Можел ли Исус да има вера во Бог?
Дилема на оние што веруваат во тројство
„КАКО можело Исус да има вера? Тој е Бог; тој знае и гледа сѐ, без да зависи од некого. А верата се состои токму од потпирање врз некого и од признавање на она што не е видено; значи, исклучено е Исус-Бог да имал вера.“
Според францускиот теолог Жак Гије, тоа е мислење што преовладува во католицизмот. Дали те изненадува ова објаснување? Можеби си мислел дека Исус, со оглед на тоа што за христијаните е пример во сѐ, мора да е пример и во верата. Ако мислиш така, тогаш не си ја зел предвид догмата за тројство на т. н. христијанство.
Прашањето за Исусовата вера навистина е енигма за католичките, протестантските и православните теолози кои веруваат во тројство како во „главна тајна на христијанската вера и живот“.a Меѓутоа, сите не ја негираат Исусовата вера. Жак Гије потврдува дека е „невозможно . . . да не се признае дека Исус имал вера“ и покрај тоа што самиот признава дека, во светлото на доктрината за тројство, тоа е „парадокс“.
Францускиот језуит Жан Гало, и повеќето теолози како него, се јасни кога велат дека, ако бил „вистински Бог и вистински човек, . . . Христос не можел да верува самиот во себе“. „Верата се состои од верување во некој друг, а не од верување во себеси“, забележува списанието La Civiltà Cattolica. Тогаш, пречката да се признае Исусовата вера е догмата за тројство, бидејќи двете идеи очигледно си противречат меѓусебно.
„Евангелијата никогаш не зборуваат за Исусовата вера“, велат теолозите. Всушност, термините што се користат во Христијанските Грчки списи, пистево (верува, има вера) и пистис (вера), главно се однесуваат на верата на учениците во Бог или во Христос, а не на Исусовата вера во неговиот небесен Татко. Треба ли затоа да заклучиме дека Божјиот Син немал вера? Што можеме да разбереме од она што го направил и рекол? Што вели Писмото?
Молитви без вера?
Исус бил човек од молитва. Се молел во секоја прилика — кога се крстил (Лука 3:21); цела ноќ пред да ги избере неговите 12 апостоли (Лука 6:12, 13); и пред неговото чудесно преобразување на гората, кога бил со апостолите Петар, Јован и Јаков (Лука 9:28, 29). Токму после молитва еден од учениците побарал од него: „Научи нѐ да се молиме“, а тој ги поучил со Господовата молитва („Оче наш“) (Лука 11:1-4; Матеј 6:9-13). Се молел рано наутро, сам и долго (Марко 1:35-39); приквечер, на гората, откако ги испратил своите ученици (Марко 6:45, 46); заедно со и за неговите ученици (Лука 22:32; Јован 17:1-26). Да, молитвата била важен дел од Исусовиот живот.
Се молел пред да направи чуда, на пример, пред да го воскресне својот пријател Лазар: „,Оче, Ти благодарам, оти Ме послуша. А Јас знаев дека Ти секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил‘“ (Јован 11:41, 42). Сигурноста дека Татко му ќе му ја исполни молитвата ја покажува цврстината на неговата вера. Оваа врска меѓу молитвата кон Бог и верата во Него е очигледна од она што Христос им го рекол на учениците: „Сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете“ (Марко 11:24).
Ако Исус немал вера, зошто би му се молел на Бог? Небиблиското учење на т. н. христијанство за тројството, дека Исус бил истовремено и човек и Бог, ја засенува библиската порака. Таа ги спречува луѓето да ја разберат едноставноста и моќта на Библијата. Кого го повикувал човекот Исус? Себеси? Зар не бил свесен дека е Бог? А, ако бил Бог и го знаел тоа, зошто се молел?
Исусовите молитви во последните денови на земскиот живот ни даваат уште подлабок увид во цврстата вера што ја имал во неговиот небесен Татко. Покажувајќи надеж и чекајќи со доверба, тој побарал: „И сега, прослави Ме Ти, Оче, во Тебе Самиот, со славата што ја имав во Тебе, уште светот пред да настане“ (Јован 17:5).
Знаејќи дека најтешките искушенија и смртта биле неизбежни, ноќта кога бил во пределот Гетсиманија на Елеонската Гора, ‚се натажил и почнал да тагува‘, па рекол: „,Смртно е нажалена Мојата душа‘“ (Матеј 26:36-38). Потоа паднал на колена и се молел: „,Оче, кога би сакал да Ме одмине оваа чаша! Но нека не биде Мојата волја, туку Твојата!‘“. Потоа, ‚Му се јавил ангел од небото и Го поткрепувал‘. Бог ја сослушал неговата молитва. Поради силината на емоциите и тежината на искушението, ‚потта Му била како капки крв, што паѓале на земјата‘ (Лука 22:42-44).
Што покажуваат Исусовите страдања, неговата потреба од зајакнување и преколнувањата? „Едно е сигурно“, напишал Жак Гије, „Исус се молел и молитвата била битно обележје на неговиот живот и на неговите постапки. Тој се молел како луѓето и се молел за луѓето. А човечките молитви се незамисливи без вера. Зар би биле замисливи Исусовите молитви ако биле без вера?“
Додека висел на маченичкиот столб, кратко пред смртта, Исус извикал со силен глас, цитирајќи еден Давидов псалм. Потоа, со вера, гласно, ја извикнал последната молба: „,Оче, во Твои раце Го предавам Својот дух!‘“ (Лука 23:46; Матеј 27:46). Еден италијански меѓуверски превод, Parola del Signore, вели дека ‚Исус го доверил својот живот‘ на Таткото.
Жак Гије коментира: „Покажувајќи ни го Христос распнат, како извикува кон неговиот Татко преку псалмите на Израел, писателите на Евангелијата нѐ уверуваат дека тој извик, извик на единородниот Син, извик на потполна мака, извик на целосна доверба, е извик на вера, извик на умирање во вера“.
Соочени со овој јасен и драматичен доказ на вера, некои теолози се обидуваат да направат разлика меѓу верата и „довербата“. Меѓутоа, таквата разлика не се темели на Светото Писмо.
Но, што всушност откриваат за Исусовата вера тешките искушенија што ги доживеал?
Усовршен ‚Усовршителот на нашата вера‘
Во 11. поглавје од неговото писмо до Евреите, апостол Павле спомнал голем број верни мажи и жени од претхристијанските времиња. Тој заклучил така што укажал на најголемиот и совршен пример на вера: „Имајќи Го пред очи Началникот и Завршителот [Усовршителот, НС] на верата — Исуса, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, откако го презре срамот . . . Помислете, пак, на Оној, Кој од грешниците претрпе над Себеси таква поруга, та да не ви дотегне, и да не опаднете духом!“ (Евреите 12:1-3).
Повеќето теолози велат дека овој стих не зборува за „личната вера на Исус“, туку за неговата улога на „иницијатор, односно основач на верата‘. Грчкиот термин телејотес, кој се наоѓа во оваа фраза, се однесува на некој кој усовршува, кој остварува или довршува нешто. Како „Усовршител“, Исус ја довршил верата во смисла што неговото доаѓање на Земјата ги исполнило библиските пророштва и така поставил поцврст темел за вера. Но, дали значи тоа дека тој немал вера?
Пасусите од писмото до Евреите, што можеш да ги видиш во рамката на 15. страница, не оставаат место за сомневање. Исус бил усовршен преку неговите страдања и послушност. Иако веќе бил совршен човек, искуствата го направиле совршен и потполн во сѐ, па дури и во верата, со цел да стане потполно оспособен како Првосвештеник за спасение на вистинските христијани. Тој го преколнувал неговиот Татко „со силен вик и солзи“, му бил „верен“ на Бог и имал „божествен страв“ (НС) (Евреите 3:1, 2; 5:7-9). Тој „искусил [бил испитан во, НС] сѐ“ токму „како и ние“, се вели во Евреите 4:15, што значи, како секој верен христијанин чијашто вера претрпува „разни искушенија“ (Јаков 1:2, 3). Дали е разумно да се верува дека Исус можел да биде изложен на испит „како и“ неговите следбеници без да биде испитан во неговата вера како што биле тие?
Преколнувањата, послушноста, страдањата, искушенијата, верноста и божествениот страв сведочат за потполната вера на Исус. Тие покажуваат дека тој станал „Усовршител на нашата вера“ (НС) само откако бил усовршен во неговата сопствена вера. Јасно е, тој не бил Бог Синот, како што тврди доктрината за тројство (1. Јованово 5:5).
Зар тој не верувал во Божјата Реч?
Доктрината за тројство толку го обликува размислувањето на теолозите што запаѓаат во крајност и тврдат дека Исус „не можел да верува во Божјата Реч и во нејзината порака“ бидејќи, „самиот бил Речта Божја, па можел само да ја објавува таа реч“ (Анџело Амато, Gesù il Signore, со црковен имприматур).
Сепак, што покажува навистина тоа што Исус постојано се осврнувал на Писмото? Кога бил искушуван, тој три пати цитирал од него. Неговиот трет одговор му покажал на Сатана дека Исус го обожавал само Бога (Матеј 4:4, 7, 10). Во неколку прилики Исус споменал пророштва што ги применил самиот на себе, покажувајќи вера во нивното исполнување (Марко 14:21, 27; Лука 18:31-33; 22:37; спореди Лука 9:22; 24:44-46). Од ова разгледување мораме да заклучиме дека Исус го познавал Светото Писмо што било вдахновено од неговиот Татко, се придржувал кон него со вера и имал потполна доверба во исполнувањето на пророштвата што ги претскажале неговите искушенија, страдања, смрт и воскресение.
Исус, Пример на вера што е за имитирање
Исус морал да води борба за верата до крајот со цел да ја одржи лојалноста кон неговиот Татко и ‚да го победи светот‘ (Јован 16:33). Без вера не е можно да се добие таква победа (Евреите 11:6; 1. Јованово 5:4). Врз основа на таа победничка вера, тој бил пример за неговите верни следбеници. Тој сигурно имал вера во вистинскиот Бог.
[Фуснота]
a Поопширна дискусија за неоснованоста на учењето за тројството може да се најде во брошурата Дали треба да се верува во Тројство?, објавена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Рамка на страница 15]
‚Усовршителот‘ Исус — усовршен
Евреите 2:10: „Зашто Му прилегаше на Оној, поради Кого е сѐ и од Кого е сѐ, откако многу синови прослави, преку страдања да го усоврши Началникот на нивното спасение.“
Евреите 2:17, 18: „Затоа должен беше во сѐ да личи на браќата, па да биде милостив и верен првосвештеник пред Бога, за да ги очисти гревовите народни. Зашто во она, што Сам претрпе, откако беше искушан, во тоа ќе може и на искушуваните да им помогне.“
Евреите 3:2: „Кој Му е верен на Оној, Кој Го поставил, како и Мојсеј — во целиот Му дом.“
Евреите 4:15: „Оти, ние немаме таков Првосвештеник, што не може да не соучествува во нашите слабости, туку таков, Кој искусил сѐ како и ние, освен грев.“
Евреите 5:7-9: „Во деновите на Својот земен живот, Он со силен вик и солзи упати молби и молитви кон Оној, Кој можеше да Го спаси од смртта, и, поради Својата побожност беше чуен, макар и Син, Он се научи на послушност преку она, што пострада, а, откако се усоврши, стана причина за вечно спасение на сите оние, кои Му се послушни.“