реални и кои сигурно ќе се исполнат (2. Пет. 1:19-21).
3 Без сомнение, многу верни Божји слуги од минатото си го замислувале она што го ветил Јехова. Како им користело тоа? И зошто е добро и ние да си ги замислуваме прекрасните работи што Бог им ги ветил на послушните луѓе?
ЗАЈАКНАТИ ЗАТОА ШТО СИ ЈА ЗАМИСЛУВАЛЕ ИДНИНАТА
4. Врз основа на што можел Авел да си ја замисли иднината?
4 Дали Авел, првиот човек што му бил верен на Јехова, си замислувал како ќе се исполнат Божјите ветувања? Тој знаел што ѝ кажал Бог на „змијата“ откако згрешиле Адам и Ева: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената, и помеѓу твоето потомство и нејзиното потомство. Тој ќе ти ја смачка главата, а ти ќе го раниш во петицата“ (1. Мој. 3:14, 15). Иако не знаел како точно ќе се исполни ова ветување, Авел веројатно многу размислувал за него, и сфатил дека некој ќе биде ‚ранет во петицата‘ за да можат луѓето повторно да станат совршени. Сеедно како си ја замислувал иднината, Авел покажал вера на темел на Јеховиното ветување и затоа Бог ја прифатил неговата жртва. (Прочитај 1. Мојсеева 4:3-5; Евреите 11:4.)
5. Што можел да си замисли Енох, и како тоа сигурно му помогнало?
5 И Енох бил човек кој имал цврста вера во Јехова. Тој живеел меѓу безбожници кои зборувале дрско против Бог. Под водство на светиот дух, Енох храбро прорекол дека Јехова ќе дојде ‚со своите десетици илјади свети ангели, за да им суди на сите, и да ги осуди сите безбожници за сите нивни безбожни дела што ги извршиле на безбожен начин и за сите дрски зборови што безбожните грешници ги изговориле против него‘ (Јуда 14, 15). Благодарение на својата вера, Енох можел да си замисли како ќе изгледа светот кога никој нема да постапува безбожно и кога сите луѓе ќе му служат на Јехова. (Прочитај Евреите 11:5, 6.)
6. За што можеби продолжил да размислува Ное после Потопот?
6 Ное го преживеал Потопот затоа што имал вера (Евр. 11:7). После Потопот, верата го поттикнала да му принесе животински жртви на Јехова (1. Мој. 8:20). Без сомнение, слично на Авел, тој верувал дека еден ден човештвото ќе биде ослободено од ропството на гревот и смртта. Но, откако завршил Потопот, луѓето повторно станале злобни. Почнал да владее Нимрод, кој му се противел на Јехова (1. Мој. 10:8-12). Сепак, Ное ги зачувал својата вера и надеж. Најверојатно му влевала храброст мислата дека во свое време Бог ќе му стави крај на суровото човечко владеење и дека ќе ги отстрани наследниот грев и смртта. И ние можеме да си го замислиме тоа прекрасно време, кое сега навистина е многу близу! (Рим. 6:23).
ТИЕ ГО „ВИДЕЛЕ“ ИСПОЛНУВАЊЕТО НА ВЕТУВАЊАТА
7. Што можеле да „видат“ Авраам, Исак и Јаков со очите на верата?
7 Авраам, Исак и Јаков можеле да се надеваат на величествена иднина бидејќи Бог ветил дека, преку нивното потомство, сите народи на Земјата ќе бидат благословени (1. Мој. 22:18; 26:4; 28:14). Потомците на овие верни Божји слуги требало да се намножат и да ја населат Ветената земја која ќе им ја дал Јехова (1. Мој. 15:5-7). Со очите на верата, овие богобојазливи луѓе можеле да „видат“ како нивните потомци живеат во таа земја. Всушност, уште од моментот кога човечкиот род го изгубил совршенството, Јехова им помагал на своите верни слуги да сфатат дека благословите кои требало да ги добие Адам не биле изгубени засекогаш.
8. Што му помогнало на Авраам да покаже непоколеблива вера и послушност?
8 Авраам имал непоколеблива вера и му бил послушен на Јехова и во многу тешки околности. Што му помогнало во тоа? Авраам, како и други верни луѓе од минатото, јасно можел да си го замисли исполнувањето на Божјите ветувања иако, додека бил жив, ‚не го добил она што му било ветено‘. Сепак, Библијата вели дека ‚го видел оддалеку и го поздравил‘. (Прочитај Евреите 11:8-13.) Авраам знаел дека Јехова секогаш си стои на зборот, и затоа бил сигурен дека и она што го ветил за иднината навистина ќе се исполни.
9. Како верата во Божјите ветувања му помогнала на Авраам?
9 Бидејќи имал вера во Божјите ветувања, Авраам бил решен да ја врши Божјата волја. Тој со вера си заминал од родниот Ур и не станал постојан жител на ниту еден друг град во Ханаан. Авраам добро знаел дека, исто како Ур, и овие градови нема да постојат засекогаш затоа што нивните владетели не му служеле на Јехова (Ис. Нав. 24:2). Наместо тоа, до крајот на својот долг живот, тој ‚го очекувал градот со вистински темели, чиј градител и творец е Бог‘ (Евр. 11:10). Авраам можел да си замисли како живее засекогаш под Јеховината власт. Авел, Енох, Ное, Авраам и други верни Божји слуги верувале во воскресение и очекувале да живеат на Земјата под власта на Божјето Царство, односно ‚градот со вистински темели‘. Верата на овие Божји слуги сигурно многу се зајакнала кога размислувале за идните благослови. (Прочитај Евреите 11:15, 16.)
10. Што можела да си замисли Сара благодарение на ветувањето што Јехова му го дал на Авраам?
10 Размисли и за Сара, жената на Авраам. Иако на 90 години сѐ уште била неротка, таа не изгубила надеж дека еден ден сепак ќе има дете. Всушност, благодарение на својата вера, таа можела да „види“ како нејзините потомци стануваат голем народ (Евр. 11:11, 12). Зошто била сигурна дека ќе биде така? Затоа што, во врска со Сара, Јехова му го кажал следново на Авраам: „Јас ќе ја благословам и ќе ти дадам син од неа. Ќе ја благословам и од неа ќе настанат народи, и цареви на народи ќе излезат од неа“ (1. Мој. 17:16). Токму како што ветил Јехова, Сара родила син, Исак. Ова чудо ја уверило дека Бог ќе ги исполни и сите други ветувања што му ги дал на Авраам. И нашата вера може да се зајакне кога си ја замислуваме прекрасната иднина што ни ја ветил Јехова!
ПРОДОЛЖИЛ ДА МИСЛИ НА НАГРАДАТА
11, 12. Што му помогнало на Мојсеј уште повеќе да ја продлабочи својата љубов кон Јехова?
11 И Мојсеј имал вера во Јеховините ветувања. Тој пораснал како принц во Египет. Но, затоа што го сакал Јехова повеќе од сѐ друго, Мојсеј не сакал да има власт и богатство. Неговите вистински родители го поучиле за Јехова и за Неговата намера да ги ослободи Евреите од египетското ропство и да им ја даде Ветената земја (1. Мој. 13:14, 15; 2. Мој. 2:5-10). Колку повеќе Мојсеј размислувал за овие ветувања, толку повеќе се продлабочувала неговата љубов кон Јехова.
12 Библијата вели: „Со вера Мојсеј, кога порасна, одби да биде наречен син на фараоновата ќерка. Повеќе сакаше да биде малтретиран заедно со Божјиот народ отколку да ужива во минливите грешни задоволства. Го направи тоа затоа што срамот што го трпеше како помазаник го сметаше за поголемо богатство од египетските ризници, зашто го насочи погледот кон наградата што ќе ја добие“ (Евр. 11:24-26).
13. Каква корист имал Мојсеј од тоа што длабоко размислувал за Божјите ветувања?
13 Додека Мојсеј длабоко размислувал за она што Јехова им го ветил на Израелците, неговата вера и љубов кон Бог сѐ повеќе растеле. Исто како и други Божји слуги, Мојсеј веројатно можел да си го замисли времето кога Јехова ќе го ослободи човештвото од смртта (Јов 14:14, 15; Евр. 11:17-19). Ништо чудно што го сакал Богот кој чувствувал толку голема сомилост кон Евреите и кон сите луѓе! Верата и љубовта му помогнале на Мојсеј да му служи на Јехова до крајот на својот живот (5. Мој. 6:4, 5). Дури и кога фараонот сакал да го убие, Мојсеј не се уплашил. Тој бил уверен дека Јехова ќе го награди во иднина (2. Мој. 10:28, 29).
ЗАМИСЛУВАЈ СИ ГО ОНА ШТО ЌЕ ГО НАПРАВИ БОЖЈЕТО ЦАРСТВО
14. Како некои луѓе си ја замислуваат иднината?
14 Кога размислуваат за иднината, многу луѓе денес си замислуваат работи што никогаш нема да се случат. На пример, иако имаат малку во материјален поглед, некои фантазираат дека ќе станат многу богати и нема да се грижат за ништо. Но, Божјата Реч вели дека животот во Сатановиот свет е ‚исполнет само со неволји и тешкотии‘ (Пс. 90:10). Други, пак, си мислат дека човечките влади ќе ги решат сите проблеми. Но, Библијата вели дека Божјето Царство е единствената вистинска надеж за човештвото (Дан. 2:44). Иако мнозина си мислат дека Бог нема да го уништи овој зол свет, неговата Реч дава една сосема поинаква слика (Соф. 1:18; 1. Јов. 2:15-17). Оние што си замислуваат иднина која е спротивна на Јеховината намера, горко ќе се разочараат.
15. а) Зошто е добро да размислуваме за иднината што ни ја ветил Бог? б) Кое Божје ветување со нетрпение очекуваш да се исполни во иднина?
15 Јехова ни ветил прекрасна иднина. Кога си го замислуваме тоа време, се чувствуваме посреќни и охрабрени сме да продолжиме да му служиме. Сеедно дали имаш надеж за вечен живот на небото или на Земјата, можеш ли да си замислиш како уживаш во работите што ги ветил Бог? Ако имаш надеж дека ќе живееш засекогаш на Земјата, замисли си како работиш заедно со другите за да ја претворите нашата планета во рај. Сите твои соседи го сакаат Јехова исто како што го сакаш и ти. Освен тоа, здрав си, полн со сила и немаш никакви грижи. Оние што ја надгледуваат работата навистина се грижат за тебе и ти помагаат со задоволство да ги извршуваш своите задачи. Многу си среќен што можеш да ги користиш своите дарби и вештини за да им помагаш на другите и да го славиш Бог. Можеби дури им помагаш и на воскреснатите да го запознаат Јехова (Јован 17:3; Дела 24:15). Ова не е само сон. Сето тоа ќе се исполни затоа што се темели на библиските ветувања за иднината (Иса. 11:9; 25:8; 33:24; 35:5-7; 65:22).
ЗОШТО ДА ЗБОРУВАМЕ ЗА НАШАТА НАДЕЖ?
16, 17. Зошто е добро да зборуваме со другите за нашата надеж?
16 Кога им кажуваме на нашите браќа и сестри што сакаме да правиме во новиот свет, нашата слика за иднината станува сѐ појасна. Иако никој од нас не знае што точно ќе прави во рајот, кога зборуваме за она што нѐ очекува, покажуваме дека навистина имаме вера во Божјите ветувања. На тој начин, ‚заемно се охрабруваме‘ за да продолжиме да му служиме на Јехова во овие тешки времиња, исто како што се храбреле апостол Павле и браќата во Рим (Рим. 1:11, 12).
17 Кога размислуваме за иднината што ни ја ветува Јехова, мислиме помалку на своите проблеми. Во една прилика, кога бил загрижен, Петар му рекол на Исус: „Еве, ние оставивме сѐ и те следиме. Што ќе добиеме за тоа?“ За да им помогне на Петар и на другите ученици да си ја замислат прекрасната иднина што ги очекува, Исус одговорил: „Вистина, ви велам, при повторното создавање, кога Синот човечки ќе седне на својот славен престол, вие што ме следевте ќе седнете на дванаесет престоли и ќе им судите на дванаесетте Израелови племиња. И секој што оставил куќи или браќа или сестри или татко или мајка или деца или земја заради моето име, ќе добие многу повеќе и ќе наследи вечен живот“ (Мат. 19:27-29). Ова им помогнало на Петар и на другите Христови следбеници да размислуваат за времето кога ќе владеат со Исус на небото и ќе им донесат огромни благослови на послушните луѓе на Земјата.
18. Зошто е добро уште денес да размислуваме за времето кога Бог ќе ги исполни своите ветувања?
18 Јеховините слуги на Земјата секогаш имале корист од тоа што размислувале за исполнувањето на Божјите ветувања. Авел размислувал за Јеховиното ветување за подобра иднина, и поради својата вера му угодил на Бог. Авраам го замислувал времето кога ќе се исполни Божјето ветување за „потомството“, и тоа му помогнало да го послуша Јехова дури и кога не било лесно (1. Мој. 3:15). Мојсеј ‚го насочил погледот на наградата што требало да ја добие‘, и тоа му помогнало уште повеќе да го сака Јехова и да му остане верен (Евр. 11:26). И нашата вера и љубов кон Бог ќе растат ако си го замислуваме времето кога тој ќе го исполни она што го ветил. Во следната статија ќе видиме на кој друг начин можеме да ја искористиме способноста да си го замислуваме она што не сме го доживеале.