Христос го мразел беззаконието — а ти?
„Ти си ја љубел праведноста, а си го мразел беззаконието. Затоа Бог, твојот Бог, те помаза со маслото на радоста повеќе од твоите другари“ (ЕВРЕИТЕ 1:9, NW).
1. Што друго се бара од сите вистински слуги на Јехова Бог, освен да ја љубат праведноста?
ЈЕХОВИНИТЕ вистински слуги него го љубат со целото срце, душа, ум и сила (Марко 12:30). Тие сакаат да го израдуваат Јеховиното срце така што ја чуваат својата беспрекорност (Соломонови изреки 27:11). За таа цел, не само што мораат да ја љубат праведноста, туку мораат и да го мразат беззаконието. Нивниот Пример, Исус Христос, секако го правел тоа. За него било речено: „Ти си ја љубел праведноста, а си го мразел беззаконието“ (Евреите 1:9, NW).
2. Што сѐ опфаќа беззаконието?
2 Што е беззаконие? Тоа е грев, како што покажал апостол Јован кога напишал: „Секој, што прави грев, прави и беззаконие; и гревот е беззаконие“ (1. Јованово 3:4). Еден беззаконик не е „спречен или контролиран од законот“ (Webster’s Ninth New Collegiate Dictionary). Беззаконието вклучува сѐ што е лошо, злобно, неморално, расипано и нечесно. Еден поглед на светот ни покажува дека беззаконието денес е раширено како никогаш порано. Нема сомнение дека живееме во ‚критичните времиња‘ кои апостол Павле ги претскажал во 2. Тимотеј 3:1-5, (NW). Со оглед на сето тоа беззаконие, колку е добро што ни е заповедано да мразиме сѐ што е лошо! На пример, речено ни е: „О, вие кои го љубите Јехова, мразете го злото“ (Псалми 97:10, NW). Слично на тоа, читаме: „Мразете го злото, сакајте го доброто“ (Амос 5:15).
Три вида на омраза
3-5. На кои три начини е употребен зборот „мрази“ во Божјата Реч?
3 Што значи да се мрази? Во Божјата Реч, „мрази“ се употребува на три различни начини. Тука е омразата мотивирана од злоба, која тежнее да му наштети на својот предмет. Христијаните мораат да го избегнуваат овој вид на омраза. Таа омраза го поттикнала Каин да го убие својот праведен брат Авел (1. Јованово 3:12). Тоа е и оној вид омраза што ја имале религиозните водачи спрема Исус Христос (Матеј 26:3, 4).
4 Понатаму, зборот „мрази“ се употребува во Библијата во смисла помалку да се сака. На пример, Исус рекол: „Ако некој дојде кај мене а не го мрази својот татко, и мајка, и жена, и деца, и браќа, и сестри и самата своја душа, не може да биде мој ученик“ (Лука 14:26, ДК). Јасно, Исус едноставно мислел нив да ги сакаме помалку отколку што го сакаме него. Јаков ‚ја мразел Леа‘, но всушност ја сакал помалку отколку што ја сакал Рахела (1. Мојсеева 29:30, 31, NW).
5 Потоа, постои значењето на зборот „мрази“ кој овде посебно нѐ интересира. Ја има мислата човек да има толку интензивно чувство на недопаѓање или голема одвратност спрема некого или нешто, што избегнува да има што и да е со таквиот човек или работа. Во Псалм 139 за тоа се зборува како за „потполна омраза“. Таму Давид рекол: „Зарем не ги мразам оние кои тебе длабоко те мразат, о Јехова, и зарем не чувствувам гнасење спрема оние кои се бунтуваат против тебе? Ги мразам со потполна омраза. Ми станале вистински непријатели“ (Псалми 139:21, 22, NW).
Зошто треба да го мразиме беззаконието
6, 7. а) Зошто воглавно треба да го мразиме беззаконието? б) Која е втората важна причина да се мрази беззаконието?
6 Зошто треба да го мразиме беззаконието? Една причина е за да би имале самопочитување и мирна совест. Само на тој начин можеме да имаме добар однос со нашиот праведен, љубезен небесен Татко, Јехова. Давид поставил добар пример во овој поглед, како што може да се види од 26. Псалм. На пример, тој рекол: „Го мразам друштвото на беззаконици, и со безбожниците не седам“ (Псалми 26:5, ДК). Нашата љубов кон Бог и праведноста треба да нѐ мотивира да имаме праведно огорчување — да, омраза — спрема сѐ што е беззаконо од негова гледна точка, вклучувајќи ги беззаконите постапки на оние кои не се послушни и го мразат Јехова. Освен тоа, треба да го мразиме беззаконието поради срамот што му го нанесува на Божјето име.
7 Друга причина зошто Јеховиниот народ треба да го мрази беззаконието е таа што е многу опасно и штетно. Каков резултат ќе има ако сееме во телото, односно ако сееме беззаконие? Павле преупредил: „Не лажете се: Бог не позволува да биде поруган. Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее: кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот“ (Галатјаните 6:7, 8). Затоа не треба да сакаме да имаме никаква врска со беззаконието. Навистина, треба да мразиме секакво беззаконие заради наше добро и душевен мир.
Оние кои го мразат беззаконието
8. Кој го поставил главниот пример за мразење на беззаконието, и кој библиски стихови го покажуваат тоа?
8 Во мразењето на беззаконието, Бог го поставува главниот пример за сите интелигентни суштества. Тој со право е огорчен на беззаконието, и неговата Реч вели: „Еве шест работи, кои [Јехова] ги мрази — дури седум, што му се одвратни на душата Негова: очи горделиви, јазик лажлив и раце, што пролеваат невина крв, срце кое крои лоши планови, нозе, кои брзо трчаат кон зло, лажен сведок, кој измислува лаги, и оној, што сее раздор меѓу браќа“. Исто така читаме: „Стравот Јеховин значи да се мрази на злото. Самовозвишувањето и гордоста, злобниот пат и изопачената уста, сум ја мразел“ (Соломонови изреки 6:16-19; 8:13, NW). Освен тоа, речено ни е: „Јас, Јехова, ја љубам правдата, го мразам разбојништвото заедно со неправедноста“ (Исаија 61:8, NW).
9, 10. Како Исус покажал дека го мразел беззаконието?
9 Исус Христос го имитирал својот Татко во мразењето на беззаконието. Затоа читаме: „Ти си ја љубел праведноста, а си го мразел беззаконието. Затоа Бог, твојот Бог, те помаза со маслото на радоста повеќе од твоите другари“ (Евреите 1:9, NW). Исус ни поставил пример за овој вид омраза. Тој ја покажал својата омраза спрема беззаконието со тоа што ги разоткрил оние кои намерно го практицираат — лажните религиозни водачи. Повеќе пати по ред, тој ги осудил како лицемери (Матеј 23. поглавје). Во една друга прилика Исус им рекол: „Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко“ (Јован 8:44). Исус ја покажал својата омраза спрема беззаконието до тој степен што употребил физичка сила и во две прилики го исчистил храмот од алчните религиозни лицемери (Матеј 21:12, 13; Јован 2:13-17).
10 Исус ја покажал својата омраза спрема беззаконието и гревот и со тоа што се чувал апсолутно слободен од беззаконието и гревот. Затоа, можел со право да ги праша своите противници: „Кој од вас ме кори за грев?“ (Јован 8:46, ДК). Исус бил „лојален, простодушен, неизвалкан, одвоен од грешниците“ (Евреите 7:26, NW). Потврдувајќи го тоа, Петар напишал дека Исус „Не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама“ (1. Петрово 2:22).
11. Кои библиски примери ги имаме за несовршени луѓе кои го мразеле беззаконието?
11 Но, Исус бил совршен човек. Дали ние имаме библиски примери на несовршени луѓе кои вистински го мразеле беззаконието? Навистина имаме! На пример, Мојсеј и неговите другари Левити покажале голема омраза спрема идолопоклонството така што на Јеховина заповед, убиле околу 3.000 идолопоклоници (2. Мојсеева 32:27, 28). Финес покажал голема омраза спрема беззаконието кога убил двајца блудници со копје (4. Мојсеева 25:7, 8).
Изразување омраза спрема беззаконието
12. а) Како можеме да ја покажеме нашата омраза спрема беззаконието? б) Кои се некои од практичните начини да се избегнат беззакони мисли?
12 Како можеме ние во наше време да ја покажеме нашата омраза спрема беззаконието? Со контролирање на своите мисли, зборови и постапки. Кога мислите не ни се окупирани со нешто конкретно, мораме да развиваме навика да размислуваме за изградувачки работи. Ако ни се случи да лежиме будни ноќе, може да постои склоност да размислување негативно, како на пример постојано да размислуваме за неволји или да се препуштиме на сексуални фантазии. Никогаш не оставај простор за такви работи, туку нека ти стане навика да се вработиш во корисно размислување. На пример, обиди се да запомниш библиски стихови, деветте среќи и деветте плодови на духот (Матеј 5:3-12, NW; Галатјаните 5:22, 23). Можеш ли да ги наброиш 12-те апостоли? Ги знаеш ли Десетте заповеди? Кои се седумте собранија до кои се упатени пораки во Откровение? Помнењето на царските песни исто така помага мислите да ги задржиме на работи кои се вистинити, од сериозен интерес, праведни, чисти, кои се вредни за љубов, за кои добро се зборува, доблесни и вредни за пофалба (Филипјаните 4:8, NW).
13. Каков вид говор ќе мразиме ако го мразиме беззаконието?
13 Понатаму, покажуваме дека го мразиме беззаконието ако избегнуваме секаков нечист говор. Многу световни луѓе наоѓаат задоволство да кажуваат и слушаат непристојни вицеви, но христијаните не смеат да бидат склони ниту да ги слушаат. Наместо тоа, ние треба да си заминеме и да избегнуваме да учествуваме во секаков разговор кој се врти околу такво ниско ниво. Ако не можеме да си заминеме, можеме барем со изразот на лицето да покажеме дека мразиме таков говор. Мораме да внимаваме на овој добар совет: „Никаков расипан збор нека не излезе од вашата уста, туку секаков збор кој е добар за изградување според потребата, за да им биде корисен на слушателите“ (Ефесјаните 4:29, NW). Не треба да се извалкаме така што ќе го зборуваме или слушаме она што е нечисто.
14. Каква заштита ќе ни пружи омразата кон беззаконието во врска со деловните обичаи и вработувањето?
14 Нашата омраза спрема беззаконието мора исто така да биде насочена против секакви грешни обичаи. Ако го мразиме беззаконието, тоа ќе ни помогне да ја избегнеме замката на компромис во овој поглед. Вистинските христијани не обичаваат грев. (Спореди 1. Јованово 5:18.) На пример, мораме да ги мразиме сите нечесни деловни обичаи. Денес, многу од Јеховините сведоци биле под притисок да вршат нечесни работи за своите работодавачи, но одбиле да го сторат тоа. Христијаните биле спремни дури да ги изгубат своите работни места отколку да направат нешто што би ја повредило нивната библиски школувана совест. Освен тоа, сакаме да ја покажеме нашата омраза спрема беззаконието и ако не ги прекршуваме собраќајните правила, и ако не лажеме кога мораме да платиме даноци или царини (Дела на св. апостоли 23:1; Евреите 13:18).
Да се мрази сексуалната нечистотија
15. За кои прекрасни потреби послужило создавањето на луѓето со силни инстинкти за спарување?
15 Како христијани, мораме особено да мразиме секаква нечистотија поврзана со сексуални работи. Создавајќи го човештвото со силни инстинкти за спарување, Бог задоволил две добри потреби. Се погрижил за тоа да не изумре човечкиот род и направил една многу љубезна подготовка за среќа. Дури и луѓето кои се сиромашни, неписмени или во неповолна положба на некој друг начин, можат да најдат голема среќа во брачната врска. Меѓутоа, Јехова поставил граници во чии рамки може да се ужива оваа врска. Овие божествено поставени граници мораат да се почитуваат (1. Мојсеева 2:24; Евреите 13:4).
16. Каков треба да биде нашиот став спрема сексуално нечистата забава и обичаи?
16 Ако го мразиме беззаконието, марливо ќе избегнуваме секакви сексуално нечисти обичаи и неморално забавување. Затоа ќе избегнуваме секакви сомнителни книги, списанија и весници. Исто така, ако го мразиме беззаконието, нема да гледаме никакви визуелни претстави, било на телевизија, в кино или в театар. Ако видиме дека некоја програма е неморална, треба да бидеме поттикнати да го исклучиме телевизорот веднаш, или да имаме храброст да го напуштиме театарот. Слично на тоа, омразата спрема беззаконието ќе нѐ натера да се чуваме од секаква музика која буди страст со својот текст или со своето темпо. Нема да бараме знаење за неморалните работи, туку ќе бидеме ‚деца во поглед на злото, но возрасни во способностите на разбирањето‘ (1. Коринтјаните 14:20, NW).
17. Каков совет ни дава Колосјаните 3:5 кој може да ни помогне да останеме морално чисти?
17 Советувани сме на многу соодветен начин: „Затоа умртвете ги вашите телесни органи кои се на земјата, во врска со блуд, нечистотија, сексуална лакомост“ (Колосјаните 3:5, NW). Нема сомнение дека од наша страна се потребни силни напори ако сакаме да бидеме одлучни да останеме морално чисти. Во врска со грчкиот збор преведен со „умртвува“ во Колосјаните 3:5, делото The Expositor’s Bible Commentary наведува: „Тоа укажува дека треба не само да ги потиснуваме или контролираме злобните постапки и ставови. Треба да ги избришиме, потполно да го уништиме стариот начин на живот. Изарзот ‚потполно да го убиеме‘ може да ја изрази неговата сила. . . . Истовремено значењето на глаголот и силата на глаголското време укажуваат на енергична, болна постапка на лична одлучност“. Затоа, порнографијата треба да ја избегнуваме како опасна, заразна болест која носи смрт, бидејќи токму тоа претставува и морално и духовно. Христос изразил слична мисла кога рекол да се ослободиме од раката, ногата, па дури и од окото ако предизвикува да се спрепнеме (Марко 9:43-48, NW).
Да се мрази лажната религија и отпадништвото
18. Како можеме да ја изразиме нашата омраза спрема религиозното беззаконие?
18 Потоа, исто како што Исус покажал омраза спрема беззаконието со тоа што ги разоткрил лицемерните религионисти, така Јеховините сведоци денес ја покажуваат својата омраза спрема секакво лицемерно религозно беззаконие. Како? Разделувајќи библиска литература која го разоткрива Големиот Вавилон онаков каков што е — религиозна блудница. Ако вистински го мразиме беззаконското религиозно лицемерство, ќе бидеме директни кога го разоткриваме Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија. Тоа ќе го сториме заради луѓето со искрени срца коишто тој ги заслепил и ги држи во духовно ропство. До онаа мера до која вистински го мразиме беззаконието на Големиот Вавилон, до таа мера ќе бидеме ревносни во учествувањето во сите области на службата за Царството (Матеј 15:1-3, 7-9; Тит 2:13, 14, NW; Откровение 18:1-5).
19. Како треба да гледаме на отпадниците, и зошто?
19 Обврската да го мразиме беззаконието важи и за сите активности на отпадниците. Нашиот став спрема отпадниците треба да биде како оној на Давид кој изјавил: „Зарем не ги мразам оние кои тебе многу те мразат, о Јехова, и зарем не чувствувам гнасење спрема оние кои се бунтуваат против тебе? Ги мразам со потполна омраза. Ми станале вистински непријатели“ (Псалми 139:21, 22, NW). Современите отпадници застанале на страната на „човекот на беззаконието“, свештенството на т.н. христијанство (2. Солуњанима 2:3, ДК). Како лојални Сведоци на Јехова, немаме апсолутно ништо заедничко со нив. Бидејќи сме несовршени, нашите срца лесно би можеле да имаат склоност да бидат критични спрема нашите браќа. Како поединци, оние од ‚верниот и разумен роб‘ се несовршени луѓе (Матеј 24:45-47, NW). Но таа класа е верна и разумна. Отпадниците ги истакнуваат погрешките или наводните грешки кои ги прават браќата кои го преземаат водството. Нашата безбедност лежи во избегнувањето на отпадничката пропаганда како да е отров, што и всушност е (Римјаните 16:17, 18).
20, 21. Како можат накратко да се изложат причините зошто да го мразиме беззаконието?
20 Видовме дека светот е полн со беззаконие, што е синоним за грев. За нас не е доволно да ја љубиме праведноста, мораме и да го мразиме беззаконието. Некои од оние кои биле исклучени од христијанското собрание, можеби мислеле дека ја љубат праведноста, но не го мразеле доволно беззаконието. Видовме и зошто треба да го мразиме беззаконието. Не можеме да имаме мирна совест и самопочитување ако не го правиме тоа. Понатаму, беззаконието значи да се биде нелојален спрема Јехова Бог. А беззаконието предизвикува да жнееме многу горки плодови — беда, расипаност и смрт.
21 Исто така забележавме како покажуваме дека го мразиме беззаконието. Го правиме така што апсолутно немаме ништо со кој и да е вид на нечесност, сексуална неморалност или отпадништво. Бидејќи сакаме да учествуваме во Јеховиното оправдување и сакаме да го израдуваме неговото срце, не смееме само да ја љубиме праведноста и да бидеме вработени во неговата служба, туку и да го мразиме беззаконието, како што го мразел нашиот Водач и Заповеднк, Исус Христос.
Како би одговорил?
◻ Како Писмото го употребува зборот „мрази“?
◻ Кои се некои од добрите причини да го мразиме беззаконието?
◻ Кои добри примери на оние кои го мразеле беззаконието ни се дадени?
◻ Како можеме да ја покажеме нашата омраза спрема беззаконието?
[Слика на страница 8]
Исус го исчистил храмот бидејќи го мразел беззаконието
[Слика на страница 10]
Ако го мразиме беззаконието, ќе избегнуваме сексуално неморална забава