Зошто луѓето прават лоши работи?
ИМА нешто со кое ретко кој не би се согласил: Сите сме несовршени и затоа правиме грешки за кои подоцна се каеме. Сепак, дали тоа е оправдување за многуте лоши работи, и сериозни и не толку сериозни, што ги гледаме или за кои слушаме речиси секој ден, било лично било преку медиумите?
И покрај тоа што се несовршени, луѓето сфаќаат дека има морални граници кои не треба да се преминат и дека човекот може свесно да избере да не прави лоши работи. Исто така, повеќето веднаш би се согласиле дека има разлика помеѓу непромислено кажување на нешто што е неточно и отворено клеветење, помеѓу ненамерна повреда и убиство извршено со умисла. Сепак, навидум обични луѓе од соседството вршат злосторства од кои се згрозуваме. Зошто? Зошто луѓето прават лоши работи?
Библијата ни дава одговор на ова прашање. Точно ги открива главните причини зошто луѓето намерно го прават она што знаат дека е лошо. Да видиме што вели таа.
▪ „Угнетувањето може да го наведе мудриот да постапува лудо“ (ПРОПОВЕДНИК 7:7).
Библијата отворено кажува дека под притисок на околностите, понекогаш луѓето прават нешто што инаку не би го направиле. Некои можеби дури и ќе извршат кривични дела бидејќи сметаат дека тоа е решение за неволјите и неправдите. „Во многу случаи, главниот мотив на еден терорист е фрустрацијата што ја чувствува поради навидум нерешливите политички, општествени и економски проблеми“, стои во книгата Урбан тероризам (Urban Terrorism).
▪ „Љубовта кон парите е корен на секакви зла“ (1. ТИМОТЕЈ 6:10).
Старата поговорка „Секој човек има цена“ покажува дека дури и добрите луѓе се спремни да ги прекршат правилата на добро однесување и морал кога станува збор за доволно пари. Некои што во нормални околности изгледаат пријатни и љубезни, се менуваат кога се во прашање пари, и се претвораат во дрски и агресивни личности. Помисли на многуте злосторства кои се прават поради лакомоста, како што се уценување, изнудување пари, измама, киднапирање, па дури и убиство.
▪ „Бидејќи пресудата за зло дело не се извршува брзо, срцето на синовите човечки решително прави зло“ (ПРОПОВЕДНИК 8:11).
Овој библиски стих ја истакнува склоноста на човекот да мисли дека може да помине неказнето кога не го гледаат што прави. Ваков став имаат оние што возат со поголема брзина од дозволената, препишуваат на испити, трошат државни пари за лични потреби, па дури и полошо. Кога законот не се применува доследно или кога не се плашат дека ќе бидат фатени, луѓето што обично го почитуваат законот може да се осмелат да го направат она што инаку не би го направиле. „Изгледа дека тоа што криминалците лесно поминуваат неказнето го охрабрува обичниот народ да прави брутални злосторства“, забележува списанието Arguments and Facts.
▪ „Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами. Потоа желбата, кога ќе зачне, раѓа грев, а гревот, кога е направен, донесува смрт“ (ЈАКОВ 1:14, 15).
Сите луѓе понекогаш имаат лоши мисли. Секој ден сме преплавени со безброј прилики и искушенија да направиме нешто погрешно. Во првиот век на христијаните им било речено: „Не ве снајде друго искушение освен она што е вообичаено за луѓето“ (1. Коринќаните 10:13). Сепак, исходот зависи од изборот што ќе го направи едно лице — дали брзо ќе ја отфрли лошата мисла или ќе продолжи да размислува за неа и ќе допушти таа да се развива сѐ повеќе и повеќе. Библискиот стих од вдахновеното писмо на Јаков предупредува дека, ако некој дозволи погрешната желба ‚да зачне‘, сигурно ќе следат погрешни постапки.
▪ „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (ИЗРЕКИ 13:20).
Не треба да го потцениме влијанието — било добро било лошо — што го имаат врз нас оние со кои се дружиме. Многу често се случува луѓето да го направат она што немале никаква намера да го направат — само поради притисокот од другите или, пак, како што велат мнозина, само затоа што си фатиле лошо друштво — но на крајот жнеат страшни последици. Кога во Библијата се спомнува зборот „безумни“, не се мисли на луѓе без интелигенција, туку на луѓе што не ги слушаат мудрите совети од Божјата Реч. Сеедно дали сме млади или стари, ако не ги избираме пријателите мудро, односно според мерилата од Библијата, може да очекуваме ‚да си поминеме лошо‘.
Овие и многу други библиски стихови јасно ни покажуваат зошто некои луѓе — кои инаку се како и сите други — прават лоши, па дури и шокантни работи. Иако е добро да сфатиме зошто луѓето прават ужасни работи, постои ли некаква надеж работите да се сменат на подобро? Да, бидејќи Библијата не објаснува само зошто луѓето прават злобни дела туку и ветува дека еден ден повеќе нема да има такви злобни дела. Кои се тие ветувања? Дали навистина ќе им дојде крај на сите лоши работи во светот? Одговорот ќе го најдеме во следната статија.