Внимавај да не ја користиш Библијата на суеверен начин!
„РЕЧТА Божја е жива и делотворна“ (Евр. 4:12). Со овие зборови, апостол Павле покажал дека Божјата реч има моќ да допре до срцата на луѓето и од корен да им го смени животот.
За жал, откако се појавило прореченото отпадништво по смртта на апостолите, луѓето почнале погрешно да ја толкуваат моќта на библиската порака (2. Пет. 2:1-3). Со текот на времето, црковните водачи почнале да поучуваат дека Божјата Реч има магична моќ. Професор Хари Гембл напишал дека, во третиот век, црковниот отец Ориген поучувал дека и самото изговарање на светите зборови може да му помогне некому. Тој тврдел дека, ако зборовите што паганите ги користат во своите магии имаат моќ, тогаш Божјите зборови запишани во светите списи сигурно имаат уште поголема моќ. Џон Крисостом, кој живеел при крајот на четвртиот век, напишал дека „Ѓаволот нема да се осмели да се приближи до куќа во која има Евангелие“. Тој исто така напишал дека некои носеле стихови од евангелијата околу вратот како амајлија што ќе ги штити од зло. Професор Гембл исто така напишал дека, според католичкиот теолог Августин, „некој што имал главоболка можел да спие со Евангелието од Јован под перница“ за да му помине болката! Поради ваквите учења, луѓето почнале да ги користат библиските стихови како да имаат магична моќ. Дали можеби и ти ја користиш Библијата како амајлија која може да ти донесе среќа и да те штити од зло?
Многу луѓе се служат со Библијата на друг погрешен начин. Тие сметаат дека, ако само ја отворат на која и да било страница и го прочитаат првиот стих што ќе им падне в очи, тој ќе им го даде потребното водство за одредена ситуација во животот.a На пример, според професор Гембл, еднаш Августин чул како некој детски глас во соседната куќа вели: „Земи и читај, земи и читај“. Августин заклучил дека, всушност, Бог му заповеда да ја отвори Библијата и да го прочита првиот стих што ќе го види.
Дали познаваш луѓе кои му се молеле на Бог кога се нашле во неволја, а потоа ја отвориле Библијата уверени дека првиот стих што ќе го прочитаат ќе им помогне да го решат проблемот? Иако можеби некои го прават тоа добронамерно, ние како христијани не треба да бараме водство од Библијата на таков начин.
Исус им ветил на своите ученици дека ќе им го испрати „помошникот, светиот дух“. А потоа им рекол: „Тој ќе ве поучи за сѐ и ќе ве потсети на сѐ што сум ви кажал“ (Јован 14:26). Според тоа, ако сакаме Библијата навистина да ни помогне, треба да го применуваме она што сме го научиле од неа, а не да бараме водство отворајќи ја на која и да било страница.
Многумина ја користат Божјата Реч на суеверен начин, надевајќи се дека таа ќе ги штити од зло, ќе ги реши нивните проблеми или ќе им помогне да ја дознаат иднината. Но, самата Библија забранува да бараме предзнаци (3. Мој. 19:26; 5. Мој. 18:9-12; Дела 19:19). Иако „речта Божја е жива и делотворна“, мора да ја користиме на исправен начин, а не суеверно. Треба да ја проучуваме, бидејќи само тогаш ќе ни помогне да си го подобриме животот. Благодарение на она што го научиле од Библијата, мнозина успеале да се држат за исправни морални мерила, да престанат со лошите навики, да си го подобрат семејниот живот и да стекнат близок однос со нејзиниот Автор.
a Ова е еден вид библиомантија (библиомансија). Според еден речник, тоа е „претскажување на иднината преку случајно одбрани делови од книга, особено од Библијата“ (Толковен речник на современиот македонски јазик, од Зозе Мургоски).