Да му се служи на Јехова со самопожртвуван дух
„Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст [маченички столб, „NW“] и [постојано, „NW“] да оди по Мене“ (МАТЕЈ 16:24).
1. Како Исус ги известил своите ученици за неговата претстојна смрт?
ВО БЛИЗИНАТА на планината Хермон покриена со снег, Исус Христос ја достигнува главната пресвртница во својот живот. Му останува помалку од една година живот. Тој го знае тоа, но неговите ученици не. Сега дошло времето и тие да дознаат. Вистина, Исус укажувал на својата претстојна смрт, но сега за првпат е толку јасен околу неа (Матеј 9:15; 12:40). Матеевиот извештај гласи: „Оттогаш почна Исус на Своите ученици да им открива дека Он треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне“ (Матеј 16:21; Марко 8:31, 32).
2. Како реагирал Петар на Исусовите зборови во врска со Неговото идно страдање, и како одговорил Исус?
2 Деновите на Исус му се изброени. Но, Петар огорчено реагира на таквата наизглед морбидна помисла. Тој не може да се сложи со тоа дека Месијата навистина ќе биде убиен. Затоа, Петар се осмелува да го прекори својот Учител. Поттикнат од најдобри намери, тој нагло ургира: „Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!“ Но Исус веднаш ја отфрла Петровата погрешно укажана љубезност, толку сигурно како што некој би згмечил глава на отровна змија. „Бегај од Мене, сатано! Ти си Ми соблазан оти мислиш не за она, што е Божјо, а за она, што е човечко!“ (Матеј 16:22, 23).
3. а) Како Петар несвесно се направил застапник на Сатана? б) Како Петар бил камен на препнување во поглед на самопожртвуваноста?
3 Петар несвесно се направил застапник на Сатана. Исусовиот остар одговор е исто толку одлучен како кога му одговорил на Сатана во пустината. Тогаш Ѓаволот се обидел да го искуша Исус со удобен живот, со царствување без да страда (Матеј 4:1-10). Сега Петар го охрабрува да биде благ спрема себеси. Исус знае оти тоа не е волјата на неговиот Татко. Неговиот живот мора да биде живот на самопожртвуваност, а не на самозадоволство (Матеј 20:28). На тој начин Петар станува камен на спрепнување; неговото добронамерно сочувство станува замка.a Сепак, Исус јасно гледа дека ако се бави со некаква идеја за живот без жртви, би отпаднал од Божјата милост така што би бил фатен во смртниот стисок на сатанската замка.
4. Зошто Исус не сакал живот на самопопустлив комфор за себе и за своите ученици?
4 Затоа, Петровото мислење требало да биде исправено. Неговите зборови до Исус претставувале човечка замисла, а не Божја. Исус не сакал таков живот на самопопустлив комфор и лесен начин за излез од страдањето ниту за себе ниту за неговите следбеници бидејќи понатаму, на Петар и на останатите ученици, Исус им вели: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст [маченички столб, NW] и [постојано, NW] да оди по Мене“ (Матеј 16:24).
5. а) Што е предизвикот да се води христијански живот? б) За кои три неопходни работи мора да биде подготвен еден христијанин?
5 Секогаш одново, Исус се навраќа на оваа клучна тема: предизвикот да се води христијански живот. За да бидат Исусови следбеници, христијаните, исто како нивниот Водач, мораат да му служат на Јехова со дух на самопожртвуваност (Матеј 10:37-39). Затоа, тој набројува три неопходни работи коишто еден христијанин мора да биде подготвен да ги прави: 1) да се одрече од себеси, 2) да го земе својот маченички столб и 3) постојано да го следи Него.
„Ако некој сака да врви по Мене“
6. а) Како може некое лице да се одрече од себе? б) На кого мораме да му угодиме повеќе отколку на себеси?
6 Што значи да се одрече од себе? Тоа значи дека лицето мора потполно да се откаже од себе, како да се усмртвува себеси. Основното значење на грчкиот збор што е преведен со „одрече“ е „да каже не“; тој значи „наполно да се откаже“. Според тоа, ако го прифатиш предизвикот на христијанскиот живот, ти мораш доброволно да се откажеш од своите амбиции, комфор, желби, среќа и задоволства. Всушност, ти засекогаш му го даваш на Јехова целиот свој живот и сѐ што тој вклучува. Да се одречеш од себе значи повеќе отколку одвреме-навреме да се откажеш од извесни задоволства. Наместо тоа, тоа значи дека правото да се поседува себеси лицето мора да му го препушти на Јехова (1. Коринтјаните 6:19, 20). Лицето кое се одрекло од себеси не живее да си угоди на себеси, туку на Бог (Римјаните 14:8; 15:3). Тоа значи дека секој момент од неговиот живот тој им вели ‚не‘ на себичните желби, а ‚да‘ на Јехова.
7. Што е христијанскиот маченички столб, и како тој се носи?
7 Затоа, да се земе својот маченички столб има сериозни импликации. Носењето столб значи товар и симбол на смрт. Христијанинот е спремен да страда ако треба, или да биде посрамен или мачен, па дури и погубен затоа што е следбеник на Исус Христос. Исус рекол: „Кој не го земе крстот [маченичкиот столб, NW] свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене“ (Матеј 10:38). Не значи дека секој што страда носи и маченички столб. Злобните имаат многу „маки“, но немаат маченички столб (Псалми 31:10). Меѓутоа, животот на еден христијанин значи живот на носење на маченичкиот столб на пожртвувана служба за Јехова.
8. Каков образец на живот оставил Исус за своите следбеници?
8 Последниот услов што го споменал Исус е постојано да го следиме. Исус не бара само да го прифатиме и да веруваме во она што тој го учел, туку и за целиот наш живот, постојано да го следиме примерот што го оставил тој. А кои се некои од доминантните обележја кои се гледале во неговиот образец на живот? Кога им го дал конечниот налог на своите ученици, тој рекол: „Одете и научете ги . . ., учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал“ (Матеј 28:19, 20). Исус проповедал и поучувал за добрата вест на Царството. Така правеле неговите први ученици како и целото првобитно христијанско собрание. Освен тоа што не биле дел од светот, таа ревносна активност им донела омраза и противење од страна на светот, што довело до тоа нивниот маченички столб да биде уште потежок за носење (Јован 15:19, 20; Дела на св. апостоли 8:4).
9. Како Исус постапувал со другите луѓе?
9 Друго истакнато обележје што било видено во Исусовиот живот бил начинот како тој постапувал со другите луѓе. Тој бил љубезен и „кроток и смирен по срце“. Така, неговите слушатели се чувствувале обновени во духот и биле охрабрени од неговото присуство (Матеј 11:29). Тој не ги застрашувал дека мораат да го следат или пак да поставува правило врз правило како да го прават тоа; ниту побудувал чувства на вина за да ги присили да бидат негови ученици. И покрај нивниот самопожртвуван живот, тие зрачеле со искрена радост. Колку тоа се разликува од оние кои имаат светски дух на самопопустливост кој ги обележува „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1-4).
Развивај го и задржи го Исусовиот самопожртвуван дух
10. а) Според Филипјаните 2:5-8, како Исус се одрекол од себе? б) Кој мисловен став мораме да го покажуваме ако сме Христови следбеници?
10 Исус лично го дал примерот во одречувањето од себе. Тој го зел својот маченички столб и постојано го носел така што ја вршел волјата на Татка си. Павле им напишал на христијаните во Филипи: „Зачувајте го во себе овој мисловен став кој беше и во Христос Исус, кој, иако постоеше во Божји облик, не размислуваше за тоа да присвои нешто сосила, имено, да биде еднаков на Бог. Не, туку се одрече од самиот себе и зеде облик на роб и стана сличен на луѓето. Повеќе од тоа, кога се најде во човечки облик, се понизи себеси и стана послушен дури до смртта, да, до смрт на маченички столб“ (Филипјаните 2:5-8, NW). Кој би можел да се одрече од уште повеќе? Ако му припаѓаш на Христос Исус и си негов следбеник, мораш да го задржиш истиот овој мисловен став.
11. За чија волја значи да се живее ако се води самопожртвуван живот?
11 Еден друг апостол, Петар, ни кажува дека, бидејќи Исус пострадал и умрел за нас, христијаните треба да се вооружат, како добро опремени војници, со истиот дух што го имал Христос. Тој пишува: „Бидејќи, пак, Христос пострада со телото за нас, тогаш вооружете се вие со таа мисла [мисловен став, NW]; оти, кој ќе пострада со телото, престанува да греши, та преостанатото време на животот во телото да не го проживее веќе со човечки похоти, туку според волјата Божја“ (1. Петрово 3:18; 4:1, 2). Исусовиот самопожртвуван пат јасно покажал што тој мислел за Божјата волја. Бил одлучен во својата оддаденост и секогаш волјата на својот Татко ја ставал пред сопствената, сѐ до срамната смрт (Матеј 6:10; Лука 22:42).
12. Дали самопожртвуваниот живот му бил непријатен на Исус? Објасни.
12 Иако Исусовиот самопожртвуван живот бил тежок и предизвикувачки пат што требало да го следи, тој не го сметал за непријатен. Наместо тоа, за Исус било задоволство да се подложува на божествената волја. За него вршењето на Татковото дело било како храна. Наоѓал вистинско задоволство во тоа, како во некое добро јадење (Матеј 4:4; Јован 4:34). Така, ако сакаш да се чувствуваш вистински исполнет во животот, не можеш да направиш ништо подобро отколку да го следиш примерот на Исус негувајќи го неговото душевно расположение.
13. Како љубовта е мотивирачката сила која стои зад духот на самопожртвуваност?
13 Навистина, која е мотивирачката сила зад духот на самопожртвуваноста? Со еден збор — љубов. Исус рекол: „,Возљуби Го Господа [Јехова, NW], својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси!‘“ (Матеј 22:37-39). Христијанинот не може да биде саможив, а истовремено, послушен на овие зборови. Неговата лична среќа и интерес мора да се управувани пред сѐ од неговата љубов кон Јехова, а потоа од неговата љубов кон ближниот. На тој начин Исус го поминал својот живот, и токму тоа го очекува од своите следбеници.
14. а) Кои одговорности се објаснети во Евреите 13:15, 16? б) Што нѐ поттикнува да ја проповедаме добрата вест со ревност?
14 Апостолот Павле го сфатил овој закон на љубовта. Тој напишал: „Преку Него, пак, секогаш да Му принесуваме на Бога пофална жртва, односно плод од усните, што го прославуваат името Негово. А доброчинството и милосрдноста не ги заборавајте, зашто такви жртви Му се благоугодни на Бога“ (Евреите 13:15, 16). Христијаните не му принесуваат на Јехова животински жртви или слично; затоа, ним не им се потребни човечки свештеници во материјален храм за да вршат обредна служба во нивното обожавање. Нашата жртва на фалба ја нудиме преку Исус Христос. И во основа, нашата љубов кон Бог ја покажуваме преку таа жртва на фалба, преку таа јавна изјава за неговото име. Особено нашиот несебичен дух кој се темели на љубов, нѐ поттикнува да ја проповедаме добрата вест со ревност, стремејќи се секогаш да бидеме спремни да му го принесуваме на Бог плодот на нашите усни. На тој начин покажуваме љубов и спрема ближниот.
Самопожртвуваноста донесува богати благослови
15. Кои тест-прашања можеме да си ги поставиме во врска со самопожртвуваноста?
15 Застани за момент и размисли за следниве прашања: Дали мојот сегашен начин на живот покажува дека следам пат на самопожртвуваност? Дали моите цели укажуваат на еден таков живот? Дали членовите на моето семејство жнеат духовни добивки од мојот пример? (Спореди 1. Тимотеј 5:8.) Што е со сирачињата и вдовиците? Дали тие имаат корист од мојот самопожртвуван дух? (Јаков 1:27). Можам ли да го проширам времето што го поминувам во мојата јавна жртва на фалба? Дали можам да се стремам по предноста на пионерска, бетелска или мисионерска служба, или дали можам да се преселам во подрачје каде што има поголема потреба од објавители на Царството?
16. Како досетливоста може да ни помогне да водиме самопожртвуван живот?
16 Понекогаш е потребно само малку досетливост за да го искористиме нашиот полн потенцијал за служење на Јехова со самопожртвуван дух. На пример, Џанет, општа пионерка од Еквадор, имала осумчасовна световна работа. Наскоро нејзиниот план почнал да ѝ отежнува да ја исполни со весел дух квотата на часови за општи пионери. Решила да му го објасни проблемот на својот работодавач и побарала скратување на работните часови. Бидејќи не сакал да ѝ го скрати работното време, таа потоа ја довела Марија, која барала работа со скратено работно време за да може да биде пионерка. Обете понудиле да работат по половина ден и да ја делат осумчасовната работа. Работодавачот се согласил со понудата. Сега обете сестри се општи пионерки. Кога го видела одличниот резултат, Кафа, која исто така била исцрпена од осумчасовната работа за истата компанија и од напрегањето да го постигне своето време за пионерска служба, ја повела Магали и го понудила истото. И таа била прифатена. Така, четири сестри се во можност да бидат пионерки, наместо две кои само што не ја напуштиле полновремената служба. Досетливоста и иницијативата се исплатиле.
17-21. Како една брачна двојка наново ги проценила своите цели во животот, и со каков резултат?
17 Понатаму, размисли за патот на самопожртвуваност што го следела Ивона во текот на последниве десет години. Во мај 1991 го напишала следново до Watch Tower Society:
18 „Во октомври 1982, заедно со моето семејство бевме на обиколка низ бруклинскиот Бетел. Тоа што го видов ме натера да посакам да работам таму како доброволец. Прочитав една молба и во неа забележав едно прашање: ‚Колкав ти е просекот на часови во служба на проповедање во последните шест месеци? Ако просекот ти е под десет, објасни зошто‘. Не можев да помислам на ниедна оправдана причина за малиот број часови, па си поставив цел и ја постигнав за пет месеци.“
19 „Иако можев да се сетам на неколку оправдувања зошто не сум пионерка, кога го прочитав 1983 Yearbook of Jehovah’s Witnesses (Годишникот на Јеховини сведоци за 1983), бев уверена дека други морале да совладаат поголеми препреки од моите за да станат пионери. Така, на 1. април 1983 престанав со мојата доходна работа и станав помошен пионер, а на 1. септември 1983 стапив во редовите на општите пионери.“
20 „Подоцна, ми беше мило што во април 1985 се омажив со еден извонреден слуга помошник. По три години, едно предавање на обласниот конгрес го поттикна мојот сопруг да се наведне и да ме праша: ‚Дали гледаш некоја причина зошто јас не би започнал со пионерска служба од 1. септември?‘ Во следните две години тој ме придружуваше во ова дело.“
21 „Мојот сопруг исто така две седмици работеше доброволно на градежната работа во бруклинскиот Бетел и поднесе молба за Меѓународната градежна програма. Така, во мај 1989, отидовме во Нигерија на еден месец за да помагаме во изградбата на подружницата. Утре патуваме за Германија, каде што ќе бидат направени визите за влез во Полска. Возбудени сме што сме вклучени во еден ваков историски градежен проект и што учествуваме во овој нов вид на полновремена служба.“
22. а) Како би можеле несвесно, како Петар, да станеме камен на препнување? б) Од што не зависи служењето на Јехова со самопожртвуван дух?
22 Ако не си во можност самиот да бидеш пионер, можеш ли да ги охрабриш оние кои се во полновремената служба да се држат за нивната предност и можеби дури и да им помагаш во тоа? Или ќе бидеш како некои добронамерни членови на семејството или пријатели кои, како Петар, би можеле на некој полновремен слуга да му кажат да се опушти и да живее удобно, да биде благ спрема себеси, без да увидат колкав камен на препнување може да биде тоа? Вистина, ако здравјето на пионерот е сериозно загрозено или ако ги запоставува христијанските обврски, можеби ќе треба да ја напушти полновремената служба за некое време. Служењето на Јехова со самопожртвуван дух не зависи од некаква ознака, како на пример пионер, бетелски работник или друго, туку зависи од тоа какви сме како личности — како размислуваме, што правиме, како постапуваме со другите, каков живот водиме.
23. а) Како можеме и понатаму да ја имаме радоста што сме соработници на Бог? б) Каква гаранција наоѓаме во Евреите 6:10-12?
23 Ако навистина имаме самопожртвуван дух, ќе ја имаме радоста што сме соработници со Бог (1. Коринтјаните 3:9). Ќе бидеме задоволни што знаеме дека го радуваме Јеховиното срце (Соломонови изреки 27:11). И ја имаме гаранцијата дека Јехова нема никогаш да нѐ отфрли сѐ додека ние сме му верни (Евреите 6:10-12).
[Фуснота]
a На грчки, „камен на спрепнување“ (σκανδαλον, ска́ндалон) првобитно било „името на делот од стапицата на кој се прикачува мамката, па според тоа и на самата замка или стапица“ (Vine’s Expository Dictionary of Old and New Testament Words).
Што мислиш?
◻ Како Петар несвесно станал камен на препнување во поглед на самопожртвуваноста?
◻ Што значи да се одречеш од себе?
◻ Како еден христијанин го носи својот маченички столб?
◻ Како развиваме и задржуваме самопожртвуван дух?
◻ Која е мотивирачката сила која стои зад духот на самопожртвуваност?
[Слика на страница 10]
Дали си спремен да се одречеш од себе, да го земеш својот маченички столб и постојано да го следиш Исус?