Раното христијанство и државата
НЕКОЛКУ часа пред својата смрт, Исус им рекол на своите ученици: „[Вие] не сте дел од светот, но јас ве избрав од светот, затоа светот ве мрази“ (Јован 15:19, НС). Но, дали ова значи дека христијаните би присвоиле непријателски став спрема властите од овој свет?
Не световни, но не и непријателски
На христијаните кои живееле во Рим, апостол Павле им рекол: „Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти“ (Римјаните 13:1). Слично на тоа, апостол Петар напишал: „И така, покорувајте се на секое човечко началство, поради Господа; било на цар, како на врховна власт, било на намесници, како негови пратеници за казнување на злочинците, а за пофалба на добротворците“ (1. Петрово 2:13, 14). Подложноста спрема државата и спрема нејзините соодветно поставени претставници очигледно претставувала едно прифатено начело меѓу раните христијани. Тие настојувале да бидат граѓани кои се придржуваат на законот и да живеат мирољубиво со сите луѓе (Римјаните 12:18).
Под темата „Црквата и државата“, The Encyclopedia of Religion изјавува: „Во првите три века по Хр., христијанската црква во голема мера била изолирана од официјалното римско општество . . . Меѓутоа, христијанските водачи . . . поучувале на послушност спрема римскиот закон и на лојалност спрема царот, во рамките на границите поставени од христијанската вера“.
Чест, а не обожавање
Христијаните не биле непријателски настроени спрема римскиот цар. Тие го почитувале неговиот авторитет и му оддавале почит достојна на неговиот ранг. За време владеењето на царот Нерон, апостол Петар им напишал на христијаните кои живееле во различни делови од Римското Царство: „Почитувајте го секого . . . царот почитувајте го“ (1. Петрово 2:17). Во светот во којшто се зборувало грчки, зборот „цар“ не се употребувал само за локалните цареви туку и за римскиот цар. Апостол Павле ги советувал христијаните кои живееле во главниот град на Римското Царство: „И така, дајте секому, што сте му должни: . . . кому чест — чест“ (Римјаните 13:7). Римскиот цар најверојатно барал чест. Со текот на времето, тој барал дури и обожавање. Но, овде раните христијани повлекле црта.
На своето судење пред еден римски проконзул во вториот век н. е., Поликарп наводно изјавил: „Јас сум христијанин. . . . Ние сме поучени да им ја даваме сета должна чест . . . на властите и на авторитетите кои се поставени од Бог“. Сепак, Поликарп избрал да умре наместо да го обожава царот. Теофил од Антиохија, апологет од вториот век, напишал: „Јас повеќе би сакал да го почитувам императорот, всушност не да го обожавам, туку да се молам за него. Но го обожавам Бог, живиот и вистинит Бог“.
Прикладните молитви за императорот воопшто не биле поврзани со неговото обожавање или, пак, со национализам. Апостол Павле ја објаснил нивната цел: „Молам, пред сѐ, да се прават просби, молитви, молби и благодаренија за сите луѓе: за царевите и за сите што се на власт, та да поживееме тих и мирен живот во потполна побожност и чистота“ (1. Тимотеј 2:1, 2).
„На работ на општеството“
Ваквото однесување полно со почит од страна на раните христијани, не им го донело пријателството на светот во којшто живееле. Францускиот историчар А. Аман раскажува дека раните христијани „живееле на работ на општеството“. Всушност, тие живееле на работ на две општества — еврејското и римското и, наидувале на големи предрасуди и недоразбирања кај обете.
На пример, кога бил лажно обвинет од еврејските водачи, во својата одбрана пред римскиот управител, апостол Павле навел: „Со ништо не се огрешив ни против Законот јудејски, ни против црквата, ниту, пак, против ќесарот. . . . Ќесарев суд сакам“ (Дела 25:8, 11). Свесен дека Евреите ковале завера да го убијат, Павле се повикал на Нерон, со што ја признал власта на римскиот цар. Како резултат на тоа, при неговото прво судење во Рим, изгледа дека Павле бил ослободен. Но, подоцна бил повторно затворен, а традицијата вели дека бил погубен по наредба на Нерон.
Во врска со тешката положба на раните христијани во римското општество, социологот и теолог Ернст Трелч напишал: „Биле исклучени сите служби и занимања што имале каква и да било врска со обожавањето идоли, или со обожавањето на Императорот, или, пак, со оние кои имале каква и да било врска со крвопролевање или со смртна казна, или, пак, со оние кои би ги довеле христијаните во контакт со паганскиот неморал“. Дали овој став не оставал место за мирољубив и обостран пристоен однос меѓу христијаните и државата?
Да му платиме на цезарот ‚што сме му должни‘
Исус дал една формула по која би се управувало христијанското однесување спрема римската држава, или поправо, спрема која и да е друга влада, кога рекол: „Подајте го царевото на царот а Божјото на Бога“ (Матеј 22:21). Овој совет до Исусовите следбеници бил во остра спротивност со ставот на мнозина националистички настроени Јудејци кои биле огорчени на римската доминација и ја оспорувале законитоста на плаќањето даноци на една странска сила.
Подоцна, на христијаните кои живееле во Рим, Павле им рекол: „Затоа треба да се покорувате, и тоа не само поради страв, туку и поради совеста своја. Затоа и данок плаќате, оти тие [државните „претпоставени власти“] се Божји служители, и со тоа постојано се занимаваат. И така, дајте секому, што сте му должни: кому данок — данок; кому давачка — давачка“ (Римјаните 13:5—7). Иако христијаните не биле дел од светот, тие биле обврзани да бидат чесни граѓани кои ги плаќаат даноците за службите што ги вршела државата (Јован 17:16).
Но, дали Исусовите зборови се однесувале само на плаќањето даноци? Поради тоа што Исус не дефинирал точно што е цезарово а што Божје, постојат ситуации кои се на граница и за кои мора да се одлучи според контекстот или според нашето разбирање на целокупната Библија. Со други зборови, одлучувањето кои работи еден христијанин може да му ги плати на цезарот, понекогаш би ја вклучило совеста на христијанинот, како што е расветлено од библиските начела.
Внимателна рамнотежа меѓу две спротивставени барања
Многу луѓе се склони да заборават дека откако Исус навел оти на цезарот треба да се плати цезаровото, тој додал: „А [платете го] Божјото на Бога“. Апостол Петар покажал во што е приоритетот за христијаните. Веднаш откако советувал за подложност спрема „царот“, односно императорот, и спрема неговите „намесници“, Петар напишал: „[Бидете, НС] како слободни, а не како такви што ја употребуваат слободата како покрив на злобата, туку — како слуги Божји. Почитувајте го секого, браќата сакајте ги, од Бога бојте се, царот почитувајте го“ (1. Петрово 2:16, 17). Апостолот покажал дека христијаните се робови на Бог, а не на некој човечки владетел. Иако тие треба да покажуваат исправна чест и почит спрема претставниците на државата, тоа треба да го прават во страв од Бог, чиишто закони се понадмоќни.
Со години порано, Петар не оставил никакво сомневање во поглед на надмоќноста на Божјиот закон над човечкиот. Еврејскиот Синедрион бил административно тело на кое Римјаните му дале и цивилна и религиозна власт. Кога тој им заповедал на Исусовите следбеници да престанат да поучуваат во Христово име, Петар и останатите апостоли со почит, но одлучно одговориле: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“ (Дела 5:29). Јасно е дека раните христијани морале да одржуваат внимателна рамнотежа помеѓу послушноста спрема Бог и исправната подложност спрема човечките власти. Во почетокот на третиот век н. е., Тертулијан се изразил вака: „Ако сѐ е цезарово, што ќе остане за Бог?“
Компромис со државата
Како што одминувало времето, ставот што го присвоиле христијаните во првиот век во поглед на државата, постепено ослабнал. Во вториот и третиот век н. е. цветал отпадот што го прорекле Исус и апостолите (Матеј 13:37, 38; Дела 20:29, 30; 2. Солунјаните 2:3—12; 2. Петрово 2:1—3). Отпадничкото христијанство правело компромиси со римскиот свет, ги присвоило неговите пагански празници и неговата филозофија и ја прифатило не само граѓанската туку и воената служба.
Професор Трелч напишал: „Од третиот век па наваму, ситуацијата станувала сѐ потешка, бидејќи христијаните станувале сѐ побројни во повисоките слоеви од општеството и во поугледните професии, во војската и во службените кругови. Во повеќе извадоци од [небиблиски] христијански списи, постојат огорчени протести против учеството во овие работи; од друга страна, наоѓаме и обиди за компромис — аргументи наменети да се замолчи немирната совест . . . Од времето на Константин, овие тешкотии исчезнале; судирите меѓу христијани и пагани престанале, а сите служби во Државата биле ширум отворени“.
Кон крајот на четвртиот век н. е., овој расипан, компромитиран облик на христијанство станал државна религија на Римското Царство.
Низ својата историја, христијанскиот свет — претставуван од католичките, православните и протестантските цркви — продолжил да се компромитира со државата, вклучувајќи се длабоко во нејзината политика и поддржувајќи ја во нејзините војни. На мнозина искрени членови на црквата кои се шокирани од ова, несомнено би им било драго да знаат дека денес постојат христијани кои се држат за ставот на христијаните од првиот век во врска со нивниот однос кон државата. Следните две статии подетално ќе зборуваат за тоа.
[Слика на страница 5]
Царот Нерон, за кого Петар напишал: „Царот почитувајте го“
[Извор на слика]
Musei Capitolini (Рим)
[Слика на страница 6]
Поликарп избрал да умре наместо да го обожава царот
[Слика на страница 7]
Раните христијани биле мирољубиви, чесни граѓани кои ги плаќале даноците