Мудри упатства за брачните двојки
„Жените нека им бидат подложни на своите мажи како на Господ. Мажи, љубете ги своите жени“ (ЕФЕШАНИТЕ 5:22, 25).
1. Кое е исправното гледиште за бракот?
ИСУС рекол дека во бракот Бог спојува еден маж и една жена да бидат „едно тело“ (Матеј 19:5, 6). Во него се вклучени две лица со различни карактери што учат да имаат заеднички интереси и да работат заедно на заеднички цели. Бракот е доживотна оддаденост, а не некој привремен договор што лесно може да се растури. Во многу земји не е тешко да се добие развод, но во очите на еден христијанин брачната врска е света. Таа може да се прекине само поради многу сериозна причина (Матеј 19:9).
2. а) Каква помош им стои на располагање на брачните двојки? б) Зошто е важно да се работи на тоа бракот да биде успешен?
2 Една брачна советничка рекла: „Добриот брак значи да се прават промени за да се решат нови спорови, да се излезе на крај со нови проблеми и да се користат сите расположиви средства за помош во секоја фаза од животот“. За христијанските сопружници тие средства опфаќаат мудар совет од Библијата, поддршка од сохристијаните и близок однос со Јехова преку молитва. Успешниот брак опстојува, а со текот на годините, им донесува среќа и задоволство на мажот и на жената. Што е уште поважно, му донесува чест на Јехова Бог, Основачот на бракот (Битие 2:18, 21–24; 1. Коринќаните 10:31; Ефешаните 3:15; 1. Солуњаните 5:17).
Угледај се на Исус и на неговото собрание
3. а) Кажи го во кратки црти советот што Павле им го дал на брачните двојки. б) Каков убав пример оставил Исус?
3 Пред 2.000 години, апостол Павле им дал мудар совет на христијанските брачни двојки кога напишал: „Како што собранието му е подложно на Христос така и жените нека им бидат на своите мажи во сѐ. Мажи, љубете ги своите жени, како што и Христос го љубеше собранието и се даде себеси за него“ (Ефешаните 5:24, 25). Овде се изразени навистина убави споредби! Христијанските жени што понизно им се подложуваат на своите мажи го имитираат собранието така што го признаваат и го почитуваат начелото за поглаварство. Мажите што се верници и што ги сакаат своите жени, сеедно дали во поволни или во тешки времиња, покажуваат дека тесно го следат примерот на Христос кој го сака собранието и се грижи за него.
4. Како треба мажите да го следат примерот на Исус?
4 Христијанските мажи се глава на своето семејство, но и тие имаат глава, Исус (1. Коринќаните 11:3). Затоа, како што Исус се грижел за своето собрание, така и мажите со љубов се грижат за своето семејство во духовна и физичка смисла, дури и ако тоа значи дека треба да прават лични жртви. Тие го ставаат доброто на семејството пред своите желби и склоности. Исус рекол: „Според тоа, сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, истото правете им го и вие“ (Матеј 7:12). Ова начело особено важи во бракот. Павле укажал на тоа кога рекол: „Мажите треба да ги љубат своите жени како своите сопствени тела . . . никој никогаш не го мразел своето тело; туку го храни и негува“ (Ефешаните 5:28, 29). Еден маж треба да ја храни и негува својата жена со истата грижа како што се храни и негува себеси.
5. Како можат жените да се угледаат на христијанското собрание?
5 Пример за побожните жени е христијанското собрание. Кога Исус бил на Земјата, неговите следбеници спремно ги оставиле своите претходни цели и го следеле. По неговата смрт, продолжиле да му се подложуваат, и во изминативе 2.000 години, вистинското христијанско собрание му останало подложно на Исус и го следело неговото водство во сѐ. Слично на тоа, христијанските жени не ги омаловажуваат своите мажи ниту, пак, гледаат да го потценат библиското уредување за поглаварство во бракот. Наместо тоа, тие ги поддржуваат своите мажи и им се подложни, соработуваат со нив и со тоа ги охрабруваат. Кога и мажот и жената постапуваат вака, нивниот брак ќе успее и обајцата ќе најдат радост во нивната врска.
Живејте и понатаму со нив
6. Кој совет им го дал Петар на мажите, и зошто е важен?
6 И апостол Петар имал совет за брачните двојки, а особено се директни неговите зборови до мажите. Тој рекол: „Живејте и понатаму на ист начин со нив според спознанието, искажувајќи им чест како на послаб, женски сад, зашто и вие со нив сте наследници на незаслужената милост на животот, за вашите молитви да не бидат спречени“ (1. Петрово 3:7). Колку е сериозен овој совет на Петар се гледа од последните зборови во стихот. Ако мажот не ѝ искажува чест на својата жена, тоа ќе влијае врз односот што го има со Јехова. Неговите молитви ќе бидат спречени.
7. Како треба еден маж да ѝ искажува чест на својата жена?
7 Тогаш, како можат мажите да им искажуваат чест на своите жени? Да ѝ се искаже чест на една жена значи да се постапува со неа со љубов, со почит и со достоинство. Такво љубезно однесување со една жена сигурно било новост за мнозина. Еден грчки изучувач вели: „Под Римскиот закон, жената немала никакви права. Според законот таа останувала дете засекогаш . . . Целосно му била подложна на својот маж и била потполно оставена на негова милост и немилост“. Сосем спротивно на христијанското учење! Христијанскиот маж ѝ искажувал чест на својата жена. Постапувал со неа според христијанските начела, а не како што му е нему ќеф. Освен тоа, бил обѕирен кон неа „според спознанието“ и го земал предвид фактот дека таа е послаб сад.
Во која смисла ‚послаб сад‘?
8, 9. Во која смисла жените се еднакви со мажите?
8 Кога рекол дека жената е ‚послаб сад‘, Петар не сакал да каже дека жените се послаби од мажите во интелектуален или духовен поглед. Точно, многу христијански мажи имаат предности во собранието што жените не очекуваат да ги имаат, а во семејството жените им се подложни на своите мажи (1. Коринќаните 14:35; 1. Тимотеј 2:12). Сепак, од сите, и мажи и жени, се бараат истата вера, истрајност и високи морални мерила. И како што Петар рекол, и мажот и жената се „наследници на незаслужената милост на животот“. Што се однесува до спасението, имаат иста положба пред Јехова Бог (Галатите 3:28). Петар им пишувал на помазаните христијани од првиот век. Според тоа, неговите зборови ги потсетиле христијанските мажи дека како „сонаследници со Христос“, и тие и нивните жени ја имаат истата небесна надеж (Римјаните 8:17). Еден ден, и тие и тие ќе служат како свештеници и цареви во Божјето небесно Царство! (Откровение 5:10).
9 Помазаните христијански жени во никој поглед не биле помалку вредни од нивните помазани христијански мажи. А во принцип, ова важи и за оние што имаат земна надеж. И мажите и жените од ‚големото мноштво‘ ги перат своите облеки и ги обелуваат во крвта на Јагнето. И мажите и жените „ден и ноќ“ му извикуваат фалби на Јехова низ целиот свет (Откровение 7:9, 10, 14, 15). И мажите и жените ја очекуваат „славната слобода на Божјите деца“, кога ќе се радуваат на „вистинскиот живот“ (Римјаните 8:21; 1. Тимотеј 6:19). Сеедно дали се помазани или се од другите овци, сите христијани заедно му служат на Јехова како „едно стадо“ под „еден пастир“ (Јован 10:16). Навистина убедлива причина еден христијански маж и една христијанска жена да си искажуваат почит еден на друг!
10. Во која смисла жената е „послаб сад“?
10 Тогаш, во која смисла жената е „послаб сад“? Можеби Петар укажал на фактот дека жените обично се поситни и имаат помала физичка сила од мажите. Освен тоа, поради несовршеноста, прекрасната предност што жените ја имаат да раѓаат се одразува врз нивното здравје. Жените што се на возраст кога можат да раѓаат можат да бидат подложени на физички неудобности на редовна база. Ним во секој случај им треба посебна грижа и обѕирност кога трпат вакви неудобности или кога се исцрпени поради бременоста и поради породувањето. Тоа што мажот ќе ѝ искажува чест на својата жена, сфаќајќи дека ѝ треба поддршка, многу ќе придонесе за нивниот брак да успее.
Во религиозно разделен дом
11. Во која смисла бракот може да успее дури и ако мажот и жената се од различна религија?
11 Но, што ако брачните другари имаат различни религиозни гледишта затоа што еден од нив ја прифатил христијанската вистина некое време откако се зеле, а другиот не? Може ли еден таков брак да успее? Искуството на мнозина покажува дека може. Мажот и жената што имаат различни религиозни гледишта можат да имаат успешен и траен брак што ќе им донесе среќа и на двајцата. Освен тоа, бракот сѐ уште е полноважен во очите на Јехова; тие сѐ уште се „едно тело“. Затоа, на христијанските сопружници им е даден совет да останат со партнерот што не е верник доколку тој е согласен на тоа. Ако во бракот има деца, тие ќе извлечат корист од верата на родителот што е христијанин (1. Коринќаните 7:12–14).
12, 13. Следејќи го советот од Петар, како може една христијанска жена да му помогне на својот маж што не е верник?
12 Петар им дава љубезен совет на христијанките што живеат во религиозно разделен дом. Во принцип, неговите зборови важат и за христијанските мажи што се во иста ситуација. Петар пишува: „Вие сопруги бидете им подложни на своите сопрузи за, ако некои и не ѝ се послушни на речта, да бидат придобиени без збор преку однесувањето на своите сопруги, поради тоа што биле очевидци на вашето чесно однесување заедно со длабока почит“ (1. Петрово 3:1, 2).
13 Ако една жена може тактично да му ја објасни својата вера на маж ѝ, тоа е за пофалба. Но, што ако тој не сака да слуша? Тоа е негов избор. Сепак, не е сѐ изгубено, зашто и христијанското однесување дава силно сведоштво. Многу мажи што во почетокот не биле заинтересирани или дури и се противеле на верата на својата жена станале „исправно наклонети кон вечниот живот“ откако го виделе нејзиното добро однесување (Дела 13:48). Дури и ако мажот не ја прифати христијанската вистина, сепак можеби однесувањето на жена му ќе му остави добар впечаток, а тоа ќе влијае добро врз нивниот брак. Еден маж чијашто жена е Јеховин сведок признал дека тој никогаш не би можел да ги достигне високите мерила на Јеховините сведоци. Сепак, за себе рекол дека е „среќен сопруг на една шармантна сопруга“, и во едно писмо до еден весник искрено ја пофалил неа и нејзините пријатели Сведоци.
14. Како можат мажите да им помогнат на жените што не се верници?
14 Слично, и христијанскиот маж што ги применува начелата од зборовите на Петар може да ја придобие својата жена со своето однесување. Жените што не се верници увидуваат дека нивните мажи развиваат чувство на одговорност, повеќе не трошат пари на цигари, алкохол или коцка и не зборуваат навредливо. Некои од овие жени се запознале и со други членови од христијанското собрание. Биле импресионирани од христијанското братство во кое владее љубов, и она што го виделе меѓу браќата ги зближило со Јехова (Јован 13:34, 35).
„Тајната личност на срцето“
15, 16. Со какво однесување би можела една христијанска жена да го придобие својот маж што не е верник?
15 Со какво однесување може да биде придобиен еден сопруг? Всушност, тоа е однесување што на една христијанска жена ѝ доаѓа природно. Петар вели: „Вашето украсување нека не биде во надворешното плетење на косата и во ставањето златни украси ниту во носењето горни облеки, туку нека биде тајната личност на срцето во нераспадливото руво на тивкиот и благ дух кој е од голема вредност во очите на Бог. Зашто така некогаш се украсуваа и светите жени кои се надеваа на Бог, подложувајќи им се на своите сопрузи, како што Сара му беше послушна на Авраам, нарекувајќи го ‚господар‘. А вие станувате нејзини деца, доколку и понатаму правите добро и не се плашите од ништо што предизвикува застрашување“ (1. Петрово 3:3-6).
16 Петар дава совет дека една христијанка не треба да се потпира на надворешниот изглед. Наместо тоа, маж ѝ треба да го согледа влијанието на библиските учења врз нејзината внатрешна личност. Нека види дека таа на дело ја покажува новата личност. Можеби ќе ја спореди со старата личност што ја имала (Ефешаните 4:22-24). Сигурно нејзиниот ‚тивок и благ дух‘ ќе го освежи и ќе го привлече. Таквиот дух не само што му угоден на маж ѝ, туку е „од голема вредност во очите на Бог“ (Колошаните 3:12).
17. Во кој поглед Сара е добар пример за христијанските жени?
17 Сара е наведена како достоен пример за христијанските жени сеедно дали нивните мажи се верници или не. Таа неоспорно го сметала Авраам за свој поглавар. Дури и во срцето го нарекувала „господар“ (Битие 18:12). Сепак, тоа не го намалило нејзиното достоинство. Таа очигледно била духовно јака жена и имала цврста вера во Јехова. Навистина, таа е дел од ‚големиот облак со сведоци‘ чијшто пример на вера треба да нѐ поттикне „со истрајност да трчаме во трката што стои пред нас“ (Евреите 11:11; 12:1). Не е понижување една христијанска жена да биде како Сара.
18. Кои начела треба да се применуваат во еден религиозно разделен дом?
18 Во еден религиозно разделен дом, мажот сѐ уште е поглавар. Ако, пак, тој е верникот во домот, ќе биде обѕирен во поглед на верувањата на неговата жена, но нема да ја компромитира својата вера. Ако жената е верникот, ни таа нема да си ја компромитира верата (Дела 5:29). Сепак, нема да го погазува поглаварството на својот маж. Ќе ја почитува неговата положба и ќе остане под „законот на својот маж“ (Римјаните 7:2).
Мудрите упатства од Библијата
19. Кои се некои притисоци што можат да ги затегнат брачните врски, но како можеме да се спротивставиме на таквите притисоци?
19 Денес, има многу притисоци што можат да ги затегнат брачните врски. Некои мажи не се грижат за своите одговорности. Некои жени не сакаат да го прифатат поглаварството на својот маж. Во некои бракови едниот сопружник го малтретира другиот. Економските стресови, човечката несовршеност и духот на светот со неговиот неморал и извртено чувство за морални вредности може да ја стави на испит верноста на христијаните. Сепак, христијаните и христијанките што ги следат библиските начела, сеедно во каква ситуација се наоѓаат, добиваат благослов од Јехова. Дури и ако само еден од брачните другари ги применува библиските начела, работите ќе бидат подобри отколку ако ниеден од нив не ги применува. Освен тоа, Јехова ги сака и ги поддржува своите слуги што дури и во тешки околности остануваат верни на своите брачни завети. Тој не ја заборава нивната лојалност (Псалм 18:25; Евреите 6:10; 1. Петрово 3:12).
20. Кој совет го дава Петар за сите христијани?
20 Откако им дал совет на мажите и жените што се во брак, апостол Петар завршил со срдечни зборови на охрабрување. Тој рекол: „На крајот, бидете сите едномислени, покажувајте сочувство, имајте братска наклоност, нежна сочувствителност, понизност на умот, не враќајте зло за зло ни навреда за навреда, туку, напротив, благословувајте, зашто на тој пат бевте повикани за да наследите благослов“ (1. Петрово 3:8, 9). Навистина мудар совет за сите, особено за брачните двојки!
Се сеќаваш ли?
• Како христијанските мажи се угледуваат на Исус?
• Како христијанските жени се угледуваат на собранието?
• Како можат мажите да им искажуваат чест на своите жени?
• Како е најмудро да постапува една христијанска жена чијшто маж не е верник?
[Слика на страница 16]
Христијанскиот маж ја сака својата жена и се грижи за неа
Христијанската жена го почитува и го цени својот маж
[Слика на страница 17]
За разлика од Римскиот закон, според христијанските учења од мажот се барало да ѝ искажува чест на својата жена
[Слика на страница 18]
И мажите и жените од ‚големото мноштво‘ се надеваат на вечен живот во Рајот
[Слика на страница 20]
Сара го сметала Авраам за свој господар