Чувај се од недостиг на вера
„Чувајте се, браќа, од страв за да не се развие некогаш кај некого од вас злобно срце на кое му недостига вера, поради тоа што отстапува од живиот Бог“ (ЕВРЕИТЕ 3:12, NW).
1. Кон која шокантна реалност ни го свртуваат вниманието Павловите зборови до еврејските христијани?
КАКВА само застрашувачка помисла — дека луѓе кои некогаш уживале личен однос со Јехова, би можеле да развијат „злобно срце“ и ‚да отстапат од живиот Бог‘! И какво само предупредување е тоа! Овие зборови на апостол Павле не биле упатени до неверници, туку до луѓе кои ги имале предадено своите животи на Јехова на темел на верата во откупната жртва на Исус Христос.
2. Кои прашања треба да ги разгледаме?
2 Како воопшто би можел некој кој е во една таква благословена духовна состојба да развие „злобно срце на кое му недостига вера“? Навистина, како би можел некој што ја вкусил Божјата љубов и незаслужена љубезност намерно да отстапи од него? И дали тоа би можело да му се случи на некого од нас? Ова се отрезнувачки мисли, и ние сме должни да ја истражиме причината која стоела зад ова предупредување (1. Коринтјаните 10:11).
Зошто таков силен совет?
3. Опиши ги околностите кои влијаеле врз христијаните во и околу Ерусалим во првиот век?
3 Се чини дека Павле им го упатил своето писмо на еврејските христијани во Јудеја во 61 н. е. Еден историчар забележал дека тоа било време кога „немало мир ниту, пак, сигурност за кои и да било трезвени, чесни луѓе, било во градот Ерусалим било на некое друго место низ целата провинција“. Тоа било време на беззаконие и насилство, потстрекнато од една смеса од угнетувачкото римско воено присуство, од расфрлањето со храброст на антиримските еврејски зелоти, како и од криминалните активности на крадците кои ги искористувале тие хаотични времиња. Сево ова многу ги отежнувало работите за христијаните кои напорно се труделе да не се заплеткаат во тие работи (1. Тимотеј 2:1, 2). Всушност, поради нивниот неутрален став, на нив се гледало како на луѓе кои во социјален поглед не можат да се вклопат во средината, па дури и како на такви кои се подривачки настроени. Честопати христијаните биле малтретирани и доживувале лични загуби (Евреите 10:32—34).
4. На каков притисок од религиозна природа биле изложени еврејските христијани?
4 Исто така, еврејските христијани се наоѓале под силен притисок од религиозна природа. Ревноста на Исусовите верни ученици и, како резултат на тоа, рапидната експанзија на христијанското собрание испровоцирале љубомора и гнев кај Евреите — особено кај нивните религиозни водачи. Тие биле спремни на сѐ за да ги шиканираат и прогонуваат следбениците на Исус Христосa (Дела 6:8—14; 21:27—30; 23:12, 13; 24:1—9). Макар што некои христијани биле поштедени од отворено прогонство, сепак тие биле презирани и исмејувани од Евреите. Христијанството било презрено како некоја скорашна религија на која ѝ недостигала величественоста на јудаизмот — тоа немало храм, немало свештенство, немало празници, немало формални жртви итн. Па дури и нивниот водач, Исус, бил погубен како осуден криминалец. За да ја практикуваат својата религија, христијаните морале да имаат вера, храброст и истрајност.
5. Зошто за христијаните во Јудеја било битно да останат духовно будни?
5 Над сѐ, еврејските христијани во Јудеја живееле во едно пресудно време во историјата на таа нација. Многу работи за кои нивниот Господ Исус Христос рекол дека ќе го одбележат крајот на еврејскиот систем, веќе се случиле. Крајот не би можел да биде далеку. За да преживеат, христијаните морале да останат духовно будни и да бидат спремни да „бегаат по планините“ (Матеј 24:6, 15, 16). Дали тие ќе ги имаат верата и духовната издржливост кои се потребни за да преземат непосредна акција, како што упатил Исус? Се чинело како да постои некакво сомневање.
6. Што им било итно потребно на христијаните од Јудеја?
6 Во текот на последната деценија пред распаѓањето на целиот еврејски систем на ствари, очигледно еврејските христијани биле под жесток притисок во собранието и надвор од него. Имале потреба од охрабрување. Но, исто така им бил потребен совет и упатство за да им се помогне да увидат дека правецот кој го избрале бил исправен и дека тие не страдале и не истрајувале напразно. За среќа, Павле покажал дека е дораснат на дадената ситуација и им притекол на помош.
7. Зошто би требало да бидеме заинтересирани за она што им го напишал Павле на еврејските христијани?
7 Она што Павле им го напишал на еврејските христијани би требало да биде од огромен интерес за нас. Зошто? Затоа што живееме во време кое е слично со нивното. Секојдневно чувствуваме притисоци од светот кој е под сатанска контрола (1. Јованово 5:19, NW). Пред нашите очи се исполнуваат пророштвата на Исус и на апостолите во врска со последните денови и со „завршетокот на системот на ствари“ (NW) (Матеј 24:3—14; 2. Тимотеј 3:1—5; 2. Петрово 3:3, 4; Откровение 6:1—8). Над сѐ, треба да останеме духовно будни за да го ‚избегнеме сето она, што ќе настане‘ (Лука 21:36).
Некој кој е поголем од Мојсеј
8. Кажувајќи го она што е запишано во Евреите 3:1 (NW), кон што ги поттикнувал Павле своите сохристијани?
8 Споменувајќи една витална поента, Павле напишал: „Размислувајте за апостолот и првосвештеникот што го признаваме — Исус“ (Евреите 3:1, NW). Да „се размисли“ значи „јасно да се согледа . . . целосно да се разбере, грижливо да се размисли“ (Vine’s Expository Dictionary of Old and New Testament Words). На тој начин, Павле ги поттикнувал своите соверници да вложат сериозен напор за да стекнат вистинско ценење за улогата која ја играл Исус во нивната вера и спасение. Тоа би ја зајакнало нивната решеност да останат цврсти во верата. Тогаш, која е Исусовата улога, и зошто би требало да ‚размислуваме‘ за него?
9. Зошто Павле укажал на Исус како на „апостол“ и „првосвештеник“?
9 Термините „апостол“ и „првосвештеник“, Павле ги применил на Исус. „Апостол“ е некој кој е испратен, а овде се однесува на Божјето средство за комуникација со човештвото. „Првосвештеник“ е некој преку кого луѓето можат да му пристапат на Бог. Овие две подготовки се неопходни за вистинското обожавање, а Исус, пак, е олицетворение на обете. Тој е оној кој е испратен од небото за да го научи човештвото за вистината во врска со Бог (Јован 1:18; 3:16; 14:6). Исто така, Исус е оној кој е наименуван како Првосвештеник — противслика во Јеховиното духовно храмско уредување за простување на гревот (Евреите 4:14, 15; 1. Јованово 2:1, 2). Доколку вистински ги цениме благословите кои можеме да ги добиеме преку Исус, ќе имаме храброст и одлучност да останеме цврсти во верата.
10. а) Како Павле им помогнал на еврејските христијани да ја сфатат супериорноста на христијанството во однос на јудаизмот? б) Која универзална вистина ја навел Павле за да ја засили својата поента?
10 За да ја нагласи вредноста на христијанската вера, Павле го споредил Исус со Мојсеј кого Евреите го сметале за најголем пророк меѓу своите предци. Доколку еврејските христијани можеле со цело срце да го сфатат фактот дека Исус е поголем од Мојсеј, тие ќе немале причина да се сомневаат во супериорноста на христијанството над јудаизмот. Павле истакнал дека иако Мојсеј бил сметан за достоен да му биде доверен Божјиот „дом“ — нацијата, т. е. собранието Израел — тој бил само еден верен прислужник, т. е. слуга (4. Мојсеева 12:7). Од друга страна, пак, Исус бил Синот, господарот над домот (1. Коринтјаните 11:3; Евреите 3:2, 3, 5). За да ја зајакне својата поента, Павле ја навел оваа универзална вистина: „Зашто секој дом се гради од некого; а Оној, Кој создал сѐ, е Бог“ (Евреите 3:4). Никој не би го оспорувал тоа дека Бог е поголем од кој и да било, зашто тој е Градителот, т. е. Творецот на сѐ. Тогаш, логично е дека, со оглед на тоа што Исус бил Божји соработник, тој мора да биде поголем од сето друго создание, вклучувајќи го и Мојсеј (Изреки 8:30, NW; Колосјаните 1:15—17).
11, 12. Кон што ги поттикнал Павле еврејските христијани да се држат „цврсто до крајот“, и како ние можеме да го примениме неговиот совет?
11 Навистина, еврејските христијани се наоѓале во една високо привилегирана положба. Павле ги потсетил дека тие биле „учесници во небесното призвание“, предност која требало да се цени повисоко од сѐ друго што имал да понуди еврејскиот систем (Евреите 3:1). Сигурно Павловите зборови направиле тие помазани христијани да се чувствуваат благодарни за тоа што требало да добијат едно ново наследство, наместо да жалат за тоа што се откажале од работите кои биле поврзани со нивната еврејска културна и традиционална заднина (Филипјаните 3:8). Поттикнувајќи ги да се држат за својата предност и да не ја земаат истата здраво за готово, Павле рекол: „Христос, како Син, е во Својот дом [бил верен како Син над домот Божји, NW]: Негов дом, пак, сме ние, само ако слободата и надежта, со кои се фалиме, ги запазиме [цврсто, NW] до крај“ (Евреите 3:6).
12 Да, доколку еврејските христијани сакале да го преживеат претстојниот завршеток на еврејскиот систем на ствари, тие требало „цврсто до крај“ да се држат за својата од Бог дадена надеж. Ние денес мораме да го правиме истото доколку сакаме да го преживееме крајот на овој систем (Матеј 24:13). Не смееме да дозволиме тегобните животни грижи, апатијата на луѓето или, пак, нашите сопствени несовршени склоности да нѐ наведат да се поколебаме во нашата вера во Божјите ветувања (Лука 21:16—19). За да видиме како можеме да се зајакнеме, да обрнеме внимание на понатамошните Павлови зборови.
„Не ги закоравувајте вашите срца“
13. Кое предупредување го дал Павле, и како тој го применил Псалм 94 (95, NW)?
13 Откако ја разгледал привилегираната позиција на еврејските христијани, Павле го дал ова предупредување: „Како што вели светиот дух: ‚Денес, ако вие народе го чуете неговиот глас, не ги закоравувајте вашите срца, како во приликата кога предизвикавте горка лутина, како во денот на искушувањето во пустината‘“ (Евреите 3:7, 8, NW). Павле го цитирал 94. Псалм (95. Псалм, NW), и затоа можел да каже дека ‚светиот дух вели‘b (Псалм 95:7, 8, NW; 2. Мојсеева 17:1—7). Писмото е инспирирано од Бог преку неговиот свет дух (2. Тимотеј 3:16).
14. Како Израелците се одѕвале на она што го сторил Јехова за нив, и зошто?
14 Откако биле ослободени од египетското ропство, на Израелците им била дадена голема чест да влезат во еден заветен однос со Јехова (2. Мојсеева 19:4, 5; 24:7, 8). Меѓутоа, наместо да покажат ценење за она што го сторил Бог за нив, набрзо тие постапиле бунтовно (4. Мојсеева 13:26—14:10). Како можело да се случи тоа? Павле ја истакнал причината: закоравувањето на нивните срца. Но, како закоравуваат срцата кои се осетливи и приемчиви за Божјата Реч? И што мораме ние да правиме за да го спречиме тоа?
15. а) Како се слушал ‚Божјиот глас‘ во минатото и сега? б) Кои прашања треба да си ги поставиме во врска со ‚Божјиот глас‘?
15 Павле го започнал своето предупредување со оваа условна клаузула: „Ако вие народе го чуете неговиот глас“. Бог му зборувал на својот народ преку Мојсеј и преку други пророци. Потоа, Јехова им зборувал преку својот Син, Исус Христос (Евреите 1:1, 2). Денес, ние ја имаме комплетната Божја инспирирана Реч, Светата Библија. Исто така, го имаме ‚верниот и разборит роб‘, наименуван од Исус да обезбедува духовна „храна во право време“ (Матеј 24:45—47, NW). На тој начин, Бог сѐ уште зборува. Но, дали ние слушаме? На пример, како се одѕиваме на советот за облекувањето и дотерувањето или, пак, за изборот на забавата и музиката? Дали „слушаме“, т. е. обрнуваме внимание и сме послушни на она што ќе го чуеме? Доколку имаме навика да се правдаме или да приговараме на советот, тогаш се изложуваме на едвај забележливата опасност да ни закорави срцето.
16. Кој е еден начин на кој може да закорави нашето срце?
16 Исто така, нашето срце може да закорави доколку се извлекуваме од она што можеме и што треба да го правиме (Јаков 4:17). И покрај сѐ што направил Јехова за Израелците, тие пропуштиле да практикуваат вера, се бунеле против Мојсеј, избрале да веруваат во еден неповолен извештај за Ханан и одбиле да влезат во Ветената земја (4. Мојсеева 14:1—4). Затоа, Јехова одлучил да поминат 40 години во пустината — доволно долго за да изумрат неверните членови од таа генерација. Чувствувајќи одвратност кон нив, Бог рекол: „Секогаш се заблудуваа [талкаа, NW] во срцата свои и не ги познаа патиштата Мои. Затоа се заколнав во Својот гнев дека нема да влезат во Мојот покој [одмор, NW]“ (Евреите 3:9—11). Дали во ова гледаме поука за нас?
Поука за нас
17. И покрај тоа што ги виделе Јеховините моќни дела и ги чуле неговите објави, зошто на Израелците им недостигало вера?
17 Генерацијата на Израелците кои излегле од Египет ги видела со свои сопствени очи и ги чула со свои сопствени уши моќните дела и објави на Јехова. Сепак, тие немале вера дека Бог би можел безбедно да ги доведе до Ветената земја. Зошто? „Не ги познаа патиштата Мои“, рекол Јехова. Тие знаеле што рекол и што сторил Јехова, но не развиле доверба и вера во неговата способност да се грижи за нив. Биле толку обземени со своите лични потреби и барања што ни малку не обрнале внимание на Божјите патишта и на неговата намера. Да, им недостигала вера во неговото ветување.
18. Според Павле, кој правец на постапување ќе резултира во „злобно срце на кое му недостига вера“?
18 Овие понатамошни зборови до Евреите со еднаква силина се однесуваат на нас: „Чувајте се, браќа, од страв за да не се развие некогаш кај некого од вас злобно срце на кое му недостига вера, поради тоа што отстапува од живиот Бог“ (Евреите 3:12, NW). Павле дошол до сржта на работите истакнувајќи дека „злобно срце на кое му недостига вера“ е резултат од ‚отстапувањето од живиот Бог‘. Во почетокот на ова писмо тој зборувал за ‚отпловување‘ поради невнимание (Евреите 2:1, NW). Меѓутоа, грчкиот термин преведен со ‚отстапување‘ значи „да се држи подалеку“ и е поврзан со зборот „отпадништво“. Тој означува намерно и свесно спротивставување, повлекување и напуштање, со придодадена нота на презир.
19. Како би можел пропустот да се послуша советот да доведе до сериозни последици? Илустрирај.
19 Затоа, поуката е дека, доколку западнеме во навика да пропуштаме да го ‚слушаме неговиот глас‘, игнорирајќи го советот од Јехова преку неговата Реч и класата на верниот роб, нема да помине долго време пред нашите срца да станат бездушни, закоравени. На пример, една невенчана двојка може да стане малку поинтимна. Што ако тие едноставно ја игнорираат таа работа? Дали тоа би ги заштитило од повторување на она што го сториле или, пак, само би им олеснило да го сторат тоа повторно? На сличен начин, кога класата на робот нуди совет за потребата да бидеме селективни во нашиот избор на музика, забава итн., дали благодарно го прифаќаме истиот и правиме преиначувања онаму каде што е потребно? Павле нѐ поттикнал ‚да не го напуштаме своето собрание‘ (Евреите 10:24, 25). И покрај овој совет, некои усвоиле ноншалантно гледиште за христијанските состаноци. Можеби мислат дека пропуштањето на некои од нив, па дури и целосното изоставање на извесни состаноци, е безначајно.
20. Зошто е неопходно на позитивен начин да се одѕвиеме на советот од Писмото?
20 Доколку не се одѕвиеме позитивно на Јеховиниот „глас“ кој е јасно изразен во Писмото и во публикациите темелени на Библијата, наскоро ќе се затекнеме како „отстапуваме од живиот Бог“. Пасивното игнорирање на советот може лесно да стане негово активно омаловажување, критизирање и спротивставување. Ако тоа не се исправи, резултатот ќе биде „злобно срце на кое му недостига вера“, а опоравувањето од тој правец обично е многу тешко. (Спореди Ефесјаните 4:19.) Јеремија прикладно напишал: „Срцето е попредавничко од сѐ друго и е безнадежно. Кој може да го знае?“ (Јеремија 17:9, NW). Од таа причина, Павле ги поттикнал своите еврејски соверници: „Силно поттикнувајте се секој ден, сѐ додека може да се вика ‚денес‘, од страв за никој од вас да не отврдне преку измамничката моќ на гревот“ (Евреите 3:13, NW).
21. Што сме силно поттикнати да правиме сите ние, и какви изгледи имаме?
21 Колку сме само среќни што Јехова денес сѐ уште ни зборува преку својата Реч и преку својата организација! Благодарни сме што ‚верниот и разборит роб‘ продолжува да ни помага да „се држиме цврсто за довербата, која ја имавме на почетокот, непоколебливо до крајот“ (Евреите 3:14, NW). Сега е време да се одѕвиеме на Божјата љубов и водство. Додека го правиме тоа, можеме да се радуваме на едно друго од Јеховините прекрасни ветувања — да ‚влеземе во‘ неговиот одмор (Евреите 4:3, 10). Тоа е темата на која Павле потоа дискутирал со еврејските христијани, а тоа е и темата која ќе ја разгледаме во следната статија.
[Фусноти]
a Јосиф известил дека кратко после смртта на Фест, првосвештеник станал Ананус (Ананија) од сектата на садукеите. Тој ги довел Јаков, Исусовиот полубрат, и другите ученици пред Синедрионот, ги осудил на смрт и ги каменувал.
b Очигледно, Павле цитирал од грчката Септуагинта која хебрејските зборови за „Мерива“ и „Маса“ ги преведува како „кавга“ и „испитување“. (Види страници 350 и 379 во том 2 од Insight on the Scriptures, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.)
Можеш ли да објасниш?
◻ Зошто Павле напишал толку силен совет до еврејските христијани?
◻ Како Павле им помогнал на еврејските христијани да сфатат дека тие имаат нешто подобро од животот под јудаизмот?
◻ Како закоравува нечие срце?
◻ Што мораме да правиме за да избегнеме да ни се развие „злобно срце на кое му недостига вера“?
[Слика на страница 10]
Дали практикуваш вера во Исус, поголемиот Мојсеј?