ПОГЛАВЈЕ 3
„Сеќавајте се на оние што ве предводат“
ОВИЕ зборови кои ги кажал апостол Павле се запишани во Евреите 13:7. Од Педесетница 33 год. од н.е., верните апостоли на Господарот Исус Христос служеле како водечко тело. Тие им давале упатства и водство на христијаните во новоформираното собрание (Дела 6:2-4). Отприлика до 49 год. од н.е., освен апостолите на Исус, и други христијани станале дел од водечкото тело. Кога требало да се донесе одлука за обрежувањето, во водечкото тело служеле „апостолите и старешините во Ерусалим“ (Дела 15:1, 2). Тие имале одговорност да ги разгледуваат сите прашања кои влијаеле врз христијаните во тоа време. Водечкото тело преку писма ги испраќало своите одлуки до собранијата. Тоа ги зајакнувало христијаните и им помагало да бидат обединети и во мислите и во постапките. Бидејќи биле послушни и подложни на упатствата од водечкото тело, собранијата напредувале и го имале Јеховиниот благослов (Дела 8:1, 14, 15; 15:22-31; 16:4, 5; Евр. 13:17).
2 По смртта на апостолите, во собранијата се раширило отпадништво (2. Сол. 2:3-12). Токму како што Исус претскажал во својата споредба за пченицата и каколот, врз пченицата (помазаните христијани) бил посеан какол (лажните христијани). Со векови, на пченицата и на каколот им било дозволено да растат заедно сѐ до времето на жетвата, односно „свршетокот на овој поредок“ (Мат. 13:24-30, 36-43). Во текот на тој период, имало поединци кои биле помазани. Иако тие ја имале поддршката од Исус, не постоело водечко тело преку кое тој давал упатства (Мат. 28:20). Сепак, Исус прорекол дека во текот на жетвата ќе дојде до промена.
3 Во една прилика Исус го поставил прашањето: „Кој е верниот и разборит роб?“ Тоа прашање било вовед од една споредба која е поврзана со знакот за свршетокот на овој поредок (Мат. 24:3, 42-47). Исус укажал дека верниот и разборит роб ќе им дава на Божјите слуги духовна храна „во вистинско време“. Во првиот век, Исус го водел собранието преку група мажи, а не преку еден човек. Слично на тоа, верниот и разборит роб што Исус го користи во времето на крајот не го сочинува само еден човек, туку група мажи.
„КОЈ Е ВЕРНИОТ И РАЗБОРИТ РОБ?“
4 Кому Исус му дал задача да ги храни неговите следбеници? Логично е дека за оваа задача користи помазани христијани на Земјата. Во Библијата помазаните христијани се наречени „царско свештенство“ и имаат задача да ги објавуваат доблестите на оној што ги повикал од темнината во својата прекрасна светлина (1. Пет. 2:9; Мал. 2:7; Отк. 12:17). Дали сите помазани христијани го сочинуваат верниот и разборит роб? Не. Кога Исус преку чудо обезбедил храна за едно големо мноштво од околу 5.000 мажи, а и многу жени и деца, храната најпрво им ја дал на учениците, а тие потоа му ја распределиле на народот (Мат. 14:19). Тој користел неколкумина за да нахрани мнозина. Денес, Исус обезбедува духовна храна на сличен начин.
5 Значи, „верниот и разборит управител“ се состои од мала група помазани христијани кои директно се вклучени во подготовката и делењето на духовната храна за време на Христовата присутност (Лука 12:42). Во последните денови, помазаните браќа кои го сочинуваат „верниот и разборит роб“ служат заедно во нашето главно седиште. Овие помазани браќа го сочинуваат Водечкото тело на Јеховините сведоци.
6 Христос го користи Водечкото тело за да објавува информации во врска со исполнувањето на библиските пророштва и за да дава навремени совети и упатства за тоа како да се применуваат библиските начела во животот. Оваа духовна храна се добива преку собранијата на Јеховините сведоци (Иса. 43:10; Гал. 6:16). Во библиски времиња, еден доверлив роб или управител раководел со домаќинството на својот господар. На сличен начин, верниот и разборит роб е задолжен да се грижи за сето она што му припаѓа на Христос на Земјата, вклучувајќи ги и неговите следбеници. Според тоа, верниот и разборит роб има одговорност да раководи со материјалните средства, да го надгледува проповедничкото дело, да се грижи за програмата на собирите и конгресите, да назначува надгледници кои имаат различни задачи во организацијата и да го надгледува производството на библиските публикации. Сето ова е за доброто на слугите (Мат. 24:45).
7 А кои се слугите? Едноставно кажано, тие се оние што ја добиваат духовната храна. Во почетокот на последните денови, сите слуги биле помазаници. Подоцна, и големото мноштво од „други овци“ станале дел од овие слуги (Јован 10:16). И двете групи ја земаат истата духовна храна што ја дели верниот роб.
8 Кога за време на големата неволја ќе дојде да ги објави и да ги изврши осудите врз овој злобен свет, Исус ќе го постави верниот роб „над целиот свој имот“ (Мат. 24:46, 47). Оние што го сочинуваат верниот роб ќе ја добијат својата небесна награда. Сите 144.000 помазаници ќе владеат на небото заедно со Христос. Иако повеќе нема да има верен и разборит роб на Земјата, Јехова и Исус ќе им даваат водство и упатства на поданиците на месијанското Царство преку луѓето што ќе бидат поставени да служат како „кнезови“ (Пс. 45:16).
ЗОШТО ДА СЕ СЕЌАВАМЕ НА ОНИЕ ШТО НЀ ПРЕДВОДАТ?
9 Има многу причини зошто треба да се сеќаваме на оние што нѐ предводат и да покажуваме доверба во нив. Зошто ова е за наше добро? Апостол Павле рекол: „Тие бдеат над вашите души како оние што ќе положат сметка за тоа — за да го прават со радост, а не со воздишки, зашто тоа вам би ви било на штета“ (Евр. 13:17). Браќата што предводат се грижат за нас и нѐ штитат во духовен поглед. Затоа, многу е важно да бидеме послушни и подложни на водството што го добиваме од нив.
10 Во 1. Коринќаните 16:14 Павле напишал: „Сѐ што правите, правете го со љубов!“ Сите одлуки што го засегаат Божјиот народ се темелат на љубов. Во врска со оваа возвишена особина, во 1. Коринќаните 13:4-8 пишува: „Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта не е завидлива, не се фали, не се возвишува, не се однесува непристојно, не ја бара својата корист, не се раздразнува, не го памти злото. Не ѝ се радува на неправдата, а ѝ се радува на вистината. Сѐ поднесува, сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ трпи. Љубовта никогаш не престанува“. Бидејќи љубовта е темел на сите одлуки што ги засегаат Јеховините слуги, можеме да се чувствуваме сигурно и да имаме доверба во водството што го добиваме. Тоа водство е одраз на љубовта што ја чувствува Јехова кон нас.
Многу е важно да бидеме послушни и подложни на водството што го добиваме од оние кои бдеат над нас бидејќи тоа е за наше добро
11 Исто како во првиот век, Јехова и денес користи несовршени луѓе за да го води својот народ. Јехова честопати користел несовршени луѓе за да ја изврши својата волја. На пример, Ное изградил арка и проповедал за уништувањето кое им претстоело на неговите современици (1. Мој. 6:13, 14, 22; 2. Пет. 2:5). Мојсеј добил задача да го изведе Јеховиниот народ од Египет (2. Мој. 3:10). Преку својот свет дух, Јехова водел несовршени луѓе да ја напишат Библијата (2. Тим. 3:16; 2. Пет. 1:21). Тоа што Јехова и денес користи несовршени луѓе за да го води делото на проповедање и поучување, не ја поткопува нашата доверба во Божјата организација. Наместо тоа, нашата вера уште повеќе се зајакнува затоа што сме свесни дека без поддршката од Јехова организацијата никогаш немаше да го постигне сето ова. Низ годините, верниот роб успешно се справил со многу предизвици и со тоа покажал дека е воден од Божјиот дух. Јехова навистина излева обилни благослови врз видливиот дел од својата организација. Затоа, ние ја поддржуваме со цело срце и имаме доверба во неа.
КАКО ПОКАЖУВАМЕ ДЕКА ИМАМЕ ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВА И ВО НЕГОВАТА ОРГАНИЗАЦИЈА?
12 Оние што се поставени на одговорни положби во собранијата покажуваат дека имаат доверба во Божјата организација така што спремно ги прифаќаат и совесно ги извршуваат задачите што им се доверени (Дела 20:28). Како објавители на добрата вест за Царството, ние ревносно проповедаме од куќа до куќа, правиме повторни посети и ја проучуваме Библијата со заинтересираните лица (Мат. 24:14; 28:19, 20). Тоа што добро се подготвуваме за состаноците и присуствуваме на нив, како и на нашите собири и конгреси, ни помага да извлечеме потполна корист од духовната храна што ја добиваме од верниот роб. Многу ни користи тоа што заемно се охрабруваме со нашите браќа и сестри во овие прилики (Евр. 10:24, 25).
13 Покажуваме дека имаме доверба во организацијата кога ја поддржуваме со нашите материјални прилози (Изр. 3:9, 10). Освен тоа, кога на нашите браќа им треба материјална помош, спремни сме веднаш да им помогнеме (Гал. 6:10; 1. Тим. 6:18). Ние многу ги сакаме нашите соверници и секогаш бараме прилики да покажеме ценење за добрината на Јехова и на неговата организација (Јован 13:35).
14 Покажуваме дека имаме доверба во нашата организација и така што ги поддржуваме одлуките што ќе ги донесат браќата кои предводат. Во ова е вклучено понизно да го следиме водството на надгледниците, како што се покраинските надгледници и собраниските старешини. Тие се меѓу оние што нѐ предводат и оние на кои треба да им бидеме послушни и подложни (Евр. 13:7, 17). Дури и ако некогаш не разбираме од кои причини се донесени некои одлуки, уверени сме дека е за наше добро да ги поддржуваме. Јехова нѐ благословува поради тоа што сме послушни на неговата Реч и на неговата организација. На тој начин покажуваме дека сме му подложни на нашиот Господар, Исус Христос.
15 Навистина имаме безброј причини да покажуваме доверба во верниот и разборит роб. Сатана, богот на овој свет, се труди со сите сили да им нанесе срам на Јеховиното име и на неговата организација (2. Кор. 4:4). Не дозволувај Сатана да те измами! (2. Кор. 2:11). Тој знае дека „има кратко време“ пред да биде фрлен во бездна и затоа е решен да оддалечи од Бог колку што е можно повеќе негови слуги (Отк. 12:12). И покрај тоа, ние можеме да му се спротивставиме на Сатана, кој сѐ повеќе нѐ напаѓа, така што ќе стануваме сѐ поблиски со Јехова. Да покажуваме доверба во Јехова и во верниот роб што тој го користи за да го води својот народ денес! Ако го правиме тоа, ќе бидеме обединети со нашите браќа и сестри од целиот свет.