Дали го почитуваш нивното достоинство?
СОБРАНИ како животни и сместени во неверојатна гнасотија и реа, домородечките Африканци биле превезувани како товар во Америките. Се очекувало најмалку половина од нив да умрат пред да стигнат на нивната дестинација. Членови на семејства биле сурово одвоени за никогаш повторно да не се видат. Трговијата со робови била меѓу најмрачните епизоди во човековото нехумано постапување со својот ближен. Други такви епизоди се случувале кога моќните освојувачи сурово ги потчинувале незаштитените домородци.
Да му се одземе на некое лице достоинството може да биде побрутално од задавањето физички удари. Тоа го разорува човековиот дух. Иако ропството во многу земји е укинато, поткопувањето на човечкото достоинство продолжува, можеби во посуптилни облици.
Од друга страна, пак, вистинските христијани се стремат да внимаваат на опомената од Исус Христос — да ‚го сакаат својот ближен како себеси‘. Оттука, тие се прашуваат: ‚Дали јас го почитувам личното достоинство на другите?‘ (Лука 10:27).
Олицетворено достоинство
Достоинството, според еден речник, е особина или состојба да се биде вреден, почитуван или ценет. Каков само соодветен опис на статусот на Универзалниот Суверен, Јехова Бог! Всушност, Писмото постојано го поврзува Јехова и неговиот суверенитет со достоинство. Мојсеј, Исаија, Језекиил, Даниил, апостол Јован и други биле привилегирани да им бидат дадени инспирирани визии за Највишиот и за неговиот небесен суд, а нивните описи постојано прикажувале величество и достоинство кои влеваат стравопочитување (2. Мојсеева 24:9—11; Исаија 6:1; Језекиил 1:26—28; Даниил 7:9; Откровение 4:1—3). Во една молитва на фалба, цар Давид рекол: „Твои се, о Јехова, величината и силата и убавината и извонредноста и достоинството; зашто сѐ што е на небото и на Земјата е твое“ (1. Летописи 29:11, NW). Навистина, никој не е подостоен за чест и почитување отколку самиот Јехова Бог.
Создавајќи го човекот според својот лик и слика, Јехова ги надарил луѓето со извесна мера достојност, самопочитување и достоинство (1. Мојсеева 1:26). Затоа, во нашите постапки со другите треба на секое лице да му ги оддадеме должната чест и почитување. Кога го правиме тоа, всушност, ние го признаваме Изворот на човечкото достоинство, Јехова Бог (Псалм 8:4—9).
Достоинство во семејните односи
Под инспирација, апостол Петар кој бил оженет човек ги опоменал христијанските сопрузи да им оддаваат на своите сопруги ‚почитување како послабо суштество‘ (1. Петрово 3:7; Матеј 8:14). „А“, советувал Павле, „жената да се бои [да има длабоко почитување спрема, NW] мажот свој“ (Ефесјаните 5:33). Затоа, во бракот, честа и почитувањето на личното достоинство на партнерот е библиско барање. На кои начини може да се покаже тоа?
Како што водата го оживува растението кое расте, така пријатниот говор и љубезните гести меѓу сопругот и сопругата — јавно и насамо — можат да го потхрануваат нивниот интимен однос. Спротивните, острите, навредливите вербални напади или лекомислените, саркастичните понижувања, како што честопати се слушаат во ТВ комичните програми, се погубни. Тие можат да поттикнат штетни чувства на безвредност, депресија и огорченост; тие можат да предизвикаат дури и емоционални рани кои не се лечат лесно.
Почитувањето на личното достоинство на другите исто така значи да ги прифатиме онакви какви што се, не обидувајќи се да ги ставаме во некој однапред смислен идеал ниту, пак, правејќи нефер споредби со другите. Ова особено е важно меѓу сопрузите и сопругите. Онаму каде што комуникацијата и изразувањето протекуваат слободно и лесно, и никој не се плаши дека ќе биде критизиран или остро прекорен, интимноста ќе цвета. Кога едно лице може да биде природно во бракот, тогаш домот навистина станува засолниште од суровиот, груб надворешен свет.
Децата се под библиска заповед да ги почитуваат и да им бидат послушни на своите родители. Од своја страна, пак, мудрите и полни со љубов родители би правеле добро ако го признаваат достоинството на своите деца. Срдечната пофалба за доброто однесување, споена со стрпливата дисциплина кога е потребно, дејствува добро во зајакнувањето на „Јеховиното мисловно насочување“. Постојаното критикување, дерење и викање со навредливи имиња како „глупав“ или „идиот“, само ќе ги раздразнува (Ефесјаните 6:4, NW).
Еден христијански старешина и татко, кој подига три синови и три ќерки, вели: „Во Салата на Царството им ја дававме потребната дисциплина колку што е можно потивко. Обично беше доволно мало поттурнување со лактот или цврст предупредувачки поглед. Доколку беше потребна посериозна дисциплина, ќе ја дадевме насамо дома а не пред другите деца. Сега кога децата се поголеми, дисциплината вклучува на секое дете да му се даде мудар совет полн со љубов од Божјата Реч, во зависност од неговите поединечни потреби. Ние се обидуваме да задржиме доверливост во овие лични работи, покажувајќи на тој начин почитување кон правото на приватност и достоинство на секое дете“.
Она што не треба да се пропушти е потребата од добри манири во зборовите и во постапувањето внатре во семејството. Фамилијарноста не би требало да ги задуши зборовите како што се: „те молам“, „ти благодарам“, „прости ми“ и „жал ми е“. Добрите манири се фундаментални како во задржувањето на нечие лично достоинство така и во почитувањето на достоинството на другите.
Во христијанското собрание
„Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам [освежам, NW]“, рекол Исус (Матеј 11:28). Подјармените, депримираните, па дури и малите деца — сите тие биле незадржливо привлечени кон Исус. Тие биле презрени од страна на арогантното и самоправедно свештенство и од водачите од тоа време. Но, во Исус тие нашле некој кој им го давал достоинството што го заслужувале.
Имитирајќи го Исус, и ние сакаме да бидеме извор на освежување за нашите соверници. Тоа значи да бараме прилики да ги изградуваме преку нашиот говор и постапките. Секогаш е прикладно да бидеме искрено великодушни, со љубезни и позитивни забелешки во нашиот разговор (Римјаните 1:11, 12; 1. Солунјаните 5:11, NW). Ние покажуваме дека сме осетливи за чувствата на другите со тоа што внимаваме што кажуваме и како го кажуваме тоа (Колосјаните 4:6). Исправното облекување и пристојност на христијанските состаноци исто така одразуваат длабоко почитување за достоинството на нашиот Бог, на неговото обожавање и на нашите сообожаватели.
Исус го почитувал достоинството на луѓето, па дури и кога им вршел услуга. Никогаш не се возвишувал на сметка на другите ниту, пак, со тоа што ги понижувал. Кога кај него дошол еден лепрозен барајќи лек, Исус не го отпуштил човекот како нечист и невреден ниту, пак, направил спектакл свртувајќи го вниманието кон себеси. Наместо тоа, кога лепрозниот го молел Исуса: „Господи, ако сакаш можеш да ме очистиш“, тој го удостоил лепрозниот велејќи му: „Сакам“ (Лука 5:12, 13). Колку само е прекрасно не само да им помагаме на оние кои се во нужда туку и да ги увериме дека не се товар, но дека се пожелни и љубени! Срамежливите, депримираните и онеспособените обично се превидувани, одбегнувани или понижувани во светот. Но, тие треба да најдат вистинско другарство и прифатеност меѓу своите христијански браќа и сестри. Ние мораме да го сториме нашиот дел за да придонесеме кон тој дух.
Исус ги љубел своите ученици како ‚свои‘ и ‚до крајот ги засакал‘, и покрај нивните недостатоци и лични особености (Јован 13:1). Во нив гледал чисти срца и оддаденост на неговиот Татко со сета душа. На сличен начин, ние никогаш не треба да им припишуваме зли мотиви на нашите сообожаватели само поради тоа што можеби не ги прават работите на наш начин или поради тоа што можеби нивните навики или личности ни одат на нерви. Почитувањето на достоинството на нашите браќа ќе нѐ поттикне да ги љубиме и да ги прифатиме онакви какви што се, имајќи доверба дека и тие го љубат Јехова и му служат со чисти мотиви (1. Петрово 4:8—10).
Особено старешините треба да бидат внимателни да не предизвикаат претерана тегобна загриженост кај оние кои им се доверени на грижа (1. Петрово 5:2, 3). Кога се состануваат со некој член на собранието кој западнал во грев, би било добро старешините да ги ублажат своите зборови со љубезност и обѕир и да избегнуваат непотребно да поставуваат непријатни прашања (Галатјаните 6:1). Дури и кога е во ред цврст укор или дисциплина, тие би требало и понатаму да го почитуваат достоинството и самопочитувањето на престапникот, на кои тој има право (1. Тимотеј 5:1, 2).
Задржување лично достоинство
Создадени според Божји лик и слика, во нашиот секојдневен живот треба да ги одразуваме, онолку колку што е можно, Божјите величествени особини — вклучувајќи го и неговото достоинство (1. Мојсеева 1:26). На сличен начин, заповедта да се ‚возљуби својот ближен како себеси‘ подразбира потреба од урамнотежена мерка на лично достоинство и самопочитување (Матеј 22:39). Факт е дека ако сакаме другите да ни укажуваат почитување и да ни даваат достоинство, мораме да покажеме дека го заслужуваме тоа.
Еден важен фактор во задржувањето самопочитување и лично достоинство е задржувањето чиста совест. Извалкана совест и бодежи на вина лесно водат до чувства на безвредност, фрустрација и депресија. Според тоа, ако некое лице извршило сериозна грешка, треба да преземе итни чекори да се покае и да побара духовна помош од старешините за да се радува на „времиња на освежување . . . од лицето Господово“. Во освежувањето е вклучено враќање на нечие лично достоинство и самопочитување (Дела 3:19, 20).
Сепак, подобро е да вложуваме постојан напор за да ја сочуваме нашата библиски школувана совест, не дозволувајќи нешто да ја исфлека или ослабне. Практикувањето самоконтрола на сите подрачја од нашиот секојдневен живот — јадењето, пиењето, бизнисот, забавата, постапките со оние од спротивниот пол — ќе ни помогне да зачуваме чиста совест и ќе ни овозможи да ги одразуваме Божјата слава и достоинство во нашиот живот (1. Коринтјаните 10:31).
Но, што ако вината поради нашите грешки не исчезнува? Или, што ако сеќавањата за поднесените злоупотреби и понатаму се болни? Тие можат да го уништат нашето лично достоинство и да доведат до јака депресија. Колку само се утешителни зборовите на цар Давид кои се наоѓаат во Псалм 33:18: „Блиску е Господ до оние со скрушено срце, и смирените по дух ќе ги спаси“ (Псалм 33:18). Јехова е спремен и волен да ги поддржи своите слуги кога тие мораат да излегуваат на крај со депресија и со чувства на безвредност. Преколнувањето до него, како и барањето помош од оние кои се духовно квалификувани, како што се христијанските родители, старешините и други зрели лица во собранието, е јаже за спасување за да го обновиме самопочитувањето и личното достоинство (Јаков 5:13—15).
Од друга страна, пак, треба да се чуваме од тоа да не ја преминеме линијата меѓу личното достоинство и ароганцијата. Советот од Писмото е ‚да не се мисли [за себе, NW] повеќе, отколку што треба да се мисли; туку да се мисли скромно според делот на верата, што Бог на секого му го одмерил‘ (Римјаните 12:3). Иако е исправно да негуваме самопочитување, ние не сакаме да претеруваме во нашата сопствена вредност или да го мешаме човечкото достоинство со себичните и екстремни напори што ги прават некои за да го сочуваат престижот пред другите.
Да, почитувањето на достоинството на другиот е христијанско барање. Сите — и нашите членови на семејството и нашите сохристијани — вредат и го заслужуваат нашето почитување, чест и ценење. Јехова на секому од нас му дал мерка на достоинство и чест која треба да ја признаеме и да ја задржиме. Но, над сѐ, мораме да негуваме длабоко почитување кон ненадминливото достоинство и величина на нашиот небесен Татко, Јехова Бог.
[Слика на страница 31]
Младите можат да покажат почитување кон оние кои се онеспособени