Радосни сега и засекогаш
„А вие ќе се веселите и ќе се радувате довека за она што Јас го создавам: зашто, ете, Јас ќе го создадам Ерусалим за веселба, а народот негов — за радост“ (ИСАИЈА 65:18).
1. Како влијаело вистинското обожавање врз некои поединци низ вековите?
НИЗ вековите, неброени мноштва наоѓале голема радост во служењето на вистинитиот Бог, Јехова. Давид бил само еден од многуте кои се радувале во вистинското обожавање. Библијата раскажува дека кога ковчегот на сојузот бил донесуван во Ерусалим, ‚Давид и целиот Израилев дом го носеле ковчегот Господов со извици‘ (2. Царства 6:15). Таквата радост во служењето на Јехова не е некаква мала работа од минатото. И ти можеш да учествуваш во неа. А наскоро можеш да доживееш радост во нови димензии.
2. Освен првобитното исполнување на 35. поглавје од Исаија врз израелските повратници, кој денес е вклучен во едно друго исполнување?
2 Во претходната статија го испитавме првото исполнување на поттикнувачкото пророштво забележано во Исаија, поглавје 35. Него со право можеме да го наречеме пророштво на обнова, бидејќи се покажало како такво за Евреите од минатото. Тоа има слично исполнување и во наше време. Како тоа? Па, почнувајќи од Исусовите апостоли и другите на Пентакост 33 година н. е., Јехова работи со духовните Израелци. Тие се луѓе помазани со Божјиот свет дух, кои стануваат дел од она што апостол Павле го нарекува ‚Израил Божји‘ (Галатјаните 6:16; Римјаните 8:15-17). Исто така, сети се дека во 1. Петрово 2:9 овие христијани се наречени „род избран, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени“. Петар понатаму ја идентификува задачата што му е дадена на духовниот Израел: „Да ги возвестите совршенствата на Оној, Кој ве повикал од темнина во Својата чудна светлина“.
Исполнување во нашето време
3, 4. Каква била ситуацијата кога Исаија, поглавје 34, се исполнило во денешно време?
3 На почетокот од овој век имало период кога остатокот од духовниот Израел на Земјата не бил доследно активен во објавувањето на таквата порака. Тие не ѝ се радувале потполно на Божјата прекрасна светлина. Всушност, се наоѓале во прилична темнина. Кога било тоа? И што сторил Бог во врска со тоа?
4 Тоа било во периодот на I светска војна, кратко време по воспоставувањето на Божјето Месијанско Царство на небото во 1914 година. Народите, со поддршка од свештенството на црквите во различни земји, биле разгневени едни на други (Откровение 11:17, 18). Се разбира, Бог му се спротивставил на отпадничкото христијанство со неговата возвишена свештеничка класа, исто како што бил и против горделивиот народ Едом. Затоа, т. н. христијанство, современиот Едом, треба да го доживее современото исполнување на Исаија, поглавје 34. Ова исполнување со кое ќе биде извршено трајно истребување е исто толку сигурно колку што било и првото исполнување врз древниот Едом (Откровение 18:4-8, 19-21).
5. Како се исполнува 35. поглавје од Исаија во нашево време?
5 А како е со 35-тото поглавје од пророштвото на Исаија, кое ја нагласува радоста? Тоа исто така доживеало исполнување во наше време. Како? Преку излегувањето на духовниот Израел од еден вид заробеништво. Да ги испитаме фактите на она кое навистина претставува понова теократска историја, која се случува во рамките на животниот век на многумина кои сѐ уште се живи.
6. Зошто може да се рече дека остатокот од духовниот Израел дошол во состојба на заробеник?
6 Во еден релативно краток период во текот на I светска војна, остатокот од духовниот Израел не се држел потполно чист и во склад со Божјата волја. Некои од нив биле извалкани со доктринарни грешки и биле компромитирани со тоа што не зазеле јасен став за Јехова кога биле ставени под притисок да ги поддржуваат завојуваните народи. Во текот на тие воени години, поднеле секаков вид прогонство, а нивната библиска литература на многу места била дури и забранета. На крајот, некои од повидните браќа биле осудени и затворени под лажни оптужби. Ако се направи осврт на ова, не е тешко да се види дека, во извесна смисла, Божјиот народ, наместо слободен, бил во состојба на заробеник. (Спореди Јован 8:31, 32.) Сериозно му недостигала духовна визија (Ефесјаните 1:16-18). Се покажал релативно нем во поглед на фалењето на Бог и, како последица на тоа, бил духовно неплоден (Исаија 32:3, 4; Римјаните 14:11; Филипјаните 2:11). Дали гледаш на кој начин ова е еднакво со ситуацијата на древните Евреи во заробеништво во Вавилон?
7, 8. Каков вид обновување доживеал современиот остаток?
7 Но, дали Бог би ги оставил своите денешни слуги во таква состојба? Не, тој бил решен да ги обнови, во склад со она што било проречено преку Исаија. Така, истото ова пророштво од 35. поглавје наоѓа посебно исполнување во наше време, со тоа што остатокот од духовниот Израел е обновен со благосостојба и со здравје во еден духовен рај. Во Евреите 12:12, Павле го применил Исаија 35:3 во симболична смисла, со што ја поддржал полноважноста на нашата духовна примена на овој дел од Исаииното пророштво.
8 Во повоениот период, преостанатите помазаници од духовниот Израел, така да се каже, излегле од ропство. За да ги ослободи, Јехова Бог го употребил Исус Христос, Поголемиот Кир. На тој начин, овој остаток можел да изврши едно дело на повторна изградба, кое може да се спореди со делото на остатокот од древните Евреи, кои се вратиле во својата земја за повторно да го изградат дословниот храм во Ерусалим. Понатаму, овие духовни Израелци во поново време можеле да започнат со обработување и создавање на еден раззеленет буен духовен рај, симболична Едемска градина.
9. На кој начин во наше време се случило нешто слично на она во Исаија 35:1, 2, 5-7?
9 Имајќи го горното во мислите, да го разгледаме уште еднаш 35. поглавје од Исаија, и првин да ги погледнеме стиховите 1 и 2. Она што се чинело како безводен предел, навистина почнало да цвета и да станува плодно како древните рамници на Сарон. Потоа, погледни ги стиховите 5 до 7. На остатокот, од кој еден дел е уште жив и активен во Јеховината служба, му биле отворени очите на разумот. Можел подобро да го сфати значењето на она што се случило во 1914 година и после неа. Тоа исто така имало влијание и врз многумина од нас кои го сочинуваме ‚големото мноштво‘, кое сега служи рамо до рамо со остатокот (Откровение 7:9).
Дали си вклучен и ти во исполнувањето?
10, 11. а)На кој начин ти си вклучен во исполнувањето на Исаија 35:5-7? б) Што мислиш ти лично за овие промени?
10 Земи се себеси за пример. Дали редовно си ја читал Библијата пред да стапиш во контакт со Јеховините сведоци? Ако да, колкаво разбирање си имал? На пример, сега ја знаеш вистината за состојбата на мртвите. Веројатно можеш да го упатиш оној кој е заинтересиран за оваа тема на соодветните стихови од 1. Мојсеева поглавје 2, Проповедник поглавје 9 и Језекиил поглавје 18, како и на многу други библиски стихови. Да, веројатно разбираш што поучува Библијата за многу теми или спорни прашања. Едноставно речено, Библијата има смисла за тебе, а ти можеш голем дел од неа да им објасниш и на другите, како што несомнено и правиш.
11 Меѓутоа, би било добро секој од нас да се запраша: ‚Како сум го стекнал сето тоа знаење од Библијата? Дали сам сум ги пронашол сите тие штотуку споменати стихови пред да проучувам со Јеховиниот народ? Дали сум го разбирал нивното значење и дали сум дошол до исправни заклучоци во врска со нивната важност?‘ Искрениот одговор на овие прашања веројатно е „не“. Никој не треба да се навреди од ваквата изјава, но може да се рече дека, во основа, ти си бил слеп во поглед на овие стихови и нивното значење. Зарем не е така? Тие се наоѓале во Библијата, но ти не си можел да го увидиш или да го сфатиш нивното значење. Тогаш, како ти биле отворени очите во духовен поглед? Тоа било преку она што го сторил Јехова со исполнување на Исаија 35:5 врз помазаниот остаток. За возврат, ти се отвориле очите. Повеќе не си во духовна темнина. Ти можеш да гледаш. (Спореди Откровение 3:17, 18.)
12. а) Зошто можеме да речеме дека сега не е време за чудотворни телесни лечења? б) На кој начин случајот со брат Ф. В. Франц го илустрира начинот на кој Исаија 35:5 се исполнува во наше време?
12 Желните истражувачи на Библијата и на Божјите постапки низ вековите знаат дека ова не е период во историјата за физички чуда на лекување (1. Коринтјаните 13:8-10). Затоа, не очекуваме Исус Христос да ги отвора слепите очи, докажувајќи дека тој е Месијата, Божјиот Пророк (Јован 9:1-7, 30-33). Ниту, пак, им овозможува на сите глуви повторно да слушаат. Додека Фредерик В. Франц, еден од помазаниците и тогашен претседател на Друштвото Стражарска кула, наближуваше кон својата 100-та година, тој беше речиси слеп и мораше да користи и апарат за слушање. Неколку години не можеше повеќе да чита; па сепак, кој би рекол дека тој беше слеп или глув во смисла на Исаија 35:5? Неговата остра духовна визија беше благослов за Божјиот народ по целата Земјина топка.
13. Каков пресврт или обнова доживеал Божјиот современ народ?
13 А како е со твојот јазик? Јеховините помазаници можеби биле занемени за време на нивното духовно заробеништво. Но, штом Бог ја променил таквата состојба, нивните јазици почнале да воскликнуваат од радост поради она што го знаеле за Божјето воспоставено Царство и за неговите ветувања за иднината. Можеби тие ти помогнале и на тебе да се разврзе и твојот јазик. Во колкав обем си им зборувал на другите за вистината во минатото? Можеби во некој момент си мислел: ‚Уживам во проучувањето, но никогаш нема да одам и да им зборувам на непознати‘. Но, зарем не е вистина дека „јазикот на немиот“ сега „пее“? (Исаија 35:6).
14, 15. На кој начин мнозина оделе по ‚Патот на светоста‘ во наше време?
14 Древните Евреи кои биле ослободени од Вавилон, патувале долго до својата татковина. На што одговара тоа во нашево време? Па, погледни во Исаија 35:8, НС: „Таму сигурно ќе има друм, дури и пат; и тој ќе биде наречен Пат на светоста. Нечистиот нема да помине по него“.
15 Откако бил ослободен од духовно заробеништво, помазаниот остаток, сега придружуван од милиони други овци, се префрлил од Големиот Вавилон на еден симболичен друм, на еден чист пат на светост кој го води лицето во духовен рај. Ние го вложуваме секој напор да се оспособиме за да одиме и да останеме на овој Пат на светоста. Помисли на себе. Зарем твоите морални мерила и начелата за кои се придржуваш сега, не се многу повисоки отколку кога беше во светот? Зарем не вложуваш поголем труд за да го ускладиш своето мислење и однесување со Божјето? (Римјаните 8:12, 13; Ефесјаните 4:22-24).
16. На какви услови можеме да се радуваме додека одиме по Патот на светоста?
16 И додека продолжуваш да одиш по овој Пат на светоста, ти, всушност, немаш страв од ѕверските луѓе. Вистина, во светот мора постојано да внимаваш на луѓето кои, симболично речено, се алчни или полни со омраза, за да не те изедат жив. Многу луѓе се како грабливци според начинот на кој постапуваат со другите. Каква само разлика постои кај Божјиот народ! Тука си во една заштитена околина. Се разбира, твоите сохристијани не се совршени; понекогаш некој ќе направи грешка или ќе те навреди. Но, ти знаеш дека твоите браќа не сакаат намерно да те повредат или да те проголтаат (Псалм 56:4; Језекиил 22:25; Лука 20:45-47; Дела 20:29; 2. Коринтјаните 11:19, 20; Галатјаните 5:15). Напротив, тие покажуваат интерес за тебе; тие ти помагаат и сакаат да служат со тебе.
17, 18. Во која смисла сега постои рај, и какво влијание има тоа врз нас?
17 Затоа, можеме да го погледнеме 35. поглавје од Исаија, имајќи го на ум сегашното исполнување на стиховите 1 до 8. Зарем не е јасно дека веќе сме го пронашле она што со право се нарекува духовен рај? Не, тој не е совршен — сѐ уште не. Но тоа навистина е рај затоа што, како што потврдува стих 2, во него веќе можеме да ја ‚видиме славата на Господа, величината на нашиот Бог‘. А каков е резултатот од тоа? Стих 10 вели: „Ќе се вратат избавените од Господа, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна радост ќе биде над нивната глава; тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе се оддалечат“. Тоа што сме излегле од лажната религија и што се стремиме кон вистинското обожавање под Божјата милост, навистина причинува радост.
18 Радоста што е поврзана со вистинското обожавање и понатаму расте, зарем не? Гледаш како новозаинтересираните прават промени и се зацврстуваат во библиската вистина. Ги посматраш младите како растат и духовно напредуваат во собранието. Тука се и крштавањата, каде што гледаш како се крштаваат лицата што ги познаваш. Зарем ова не се причини за радост, за изобилна радост денес? Да, колкава само радост е да ни се придружат и други во нашата духовна слобода и во рајските услови!
Исполнување кое претстои!
19. Со какво надежно исчекување нѐ исполнува Исаија, поглавје 35?
19 Досега го разгледувавме Исаија 35. поглавје, во врска со неговото прво исполнување кога се вратиле Евреите, како и духовното исполнување што се случува денес. Но тоа не е крај. Има уште работи, кои се поврзани со библиската гаранција за едно идно обновување на дословните рајски услови на Земјата (Псалм 36:10, 11; Откровение 21:4, 5).
20, 21. Зошто е логично и библиски да веруваме дека ќе има уште едно исполнување на Исаија, поглавје 35?
20 Јехова не би бил доследен ако даде жив опис на рај, а потоа исполнувањата да ги ограничи само на духовни работи. Секако, ова не значи дека духовните исполнувања се безначајни. Дури и да се воспостави дословен рај, тој нема да нѐ задоволи ако среде прекрасниот пејзаж и мирољубивите животни бидеме опкружени со духовно расипани луѓе, кои се однесуваат како диви ѕверови. (Спореди Тит 1:12.) Да, првин мора да постои духовниот рај, зашто тој е најважен.
21 Меѓутоа, идниот Рај нема да биде ограничен само на духовните аспекти кои ги уживаме сега и кои во иднина ќе ги уживаме во уште поголема мера. Имаме добра причина да очекуваме дословно исполнување на пророштвата, како што е Исаија 35. поглавје. Зошто? Па, во 65. поглавје Исаија прорекол „ново небо и нова земја“. Апостол Петар се осврнал на тоа кога опишал што следи по Јеховиниот ден (Исаија 65:17, 18; 2. Петрово 3:10-13). Петар покажал дека околностите што ги опишал Исаија, навистина ќе постојат кога ‚новата земја‘ ќе стане реалност. Во нив спаѓаат и описите кои можеби веќе ти се добро познати — ќе се градат куќи и ќе се живее во нив; ќе се садат лозја и ќе се јаде нивниот род; долго ќе се ужива во делото од сопствениот труд; волк и јагне ќе живеат заедно и по целата Земја нема да се случува никакво зло. Со други зборови — долг живот, сигурни домови, изобилство од храна, задоволувачка работа и мир меѓу животните, како и меѓу луѓето и животните.
22, 23. Каква основа за надеж има идното исполнување на Исаија, поглавје 35?
22 Зарем таквиот изглед не те исполнува со радост? Би требало, зашто Бог нѐ создал да живееме токму на таков начин (1. Мојсеева 2:7-9). Тогаш, какво значење има тоа во врска со пророштвото од Исаија, поглавје 35 што го разгледуваме? Тоа значи дека имаме дополнителна причина да воскликнуваме од радост. Дословните пустини и безводни предели ќе цветаат, а тоа ќе нѐ тера да се радуваме. Тогаш луѓето со сини или кафеави очи, или со некоја друга прекрасна нијанса, но кои сега се слепи, ќе можат да гледаат. Нашите сохристијани кои се глуви, па дури и оние од нас кои тешко слушаат, ќе можат јасно да слушаат. Колкава ли радост е да се користи таа способност за да се слуша како некој ја чита и објаснува Божјата Реч, и да се слушаат шумовите на ветрецот низ дрвјата, детската смеа и птичјиот пој!
23 Исто така, тоа ќе значи дека сакатите, вклучувајќи ги и оние кои се мачат со артритис, ќе се движат без болка. Какво олеснување! Тогаш низ пустините ќе бликнат дословни потоци со вода. Ќе ја гледаме и разбранетата вода и нејзиното жуборење. Ќе можеме да шетаме таму и да ја допираме зелената трева и папирусните растенија. Тоа навистина ќе биде обновен Рај. Колкава ќе биде радоста да се наоѓаш во близината на некој лав или друго такво животно, но без страв? Нема потреба дури ни да почнуваме да го опишуваме тоа, затоа што сите ние веќе си го замислуваме и се насладуваме на таквиот пејзаж.
24. Зошто можеш да се сложиш со изјавата во Исаија 35:10?
24 Исаија нѐ уверува: „Ќе се вратат избавените од Господа, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна радост ќе биде над нивната глава“. Затоа, можеме да се согласиме дека имаме причина да воскликнуваме од радост. Радост поради сето она што Јехова веќе го прави за својот народ во нашиот духовен рај и радост поради она што можеме да го очекуваме во дословниот Рај кој е многу близу. За оние кои се радосни — т. е. за нас — Исаија пишува: „Тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе се оддалечат“ (Исаија 35:10).
Дали забележа?
◻ Кое второ исполнување го имало Исаија, поглавје 35?
◻ Што се совпаѓа, во духовна смисла, со чудотворните промени што ги прорекол Исаија?
◻ На кој начин учествуваш ти во исполнувањето на ова пророштво?
◻ Зошто можеме да речеме дека 35. поглавје од Исаија нѐ исполнува со надеж за иднината?
[Слика на страница 15]
Затворот во Рејмонд Стрит во Бруклин (Њујорк), каде што во јуни 1918 година беа притворени седуммина видни браќа
[Слика на страница 16]
Иако во своите доцни години беше речиси слеп, духовната визија на брат Франц остана остра
[Слики на страница 17]
Духовниот раст и напредок се причини за радост