СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 8
Како да останеме радосни кога се соочуваме со искушенија
Сметајте дека навистина имате за што да се радувате, браќа мои, кога ќе се најдете во разни искушенија (ЈАК. 1:2)
ПЕСНА 111 Имаме многу причини за радост
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1-2. Според Матеј 5:11, како треба да гледаме на искушенијата?
ИСУС им ветил на своите следбеници дека ќе бидат вистински среќни, но ги предупредил и дека ќе имаат неволји (Мат. 10:22, 23; Лука 6:20-23). Ние сме радосни што сме ученици на Христос. Но, како се чувствуваме ако доживуваме противење од семејството, ако сме прогонувани од властите или ако колегите или соучениците ни вршат притисок да направиме нешто погрешно? Доколку се соочуваме со вакви ситуации, нормално е да бидеме загрижени.
2 Повеќето луѓе не гледаат на прогонството како на причина за радост. Но, Божјата Реч ни кажува дека треба токму така да гледаме на прогонството. На пример, ученикот Јаков напишал дека, наместо да се чувствуваме беспомошно, треба да се радуваме кога минуваме низ искушенија (Јак. 1:2, 12). А Исус рекол дека треба да бидеме радосни дури и кога сме прогонувани. (Прочитај Матеј 5:11.) Како можеме да останеме радосни и покрај неволјите? Во тоа може да ни помогнат некои мисли од писмото кое Јаков им го напишал на првите христијани. Најпрво да разгледаме со какви тешкотии се соочувале овие христијани.
СО КАКВИ НЕВОЛЈИ СЕ СООЧИЛЕ ХРИСТИЈАНИТЕ ОД ПРВИОТ ВЕК?
3. Што се случило кратко откако Јаков станал ученик на Исус?
3 Кратко откако Јаков, братот на Исус, станал ученик, христијаните во Ерусалим се соочиле со прогонство (Дела 1:14; 5:17, 18). А кога ученикот Стефан бил убиен, многу христијани побегнале од градот и се распрснале „по јудејските и самариските краишта“. Некои од нив стигнале дури до Кипар и Антиохија (Дела 7:58 — 8:1; 11:19). Несомнено, учениците доживеале многу тешкотии. Сепак, тие ревносно ја проповедале добрата вест каде и да оделе, и биле основани собранија низ целото Римско Царство (1. Пет. 1:1). Но, овие христијани ги очекувале уште потешки времиња.
4. Со кои други неволји се соочиле првите христијани?
4 Првите христијани се соочиле со најразлични неволји. На пример, околу 50 год. од н.е., римскиот император Клавдиј наредил сите Евреи да го напуштат Рим. Така и христијаните со еврејско потекло биле принудени да ги остават своите домови и да се преселат на други места (Дела 18:1-3). Околу 61 год. од н.е., апостол Павле напишал дека неговите соверници биле јавно исмејувани, ставани во затвор и им бил одземан имотот (Евр. 10:32-34). И, исто како другите луѓе, христијаните се соочувале со сиромаштија и со болести (Рим. 15:26; Фил. 2:25-27).
5. На кои прашања ќе добиеме одговор?
5 Кога го напишал своето писмо пред 62 год. од н.е., Јаков многу добро знаел со какви неволји се соочуваат неговите браќа и сестри. Под водство на светиот дух, тој напишал некои практични совети кои требало да им помогнат на тие христијани да останат радосни дури и кога ќе доживееле неволји. Додека го разгледуваме писмото на Јаков, ќе го дознаеме одговорот на следниве прашања: Зошто христијаните можат да бидат радосни и покрај неволјите? Што би можело да ни ја одземе радоста? И, како можат мудроста верата и храброста да ни помогнат да ја задржиме радоста без оглед на тешкотиите со кои се соочуваме?
ЗОШТО ХРИСТИЈАНИТЕ СЕ РАДОСНИ?
6. Според Лука 6:22, 23, зошто можеме да бидеме радосни дури и кога доживуваме неволји?
6 Луѓето мислат дека можат да бидат среќни само ако имаат добро здравје, многу пари и слога во семејството. Но, радоста за која зборувал Јаков е плод на Божјиот свет дух и не зависи од нечии околности (Гал. 5:22). Еден христијанин е радосен, односно вистински среќен, кога знае дека му угодува на Јехова и го следи примерот на Исус. (Прочитај Лука 6:22, 23; Кол. 1:10, 11.) Нашата радост може да се спореди со пламен во еден фенер. Бидејќи е заштитен, пламенот продолжува да гори дури и кога дува ветер или врне дожд. Исто е и со нашата радост. Таа не згаснува без разлика што ни се случува во животот — сеедно дали имаме нарушено здравје, немаме доволно пари или, пак, се соочуваме со исмејување и противење од семејството или од другите. Наместо тоа, нашата радост станува сѐ посилна секојпат кога противниците се обидуваат да ни ја одземат. Неволјите со кои се соочуваме поради нашата вера се доказ дека сме вистински христијани (Мат. 10:22; 24:9; Јован 15:20). Токму затоа Јаков можел да напише: „Сметајте дека навистина имате за што да се радувате, браќа мои, кога ќе се најдете во разни искушенија“ (Јак. 1:2).
7-8. Што се случува со нашата вера кога имаме искушенија?
7 Јаков истакнал уште една причина зошто христијаните спремно се соочуваат дури и со тешки искушенија. Тој рекол: „Искушувањето на вашата вера во вас гради истрајност“ (Јак. 1:3). Искушенијата може да се споредат со оган кој се користи за да се обликува еден железен меч. Кога железото се загрева и потоа се лади, мечот станува поцврст. На сличен начин, кога истрајуваме во искушенијата, нашата вера се зајакнува. Затоа Јаков напишал: „Истрајноста нека го доврши своето дело за да бидете совршени и потполни“ (Јак. 1:4). Кога гледаме како искушенијата ни ја зајакнуваат верата, тоа ни дава сила да истраеме со радост.
8 Во своето писмо, Јаков навел и некои работи што можат да ни ја одземат радоста. Кои се тие работи, и што може да ни помогне да се справиме со нив?
ШТО МОЖЕ ДА НИ ПОМОГНЕ ДА НЕ ЈА ИЗГУБИМЕ РАДОСТА?
9. Зошто ни е потребна мудрост?
9 Проблем: Не знаеме што да правиме. Кога минуваме низ некое искушение, сакаме да носиме одлуки со кои ќе го радуваме Јехова, со кои ќе ги охрабриме браќата и сестрите и кои ќе ни помогнат да му останеме верни на Бог (Ерем. 10:23). Потребна ни е мудрост за да знаеме како да постапиме во одредена ситуација и што да им кажеме на оние што ни се противат. Ако не знаеме што да правиме, би можеле да се чувствуваме беспомошно и разочарано, и така лесно би ја изгубиле радоста.
10. Според Јаков 1:5, што треба да правиме за да добиеме мудрост?
10 Решение: Моли го Јехова за мудрост. Ако сакаме да истраеме во неволјите со радост, мора најпрвин да го молиме Јехова да ни даде мудрост за да донесеме добри одлуки. (Прочитај Јаков 1:5.) Но, што треба да правиме доколку Јехова не ни одговори веднаш на молитвите? Јаков рекол дека треба да продолжиме да бараме мудрост од Бог. На Јехова нема да му здосади ако упорно го молиме, и нема да нѐ прекори за тоа. Кога се молиме, нашиот небесен Татко великодушно ќе ни даде мудрост за да можеме да истраеме во неволјите (Пс. 25:12, 13). Тој гледа низ што минуваме, сочувствува со нас и сака да ни помогне. Тоа навистина нѐ исполнува со радост. Но, како Јехова ни дава мудрост?
11. Што друго треба да правиме за да добиеме мудрост?
11 Јехова ни дава мудрост преку својата Реч (Изр. 2:6). За да ја добиеме таа мудрост, треба да ја проучуваме Библијата и библиските публикации. Но, не е доволно само да стекнуваме знаење, мора и да постапуваме во склад со мудроста од Бог, односно да ги применуваме неговите совети во нашиот живот. Јаков напишал: „Немојте само да ја слушате речта, туку и извршувајте ја“ (Јак. 1:22). Ако ги применуваме Божјите совети, ќе бидеме помирољубиви, поразумни и помилосрдни (Јак. 3:17). Овие особини ќе ни помогнат да истраеме во неволјите без да ја изгубиме радоста.
12. Зошто е важно добро да ја познаваме Библијата?
12 Божјата Реч е како огледало. Таа ни помага да видиме какви промени треба да направиме и како да успееме во тоа (Јак. 1:23-25). На пример, додека сме ја проучувале Библијата можеби сме сфатиле дека сме избувливи и дека треба да реагираме посмирено. Потоа, Јехова ни помогнал да научиме да покажуваме благост во ситуации кога ќе се изнервираме поради некои луѓе или проблеми. Бидејќи сме ја стекнале оваа особина, подобро реагираме кога сме под притисок, појасно гледаме на работите и носиме подобри одлуки (Јак. 3:13). Колку е важно добро да ја познаваме Библијата!
13. Зошто треба да го проучуваме примерот на Божјите слуги од минатото?
13 Понекогаш учиме како не треба да постапуваме дури откако ќе направиме грешка. Но, тоа е потешкиот начин да извлечеме поука од нешто. Подобриот начин на кој можеме да стекнеме мудрост е така што ќе учиме од другите — и од нивните грешки и од добрите работи што ги направиле. Затоа Јаков нѐ поттикнал да размислуваме за некои примери од Библијата, како што се Авраам, Раав, Јов и Илија (Јак. 2:21-26; 5:10, 11, 17, 18). Овие верни Божји слуги истрајале во неволјите и не дозволиле тие да им ја одземат радоста. Од нивниот пример гледаме дека со Јеховина помош и ние можеме да истраеме.
14-15. Зошто треба да ги расчистиме нашите сомнежи?
14 Проблем: Нерасчистени сомнежи. Одвреме-навреме, можеби ќе ни биде тешко да разбереме нешто од Божјата Реч или можеби Јехова нема да ни одговори на молитвите онака како што очекуваме. Поради тоа, можат да ни се појават сомнежи. Ако не преземеме нешто, тие би можеле да ни ја ослабнат верата и да ни го нарушат односот со Јехова (Јак. 1:7, 8). А поради нив може дури и да ја изгубиме нашата надеж за иднината.
15 Апостол Павле ја споредил надежта со котва (Евр. 6:19). Кога има бура, котвата цврсто го држи бродот за да не биде одвлечен од брановите и да се разбие од карпите. Но, котвата ќе биде корисна само доколку синџирот што ја поврзува со бродот не се скрши. Исто како што ’рѓата може да го ослабне синџирот, така и нерасчистените сомнежи можат да ја ослабнат нашата вера. Кога ќе се соочи со противење, оној што има сомнежи може да изгуби вера дека Јехова ќе ги исполни своите ветувања. А доколку ја изгубиме верата, ќе ја изгубиме и надежта. Затоа Јаков напишал дека оној што се сомнева е како „морски бран кого ветрот го носи и го тера ваму-таму“ (Јак. 1:6). Таквото лице веројатно никогаш нема да чувствува радост!
16. Што треба да правиме ако имаме сомнежи?
16 Решение: Расчисти ги своите сомнежи; зајакни си ја верата. Немој да бидеш неодлучен. Во времето на пророкот Илија, Јеховиниот народ станал неодлучен. Затоа Илија им рекол: „До кога ќе кривите на двете страни? Ако е Јехова вистинскиот Бог, одете по него, а ако е Ваал, одете по него” (1. Цар. 18:21). Ако и ние се соочуваме со сомнежи, треба одлучно да преземеме нешто. Треба подлабоко да проучуваме за да се увериме дека Јехова е вистинскиот Бог, дека Библијата е негова Реч и дека Јеховините сведоци се негов народ (1. Сол. 5:21). Тоа може да ни помогне да ги расчистиме сомнежите и да си ја зајакнеме верата. А ако не можеме сами да се избориме со сомнежите, може да побараме помош од старешините. Многу е важно веднаш да преземеме нешто за да продолжиме радосно да му служиме на Јехова!
17. Што ќе се случи ако ја изгубиме храброста?
17 Проблем: Обесхрабрување. Во Божјата Реч пишува: „Ако се обесхрабриш во денот на неволја, ќе ослаби твојата сила“ (Изр. 24:10). Хебрејскиот збор преведен со „да се обесхрабриш“ може да значи „да ја изгубиш храброста“, а доколку ја изгубиш храброста, за кратко време ќе ја изгубиш и радоста.
18. Што е вклучено во тоа да истраеме?
18 Решение: Моли го Јехова да ти даде храброст за да истраеш. За да можеме да истраеме во неволјите, потребна ни е храброст (Јак. 5:11). Зборот што во Јаков 5:11 е преведен со „истрајност“, на изворниот јазик создава слика на некој што цврсто стои на одредено место. Можеби помислуваме на војник кој храбро стои на своето место и не се повлекува дури и кога непријателот жестоко го напаѓа.
19. Што можеме да научиме од примерот на апостол Павле?
19 Апостол Павле покажувал храброст и истрајност, и со тоа ни оставил добар пример. Понекогаш тој се чувствувал слаб, но можел да истрае бидејќи го молел Јехова да му ја даде потребната сила (2. Кор. 12:8-10; Фил. 4:13). Јехова и нам ќе ни даде сила и храброст ако понизно признаеме дека ни е потребна неговата помош (Јак. 4:10).
БИДИ БЛИЗОК СО БОГ И ОСТАНИ РАДОСЕН
20-21. Во што може да бидеме уверени?
20 Можеме да бидеме уверени дека искушенијата низ кои минуваме не се казна од Јехова. Јаков напишал: „Никој, кога ќе се најде во искушение нека не вели: ’Бог ме искушува‘. Зашто, Бог не може да се искуша со зло, а и тој никого не искушува со зло“ (Јак. 1:13). Тоа што сме уверени во оваа вистина ни помага уште повеќе да се зближиме со нашиот небесен Татко кој многу нѐ сака (Јак. 4:8).
21 Јехова „не се менува“ (Јак. 1:17). Тој им помагал на првите христијани кога минувале низ неволји, а ќе му помага и на секој од нас денес. Затоа сесрдно моли го Бог да ти дава мудрост, вера и храброст. Тој ќе ти одговори на молитвите. Биди уверен дека Јехова ќе ти помага да останеш радосен додека минуваш низ неволји.
ПЕСНА 128 Да бидеме истрајни
a Во библиската книга Јаков има голем број корисни совети за тоа како да се справиме со искушенијата. Во оваа статија ќе бидат разгледани некои од нив. Тие можат да ни помогнат да истраеме и да продолжиме со радост да му служиме на Јехова и покрај тешкотиите.
b ОПИС НА СЛИКИТЕ: Еден брат е уапсен во својот дом. Жена му и ќерка му гледаат како полицајците го одведуваат. Додека тој е во затвор, тие две ја одржуваат Семејната вечер со браќа и сестри од собранието. Мајката и ќерката често го молат Јехова да им даде сила да истраат во таа неволја. Јехова им дава внатрешен мир и храброст. Како резултат на тоа, нивната вера станува поцврста, а тоа им помага да истраат со радост.