„Истрајноста нека го доврши своето дело“
Истрајноста нека го доврши своето дело за да бидете совршени и потполни, без никаков недостаток (ЈАК. 1:4)
1, 2. а) Што учиме од истрајноста на Гедеон и на неговите 300 војници? (Види ја сликата погоре.) б) Според Лука 21:19, зошто е важно да истраеме до крајот?
ИЗРАЕЛСКАТА војска, која ја предводел судијата Гедеон, водела тешка и исцрпувачка битка со непријателите. Цела ноќ, тој и неговите војници трчале повеќе од 30 километри во потера по Мадијамците и нивните сојузници! Библијата кажува што се случило потоа: „Гедеон дојде на Јордан и го премина, тој и тие триста луѓе со него. Беа уморни“. Но, сѐ уште не ја добиле битката — преостанале уште 15.000 непријателски војници. Бидејќи Мадијамците ги угнетувале со години, Израелците не можеле да се откажат од потерата. Гедеон и неговите војници продолжиле да ги гонат непријателите сѐ додека не ги поразиле во потполност! (Суд. 7:22; 8:4, 10, 28).
2 И ние водиме тешка и исцрпувачка битка против Сатана, неговиот свет и нашата сопствена несовршеност. Некои од нас со години се борат против овие непријатели, и Јехова им помогнал да извојуваат многу победи. Сепак, сѐ уште не сме извојувале конечна победа. Можеби понекогаш сме уморни од постојаната борба или сме разочарани затоа што крајот на овој зол свет сѐ уште не дошол. Самиот Исус предупредил дека во овие последни денови ќе се соочиме со тешки испити и со немилосрдно прогонство. Но, тој исто така рекол дека, ако истраеме, ќе победиме. (Прочитај Лука 21:19.) Што е истрајноста? Што ќе ни помогне да истраеме? Што може да научиме од оние кои истрајале до крајот? И како може да дозволиме истрајноста да го „доврши своето дело“? (Јак. 1:4).
ШТО Е ИСТРАЈНОСТА?
3. Што е истрајноста?
3 Во библиска смисла, истрајноста не значи само да се поднесува некоја тешка ситуација. Таа е поврзана со нашиот ум и со нашето срце, односно со начинот на кој реагираме на неволјите. Истрајноста ни помага да бидеме храбри, стрпливи и да му останеме верни на Бог. Според еден прирачник, тоа е „став кој му помага на човек да го поднесе она што му се случува, не само затоа што се помирил со неволјата, туку затоа што има жива надеж... Ова е особина што му дава сила на човекот да остане на нозе иако го шиба силен ветар“. Таа ни помага да го победиме и најтешкото искушение бидејќи не мислиме на болката туку на крајната цел.
4. Зошто може да се каже дека љубовта нѐ поттикнува да истраеме?
4 Што нѐ поттикнува да истраеме? Љубовта. (Прочитај 1. Коринќаните 13:4, 7.) Љубовта кон Јехова ни дава сила да издржиме сѐ што ќе дозволи тој (Лука 22:41, 42). Љубовта кон браќата ни помага да ги поднесеме нивните слабости и грешки (1. Пет. 4:8). Љубовта им помага на сопружниците да ја зајакнат својата брачна врска и да ги пребродат неволјите — кои ги имаат дури и оние што се во среќен брак (1. Кор. 7:28).
ШТО ЌЕ ТИ ПОМОГНЕ ДА ИСТРАЕШ?
5. Зошто Јехова најдобро знае што ни е потребно за да истраеме?
5 Моли го Јехова за сила. Бог „дава истрајност и утеха“ (Рим. 15:5). Само тој во потполност ги разбира нашите чувства и околности, па дури и нашата генетика. Јехова најдобро знае што ни е потребно за да истраеме. Библијата вели: „Ќе им ја исполни желбата на оние што се бојат од него, ќе го чуе нивниот повик и ќе ги спаси“ (Пс. 145:19). Но, како Бог ни одговара кога го молиме да ни даде сила да истраеме?
6. Како Јехова може да „направи излез“ од неволјите?
6 Ако го молиме Јехова да ни помогне да истраеме, тој „ќе направи излез“. (Прочитај 1. Коринќаните 10:13.) Како? Понекогаш Бог може да ја прекине неволјата. Но, во повеќето случаи ни дава сила за да можеме стрпливо да истраеме до крајот без да ја изгубиме радоста (Кол. 1:11). Бидејќи добро ги познава нашите физички, умствени и емоционални граници, Јехова никогаш нема да дозволи да се најдеме во толку тешка ситуација што ќе биде невозможно да му останеме верни.
7. Зошто ни е потребна духовна храна за да истраеме? Наведи споредба.
7 Зајакнувај ја својата вера со духовна храна. Зошто е важна духовната храна? Да наведеме еден пример. За некој да се искачи на Монт Еверест, највисоката планина на светот, треба секој ден да јаде трипати повеќе од обично. Со други зборови, тој мора да внесе што е можно повеќе калории за да издржи и да стигне до целта. На сличен начин, за да истраеме како христијани и да ја постигнеме својата цел, треба да земаме духовна храна во изобилство. Мора да бидеме решени да одвојуваме време за лично проучување и за состаноци. Овие активности ќе ни помогнат да си ја зајакнеме верата (Јован 6:27).
8, 9. а) Според Јов 2:4, 5, што треба да имаме на ум кога ќе се најдеме во неволја? б) Што би можел да си замислиш кога се соочуваш со некој испит на верата?
8 Не заборавај дека на испит е твојата верност кон Бог. Кога сме во неволја, не треба да мислиме само на своето страдање. Мора да имаме на ум дека неволјите ја ставаат на испит нашата верност кон Бог. Начинот на кој реагираме покажува дали навистина го сметаме Јехова за Севишен Владетел. Сатана, непријателот кој се противи на Неговото владеење, му се подбивал со следниве зборови: „Човекот ќе даде сѐ што има за својата душа... Пружи ја раката и допри ги неговите коски и неговото месо, па види дали нема да те проколне в лице!“ (Јов 2:4, 5). Всушност, Сатана тврдел дека луѓето му служат на Јехова од себични причини, а не од љубов. Дали Ѓаволот се сменил откако ги кажал тие зборови? Воопшто не! Со години подоцна, кога бил исфрлен од небото, тој сѐ уште деноноќно ги обвинувал верните Божји слуги (Отк. 12:10). И денес Сатана тврди дека луѓето му служат на Јехова само од корист. Тој едвај чека да попуштиме кога ќе се најдеме во неволја и да престанеме да му служиме на Јехова како на Севишен Владетел.
9 Затоа, кога страдаш поради некој тежок испит на верата, обиди се да си го замислиш следново: Сатана и демоните се на едната страна. Тие гледаат што ќе направиш и тврдат дека ќе се откажеш од Бог. Но, од другата страна се Јехова, нашиот Цар Исус Христос, воскреснатите помазаници и илјадници ангели. И тие го гледаат твоето страдање, но те храбрат и се радуваат што секој ден истрајуваш и остануваш на Јеховината страна. Немој ни за миг да ги заборавиш следниве Божји зборови: „Биди мудар, сине мој, и израдувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној што ми се подбива“ (Изр. 27:11).
10. На кој начин можеш да постапиш како Исус кога ќе се соочиш со неволја?
10 Мисли на благословите. Да речеме дека си некаде на пат. Додека патуваш, мора да поминеш низ еден долг тунел. Насекаде околу тебе е мрачно. Но, знаеш дека, ако продолжиш да возиш до крајот на тунелот, повторно ќе видиш светлина. Нашиот живот може да личи на едно такво патување. Можеби ќе мора да поминеш низ мрачни периоди кога ќе ти се чини дека проблемите што ги имаш се претешки и немаат крај. Дури и Исус веројатно се чувствувал така. Кога бил прикован на маченичкиот столб, претрпел големо понижување и болка. Тоа сигурно биле најтешките моменти во неговиот живот! Што му помогнало да истрае? Библијата вели дека тој мислел на радоста што го очекувала во иднина (Евр. 12:2, 3). Исус го насочил погледот кон наградата која требало да ја добие ако истрае до крајот. Најважно од сѐ му било да го посвети Божјето име и да го поддржи Јехова како Севишен Владетел. Тој знаел дека страдањето е привремено, но дека неговата награда на небото е вечна. Иако можеби денес ни се чини дека и нашите неволји се тешки и неподносливи, никогаш да не заборавиме дека тие се само привремени.
„ОНИЕ ШТО ИСТРАЈАА“
11. Зошто треба да размислуваме за искуствата на оние што истрајале?
11 Добро е да имаме на ум дека не сме единствените што истрајуваат во неволји. За да ги охрабри христијаните да ги издржат многуте испити од Сатана, Петар напишал: „Спротивставете му се цврсти во верата, знаејќи дека истите страдања ги поднесуваат и вашите браќа по светот“ (1. Пет. 5:9). Од искуствата на оние што истрајале учиме како да му останеме верни на Бог. Тие нѐ потсетуваат дека ќе бидеме наградени за нашата верност (Јак. 5:11). Да разгледаме некои примери.[1]
12. Што учиме од примерот на херувимите кои го чувале влезот на рајската градина?
12 Херувимите. Од нивниот пример може да научиме како да истраеме кога ќе добиеме тешка задача. Библијата вели: „На источниот крај од еденската градина [Јехова] постави херувими и меч со пламено сечило, кој се вртеше постојано и го чуваше патот кон дрвото на животот“[2] (1. Мој. 3:24). Херувимите воопшто не биле создадени да вршат таква задача! Всушност, гревот и побуната никогаш не биле дел од Јеховината намера со луѓето. Сепак, никаде во Библијата не пишува дека овие херувими — кои имале висока положба на небото — приговарале или дека мислеле оти таквата задача е под нивното достоинство. Не им здодеало да ја извршуваат и не се откажале од неа. Наместо тоа, послушно и истрајно го чувале влезот на рајската градина, најверојатно сѐ до времето кога започнал Потопот — повеќе од 1600 години подоцна!
13. Што му помогнало на Јов да ги издржи неволјите?
13 Верниот Јов. Можеби си потиштен затоа што некој пријател или член на семејството ти кажал нешто што те обесхрабрило. Можеби си тешко болен или, пак, тагуваш затоа што ти починал некој близок. Што и да ти се случува, примерот на Јов може да те утеши (Јов 1:18, 19; 2:7, 9; 19:1-3). Тој не знаел зошто одеднаш го снашле многу неволји, но сепак не се откажал од Бог. Што му помогнало да истрае? Пред сѐ, тоа што го сакал Јехова и се плашел да не го разочара (Јов 1:1). Јов сакал да го радува Бог и во добро и во зло. Освен тоа, Јехова го потсетил на својата моќ така што го поттикнал да размислува за некои од величествените работи кои ги создал. Ова уште повеќе го уверило Јов дека Бог ќе му даде излез од неволјите во вистинско време (Јов 42:1, 2). Токму тоа и се случило. Библијата вели: „Јехова го избави од неволјата што го беше заробила. И Јехова му даде на Јов двојно повеќе од сето она што го имаше порано“. Овој Божји слуга водел исполнет живот и дочекал длабока старост (Јов 42:10, 17).
14. Според 2. Коринќаните 1:6, како истрајноста на Павле им помогнала на другите?
14 Апостол Павле. Дали се соочуваш со немилосрдно противење или прогонство? Дали како старешина или покраински надгледник не можеш да кренеш глава од многу обврски? Ако да, тогаш може да ти помогне примерот на Павле. Иако се соочил со сурово прогонство и постојано бил притиснат од грижи за браќата во собранијата, тој не се откажал (2. Кор. 11:23-29). Со својот пример многу ги зајакнал соверниците. (Прочитај 2. Коринќаните 1:6.) И твојата истрајност најверојатно ќе им помогне на другите да истраат.
ДАЛИ ИСТРАЈНОСТА ЌЕ ГО „ДОВРШИ СВОЕТО ДЕЛО“ ВО ТЕБЕ?
15, 16. а) Кое „дело“ мора да го доврши истрајноста? б) Наведи примери за тоа како може истрајноста „да го доврши своето дело“.
15 Под водство на светиот дух, ученикот Јаков напишал: „Истрајноста нека го доврши своето дело за да бидете совршени и потполни, без никаков недостаток“ (Јак. 1:4). Како може истрајноста да го доврши своето „дело“ во нас? Кога минуваме низ неволји, на површина излегуваат некои наши слабости на кои треба да работиме. На пример, можеби ќе сфатиме дека треба да бидеме пострпливи, посочувствителни или поблагодарни. Ако истраеме во неволјата, ќе научиме уште повеќе да ги покажуваме овие особини, и така ќе станеме подобри личности.
16 Бидејќи истрајноста ни помага да бидеме подобри христијани, не треба да го прекршиме Јеховиниот закон само за да си ги скратиме неволјите. На пример, што ако се бориш со нечисти мисли? Наместо да им се препуштиш, моли го Јехова да ти помогне да ги отфрлиш. На тој начин ќе покажеш уште поголемо самосовладување. А што ако ти се противи некој од твоите најблиски? Не се предавај! Биди решен и понатаму да му служиш на Јехова. Тоа уште повеќе ќе ја зајакне твојата доверба во него. Не заборавај: Ако сакаме да останеме блиски со Бог, мора да бидеме истрајни (Рим. 5:3-5; Јак. 1:12).
17, 18. а) Која споредба ни покажува колку е важно да истраеме до самиот крај? б) Додека наближува крајот, во што може да бидеме уверени?
17 Ние мора да истраеме до крајот, а не само одредено време. Замисли си еден брод што тоне. За да преживеат, патниците мора да допливаат до брегот. Оној што веднаш ќе се откаже и ќе престане да плива, ќе се удави. Но, ќе се удави и оној што ќе се откаже пред да доплива до самиот брег. Ако сакаме да живееме во новиот свет, мора да истраеме до крајот. Да имаме ист став како апостол Павле, кој рекол: „Не се откажуваме“! (2. Кор. 4:1, 16).
18 Ние сме апсолутно сигурни дека Јехова ќе ни помогне истрајно да му служиме до самиот крај. Павле напишал: „Во сето тоа надмоќно победуваме преку оној што нѐ сакаше. Зашто, уверен сум дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни ова што е сега, ни она што ќе дојде, ни силите, ни височината, ни длабочината, ниту кое и да е друго создание не може да нѐ одвои од Божјата љубов, која е во Христос Исус, нашиот Господар“ (Рим. 8:37-39). Точно, понекогаш ќе се умориме. Сепак, да го следиме примерот на Гедеон и на неговите војници. И тие се умориле, но не се откажале. Продолжиле со потерата и извојувале победа! (Суд. 8:4).
^ [1] (пасус 11) Ќе се охрабриш и ако читаш за истрајноста на Божјите слуги во нашево време. На пример, извештаите за браќата во Етиопија, Малави и Русија, кои излегоа во Годишникот за 1992, 1999 и 2008 год., можат многу да те зајакнат.
^ [2] (пасус 12) Библијата не кажува колку херувими ја извршувале оваа задача.