-
„Приближете му се на Бог“Стражарска кула 2002 | 15 Декември
-
-
„Приближете му се на Бог“
„Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (ЈАКОВ 4:8).
1, 2. а) Какви тврдења честопати изнесуваат луѓето? б) Каква опомена дал Јаков, и зошто била потребна?
„БОГ е со нас.“ Овие зборови красат национални симболи, па дури и војнички униформи. „Нашата доверба е во Бог“ е испишано на безброј монети и банкноти на денешните валути. Вообичаено е луѓето да тврдат дека имаат близок однос со Бог. Но, зарем не се согласуваш дека, за навистина да се има еден таков однос, потребно е многу повеќе отколку само да се зборува за него или да се истакнуваат слогани?
2 Библијата покажува дека е можно човек да има личен однос со Бог. Но, потребен е напор. Дури и некои помазани христијани во првиот век требало да го зајакнат својот однос со Јехова Бог. Христијанскиот надгледник Јаков морал да предупреди некои на нивните телесни склоности и на нивното губење на духовната чистота. Во тој совет ја дал и следнава силна опомена: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:1—12). Што мислел Јаков со изразот „приближете му се“?
3, 4. а) На што можеби биле потсетени некои читатели на Јаков во првиот век со изразот „приближете му се на Бог“? б) Зошто можеме да бидеме уверени дека е возможно да му се пристапи на Бог?
3 Јаков употребил еден израз што им бил познат на многу негови читатели. Мојсеевиот закон им давал на свештениците конкретни упатства за тоа како да „доаѓаат близу до“, односно да му пристапуваат на Јехова во името на неговиот народ (Излез 19:22). Така, читателите на Јаков можеби биле потсетени дека приликата да му се пристапи на Јехова не е нешто што треба да се земе здраво за готово. Јехова е најдостоинствената личност во универзумот.
4 Од друга страна, пак, како што забележува еден библиски изучувач, „оваа опомена [во Јаков 4:8] открива голем оптимизам“. Јаков знаел дека Јехова секогаш со љубов ги повикувал несовршените луѓе да Му се приближат (2. Летописи 15:2). Исусовата жртва го отворила патот за пристап до Јехова во една поцелосна смисла (Ефешаните 3:11, 12). Денес, патот за пристап до Бог им е отворен на милиони! Но, како можеме да ја искористиме оваа прекрасна прилика? Накратко ќе разгледаме три начини на кои можеме да му се приближиме на Јехова Бог.
Продолжете да ‚примате спознание‘ за Бог
5, 6. Како примерот на младиот Самоил илустрира што е вклучено во ‚примањето спознание‘ за Бог?
5 Според Јован 17:3, Исус рекол: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“. Во многу преводи на овој стих има една мала разлика од Превод Нов свет. Наместо да речат „да примаат спознание“ за Бог, тие едноставно го преведуваат овој глагол со „да го запознаат“ Бог или „да го познаат“ Бог. Меѓутоа, многу изучувачи забележуваат дека смислата на зборот што е употребен во оригиналниот грчки јазик вклучува нешто повеќе — еден постојан процес, процес што може да води дури и до блиско познанство со другиот.
6 Блиско да се познава Бог не било нешто ново во времето на Исус. На пример, во хебрејските списи читаме дека, кога Самоил бил момче, „уште не го познаваше Господа“ (1. Самоил 3:7). Дали ова значи дека Самоил знаел многу малку за својот Бог? Не. Неговите родители и свештениците сигурно го научиле многу. Меѓутоа, хебрејскиот збор што се користи во тој стих може, според еден изучувач, да „се користи за најблиските познанства“. Самоил сѐ уште не го запознал Јехова толку блиско, како што ќе го запознае подоцна кога ќе служи како Јеховин говорник. Како што растел, Самоил навистина го запознавал Јехова, стекнувајќи близок личен однос со него (1. Самоил 3:19, 20).
7, 8. а) Зошто не треба да нѐ обесхрабрат подлабоките библиски учења? б) Кои се некои длабоки вистини од Божјата реч што ќе биде добро да ги проучиме?
7 Дали примаш спознание за Јехова со цел блиско да се запознаеш со него? За да го сториш тоа, треба да ‚развиеш копнеж‘ по духовната храна што ја обезбедува Бог (1. Петрово 2:2). Не задоволувај се само со основните работи. Настојувај да научиш некои од подлабоките библиски учења (Евреите 5:12—14). Дали си обесхрабрен од таквите учења, мислејќи дека се премногу тешки? Ако е така, сети се дека Јехова е ‚Големиот Учител‘ (Исаија 30:20, NW). Тој знае како да им пренесе длабоки вистини на несовршените човечки умови. И може да ги благослови твоите искрени напори да го сфатиш она за што те поучува (Псалм 25:4).
8 Зошто не се преиспиташ во поглед на некои од „длабоките работи Божји“? (1. Коринќаните 2:10). Тоа не се сувопарни теми за кои можеби дебатираат теолозите и свештениците. Тоа се живи доктрини што даваат фасцинантен увид во мислите и во срцето на нашиот Татко полн со љубов. На пример, откупот, ‚светата тајна‘, различните сојузи што ги користел Јехова за да го благослови својот народ и за да ги исполни своите намери — овие и уште многу други вакви теми се радосни и наградувачки области за лично истражување и проучување (1. Коринќаните 2:7).
9, 10. а) Зошто гордоста е опасна, и што ќе ни помогне да ја избегнуваме? б) Кога станува збор за спознанието за Јехова, зошто треба да настојуваме да бидеме понизни?
9 Додека растеш во спознанието за подлабоките духовни вистини, внимавај на опасноста што може да дојде со спознанието — гордоста (1. Коринќаните 8:1). Гордоста е опасна, бидејќи ги отуѓува луѓето од Бог (Пословици 16:5; Јаков 4:6). Не заборавај, ниеден човек нема причина да се фали со своето спознание. За да илустрираме, размисли за следниве зборови од уводот на една книга што дава проценка на најновите научни достигнувања на човештвото: „Колку повеќе дознаваме, толку повеќе сфаќаме колку малку знаеме . . . Сѐ што сме научиле е ништо во споредба со она што допрва треба да го научиме“. Таквата понизност е освежувачка. А кога станува збор за најголемото спознание — спознанието за Јехова Бог — имаме уште поголема причина да останеме понизни. Зошто?
10 Забележи некои библиски изјави за Јехова. „Длабоки се Твоите замисли“ (Псалм 92:5). „Нема мерка на [Јеховината] мудрост“ (Псалм 147:5). „[Јеховиниот] ум е неизмерлив“ (Исаија 40:28). „О длабочино на Божјето богатство и мудрост и спознание!“ (Римјаните 11:33). Јасно, никогаш нема да знаеме сѐ за Јехова (Проповедник 3:11). Тој нѐ поучил за многу прекрасни работи, но сепак, секогаш ќе имаме пред себе неограничен обем спознание од кое ќе можеме да учиме уште. Зарем тој изглед не нѐ возбудува и истовремено не нѐ прави понизни? Затоа, додека учиме, секогаш да го користиме нашето спознание како основа да му се приближиме на Јехова и да им помогнеме и на другите да го сторат истото — а никогаш да не го користиме како средство да се воздигнуваме над другите (Матеј 23:12; Лука 9:48).
Изрази ја својата љубов кон Јехова
11, 12. а) Како треба да влијае врз нас спознанието што го примаме за Јехова? б) Што одредува дали едно лице има вистинска љубов кон Бог?
11 Со право, апостол Павле рекол дека постои врска помеѓу спознанието и љубовта. Тој напишал: „За ова постојано се молам, вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да изобилува во точно спознание и во полна проникливост“ (Филипјаните 1:9). Наместо да нѐ надуе од гордост, секоја скапоцена вистина што ја учиме за Јехова и за неговите намери треба да ни ја зголеми љубовта кон нашиот небесен Татко.
12 Се разбира, многумина што тврдат дека го љубат Бог, всушност, не го прават тоа. Можеби чувствата што им надоаѓаат во срцето се сосема искрени. Таквите чувства се добри, па дури и пофални, кога се во склад со точното спознание. Но, тие сами по себе не се исто што и вистинска љубов кон Бог. Зошто? Забележи како ја дефинира таквата љубов Божјата реч: „Љубовта кон Бог значи ова: да ги држиме неговите заповеди“ (1. Јованово 5:3). Значи, љубовта кон Јехова е вистинска само кога се изразува преку послушни постапки.
13. Како ќе ни помогне побожниот страв да ја покажеме нашата љубов кон Јехова?
13 Побожниот страв ќе ни помогне да му бидеме послушни на Јехова. Оваа длабока страхопочит и длабока почит кон Јехова се резултат на тоа што примаме спознание за него, што учиме за неговата бескрајна светост, слава, моќ, правда, мудрост и љубов. Таквиот страв е пресуден за да му се приближиме. Всушност, забележи што вели Псалм 25:14: „Господ е близу до оние, кои се бојат од Него“. Затоа, ако имаме здрав страв да не не му угодиме на нашиот сакан небесен Татко, можеме да му се приближиме. Побожниот страв ќе ни помогне да обрнеме внимание на мудриот совет запишан во Пословици 3:6: „Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки“. Што значи тоа?
14, 15. а) Кои се некои одлуки со кои се соочуваме во секојдневниот живот? б) Како можеме да донесуваме одлуки на начин што го одразува нашиот побожен страв?
14 Секојдневно мораш да донесуваш одлуки, и големи и мали. На пример, каков разговор ќе водиш со твоите колеги, соученици, соседи? (Лука 6:45). Дали напорно ќе работиш на задачите што се поставени пред тебе или ќе бараш начини да поминеш со минимален труд? (Колошаните 3:23). Дали ќе се зближиш со оние што покажуваат мала или никаква љубов кон Јехова или, пак, ќе настојуваш да ги зајакнеш своите односи со духовно настроени луѓе? (Пословици 13:20). Што ќе сториш, дури и во мали размери, за да ги унапредиш интересите на Божјето Царство? (Матеј 6:33). Ако библиските начела како овие што се наведени овде те водат во твоите секојдневни одлуки, тогаш ти навистина мислиш на Јехова „на сите свои патишта“.
15 Всушност, во секоја одлука што ја донесуваме, треба да нѐ води оваа мисла: ‚Како би сакал да постапам Јехова? Кој правец би му бил најугоден?‘ (Пословици 27:11). Ваквото покажување побожен страв е одличен начин да изразиме љубов кон Јехова. Побожниот страв исто така ќе нѐ поттикне да останеме чисти — духовно, морално и физички. Запомни, во истиот стих во кој Јаков ги поттикнува христијаните ‚да му се приближат на Бог‘, тој исто така опоменува: „Исчистете ги рацете, грешници, и прочистете ги срцата, неодлучни“ (Јаков 4:8).
16. Што не можеме никогаш да постигнеме со тоа што ќе му даваме на Јехова, но сепак, што можеме секогаш да успееме да правиме?
16 Се разбира, изразувањето на нашата љубов кон Јехова вклучува многу повеќе отколку само да се воздржуваме од она што е лошо. Љубовта исто така нѐ поттикнува да го правиме она што е исправно. На пример, како реагираме на Јеховината изобилна дарежливост? Јаков напишал: „Секој добар дар и секој совршен подарок е одозгора, зашто доаѓа од Таткото на небесните светла и кај него нема промена во вртењето на сенката“ (Јаков 1:17). Точно, кога му ги даваме на Јехова нашите поседи, ние не го збогатуваме. Тој веќе ги поседува сите добра и богатства што постојат (Псалм 50:12). А кога му го даваме на Јехова нашето време и енергија, не му исполнуваме некоја потреба што инаку не може да си ја задоволи сам. Дури и кога ние би одбиле да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство, тој може да предизвика камењата да извикуваат! Тогаш, зошто да му ги даваме на Јехова нашите материјални средства, време и енергија? Пред сѐ, затоа што на тој начин ја изразуваме нашата љубов кон него со сето наше срце, душа, ум и сила (Марко 12:29, 30).
17. Што може да нѐ мотивира радосно да му даваме на Јехова?
17 Кога му даваме на Јехова, тоа треба да го правиме радосно, „зашто Бог љуби весел дарител“ (2. Коринќаните 9:7). Начелото што е запишано во Второзаконие 16:17 може да ни помогне радосно да даваме: „Секој нека принесе што може, според благословот што ти го додели Господ, твојот Бог“. Кога размислуваме колку великодушен е Јехова кон нас, чувствуваме желба великодушно да му даваме. Таквото давање го радува неговото срце, исто како што еден родител се радува на мал подарок од своето сакано дете. Изразувањето на нашата љубов на ваков начин ќе ни помогне да му се приближиме на Јехова.
Гради блискост преку молитва
18. Зошто вреди да размислиме како да го подобриме квалитетот на нашите молитви?
18 Миговите на лични молитви ни даваат една скапоцена можност — прилики за близок, доверлив разговор со нашиот небесен Татко (Филипјаните 4:6). Бидејќи молитвата е многу битно средство за да му се приближиме на Бог, вреди да застанеме и да размислиме за квалитетот на нашите молитви. Не мора да значи дека тие треба да бидат пример на речитост и организираност, но треба да бидат искрени изрази што доаѓаат од срце. Како можеме да го подобриме квалитетот на нашите молитви?
19, 20. Зошто да медитираме пред да се молиме и кои се некои соодветни теми за такво медитирање?
19 Можеме да се обидеме да медитираме пред да се молиме. Ако медитираме однапред, можеме да ги направиме нашите молитви конкретни и смисловни, а со тоа ќе ја избегнеме практиката да повторуваме фрази што се познати и веднаш доаѓаат на ум (Пословици 15:28, 29). Можеби ќе ни биде од помош длабоко да размислуваме за некоја од темите што ги спомнал Исус во својата пример-молитва и потоа да разгледаме како се однесуваат тие на нашите околности (Матеј 6:9—13). На пример, би можеле да се запрашаме која мала улога се надеваме да ја одиграме во извршувањето на Јеховината волја овде на земјата. Би можеле ли да му ја изразиме на Јехова нашата желба да му бидеме колку што е можно покорисни и да ја побараме неговата помош во извршувањето на која и да е задача што ни ја дал? Дали сме оптоварени со грижи за нашите материјални потреби? За кои гревови ни е потребно простување и кому треба повеќе да му простуваме? Кои искушенија нѐ погодуваат и дали сфаќаме колку итно ни е потребна Јеховина заштита во тој поглед?
20 Освен тоа, би можеле да размислиме за луѓето што ги познаваме и на кои особено им е потребна Јеховина помош (2. Коринќаните 1:11). Но, не треба да заборавиме да покажеме и благодарност. Ако запреме и размислиме за тоа, сигурно можеме да се сетиме на некои причини зошто да му се заблагодариме на Јехова и да го фалиме секој ден за неговата изобилна доброта (Второзаконие 8:10; Лука 10:21). Ако го сториме тоа, ќе имаме уште една корист — тоа може да ни помогне да стекнеме попозитивно и поблагодарно гледиште кон животот.
21. Проучувањето на кои библиски примери може да ни помогне кога му пристапуваме на Јехова во молитва?
21 И проучувањето може да ни помогне во молитвите. Во Божјата реч се запишани извонредни молитви на верни мажи и жени. На пример, ако пред нас стои некој тежок проблем што ни предизвикува тегобна загриженост, па дури и страв за нашата благосостојба или благосостојбата на нашите сакани, би можеле да ја прочитаме молитвата на Јаков во врска со претстојната средба со неговиот осветољубив брат Исав (Битие 32:9—12). Или, пак, би можеле да ја проучиме молитвата што ја кажал цар Аса кога на Божјиот народ му се заканувала сила од околу еден милион Етиопјани (2. Летописи 14:11, 12). Ако нѐ мачи некој проблем што се заканува да нанесе прекор на Јеховиното добро име, тогаш вреди да ја разгледаме молитвата на Илија пред обожавателите на Ваал на планината Кармел, како и молитвата на Неемија во врска со жалосната состојба на Ерусалим (1. Цареви 18:36, 37; Неемија 1:4—11). Читањето и медитирањето за таквите молитви може да ја зајакне нашата вера и да ни даде идеи како најдобро да му пристапиме на Јехова изнесувајќи му ги грижите што нѐ оптоваруваат.
22. Кој е годишниот стих за 2003 и што би можеле да се запрашаме одвреме навреме во текот на годината?
22 Јасно, нема поголема чест и нема повисока цел од тоа да обрнеме внимание на советот на Јаков ‚да му се приближиме на Бог‘ (Јаков 4:8). Да го правиме тоа напредувајќи во нашето спознание за Бог, настојувајќи сѐ повеќе да ја изразуваме нашата љубов кон него и развивајќи блискост со него во нашите молитви. Во текот на 2003 година, додека го имаме на ум Јаков 4:8 како годишен стих, да продолжиме да се преиспитуваме себеси во поглед на тоа дали навистина му се приближуваме на Јехова. Но, што е со вториот дел од таа изјава? Во која смисла Јехова „ќе ви се приближи вам“ и какви благослови ќе донесе тоа? Во следната статија ќе се дискутира за ова.
-
-
„Тој ќе ви се приближи вам“Стражарска кула 2002 | 15 Декември
-
-
„Тој ќе ви се приближи вам“
„[Бог] не е далеку од никого од нас“ (ДЕЛА 17:27).
1, 2. а) Кога ќе го погледнеме ѕвезденото небо, кое прашање би можеле да си го поставиме во врска со Творецот? б) Како нѐ уверува Библијата дека луѓето воопшто не се безначајни во Јеховини очи?
ДАЛИ некогаш си го погледнал ѕвезденото небо во некоја јасна ноќ и си бил исполнет со восхит? Самиот број на ѕвездите и неизмерноста на вселената влеваат страхопочит. Во овој огромен универзум, Земјата е само една точка. Дали тоа значи дека Творецот, кој е „Севишен над целата земја“, е премногу возвишен за да се интересира за луѓето или, пак, дека е премногу далечен и неистражлив за луѓето да го запознаат него? (Псалм 83:18).
2 Библијата нѐ уверува дека луѓето воопшто не се безначајни во Јеховини очи. Всушност, Божјата реч нѐ охрабрува да го бараме, велејќи: „Тој не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:27; 1. Летописи 28:9). Ако преземеме чекори да му се приближиме на Бог, тој ќе се оѕвие на нашиот напор. На кој начин? Зборовите од нашиот годишен стих за 2003 ни го даваат овој одговор што го радува срцето: „Тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8). Да подискутираме за некои од прекрасните благослови што ги излева Јехова врз оние што се блиски со него.
Личен дар од Јехова
3. Кој дар им го дава Јехова на оние што му се приближуваат?
3 Како прво, Јеховините слуги имаат еден скапоцен дар што Бог го зачувал само за својот народ. Сета моќ, богатство и образование што ги нуди овој систем на работи нѐ можат да ни го обезбедат овој дар. Тоа е личен дар, дар што Јехова им го дава само на оние што се блиски со него. Што е тоа? Божјата реч го дава одговорот: „Ако го повикаш разумот и извикаш кон благоразумноста; ако го бараш како сребро и трагаш по него како по скриено сокровиште [скриено богатство, NW] — тогаш ќе го разбереш Господовиот страв и ќе го најдеш знаењето за Бога [самото спознание за Бог, NW]. Зашто Господ дава мудрост“ (Пословици 2:3—6). Замисли си, несовршените луѓе можат да го најдат „самото спознание за Бог“! Тој дар — спознанието што се наоѓа во Божјата реч — е спореден со „скриено богатство“. Зошто?
4, 5. Зошто „самото спознание за Бог“ може да се спореди со „скриено богатство“? Илустрирај.
4 Една причина е тоа што спознанието за Бог има голема вредност. Еден од неговите најскапоцени благослови е изгледот за вечен живот (Јован 17:3). Но, тоа спознание го збогатува нашиот живот уште сега. На пример, како резултат на нашето внимателно проучување на Божјата реч, сме ги дознале одговорите на важни прашања како што се: ‚Кое е Божјето име? (Излез 34:5), Каква е вистинската состојба на мртвите? (Проповедник 9:5, 10), Каква е Божјата намера со земјата и со човештвото? (Исаија 45:18)‘. Исто така, сме дознале дека најдобриот начин на живот е да го применуваме библискиот мудар совет (Исаија 30:20, 21; 48:17, 18). Така, имаме здраво водство што ни помага да се справиме со животните грижи и да се стремиме по правец што унапредува вистинска среќа и задоволство. Што е уште поважно, проучувањето на Божјата реч нѐ оспособило да ги запознаеме Јеховините прекрасни особини и да му се приближиме. Што би можело да биде поскапоцено од еден близок однос со Јехова што се темели на „самото спознание за Бог“?
5 Има уште една причина зошто спознанието за Бог може да се спореди со „скриено богатство“. Како многу богатства, тоа е релативно ретко во овој свет. Од шесте милијарди жители на Земјата, околу шест милиони обожаватели на Јехова, односно некаде околу 1 на 1.000, го пронашле „самото спознание за Бог“. За да илустрираме каква ретка предност е да се знае вистината од Божјата реч, да разгледаме само едно библиско прашање: Што се случува со луѓето по смртта? Од Писмото знаеме дека душата умира и дека мртвите не се свесни за ништо (Езекиел 18:4, ПСП). Сепак, лажното верување дека нешто во човекот продолжува да живее по смртта го прифаќаат повеќето религии во светот. Тоа е составен дел на религиите на христијанскиот свет. Раширено е и во будизмот, хиндуизмот, исламот, јаинизмот, јудаизмот, шинтоизмот, сикизмот и таоизмот. Помисли — милијарди луѓе се измамени само со ова едно лажно учење!
6, 7. а) Само кој може да го најде „самото спознание за Бог“? б) Кој пример покажува дека Јехова нѐ благословил со увид што не можат да го стекнат многу ‚мудри и умни‘ луѓе?
6 Зошто уште повеќе луѓе не го пронашле „самото спознание за Бог“? Затоа што не може целосно да се сфати значењето на Божјата реч без Негова помош. Сети се, ова спознание е дар. Јехова им го дава само на оние што се спремни искрено и понизно да ја истражуваат неговата Реч. Таквите можеби не се „мудри во телесна смисла“ (1. Коринќаните 1:26). Многу од нив можеби дури и се сметаат за „неуки и обични“ според мерилата во светот (Дела 4:13). Сепак, тоа не е важно. Јехова нѐ наградува со „самото спознание за Бог“ поради особините што ги наоѓа во нашето срце.
7 Да разгледаме еден пример. Многу изучувачи во христијанскиот свет напишале опширни коментари за Библијата. Таквите референции можат да ја објаснат историската заднина, значењето на хебрејските и на грчките зборови и уште многу други работи. Со сето свое знаење, дали таквите изучувачи навистина го пронашле „самото спознание за Бог“? Па, дали јасно ја разбираат темата на Библијата — оправдувањето на Јеховиниот суверенитет преку неговото небесно Царство? Дали знаат дека Јехова Бог не е дел од тројство? Од друга страна, пак, ние имаме точно разбирање за тие теми. Зошто? Јехова нѐ благословил со увид во духовните вистини што не можат да го стекнат многу ‚мудри и умни‘ луѓе (Матеј 11:25). На каков само начин Јехова ги благословува оние што му се блиски!
„Господ ги пази оние, кои Го љубат“
8, 9. а) Како опишал Давид еден друг благослов за оние што се блиски со Јехова? б) Зошто на вистинските христијани им е потребна божествена заштита?
8 Оние што се блиски со Јехова уживаат уште еден благослов — божествена заштита. Псалмистот Давид, за кого неволјите не биле ништо ново, напишал: „Господ е близу до сите кои Го повикуваат, до сите што Го призиваат искрено. Тој ги исполнува желбите на оние кои се бојат од Него, ги слуша нивните повици и ги спасува. Господ ги пази оние, кои Го љубат“ (Псалм 145:18—20). Да, Јехова е близу до оние што го љубат и затоа може брзо да одговори на нивните повици за помош.
9 Зошто ни е потребна божествена заштита? Освен тоа што ги чувствуваат последиците од тоа што живеат во овие ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘, вистинските христијани се особена мета на главниот Непријател на Јехова, Сатана Ѓаволот (2. Тимотеј 3:1). Овој лукав непријател е решен да нѐ „проголта“ (1. Петрово 5:8). Сатана нѐ прогонува, ни врши притисок и нѐ искушува. Исто така бара ставови на умот и срцето што ќе може да ги искористи. Тој има на ум една цел: да ја ослабне нашата вера и да нѐ уништи духовно (Откровение 12:12, 17). Бидејќи се бориме со таков моќен непријател, зарем не е утешително сознанието дека „Господ ги пази оние, кои Го љубат“?
10. а) Како го пази Јехова својот народ? б) Која заштита е најважна, и зошто?
10 Но, како Јехова го пази својот народ? Неговото ветување за заштита не ни гарантира живот без проблеми во овој систем; ниту, пак, значи дека тој е принуден да прави чуда во наша корист. Но, Јехова сепак обезбедува физичка заштита за својот народ како група. На крајот на краиштата, никогаш не би дозволил Ѓаволот да ги збрише вистинските обожаватели од земјата! (2. Петрово 2:9). Пред сѐ, Јехова нѐ штити духовно. Нѐ опремува со она што ни е потребно за да истраеме во испитите и да го зачуваме нашиот однос со него. Долгорочно гледано, духовната заштита е најважната заштита. Зошто? Сѐ додека го имаме нашиот личен однос со Јехова, ништо — дури ниту смртта — не може да ни нанесе трајна штета (Матеј 10:28).
11. Кои подготовки ги направил Јехова за духовна заштита на својот народ?
11 Јехова направил обемни подготовки за духовна заштита на оние што се блиски со него. Преку својата Реч, Библијата, тој ни дава мудрост за да се справиме со различни испити (Јаков 1:2—5). Не е сеедно дали ќе го примениме или нема да го примениме практичниот совет што се наоѓа во Писмото. Освен тоа, Јехова им дава „свет дух на оние кои го молат“ (Лука 11:13). Тој дух е најмоќната сила во универзумот, така што сигурно може да нѐ опреми успешно да се соочиме со секој испит или искушение на кое може да наидеме. Преку Христос, Јехова дава „дарови во облик на луѓе“ (Ефешаните 4:8). Овие духовно квалификувани мажи настојуваат да го одразуваат Јеховиното длабоко сочувство кога им помагаат на своите сообожаватели (Јаков 5:14, 15).
12, 13. а) На кои начини Јехова нѐ снабдува со духовна храна во право време? б) Што чувствуваш ти во врска со Јеховините подготовки за наша духовна благосостојба?
12 Јехова обезбедува уште нешто за да нѐ заштити: духовна храна во право време (Матеј 24:45). Преку печатени публикации, вклучувајќи ги и списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, како и преку состаноците, собирите и конгресите, Јехова ни го дава она што ни е потребно тогаш кога тоа ни треба. Можеш ли да се сетиш на некоја прилика кога си чул нешто на некој христијански состанок, собир или конгрес што те допрело до срце и те зајакнало или те утешило? Дали некогаш си прочитал некоја статија во едно од претходно спомнатите списанија и си помислил дека била напишана баш за тебе?
13 Едно од најефикасните оружја на Сатана е обесхрабрувањето, и ние не сме имуни на неговото влијание. Тој многу добро знае дека малодушноста што трае подолго време може да ни ја одземе силата, па дури и да нѐ направи ранливи (Пословици 24:10). Бидејќи Сатана се обидува да ги искористи негативните чувства, потребна ни е помош. Во списанијата Стражарска кула и Разбудете се! повремено излегуваат статии што ни помагаат да се бориме со обесхрабрувањето. Во врска со една таква статија, една христијанска сестра напишала: „Ја читам статијата речиси секој ден и сѐ уште ми навираат солзи. Ја чувам покрај креветот за да биде до мене секогаш кога ќе се почувствувам обесхрабрена. Преку вакви статии, едноставно можам да почувствувам како ме прегрнуваат Јеховините заштитнички раце“.a Зарем не сме му благодарни на Јехова што ни обезбедува навремена духовна храна? Запомни, неговите подготовки за нашата духовна благосостојба се доказ дека тој е близу до нас и дека нѐ сместил под својата заштитничка грижа.
Пристап до ‚Слушачот на молитвата‘
14, 15. а) Каков личен благослов им дава Јехова на оние што се блиски со него? б) Зошто е извонредна предност тоа што имаме слободен пристап до Јехова во молитва?
14 Дали некогаш си забележал дека, кога луѓето стекнуваат моќ или авторитет, честопати стануваат сѐ понедостапни за оние под нив? Но, како е со Јехова Бог? Дали е премногу далеку за да биде заинтересиран за зборовите што му ги упатуваат обичните луѓе? Напротив! Дарот на молитвата е уште еден благослов што им го дава Јехова на оние што се блиски со него. Тоа што ни е даден слободен пристап до ‚Слушачот на молитвата‘ е навистина извонредна предност (Псалм 65:2). Зошто?
15 Да илустрираме: Главниот директор на една голема корпорација има многу одговорности. Тој одлучува кои работи ќе ги заврши лично а кои ќе им ги довери на другите. Слично на тоа, Суверениот Владетел на универзумот има право да одреди во кои работи ќе биде вклучен лично а кои ќе му ги довери на друг. Разгледај што сѐ му доверил Јехова на својот љубен Син, Исус. На Синот му е дадена „власт да суди“ (Јован 5:27). Ангелите му се „подложени“ нему (1. Петрово 3:22). Јеховиниот моќен свет дух му е ставен на располагање на Исус за да му помогне да ги води своите ученици на Земјата (Јован 15:26; 16:7). Затоа Исус можел да рече: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“ (Матеј 28:18). Сепак, кога станува збор за нашите молитви, Јехова избрал да ги слуша лично тој. Затоа Библијата ни вели да му ги упатуваме нашите молитви само на Јехова, правејќи го тоа во името на Исус (Псалм 69:13; Јован 14:6, 13).
16. Зошто можеме да бидеме уверени дека Јехова навистина ги слуша нашите молитви?
16 Дали Јехова навистина ги слуша нашите молитви? Кога би бил рамнодушен и незаинтересиран, никогаш не би нѐ поттикнувал ‚да истраеме во молитва‘ или да ги фрламе нашите товари и грижи на него (Римјаните 12:12; Псалм 55:22; 1. Петрово 5:7). Верните слуги од библиски времиња имале целосна доверба дека Јехова ги слуша молитвите (1. Јованово 5:14). Така, псалмистот Давид навел: „[Јехова] ќе го чуе мојот глас“ (Псалм 55:17). И ние ја имаме секоја причина да бидеме уверени дека Јехова е близу, спремен да ја чуе секоја наша мисла и грижа.
Јехова ги наградува своите Слуги
17, 18. а) Што чувствува Јехова за верната служба на неговите интелигентни созданија? б) Објасни како Пословици 19:17 покажува дека нашите милосрдни дела не поминуваат незабележани од Јехова.
17 Врз Јеховината положба на Универзален Суверен не влијае тоа што го прават или не сакаат да го прават обичните луѓе. Сепак, Јехова е Бог што покажува ценење. Тој длабоко ја цени верната служба на своите интелигентни созданија (Псалм 147:11). Значи, ова е уште една корист што ја уживаат оние што се блиски со Јехова: Тој ги наградува своите слуги (Евреите 11:6).
18 Библијата јасно покажува дека Јехова го цени тоа што го прават неговите обожаватели. На пример, читаме: „На Господ му позајмува кој е милостив кон бедниот, и Тој ќе му го плати добротворството“ (Пословици 19:17). Јеховината милосрдна обѕирност кон бедните се гледа во Мојсеевиот закон (Левит 14:21; 19:15). Како се чувствува Јехова кога ја имитираме неговата милост во нашите постапки со бедните? Кога им даваме на бедните, не очекувајќи ништо за возврат, Јехова го гледа тоа како заем што сме му го дале Нему. Јехова ветува дека ќе го отплати тој долг со наклоност и благослови (Пословици 10:22; Матеј 6:3, 4; Лука 14:12—14). Да, кога покажуваме сочувство кон некој сообожавател што е во оскудица, Јеховиното срце е трогнато. Колку само сме благодарни што знаеме дека нашите милосрдни дела не поминуваат незабележани од нашиот небесен Татко! (Матеј 5:7).
19. а) Зошто можеме да бидеме уверени дека Јехова го цени она што го правиме во делото на проповедање и правење ученици? б) Како ги наградува Јехова делата на служба извршени во поддршка на неговото Царство?
19 Јехова особено го цени она што го правиме во корист на неговото Царство. Кога му се приближуваме на Јехова, сосема е природно да сакаме да го користиме нашето време, енергија и финансиски средства за да учествуваме колку што е можно поцелосно во делото на проповедање за Царството и правење ученици (Матеј 28:19, 20). Понекогаш можеби мислиме дека не постигнуваме многу. Нашето несовршено срце може дури и да нѐ натера да се прашуваме дали Јехова е задоволен со нашите напори (1. Јованово 3:19, 20). Но, Јехова го цени секој подарок — без оглед на тоа колку е мал — што произлегува од срце мотивирано од љубов (Марко 12:41—44). Библијата нѐ уверува: „Бог не е неправеден да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (Евреите 6:10). Всушност, Јехова го помни и го наградува дури и најмалиот чин на служба што е извршен за поддржување на неговото Царство. Освен богатите духовни благослови сега, можеме со радост да ги очекуваме радостите на животот во претстојниот нов свет, каде што Јехова великодушно ќе ја отвори својата рака и ќе ги задоволи праведните желби на сите што се блиски со него! (Псалм 145:16; 2. Петрово 3:13).
20. Во текот на 2003 година, како можеме да ги имаме на ум зборовите од нашиот годишен стих, и со каков резултат?
20 Во текот на 2003, да се запрашаме дали вложуваме постојани напори да му се приближиме на нашиот небесен Татко. Ако го правиме тоа, можеме да бидеме уверени дека тој ќе се оѕвие онака како што ветил. Впрочем, „Бог . . . не може да лаже“ (Тит 1:2). Ако му се приближиш, тој ќе ти се приближи тебе (Јаков 4:8). Со каков резултат? Богати благослови сега и изглед да му се приближуваш уште повеќе на Јехова во сета вечност!
[Фуснота]
a Реакција на статијата „Јехова е поголем од нашето срце“ во изданието на Стражарска кула од 1 мај 2000, страници 28—31.
-