„Почитувајте ги оние што се трудат меѓу вас“
„Почитувајте ги оние што се трудат меѓу вас и предводат во делото на Господарот и ве опоменуваат“ (1. СОЛ. 5:12)
1, 2. а) Каква била ситуацијата во собранието во Солун кога Павле им го напишал своето прво писмо на христијаните во тој град? б) На што ги поттикнал Павле браќата во Солун?
ЗАМИСЛИ дека си член на собранието во Солун кое постоело во првиот век и било едно од првите христијански собранија во Европа. Апостол Павле останал прилично долго во овој град храбрејќи ги тамошните браќа. Веројатно поставил и старешини за да предводат, исто како што правел и во други места (Дела 14:23). Но, откако било основано ова собрание, Евреите собрале насилна толпа со намера да ги фатат Павле и Сила, кои поради тоа морале да го напуштат градот. Христијаните кои останале можеби се чувствувале напуштени, па дури и исплашени.
2 Се разбира, откако заминал од Солун, Павле бил загрижен за браќата во ова ново собрание. Се обидел да се врати кај нив, ‚но Сатана го спречил‘. Затоа го испратил Тимотеј да ги охрабри (1. Сол. 2:18; 3:2). Кога Тимотеј се вратил со добри вести, Павле бил поттикнат да им го напише своето прво писмо. Меѓу другото, тој ги советувал да ‚ги почитуваат оние што предводат‘ меѓу нив. (Прочитај 1. Солуњаните 5:12, 13.)
3. Од кои причини христијаните во Солун требало особено да ги ценат старешините?
3 Христијаните што го предводеле собранието во Солун не биле искусни како Павле и неговите соработници, а не биле ни толку долго во вистината како старешините во Ерусалим. Впрочем, не поминала ни цела година откако било основано ова собрание до моментот кога Павле им го напишал писмото на тамошните христијани! Сепак, браќата во Солун имале причина да бидат благодарни за своите старешини бидејќи тие многу ‚се труделе‘ околу нив, ‚ги предводеле‘ и ‚ги опоменувале‘. Навистина, требало ‚особено да ги ценат со љубов‘. Откако им го напишал овој совет, Павле ги поттикнал и ‚да бидат во мир еден со друг‘. Да си бил член на тогашното собрание во Солун, дали ќе си покажел дека си многу благодарен за она што го правеле старешините? Како гледаш на луѓето што Бог преку Христос ‚ги дал како дарови‘ во твоето собрание? (Еф. 4:8).
„Оние што се трудат“
4, 5. Во која смисла старешините во времето на Павле многу се труделе да го поучуваат собранието, и зошто истото е случај и денес?
4 Откако ги испратиле Павле и Сила во Верија, во кој поглед старешините во Солун ‚се труделе‘ да се грижат за браќата? Без сомнение, по примерот на Павле, тие го поучувале собранието користејќи ги Светите списи. Можеби се прашуваш: ‚Дали христијаните во Солун ја ценеле Божјата Реч?‘ Зарем Библијата не вели дека Веријците, кои ‚секој ден ги истражувале Писмата‘, биле ‚поблагородни од оние во Солун‘? (Дела 17:11). Точно, но оваа споредба се однесувала на повеќето Евреи во Солун, а не на христијаните во овој град. Оние што станале верници ‚не ја прифатиле Божјата реч како реч човечка, туку како реч Божја‘ (1. Сол. 2:13). Старешините сигурно многу се труделе да го хранат стадото, односно да ги поучуваат браќата во собранието.
5 Денес, верниот и разборит роб му дава на Божјето стадо „храна во вистинско време“ (Мат. 24:45). Браќата во собранијата имаат изобилство библиска литература, а на некои јазици се достапни Индексот и Библиотеката со публикации на Јеховините сведоци на CD. Освен тоа, под водство на верниот роб, собраниските старешини многу се трудат да ги задоволат духовните потреби на собранието. За таа цел, одвојуваат многу време да ги подготват точките за состаноците за да ги изнесат информациите на начин кој ќе им користи на сите. Дали си размислувал колку време им треба на старешините за да ги подготват доделените задачи за состаноците, собирите и конгресите?
6, 7. а) Каков пример им дал Павле на старешините во Солун? б) Зошто на денешните старешини можеби не им е лесно да го следат примерот на Павле?
6 Старешините во Солун го имале на ум добриот пример што им го дал Павле со начинот на кој се грижел за стадото. Тој не го правел тоа механички, само затоа што морал. Како што видовме во претходната статија, Павле ‚бил благ, како мајка која ги храни и ги негува своите деца‘. (Прочитај 1. Солуњаните 2:7, 8.) Бил спремен дури и ‚да го даде својот живот‘ за браќата! Старешините требало да се грижат за стадото исто како Павле.
7 Денешните старешини го следат неговиот пример со тоа што ги сакаат и ги ценат своите браќа. Некои од симболичните овци по природа не се срдечни и друштвени. Сепак, старешините треба да бидат разборити и да го бараат доброто кај нив (Изр. 16:20). Точно, поради несовршеноста, на еден старешина може да му биде тешко да гледа позитивно на секој член на собранието. Сепак, додека дава сѐ од себе да биде благ кон сите, зарем не заслужува пофалба затоа што се труди да биде добар пастир под водството на Христос?
8, 9. Наведи некои начини на кои старешините денес ‚бдеат над нашите души‘.
8 Сите имаме причина да ‚им бидеме подложни‘ на старешините. Павле напишал дека ‚тие бдеат над нашите души‘ (Евр. 13:17). Овој израз нѐ потсетува на дословниот пастир што некои ноќи останува без сон за да го заштити своето стадо. И денешните старешини понекогаш го жртвуваат сонот за да се грижат за потребите на оние што се болни, што минуваат низ емоционални проблеми или, пак, се во духовна криза. На пример, браќата во Одборите за контактирање со болниците биле разбудувани среде ноќ кога имало некој итен случај. Сигурно ќе бидеме многу благодарни што ќе ни стојат на располагање ако се соочиме со таква ситуација!
9 Старешините во Регионалните одбори за изградба и во одборите за помош исто така многу се трудат да им помагаат на браќата. Тие навистина ја заслужуваат нашата сесрдна поддршка! Да ја наведеме како пример акцијата за помош која беше организирана откако циклонот Наргис го погоди Мјанмар во 2008 год. За да стигнат до собранието во селото Ботингон, кое се наоѓаше во тешко погодениот регион на делтата на реката Иравади, браќата од екипата за помош морале да поминат низ опустошено подрачје во кое речиси на секој чекор наидувале на мртви тела. Кога браќата во селото виделе дека во првата екипа за помош што стигнала во Ботингон бил и нивниот поранешен покраински надгледник, извикале: „Гледајте! Нашиот покраински! Јехова нѐ спаси!“ Дали го цениш големиот труд што старешините го вложуваат дење и ноќе? Некои од нив служат во посебни одбори кога се решаваат тешки правни случаи. Тие не се фалат со она што го постигнуваат, но оние на кои им помогнале се благодарни од срце (Мат. 6:2-4).
10. Кои други работи ги прават старешините?
10 Многу старешини денес вршат и разни други работи. На пример, координаторот на старешинството прави распоред за седмичните состаноци. Собранискиот секретар составува месечни и годишни извештаи од службата за проповедање. Надгледникот на Теократската школа внимателно размислува додека го подготвува распоредот за школата. На секои три месеци се прегледуваат собраниските сметки. Освен тоа, старешините читаат писма што ги добиваат од Бетелот и ги применуваат упатствата за да се зачува ‚единството во верата‘ (Еф. 4:3, 13). Благодарение на трудот што го вложуваат овие вредни старешини, ‚сѐ се одвива пристојно и така како што е редот‘ (1. Кор. 14:40).
„Предводат во делото“
11, 12. Кој предводи во собранието, и што значи тоа?
11 Павле рекол дека марливите старешини во Солун ‚предводеле‘ во собранието (1. Сол. 5:12). За истите тие старешини, рекол и дека многу „се трудат“. Тој не зборувал само за еден надгледник, туку за сите старешини во собранието. Денес повеќето од нив предводат со тоа што ги водат собраниските состаноци. Од неодамна, наместо „претседавачки надгледник“ се користи изразот „координатор на старешинството“. Оваа промена ни помага да сфатиме дека сите старешини заедно сочинуваат едно тело кое сложно соработува.
12 Освен што го поучуваат собранието, оние што ‚предводат‘ прават и нешто друго. Изворниот збор кој во 1. Солуњаните 5:12 е преведен со „предводи“, во 1. Тимотеј 3:4 е преведен со „управува“. Таму Павле рекол дека надгледникот треба ‚да управува со својот дом и да има послушни деца кои покажуваат потполна почит‘. Овде изразот „управува“ очигледно не значи дека старешините треба само да ги поучуваат своите деца. Тие треба да го предводат целото семејство и да им помагаат на децата да бидат послушни. Всушност, старешините предводат во собранието и на тој начин што им помагаат на сите да му бидат послушни на Јехова (1. Тим. 3:5).
13. Зошто можеби ќе биде потребно повеќе време за да се донесе одлука на некој старешински состанок?
13 За добро да предводат и да се грижат за стадото, старешините разговараат за потребите на собранието и за тоа како можат најдобро да му помогнат. Можеби би било поедноставно еден старешина да ги донесува сите одлуки. Меѓутоа, во склад со примерот на водечкото тело од првиот век, старешинството во секое собрание денес отворено разговара за работите, барајќи притоа водство од Библијата. Целта на старешините е да ги применат библиските начела на потребите на своето собрание. Ова најдобро се прави ако секој старешина однапред се подготви за старешинскиот состанок со тоа што ќе ги разгледа стиховите и упатствата од верниот и разборит роб. Се разбира, за ова треба време. Кога ќе има различни мислења за некоја работа, како што било случај кога водечкото тело во првиот век расправало за обрежувањето, потребно е повеќе време и дополнително истражување за да се донесе едногласна одлука на темел на Библијата (Дела 15:2, 6, 7, 12-14, 28).
14. Дали го цениш тоа што старешинството соработува во единство, и зошто?
14 Што може да се случи ако еден старешина настојува да биде по негово или, пак, се обидува да наметне свои идеи? Или, што ако некој се обидува да сее раздор, слично како што правел Диотреф во првиот век? (3. Јов. 9, 10). Тогаш сигурно целото собрание ќе трпи последици. Ако Сатана се обидел да го вознемири собранието во првиот век, сигурно сака да го наруши мирот и во денешното христијанско собрание. За таа цел, може да се обиде да ги искористи нашите себични желби, како што е желбата за поголем углед. За да не паднат во оваа замка, старешините мора да се трудат да бидат понизни и да соработуваат како едно тело. Ние навистина многу ја цениме понизноста на таквите старешини!
„Ве опоменуваат“
15. Зошто старешините понекогаш ќе опоменат некој брат или сестра?
15 Павле потоа нагласил уште една тешка, но важна задача што мора да ја вршат старешините: да го опоменуваат стадото. Во Христијанските грчки списи, само Павле го користел грчкиот збор кој е преведен со ‚опоменува‘. Овој збор може да укажува на строг совет, но не на таков кој е даден на груб и непријателски начин (Дела 20:31; 2. Сол. 3:15). На пример, Павле им го рекол следново на Коринќаните: „Не го пишувам ова за да ве посрамам, туку да ве опоменам како свои сакани деца“ (1. Кор. 4:14). Тој ги опоменал затоа што ги сакал и бил загрижен за нив.
16. Што треба да имаат на ум старешините кога ги опоменуваат другите?
16 Старешините секогаш имаат на ум дека е многу важно на каков начин ги опоменуваат другите. Тие се трудат да го следат примерот на Павле со тоа што се љубезни, грижливи и спремни да помогнат. (Прочитај 1. Солуњаните 2:11, 12.) Се разбира, старешините цврсто „се држат за веродостојните зборови, за да можат да опоменуваат, служејќи се со здравото учење“ (Тит 1:5-9).
17, 18. Што треба да имаш на ум ако некој старешина те опомене за нешто?
17 Се разбира, бидејќи се несовршени, старешините можеби ќе кажат нешто за кое подоцна ќе жалат (1. Цар. 8:46; Јак. 3:8). Освен тоа, свесни се дека советот што понекогаш мораат да го дадат обично ‚не им причинува радост, туку жалост‘ на нивните духовни браќа или сестри (Евр. 12:11). Затоа, кога некој старешина му пристапува некому со цел да го опомене, веројатно го прави тоа откако многу размислувал и се молел во врска со таа работа. Ако си бил опоменат за нешто, дали си благодарен за таквата грижа што старешините со љубов ти ја покажуваат?
18 Да речеме дека имаш некој здравствен проблем, но никако не можат да ти утврдат дијагноза. Потоа одиш кај лекар кој точно ти кажува од што си болен, но тебе ти е тешко да го прифатиш она што ти го вели. Дали ќе му се лутиш? Не! Дури и да ти препорача операција, веројатно ќе го послушаш затоа што си уверен дека тоа ќе биде за твое добро. Можеби начинот на кој лекарот ти ја соопштил дијагнозата и лекувањето ќе влијае врз твоите чувства, но дали ќе дозволиш да има пресудно влијание врз твојата одлука? Веројатно не. Слично на ова, не дозволувај начинот на кој си советуван да те спречи да ги послушаш оние што Јехова и Исус веројатно ги користат да ти кажат како можеш да си помогнеш или да се заштитиш во духовен поглед.
Биди благодарен што Јехова ги дал старешините
19, 20. Како можеш да покажеш дека си благодарен за луѓето што Јехова ни ги дал „како дарови“?
19 Што ќе направиш ако добиеш подарок кој бил посебно направен за тебе? Ќе покажеш ли дека го цениш со тоа што ќе го користиш? Јехова, преку Исус Христос, ги дал старешините „како дарови“ за секој од нас. Еден начин како можеш да покажеш дека си благодарен за овие дарови е така што внимателно ќе ги слушаш говорите што ги изнесуваат и ќе се трудиш да го примениш она што го кажуваат. Ќе покажеш ценење и така што ќе даваш смисловни коментари на состаноците. Поддржувај ги активностите во кои предводат, како што е проповедањето. Ако ти користел советот што ти го дал некој старешина, зошто не му го кажеш тоа? Исто така, би можел да покажеш ценење и за семејствата на старешините. Не заборавај, за да може еден старешина да се дава за собранието, неговото семејство жртвува време што би можеле да го поминуваат заедно.
20 Значи, имаме бројни причини да бидеме благодарни за старешините, кои многу се трудат околу нас, нѐ предводат и нѐ опоменуваат. Тие се навистина прекрасен дар од Јехова!
Се сеќаваш ли?
• Од кои причини христијаните во Солун требало да им бидат благодарни на оние што предводеле меѓу нив?
• Како старешините во собранието многу се трудат за своите браќа?
• Каква корист имаш ти од тоа што старешините предводат во собранието?
• Што треба да имаш на ум ако некој старешина те опомене за некоја работа?
[Слика на страница 27]
Дали си благодарен за сето она што го прават старешините за да се грижат за собранието?