„Пасете го Божјето стадо кое ви е доверено“
„Пасете го Божјето стадо кое ви е доверено — не со сила, туку доброволно“ (1. ПЕТ. 5:2)
1. Со што се соочувале христијаните кога Петар го напишал своето прво послание?
АПОСТОЛ Петар го напишал своето прво послание некое време пред Нерон да започне да ги прогонува христијаните во Рим. Тој сакал да ги зајакне своите соверници. Ѓаволот ‚одел наоколу‘ со цел да ги проголта христијаните. За да му се спротивстават, тие требало да ‚бидат трезвени‘ и да ‚се понизат под моќната Божја рака‘ (1. Пет. 5:6, 8). Освен тоа, требало да го зачуваат единството. Не смееле да си дозволат меѓусебно ‚да се гризат и да се јадат‘ затоа што така можеле ‚да се истребат еден со друг‘ (Гал. 5:15).
2, 3. Против кого, всушност, треба да се бориме, и што ќе разгледаме во оваа и во следната статија?
2 Денес се наоѓаме во слична ситуација. Ѓаволот бара прилики да нѐ проголта (Отк. 12:12). Освен тоа, во блиска иднина ни претстои „голема неволја каква што немало од почетокот на светот“ (Мат. 24:21). Исто како што меѓу христијаните во првиот век не смеело да има караници и несогласувања, не смее да има и меѓу нас. Но, за да го зачуваме единството, понекогаш ни е потребна помошта која можат да ни ја дадат старешините.
3 Да видиме како би можеле старешините уште повеќе да ја ценат честа да се грижат за ‚Божјето стадо кое им е доверено‘ (1. Пет. 5:2). Потоа ќе разгледаме што ќе им помогне на исправен начин да ја вршат својата одговорност како пастири. Во следната статија ќе видиме како можат членовите на собранието ‚да ги почитуваат оние што се трудат меѓу нив и го предводат‘ стадото (1. Сол. 5:12). Овие информации ќе ни помогнат цврсто да му се спротивставиме на нашиот главен Непријател, имајќи на ум дека, всушност, тој е оној против кого се бориме (Еф. 6:12).
Пасете го Божјето стадо
4, 5. Како треба старешините да гледаат на стадото? Наведи пример.
4 Петар ги поттикнал христијанските старешини во првиот век да гледаат на стадото што им е доверено исто како што гледа Бог. (Прочитај 1. Петрово 5:1, 2.) Иако бил сметан за столб во собранието, Петар не им зборувал од високо на другите старешини. Напротив, ги советувал како свои соработници кои исто така се грижеле за Божјиот народ (Гал. 2:9). Со сличен став како Петар, и Водечкото тело денес ги поттикнува собраниските старешини да даваат сѐ од себе додека ја вршат својата сериозна одговорност како пастири на Божјето стадо.
5 Апостолот напишал дека старешините треба да ‚го пасат Божјето стадо кое им е доверено‘. Многу е важно да имаат на ум дека стадото им припаѓа на Јехова и на Исус Христос. Старешините мора да положат сметка за тоа како се грижат за Божјите овци. Размисли за следниов пример. Да речеме дека некој близок пријател те замолил да му ги чуваш децата додека тој е на пат. Зарем нема добро да се грижиш за нив и да им даваш да јадат? Ако некое се разболи, нема ли да направиш сѐ за да му биде подобро? На сличен начин, и старешините во собранието треба ‚да го пасат Божјето собрание, кое Бог го купил со крвта на својот Син‘ (Дела 20:28). Тие имаат на ум дека секоја овца е платена со скапоцената крв на Исус Христос. Бидејќи мора да положат сметка пред Бог, старешините го хранат и го штитат стадото, и се грижат за него на многу други начини.
6. Каква должност имале пастирите во старо време?
6 Размисли за должностите што ги имале пастирите, односно овчарите во библиски времиња. Тие го чувале стадото и кога било многу жешко дење и кога било студено ноќе (1. Мој. 31:40). Понекогаш си го ризикувале и животот за овците. Како младо овчарче, Давид се борел со диви животни — дури со лав и со мечка — за да го заштити стадото! Во врска со ова, тој рекол дека ‚го фатил [животното] за вратот, го удрил и го убил‘ (1. Сам. 17:34, 35). Давид навистина бил храбар! Можеш ли да замислиш колку близу се нашол до челуста на овие ѕверови? Сепак, не дозволил стравот да го спречи да ги спаси своите овци.
7. Како можат старешините, во симболична смисла, да ја истргнат овцата од челуста на Сатана?
7 Денес, старешините мора внимателно да го штитат стадото од Ѓаволот кој напаѓа како лав. Во преносна смисла, можеби ќе треба храбро да ја истргнат овцата од неговата челуст. Со тоа што, симболично, ќе го фатат ѕверот за вратот, старешините можат да ја спасат овцата. Ова значи дека можеби ќе треба да ги советуваат невнимателните браќа кои се на искушение да паднат во некоја сатанска замка. (Прочитај Јуда 22, 23.) Се разбира, старешините не успеваат да го прават ова без Јеховина помош. Тие нежно се грижат за повредената овца така што симболично ја преврзуваат и ѝ ја ублажуваат болката користејќи ја Божјата Реч како мелем за нејзините рани.
8. Каде го водат старешините стадото, и како?
8 Пастирот исто така го водел стадото на зелени пасишта каде што имало извори на вода. И денес старешините прават нешто слично. Тие ги поттикнуваат браќата да бидат редовни на состаноците, каде што ќе добијат „храна во вистинско време“ и ќе се наситат (Мат. 24:45). Веројатно ќе треба да поминат повеќе време со оние што се духовно болни за да им помогнат да сфатат колку е важно да ја примаат духовната храна од Божјата Реч. Можеби некоја залутана овца се обидува да се врати во стадото. Наместо да ја заплашат, старешините љубезно ќе ѝ ги објаснат библиските начела и ќе ѝ покажат како да ги примени во својот живот.
9, 10. Како треба старешините да се грижат за духовно болните?
9 Кога си болен, каков лекар би сакал да те прегледа? Дали таков кој само кратко ќе те сослуша и брзо ќе ти препише лек за да може што поскоро да прејде на следниот пациент? Или, пак, повеќе би сакал да појдеш кај лекар што ќе те ислуша, ќе ти објасни што можеби не е во ред и ќе ти наведе повеќе видови лекување кои би можел да ги избереш?
10 И старешините можат да го сослушаат оној што е духовно болен и да му помогнат да му се залечи раната, и така симболично да „го намачкаат со масло во името на Јехова“. (Прочитај Јаков 5:14, 15.) Исто како балсамот од Галад, Божјата Реч може да ја ублажи болката (Ерем. 8:22; Езек. 34:16). Кога ќе ги примени библиските начела, оној што духовно се тетерави ќе може повторно цврсто да застане на нозе. Значи, старешините можат многу да помогнат со тоа што ќе слушнат што ја мачи болната овца и ќе се молат со неа.
Не со сила, туку доброволно
11. Зошто старешините доброволно му служат на Божјето стадо?
11 Во продолжение, Петар ги потсетил старешините како треба и како не треба да се грижат за овците. Тие треба да го пасат Божјето стадо „не со сила, туку доброволно“. Што ги тера старешините доброволно да им служат на своите браќа? Па, што го поттикнало Петар да ги пасе и да ги храни овчичките на Исус? Главниот мотив била неговата љубов кон Господарот (Јован 21:15-17). Бидејќи го сакаат Исус, старешините ‚не живеат повеќе за себе, туку за него, кој умрел за нив‘ (2. Кор. 5:14, 15). Оваа љубов, како и нивната љубов кон Бог и кон браќата, ги тера старешините да ги користат својот труд, средства и време за да му служат на стадото (Мат. 22:37-39). Тие се трошат себеси, не безволно, туку спремно.
12. До кој степен се трошел апостол Павле за другите?
12 До кој степен треба старешините да се трошат за Божјите овци? Во својата грижа за стадото, тие се угледуваат на апостол Павле, кој го следел примерот на Исус (1. Кор. 11:1). Бидејќи толку многу ги засакале своите браќа во Солун, Павле и неговите соработници биле спремни да им ја дадат „не само Божјата добра вест туку и својот живот“. Притоа биле благи, како „мајка која ги храни и ги негува своите деца“ (1. Сол. 2:7, 8). Павле бил свесен какви чувства има мајката кон своето доенче. Таа е спремна да направи сѐ за малечкото — па дури и да станува сред ноќ да го нахрани.
13. Во кој поглед треба да бидат урамнотежени старешините?
13 Старешините мора да се трудат да најдат рамнотежа меѓу одговорностите што ги имаат како пастири во собранието и како поглавари на семејството (1. Тим. 5:8). Времето што тие го одвојуваат за собранието е скапоцено време што би можеле да го поминат со своето семејство. Еден начин како може истовремено да се грижат и за двете одговорности е така што одвреме-навреме ќе поканат некого на Семејната вечер. Низ годините, Масанао, кој служи како старешина во Јапонија, на семејното проучување поканувал самци и самохрани родители со своите деца. Со текот на времето, некои од оние на кои им помагал и самите станале старешини и го следеле неговиот убав пример.
Пасете го стадото горливо, а не за нечесна добивка
14, 15. Зошто треба старешините да внимаваат да не служат „поради нечесна добивка“, и како можат да го следат примерот на Павле во овој поглед?
14 Петар исто така ги поттикнал старешините да се грижат за стадото ‚горливо, а не поради нечесна добивка‘. Иако трошат многу време за своите браќа, тие не очекуваат да бидат платени за тоа. Петар увидел дека треба да ги предупреди другите старешини за опасноста да почнат да го пасат стадото „поради нечесна добивка“. Доказ дека оваа опасност е реална е луксузниот живот што го водат верските водачи на „Големиот Вавилон“ додека многу луѓе се принудени да живеат во сиромаштија (Отк. 18:2, 3). Старешините денес имаат добра причина да внимаваат и кај нив да не се развие таков став.
15 Павле им дал убав пример на христијанските надгледници. Иако бил апостол и можел да ‚им биде на товар‘ на христијаните во Солун, тој ‚не јал бадијала ничиј леб‘. Напротив, ‚работел тешко и напорно дење и ноќе‘ (2. Сол. 3:8). Многу денешни старешини, во кои спаѓаат и патувачките надгледници, се добар пример во овој поглед. Иако ја прифаќаат гостољубивоста на соверниците, тие се трудат да не ‚бидат товар никому‘ (1. Сол. 2:9).
16. Како старешините се грижат „горливо“ за стадото?
16 Старешините се грижат „горливо“ за стадото. Нивната горливост се гледа од тоа што самопожртвувано им помагаат на браќата. Но, ова не значи дека ги присилуваат објавителите да му служат на Јехова ниту, пак, дека разгоруваат натпреварувачки дух кај нив (Гал. 5:26). Тие сфаќаат дека секоја овца е поинаква и од сѐ срце сакаат да им помогнат на своите браќа радосно да ја вршат Јеховината волја.
Не господарете над стадото, туку бидете му пример
17, 18. а) Зошто понекогаш на апостолите им било тешко да го сфатат она што Исус го поучувал за понизноста? б) Во каква слична ситуација би можеле да се најдеме денес?
17 Како што видовме, старешините треба да имаат на ум дека стадото за кое се грижат е Божје, а не нивно. Затоа внимаваат ‚да не господарат над оние што се Божја сопственост‘. (Прочитај 1. Петрово 5:3.) Понекогаш и апостолите на Исус сакале да бидат на одговорни положби од неисправни мотиви. Слично на човечките владетели, и тие барале углед за себе. (Прочитај Марко 10:42-45.)
18 Добро е браќата кои денес ‚сакаат да служат како надгледници‘ да се преиспитаат зошто имаат таква желба (1. Тим. 3:1). Оние што сега се старешини треба искрено да се прашаат дали можеби им е важно да имаат истакната положба или, пак, власт над другите во собранието, како што било случај со некои од апостолите. Ако апостолите имале проблем со ова, тогаш старешините можат да сфатат зошто треба со сите сили да се борат да не посакаат да господарат над другите, како што е вообичаено за луѓето во светот.
19. Што треба да имаат на ум старешините кога преземаат мерки да го заштитат стадото?
19 Се разбира, понекогаш старешините мора да бидат цврсти како, на пример, кога ги штитат овците од „свирепи волци“ (Дела 20:28-30). Павле му рекол на Тит да продолжи да ‚опоменува и укорува, бидејќи ги имал сите овластувања за тоа‘ (Тит 2:15). Сепак, дури и кога мора да преземат вакви мерки, пастирите се трудат да го почитуваат достоинството на оние на кои им треба укор. Старешините сфаќаат дека, наместо да бидат груби кон таквите и да ги критикуваат, ќе можат полесно да ги допрат до срце и да им помогнат да постапуваат исправно ако љубезно ги поттикнуваат да ги направат потребните промени.
20. Како можат старешините, слично на Исус, да дадат добар пример?
20 Убавиот пример на Исус ги мотивира старешините да го сакаат стадото (Јован 13:12-15). Трогнати сме кога читаме како тој ги обучувал своите ученици да проповедаат и да ги поучуваат луѓето. Бидејќи бил понизен, тој допрел до нивното срце и ги поттикнал и тие ‚од понизност да ги сметаат другите за поголеми од себе‘ (Фил. 2:3). И старешините денес се мотивирани да го следат примерот на Исус, а и самите да бидат „пример за стадото“.
21. Каква награда ќе добијат старешините?
21 Петар го заклучил советот до старешините осврнувајќи се на едно ветување за иднината. (Прочитај 1. Петрово 5:4.) Помазаните христијани ‚ќе го примат венецот на славата што не венее‘ кога ќе бидат со Христос на небото. Останатите надгледници од ‚другите овци‘ ќе имаат чест, под власта на „врховниот пастир“, да се грижат за Божјето стадо на Земјата (Јован 10:16). Во следната статија ќе видиме како можат членовите на собранието да ги поддржуваат оние што се поставени да предводат.
За повторување
• Зошто Петар со право ги поттикнал другите старешини да се грижат за Божјето стадо кое им било доверено?
• Како треба старешините да се грижат за духовно болните?
• Од кој мотив старешините се грижат за Божјето стадо кое им е доверено?
[Слика на страница 21]
Исто како пастирите во старо време, старешините денес мора да ги штитат „овците“ кои им се доверени