СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 42
Дали си спремен да послушаш?
Мудроста одозгора е спремна да послуша (ЈАК. 3:17)
ПЕСНА 101 Да бидеме сложни и единствени
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Зошто може да ни биде тешко да бидеме послушни?
ДАЛИ понекогаш ти е тешко да бидеш послушен? Таков предизвик имал цар Давид. Затоа тој го молел Бог: „Разбуди во мене желба да ја вршам твојата волја“ (Пс. 51:12). Давид го сакал Јехова. Сепак, понекогаш му било тешко да биде послушен, а тоа е случај и со нас. Зошто? Прво, ние имаме вродена склоност да бидеме непослушни. Второ, Сатана постојано се обидува да нѐ наведе да почнеме да се бунтуваме против Јехова исто како што се побунил тој (2. Кор. 11:3). Трето, живееме во свет во кој преовладува бунтовен став, кој во Библијата е наречен „духот кој сега дејствува во непослушните синови“ (Еф. 2:2). Мора да вложиме голем труд не само за да се бориме против нашата склоност да грешиме туку и за да се спротивставиме на притисокот што Ѓаволот и овој свет го вршат врз нас за да станеме непослушни. Ние мора силно да се напрегаме за да им бидеме послушни на Јехова и на оние на кои тој им дал одреден авторитет.
2. Што значи да бидеме спремни да послушаме? (Јаков 3:17).
2 Прочитај Јаков 3:17. Под водство на светиот дух, Јаков напишал дека една мудра личност е „спремна да послуша“. Размисли што значи тоа. Треба да имаме желба да им бидеме послушни на оние на кои Јехова им доверил одредена мера авторитет и треба да го правиме тоа спремно. Се разбира, Јехова не очекува да му бидеме послушни на некој што од нас бара да постапиме спротивно на Божјите заповеди (Дела 4:18-20).
3. Зошто на Јехова му е важно да им бидеме послушни на оние кои имаат авторитет над нас?
3 Можеби ни е полесно да му бидеме послушни на Јехова, отколку на некој човек. Тоа е така, затоа што Јехова секогаш ни дава совршено водство (Пс. 19:7). Но, тоа не е случај и со луѓето кои имаат некаков авторитет. Сепак, нашиот небесен Татко им дал одредена мера авторитет на родителите, властите и старешините (Изр. 6:20; 1. Сол. 5:12; 1. Пет. 2:13, 14). Кога сме им послушни ним, всушност, ние сме му послушни на Јехова. Да видиме како можеме да им бидеме послушни на луѓето на кои Јехова им доверил некаков авторитет, иако понекогаш не ни е лесно да го прифатиме и да го следиме нивното водство.
БИДИ ИМ ПОСЛУШЕН НА РОДИТЕЛИТЕ
4. Зошто многу деца не им се послушни на родителите?
4 Младите се опкружени со врсници кои им се „непослушни на родителите“ (2. Тим. 3:1, 2). Зошто многу од нив се непослушни? Некои деца сметаат дека нивните родители се лицемерни затоа што очекуваат од нив да прават нешто што и самите не го прават. Други сметаат дека советите од нивните родители се застарени, непрактични или премногу строги. Ако си млад, дали и ти понекогаш мислиш така? На многумина им е тешко да се држат за заповедта на Јехова: „Слушајте ги своите родители во Господарот, зашто тоа е праведно“ (Еф. 6:1). Што може да ти помогне да бидеш послушен на оваа заповед?
5. Зошто Исус е најдобар пример за послушност кон родителите? (Лука 2:46-52).
5 Можеш многу да научиш за послушноста од Исус, кој е најдобар пример во тој поглед (1. Пет. 2:21-24). Тој бил совршен човек, а имал несовршени родители. Но, Исус ги почитувал своите родители дури и кога тие правеле грешки и погрешно го разбирале во некои прилики (2. Мој. 20:12). Размисли што се случило кога тој имал 12 години. (Прочитај Лука 2:46-52.) Кога после еден празник се враќале од Ерусалим, Јосиф и Марија не забележале дека Исус го нема. Се разбира, нивна била одговорноста да проверат дали сите нивни деца се во групата со која патувале. Кога Јосиф и Марија конечно го нашле Исус, Марија го обвинила него дека им направил проблем. Тој можел да им каже дека тоа не е праведно. Наместо тоа, Исус им одговорил едноставно и со почит. Но, Јосиф и Марија не ги разбрале зборовите што им ги кажал. И покрај тоа, Исус и понатаму им бил послушен.
6-7. Што може да им помогне на младите да им бидат послушни на родителите?
6 Млади, дали ви е тешко да им бидете послушни на вашите родители кога ќе направат некоја грешка, или пак погрешно ќе ве разберат за нешто? Што може да ви помогне? Прво, мислете на тоа како се чувствува Јехова. Во Библијата пишува дека кога сте им послушни на вашите родители, „тоа му се допаѓа на Господарот“ (Кол. 3:20). Јехова знае дека понекогаш вашите родители не ве разбираат во потполност и дека понекогаш ви поставуваат правила кои не се лесни. Но, ако и покрај тоа одлучите да им бидете послушни, ќе го радувате Јехова.
7 Второ, мислете на тоа како се чувствуваат вашите родители. Кога сте им послушни, вие ги радувате и ја стекнувате нивната доверба (Изр. 23:22-25). Така веројатно ќе станете уште поблиски со нив. Еден брат од Белгија, по име Александар, вели: „Откако почнав да им бидам послушен на моите родители, станавме поблиски еден со друг и посреќни“.b Трето, размисли како тоа што ќе бидеш послушен сега, ќе ти користи и во иднина. Пауло, кој живее во Бразил, вели: „Тоа што научив да им бидам послушен на моите родители, ми помогна да им бидам послушен на Јехова и на другите што имаат некаков авторитет“. Божјата Реч дава силна причина зошто треба да им бидеш послушен на твоите родители. Таа вели: „За да ти биде добро и да останеш долго на земјата“ (Еф. 6:2, 3).
8. Зошто многу млади одлучуваат да им бидат послушни на родителите?
8 Многу млади увиделе колку е корисно да бидат послушни. На Луиза од Бразил од почеток ѝ било тешко да сфати зошто родителите некое време не ѝ дозволувале да има свој мобилен телефон. Тоа ѝ било тешко да го сфати, особено затоа што повеќето нејзини врсници имале телефон. Но, потоа сфатила дека родителите всушност сакале да ја заштитат. Таа сега вели: „Тоа што сум им послушна на моите родители не е нешто што ми ги врзува рацете, туку нешто што може да ми го спаси животот исто како еден сигурносен појас во автомобил“. На Елизабет од САД понекогаш ѝ е тешко да им биде послушна на родителите. Таа објаснува: „Кога не можам потполно да сфатам зошто моите родители ми поставуваат некое правило, се присетувам на некои ситуации во кои нивните правила ме заштитија“. Моника, која живее во Ерменија, вели дека секогаш имала подобри резултати кога им била послушна на родителите отколку кога не им била послушна.
БИДИ ИМ ПОСЛУШЕН НА ВЛАСТИТЕ
9. Како гледаат многу луѓе на послушноста кон законот?
9 Многу луѓе се согласуваат дека е добро да има световни влади, и дека треба да им бидеме послушни барем на некои од законите што ги носат властите (Рим. 13:1). Но, истите тие луѓе одбиваат да им бидат послушни на законите кои не им се допаѓаат или им изгледаат неправедни. Да го земеме за пример плаќањето даноци. Голем број од анкетираните во една европска земја сметаат „дека е во ред да не плаќаш даноци доколку мислиш дека тие се неправедни“. Затоа, не е за изненадување што граѓаните во таа земја плаќаат само околу две третини од даноците што ги бара владата.
10. Зошто сме им послушни дури и на оние закони што не ни се допаѓаат?
10 Од Библијата дознаваме дека човечките влади предизвикуваат страдање, дека се под власта на Сатана и дека наскоро ќе бидат уништени (Пс. 110:5, 6; Проп. 8:9; Лука 4:5, 6). Исто така, таа вели дека „оној што ѝ се спротивставува на власта, се противи на Божјето уредување“. Засега, Јехова им дозволува на човечките влади да постојат за да можат да одржуваат ред, и тој очекува да им бидеме послушни. Затоа, ние мора да ја почитуваме следнава заповед: „Давајте му го секому она што му припаѓа“. Во тоа спаѓаат даноците, почитта и послушноста (Рим. 13:1-7). Можеби сметаме дека некој закон е несоодветен, неправеден или дека скапо ќе нѐ чини ако се придржуваме за него. Но, ние сме му послушни на Јехова, а тој ни вели да им бидеме послушни на властите сѐ додека тие не бараат од нас да ги прекршиме неговите заповеди (Дела 5:29).
11-12. Според Лука 2:1-6, што направиле Јосиф и Марија од послушност кон законот иако не им било лесно, и кои биле резултатите? (Види ги и сликите.)
11 Можеме многу да научиме од примерот на Јосиф и Марија кои спремно им биле послушни на властите дури и кога тоа не било лесно. (Прочитај Лука 2:1-6.) Кога Марија била во околу деветтиот месец од бременоста, послушноста на Јосиф и Марија кон властите била ставена на испит. Август, кој владеел со Римската Империја, донел закон според кој секој требало да оди во своето родно место за да биде попишан. Јосиф и Марија требало да одат во Витлеем, што значело дека требало да патуваат 150 километри низ ридско подрачје. Таквото патување не било лесно, особено за Марија. Тие можеби биле загрижени што би можело да се случи доколку Марија добиела породилни болки додека биле на пат. Нивната загриженост околу здравјето и безбедноста на бебето можеби била уште поголема бидејќи Марија требало да го роди идниот Месија. Дали ова можело да им биде изговор за да не им бидат послушни на властите?
12 Иако Јосиф и Марија имале причини да бидат загрижени, сепак тие биле послушни на законот. Јехова ја благословил нивната послушност. Марија пристигнала безбедно во Витлеем, родила здраво бебе, па дури придонела да се исполни едно библиско пророштво (Мих. 5:2).
13. Како нашата послушност може да влијае врз нашите браќа и сестри?
13 Кога сме им послушни на властите, тоа ни користи и нам и на другите. На кој начин? Како прво, се поштедуваме од казната која обично им следува на оние кои не му се послушни на законот (Рим. 13:4). Кога секој од нас е послушен на властите, со тоа придонесува тие да имаат добро мислење за Јеховините сведоци како целина. На пример, во Нигерија, пред неколку децении, за време на еден собраниски состанок, во една сала на Јеховините сведоци влегле војници кои барале бунтовници што не сакаат да плаќаат даноци. Но, офицерот им рекол на војниците да си заминат, велејќи им: „Јеховините сведоци секогаш ги плаќаат даноците“. Секојпат кога си му послушен на законот, придонесуваш да се зачува доброто име на Јеховините сведоци. Таквото добро име еден ден може да послужи како заштита за твоите браќа и сестри (Мат. 5:16).
14. Што ѝ помогнало на една сестра да им биде послушна на властите?
14 Сепак, можеби нема секогаш да сакаме да им бидеме послушни на властите. Џоана, една сестра од САД, признава: „Многу ми беше тешко да бидам послушна бидејќи некои членови од моето семејство претрпеа неправда од страна на властите“. Но, Џоана вложила свесен напор за да го смени својот начин на размислување. Прво, престанала да чита објави на социјалните мрежи кои во неа разгоруваат негативни чувства кон властите (Изр. 20:3). Второ, таа го молела Јехова да ѝ помогне да има доверба во него, наместо да се надева на промена на власта (Пс. 9:9, 10). Трето, таа читала статии во нашите публикации во врска со неутралноста (Јован 17:16). Џоана сега вели дека, тоа што ги почитува властите и тоа што им е послушна, ѝ носи мир кој не може да се опише со зборови.
БИДИ ПОСЛУШЕН НА УПАТСТВАТА ОД ЈЕХОВИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА
15. Зошто може да ни биде тешко да послушаме некое упатство кое ни го дава Јеховината организација?
15 Јехова бара од нас да им бидеме послушни на оние кои предводат во собранието (Евр. 13:17). Нашиот Водач, Исус, е совршен, но браќата кои тој ги поставил да предводат овде на Земјата не се. Можеби не ни е лесно да им бидеме послушни, особено ако бараат од нас нешто што не сакаме да го направиме. Во една прилика, на апостол Петар му било дадено едно упатство што од почеток не сакал да го послуша. Кога еден ангел му рекол да јаде животни кои според Мојсеевиот закон биле нечисти, Петар одбил — и тоа не еднаш, туку трипати (Дела 10:9-16). Зошто? Новото упатство не му било логично. Тоа било потполно различно од она што го правел целиот свој живот. Ако на Петар му било тешко да послуша упатство од еден совршен ангел, колку потешко може да ни биде нам да послушаме упатство од несовршен човек!
16. Иако упатството што го добил можеби му изгледало неразумно, што одлучил апостол Павле да направи? (Дела 21:23, 24, 26).
16 Апостол Павле бил спремен да послуша дури и кога добил упатство кое можеби му се чинело неразумно. Христијаните со еврејско потекло чуле гласини за Павле дека ги поучува Евреите што се меѓу незнабожците „да отстапат од Мојсеј“ и дека не го почитува Мојсеевиот закон (Дела 21:21). Христијанските старешини во Ерусалим му рекле на Павле да земе четворица луѓе, да оди со нив во храмот и да се исчисти обредно за да покаже дека се држи за Законот. Но, Павле знаел дека христијаните повеќе не се под Законот. Освен тоа, не направил ништо погрешно. Сепак, Павле веднаш послушал. Во Библијата пишува: „Павле утредента ги поведе тие луѓе [и] се исчисти обредно заедно со нив“. (Прочитај Дела 21:23, 24, 26.) Со својата послушност Павле придонел да се зачува единството меѓу браќата (Рим. 14:19, 21).
17. Што учиш од искуството на Стефани?
17 На една сестра по име Стефани ѝ било тешко да прифати една одлука која ја донеле одговорните браќа во нејзината земја. Таа и нејзиниот сопруг со радост служеле во една група на странски јазик. Потоа, подружницата ја укинала групата, и овој брачен пар требало повторно да се врати во собранието на нивниот мајчин јазик. „Бев многу тажна“, признава Стефани. „Не се согласував со тоа дека има поголема потреба од објавители на нашиот мајчин јазик.“ Сепак, таа одлучила да го поддржи новото упатство. Стефани вели: „По некое време, сфатив колку мудра беше таа одлука. Им станавме духовни родители на неколку браќа и сестри во нашето собрание кои беа сами во вистината. Проучувам со една сестра која од скоро почна повторно да проповеда. Освен тоа, сега имам повеќе време за лично проучување“. Стефани додава: „Имам чиста совест бидејќи знам дека давам сѐ од себе за да бидам послушна“.
18. Како ни користи послушноста?
18 Секој од нас може да научи да биде послушен. Исус се научил на послушност, но не затоа што имал идеални услови за тоа, туку од она што го претрпел (Евр. 5:8). Слично како Исус, и ние честопати се учиме на послушност кога сме во тешки околности. На пример, на почетокот од пандемијата со КОВИД-19, добивме упатство да не ги одржуваме состаноците во нашите сали и да прекинеме да проповедаме од куќа до куќа. Дали ти беше тешко да го послушаш ова упатство? Сепак, твојата послушност те заштити, придонесе да се зачува единството во собранието и го радуваше Јехова. Сега, сите ние сме подобро подготвени за да го послушаме кое и да било упатство што ќе го добиеме за време на големата неволја. Нашиот живот ќе зависи од тоа! (Јов 36:11).
19. Зошто сакаш да бидеш послушен?
19 Во оваа статија видовме дека послушноста носи безброј благослови. Но, ние избираме да му бидеме послушни на Јехова првенствено затоа што го сакаме и имаме желба да го радуваме (1. Јов. 5:3). Ние никогаш нема да можеме да му се оддолжиме на Јехова за сето она што тој го направил за нас (Пс. 116:12). Но, ние можеме да му бидеме послушни нему и на оние кои имаат авторитет над нас. Ако сме послушни, покажуваме дека сме мудри, а кога сме мудри, го радуваме Јеховиното срце (Изр. 27:11).
ПЕСНА 89 Применувај сѐ што учиш
a Бидејќи сме несовршени, понекогаш на сите нам ни е тешко да бидеме послушни, дури и кога оној што ни го дава упатството има авторитет да го прави тоа. Во оваа статија ќе разгледаме каква корист имаат оние што им се послушни на своите родители, на властите и на браќата кои предводат во христијанското собрание.
b Повеќе предлози за тоа како да разговараш со твоите родители во врска со правилата на кои ти е тешко да им бидеш послушен, може да најдеш на jw.org во статијата „Како да зборувам за правилата со родителите?“
c ОПИС НА СЛИКАТА: Јосиф и Марија ја послушале заповедта на цезарот и отишле во Витлеем за да се попишат. Од послушност кон законот, христијаните денес ги почитуваат сообраќајните правила, плаќаат даноци и се држат за здравствените мерки што ги носат властите.