Соодветна откупнина за сите
”Како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (МАТЕЈ 20:28).
1, 2. (а) Зошто може да се рече дека откупнината е најголемиот Божји дар за човештвото? (б) Какви користи имаме од истражувањето на науката за откупнината?
ОТКУПНИНАТА е најголемиот Божји дар за човештвото. Со помош на ’ослободувањето преку неговата крв‘, можеме да добиеме ’проштевање на гревовите‘ (Ефесјаните 1:7, НС). Таа е темел на надежта во вечен живот, било на небото или на рајската Земја (Лука 23:43; Јован 3:16, НС). На темел на откупнината, христијаните можат уште сега да се радуваат на чистата положба пред Бог (Откровение 7:14, 15, НС).
2 Според тоа, откупнината не е нешто нејасно или неразбирливо. Бидејќи има правна основа во божествените начела, откупнината може да донесе вистински и опипливи користи. Можеби одредени аспекти на таа наука се ’тешко разбирливи‘ (2. Петрово 3:16, Ст). Но, ќе увидиш дека е вредно за труд поблиску да ја испиташ откупнината, бидејќи таа ја одразува Божјата ненадминлива љубов спрема човештвото. За да го сфатиме значењето на откупнината, потребно е да се разбере клучното обележје на Божјето неизмерно ’богатство, мудрост и знаење‘ (Римјаните 5:8; 11:33, НС).
Спорни прашања кои треба да се разјаснат
3. Зошто откупнината станала потребна, и зошто Бог не можел едноставно да му ја прости грешноста на човештвото?
3 Откупнината станала неопходна поради гревот на првиот човек, Адам, кој на своето потомство му оставил ништожно наследство од болест, жалост и бол (Римјаните 8:20, НС). На темел на наследената несовршеност, сите Адамови потомци станале ’деца на гневот‘, кои заслужуваат смрт (Ефесјаните 2:3; 5. Мојсеева 32:5, НС). Бог не можел да се препушти на неосновани чувства и едноставно без размислување да им прости на луѓето. Неговата сопствена Реч покажува дека ’платата за грев е смрт‘ (Римјаните 6:23, НС). За да ја оправда грешноста на човештвото, требало да ги занемари сопствените праведни мерила, да ја погази сопствената законска правда! (Јов 40:8, НС). Но, ’Правдата и праведноста се темелот на [Божјиот] престол‘ (Псалми 89:14, Ст). Било какво отстапување од праведноста од негова страна само би му дало поттик на беззаконието и би ја поткопало неговата положба како Универзален Суверен. (Спореди Проповедник 8:11, НС.)
4. Кои спорни прашања биле покренати со бунтот на Сатана?
4 Бог исто така требало да ги разјасни и останатите спорни прашања кои се појавиле со бунтот на Сатана, прашања од далеку поголема важност отколку што е бедната состојба на човекот. Сатана фрла темна сенка врз Божјето добро име обвинувајќи го Јехова дека е лажливец и суров диктатор кој ги лишил своите суштества од спознание и слобода (1. Мојсеева 3:1-5, НС). Освен тоа што на прв поглед ја спречил Божјата намера да ја наполни Земјата со праведни луѓе, Сатана во некоја рака го прикажал Бог како неспособен за тоа (1. Мојсеева 1:28; Исаија 55:10, 11, НС). Сатана исто така се осмелил да ги клевети Божјите лојални слуги, обвинувајќи ги дека му служат од себични мотиви. Тој се фалел дека под притисок ниеден нема да му остане лојален на Бог! (Јов 1:9-11, НС).
5. Зошто Бог не можел да ги занемари предизвиците на Сатана?
5 Тие предизвици не можеле да се занемарат. Да не било одговорено на нив, довербата во Божјата влада како и нејзиното поткрепување конечно би биле разорени (Пословици 14:28, НС). Кога законот и редот би биле нарушени, зарем не би владеел хаос во целиот универзум? Затоа, Бог бил должен заради себе и своите праведни патишта да го оправда својот суверенитет. Им го должел тоа на своите верни слуги, за да им овозможи да ја покажат својата нераскинлива лојалност спрема него. Тоа значело да постапува со грешното човештво на начин на кој би им дал предност на спорните прашања од најголема важност. Подоцна му рекол на Израел: ”Јас — Јас сум Оној кој ги бришам вашите престапи заради себе“ (Исаија 43:25, НС).
Откупнина: Покритие
6. Кои се некои од изразите кои ги употребува Библијата за да го опише Божјето средство на спас на човештвото?
6 Во Псалми 92:5 (НС) читаме: ”Колку се величествени твоите дела, О Јехова! Твоите мисли се многу длабоки.“ Според тоа, од нас се бара напор за да во потполност го сфатиме она што Бог го сторил за човештвото. (Спореди со Псалми 36:5, 6, НС.) За среќа, Библијата ни помога да ги разбереме работите така што употребува бројни изрази кои ги опишуваат или предочуваат Божјите величествени дела од разни гледишта. Библијата зборува за откупнината употребувајќи ги изразите како што се: купување, помирување, помиреност, откупување и покајание (Псалми 49:8; Даниел 9:24; Галатјаните 3:13; Колосјаните 1:20; Евреите 2:17, НС). Но можеби изразот кој најдобро ги опишува работите е оној кој самиот Исус го употребил според Матеј 20:28: ”Како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп [грчки, ли́трон] на мнозина.“
7, 8. (а) Што учиме од грчките и хебрејските зборови за откупнина? (б) Опиши како откупнината опфаќа нешто што е соодветно.
7 Што е откуп, откупнина? Грчкиот збор ли́трон доаѓа од глаголот кој значи ”ослободува“. Се користел за опис на парите што се платени за ослободување на воените затвореници. Меѓутоа, во Хебрејските списи, зборот за откупнина, ко́фер, доаѓа од глаголот кој значи ”покрива“ или ”прекрива“. На пример, Бог му рекол на Ное да ја покрие (кафар) арката со катран (1. Мојсеева 6:14, НС). Значи, од оваа гледна точка, да се откупат или платат гревови значи да се покријат гревовите (Псалми 65:3, НС).
8 Теолошкиот речник на новиот завет (Theological Dictionary of the New Testament) забележува дека зборот ко́фер ”секогаш означува еквивалент“, или нешто соодветно. Така, капакот (каппоре́т) од ковчегот на сојузот по обликот одговарал на самиот ковчег. Исто така, при исплатувањето на гревовите, или откупувањето, божествената правда барала ’душа за душа, око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога‘ (5. Мојсеева 19:21, НС). Сепак, понекогаш правдата може да биде задоволена ако наместо одредена казна се понуди еквивалент. Да си го претставиме тоа: Во 2. Мојсеева 21:28-32 (НС) се зборува за бик кој смртно убодел човек. Ако сопственикот знаел дека бикот бил склон на тоа и не презел соодветни мерки на претпазливост, можел да биде присилен да го покрие губитокот, односно да плати за животот на убиениот со својот сопствен живот! Но, што ако сопственикот бил само делумно одговорен? Ќе му треба ко́фер, нешто што ќе ја покрие неговата грешка. Поставените судии можеле да му наметнат откупнина или надоместок како откупна цена.
9. Како ситуацијата во врска со Израелските првороденци ја прикажува точноста која се барала кај откупната цена?
9 Друг хебрејски израз за ”откупување“ е падах, глагол кој во основата значи ”да откупи“. Во 4. Мојсеева 3:39-51 се опишува колку точно требало да биде откупната цена. Бидејќи ги спасил израелските првороденци од погубување на денот на Пасхата 1513 пр. н. е., Бог ги поседувал. Затоа можел да бара секој израелски првороденец да му служи во храмот. Наместо тоа, Бог прифатил ’откупна цена‘ (пидјом, именска форма од пада́х), наредувајќи: ”Левитите дај ми ги мене (. . .) наместо сите израелски првороденци“. Но, замената морала да биде точна. Попис на Левиевото племе покажал дека има 22 000 мажи. Потоа, пописот на сите израелски првороденци покажал дека има 22 273. Вишокот од 273 првороденци можел да се откупи и ослободи од службата во храмот само со плаќање на ’откупна цена‘ од пет шекела (642 долара) за секој од нив.
Соодветна откупнина
10. Зошто животинските жртви не биле доволни да ги покријат гревовите на човештвото?
10 Она што е наведено горе ни покажува дека откупот мора да биде соодветен на она што го надоместува или покрива. Животинските жртви кои ги принесувале верните мажи од времето на Авел па наваму, не можеле вистински да ги покријат човечките гревови зашто луѓето се супериорни во однос на неразумните животни (Псалми 8:4-8). Затоа Павле можел да напише: ’крвта од бикови и јарци е немоќна да ги земе гревовите‘ (Ст). Таквите жртви единствено можеле да служат како сликовито или симболично покривање на гревовите во очекување на откупнината што требало да дојде (Евреите 10:1-4, НС).
11, 12. (а) Зошто милијарди луѓе не морале да умрат со жртвена смрт за да ја покријат грешноста на човештвото? (б) Само кој може да послужи како ’соодветна откупнина‘, и која е целта на неговата смрт?
11 На овој начин наговестената откупнина морала по вредноста точно да одговара на Адам, бидејќи смртната казна која Бог со право му ја доделил на Адам, довела до осуда на човечкиот род. ”Во Адам сите умираат“, вели 1. Коринтјаните 15:22 (НС). Затоа не било потребно милијарди поединци да умираат со жртвена смрт која би одговарала за секој поединечен Адамов потомок. ”Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот, а преку гревот смртта“ (Римјаните 5:12, НС). И ’бидејќи смртта е преку човек‘, откупот на човештвото може исто така да дојде ’преку еден човек‘ (1. Коринтјаните 15:21, НС).
12 Човекот кој можел да се даде себеси како откупнина морал да биде совршен човек од месо и крв — во потполност еднаков со Адам (Римјаните 5:14). Едно духовно суштество или ”Бог-човек“ не би можел да ја изедначи вагата на правдата. Само совршен човек, некој кој не подлежи на Адамовата наследена смртна казна, може да принесе ’соодветна откупнина‘, која потполно одговара на Адам (1. Тимотеј 2:6, НС).a Жртвувајќи го доброволно својот живот, тој ’последен Адам‘ можел да ја плати цената за гревот на ’првиот човек, Адам‘ (1. Коринтјаните 15:45; Римјаните 6:23, НС).
13, 14. (а) Дали Адам и Ева имаат корист од откупнината? Објасни. (б) Како откупнината му користи на Адамовото потомство? Прикажи.
13 Меѓутоа, ниту Адам ниту Ева не извлекуваат корист од откупнината. Мозаитскиот закон го содржел следното начело: ”Не смеете да примате откупнина за животот на убиецот кој заслужил смрт“ (4. Мојсеева 35:31, Ст). Адам не бил излажан и затоа неговиот грев бил снамерен, умислен (1. Тимотеј 2:14, НС). Тоа е исто како да станал убиец на своето потомство, зашто тие го наследиле неговото несовршенство, и така потпаднале под казната на смртта. Без сомнение, Адам ја заслужил смртта, бидејќи како несовршен човек намерно избрал непослушност спрема Божјиот закон. Би било спротивно на Јеховините праведни начела кога откупнината би се применила во корист на Адам. Меѓутоа, цената со која е платен Адамовиот грев ја поништува смртната казна над Адамовото потомство! (Римјаните 5:16, НС). Во правна смисла, разорната моќ на гревот е прекината на самиот нејзин извор. Откупителот ’умрел за сите‘, носејќи ги последиците од гревот за сите Адамови деца (Евреите 2:9; 2. Коринтјаните 5:21; 1. Петрово 2:24, НС).
14 За илустрација: замисли си една голема фабрика со стотици вработени. Нечесниот директор на фабриката ги доведува под стечај; фабриката се затвора. Стотици се без работа и не можат да ги платат своите сметки. Нивните брачни другари, децата, и секако, кредиторите, сите трпат поради расипаноста на еден човек! Потоа доаѓа еден богат доброчинител кој ги исплаќа сите фабрички долгови и повторно ја отвора фабриката. Поништувањето на тој еден долг им донесува потполно олеснување на многуте вработени, на нивните семејства и кредитори. Но, дали првобитниот директор има удел во новата благосостојба? Не, тој е в затвор и така засекогаш ја изгубил работата! Слично на тоа, поништувањето на Адамовиот долг им користи на милиони негови потомци — но не и на Адам.
Кој ја овозможува откупнината?
15. Кој можел да даде откупнина за човештвото, и зошто?
15 Псалмистот тагувал: ”Никој од нив никако не може да откупи ни брат, ниту за него да му даде откупнина на Бог; (а откупната цена за нивната душа е толку драгоцена што престанала до недогледно време).“ Во The New English Bible се вели дека откупната цена била ’засекогаш вон нивната моќ да платат‘ (Псалми 49:7, 8, НС). Тогаш, кој можел да ја даде откупнината? Само Јехова можел да го даде совршеното ’Јагне (. . .) Кое ги зеде гревовите на светот‘ (Јован 1:29). Бог не испратил некој ангел да го ослободи човештвото. Тој ја дал најголемата жртва испраќајќи го својот единороден Син, ’на кого му бил посебно наклонет‘ (Пословици 8:30; Јован 3:16).
16. (а) Како Божјиот Син се родил како совршен човек? (б) Како можел Исус да биде наречен во правна смисла?
16 Со своето доброволно учествување во божествената подготовка, Божјиот Син ’се лишил‘ од својата небеска природа (Филипјаните 2:7, Ст). Јехова ја пренел животната сила и образецот на личноста на својот првороден небесен Син во матката на една еврејска девица по име Марија. Потоа светиот дух ’ја засенил‘ и загарантирал дека детето кое расте во нејзината матка ќе биде свето, потполно без грев (Лука 1:35; 1. Петрово 2:22, НС). Како човек, ќе биде наречен Исус. Во правна смисла можел да биде наречен ’втор Адам‘, бидејќи совршено одговарал на Адам (1. Коринтјаните 15:45, 47, НС). Според тоа, Исус можел да се принесе себе на жртва како ’непорочно и чисто јагне‘, откуп за грешното човештво (1. Петрово 1:18, 19).
17. (а) На кого е платена откупнината, и зошто? (б) Зошто воопшто е направена замената, бидејќи Јехова ја дал и примил откупнината?
17 На кого требало да се плати таа откупнина? Со векови теолозите на т. н. христијанство тврделе дека му била платена на Сатана Ѓаволот. Вистина е дека човештвото било ’продадено‘ под грев и така дошло под власта на Сатана (Римјаните 7:14; 1. Јованово 5:19, НС). Но Јехова, а не Сатана, ’бара казна‘ за престап (1. Солунјаните 4:6, НС). Затоа, како што во Псалми 49:7 изрично се наведува, откупнината требало да му се плати ’на Бог‘. Јехова ја прави откупнината можна, но откако Божјето Јагне било жртвувано, вредноста на неговата откупнина морала да се плати на Бог. (Спореди 1. Мојсеева 22:7, 8, 11-13; Евреите 11:17, НС.) Со тоа откупнината не станала безначајна, механичка замена, како кога би зеле пари од еден џеб и би ги ставиле во друг. Откупнината не ја вклучува толку физичката замена колку правното порамнување. Инсистирајќи откупнината да биде платена — дури и по голема цена и за самиот него — Јехова го потврдил своето непоколебливо следење на праведните мерила (Јаков 1:17, НС).
”Довршено е“
18, 19. Зошто било потребно Исус да страда?
18 Пролетта 33. н. е. дошло време да се плати откупнината. Исус Христос бил уапсен под лажни обвиненија, прогласен за виновен и прикован на столбот за погубување. Сесрдно го молел Бог со ”силни молби и солзи“ поради жестоката болка и доживеаното понижување (Евреите 5:7). Дали било потребно Исус толку да страда? Да, бидејќи со тоа што останал ’лојален, простодушен, неизвалкан, одвоен од грешниците‘ сѐ до крајот, со драматичниот крај Исус го разјаснил спорното прашање во врска со беспрекорноста на Божјите слуги (Евреите 7:26, НС).
19 Исусовите страдања исто така го направиле совршен за неговата улога на Првосвештеник за човештвото. Како таков тој нема да биде ладно, непристапливо службено лице. ”Бидејќи самиот трпеше и беше искушан, може да им помогне на оние кои се во искушение“ (Евреите 2:10, 18; 4:15, Ст). Со својот последен здив Исус можел победнички да извика: ”Довршено е!“ (Јован 19:30, НС). Не само што ја докажал својата беспрекорност, туку успешно го положил темелот за спасение на човештвото — и што е уште поважно, го оправдал Јеховиниот суверенитет!
20, 21. (а) Зошто Христос бил подигнат од мртвите? (б) Зошто Исус Христос бил ’оживеан во дух‘?
20 Сепак, на кој начин требало да се примени откупнината на грешното човештво? Кога? Како? Овие прашања не биле препуштени на случајот. Третиот ден после Исусовата смрт, Јехова го подигнал од мртвите (Дела на апостолите 3:15; 10:40, НС). Со овој значаен чин кој го потврдиле стотина очевидци, Јехова не само што ја наградил верната служба на својот Син, туку му дал прилика да ја доврши својата работа во врска со откупувањето (Римјаните 1:4; 1. Коринтјаните 15:3-8, НС).
21 Исус ’оживел во дух‘, а неговото земско тело било отстрането на некој неоткриен начин (1. Петрово 3:18; Псалми 16:10; Дела на апостолите 2:27, НС). Како духовно суштество, воскреснатиот Исус можел сега победнички да се врати на небото. Каква невоздржана веселба сигурно имало на небото во таа прилика! (Спореди Јов 38:7, НС.) Исус не се вратил само затоа да се радува на својот дочек. Тој дошол да изврши друга работа, која вклучувала овозможување на човечкиот род да извлече корист од неговата откупнина. (Спореди Јован 5:17, 20, 21, НС.) За тоа како ја извршил и што тоа значи за човештвото, ќе биде стане збор во следната статија.
[Фуснота]
a Овде употребениот грчки збор антили́трон никаде повеќе не се појавува во Библијата. Поврзан е со изразот што Исус го употребил за откупнина (ли́трон) во Марко 10:45. Меѓутоа Новиот меѓународен речник на новозаветна теологија (The New International Dictionary of New Testament Theology) истакнува дека антили́трон ’ја нагласува идејата на замена‘. Затоа е прикладно што Нов Свет Преводот тој збор го преведува со ’соодветна откупнина‘.
Прашања за повторување
◻ Кои спорни прашања биле позначајни отколку спасението на човештвото?
◻ Што значи да се ”откупат“ грешниците?
◻ На кого Исус морал да биде еднаков, и зошто?
◻ Кој го дал откупот, и на кого му бил платен? Зошто?
◻ Зошто било потребно Исус да воскресне од мртвите како дух?
[Слика на страница 13]
Животинските жртви не биле доволни да ги покријат човечките гревови; тие ја наговестувале поголемата жртва која требало да дојде