-
Понизно да им се подложуваме на грижливите пастириСтражарска кула 2007 | 1 Април
-
-
7. Што ни советувал Павле, каков став кон христијанските надгледници треба да имаме?
7 Нашите небесни Пастири, Јехова Бог и Исус Христос, очекуваат да им бидеме послушни и подложни на потпастирите што ги поставиле на одговорни положби во собранието (1. Петрово 5:5). Под вдахновение, апостол Павле напишал: „Сеќавајте се на оние што ве предводат, кои ви ја зборуваа Божјата реч. Набљудувајќи го исходот од нивниот начин на живот, угледајте се на нивната вера. Бидете им послушни на оние што ве предводат и бидете им подложни — зашто тие бдеат над вашите души како оние што ќе положат сметка за тоа — за да го прават со радост, а не со воздишки, зашто тоа вам би ви било на штета“ (Евреите 13:7, 17).
8. Што нѐ повикува Павле да ‚набљудуваме‘, и како треба да ‚бидеме послушни‘?
8 Забележи дека Павле нѐ повикува внимателно да ‚го набљудуваме‘ исходот од верното однесување на старешините и да го следиме нивниот пример на вера. Освен тоа, тој нѐ советува да бидеме послушни и да се подложуваме на водството на овие именувани мажи. Библичарот Р. Т. Френс објаснува дека во изворниот грчки јазик, зборот што овде е преведен со „бидете послушни“ не е „вообичаениот израз за послушност, туку неговото буквално значење е ‚да се биде убеден‘, што подразбира спремно прифаќање на нивното водство“. Послушни сме им на старешините не само затоа што Божјата реч го бара тоа од нас туку и затоа што сме убедени дека тие искрено се грижат за сите работи што се поврзани со Царството и ни го мислат најдоброто. Сигурно ќе бидеме среќни ако спремно го прифатиме нивното водство.
9. Зошто е неопходно да бидеме и „подложни“, а не само послушни?
9 Но, што ако не сме уверени дека во извесен случај водството што го даваат старешините е најдобро? Тогаш од нас се бара да бидеме подложни. Лесно е да бидеме послушни кога сѐ е јасно и се согласуваме со одлуките што се донесени, но ќе покажеме дека сме навистина подложни само ако се потчиниме дури и кога не разбираме зошто е донесена некоја одлука. Петар, кој подоцна станал апостол, покажал ваква подложност (Лука 5:4, 5).
-
-
Понизно да им се подложуваме на грижливите пастириСтражарска кула 2007 | 1 Април
-
-
12. На кој начин надгледниците ‚бдеат над нашите души‘?
12 Втора причина зошто треба да соработуваме со христијанските надгледници е тоа што ‚тие бдеат над нашите души‘. Ако откријат нешто во нашиот став или во нашето однесување што би можело да ни ја загрози духовноста, веднаш ни го даваат потребниот совет за да се поправиме (Галатите 6:1). Грчкиот збор преведен со ‚бдее‘ буквално значи „да не спие“. Според еден библичар, тоа „значи постојана будност од страна на пастирот“. Освен тоа што остануваат духовно будни, старешините може дури и да не спијат ноќе од грижа за нашето духовно добро. Зар не треба спремно да соработуваме со таквите грижливи потпастири, кои даваат сѐ од себе за да покажуваат нежна грижа како што покажувал и Исус Христос, „големиот пастир на овците“? (Евреите 13:20).
13. Кому и на кои начини се одговорни надгледниците и сите христијани?
13 Третата причина од која спремно соработуваме со надгледниците е тоа што тие бдеат над нас „како оние што ќе положат сметка за тоа“. Надгледниците не забораваат дека тие се потпастири, кои служат под водство на небесните Пастири, Јехова Бог и Исус Христос (Езекиел 34:22-24). Јехова е Сопственикот на овците, кои ‚ги купил со крвта на својот Син‘, и именуваните надгледници се одговорни пред него за тоа како постапуваат со Неговото стадо, а треба да постапуваат со „обѕир“ (Дела 20:28, 29). Според тоа, сите ние сме одговорни пред Јехова за начинот на кој реагираме на неговото водство (Римјаните 14:10-12). Со тоа што сме им послушни на поставените старешини даваме доказ дека сме му подложни и на Христос, кој е Глава на собранието (Колошаните 2:19).
14. Од кои причини може христијанските старешини да служат „со воздишки“, и до што би водело тоа?
14 Павле ја кажал и четвртата причина зошто треба понизно да им се подложуваме на христијанските надгледници. Тој напишал: „За да го прават со радост, а не со воздишки, зашто тоа вам би ви било на штета“ (Евреите 13:17). Со своите големи одговорности да поучуваат, да се грижат за стадото, да предводат во проповедничкото дело, да се грижат за своето семејство и да ги решаваат проблемите во собранието, христијанските старешини носат тежок товар (2. Коринќаните 11:28, 29). Ако не соработуваме со нив, само ќе им го зголемиме товарот. Затоа, тие ќе ‚воздивнуваат‘. Ако не соработуваме, Јехова нема да биде задоволен и тоа може да биде на наша штета. Наместо тоа, кога покажуваме должна почит и соработка, старешините можат да ги извршуваат своите одговорности со радост, а тоа придонесува за единство и за радосно учество во делото на проповедање на Царството (Римјаните 15:5, 6).
-