Чекај стрпливо
ПАСТИРОТ кој секогаш одново извикувал: „Волк!“ кога немало волк, увидел дека на неговиот подоцнежен повик за помош не му било обрнато внимание. Слично и денес, многумина ја игнорираат близината на Јеховиниот ден бидејќи имаат слушнато безброј предупредувања кои се докажале како лажни аларми. Самиот факт што толку многу луѓе пропуштаат да проникнат кое предупредување е вистинско и потоа да му обрнат внимание, му оди во прилог на Божјиот голем непријател Сатана, тој лажен „ангел на светлината“ (2. Коринтјаните 11:14).
Духот на самозадоволство би бил опасен дури и за оние кои веќе му служат на Јехова некое време. Зошто? Разгледај го предупредувањето од апостол Петар во првиот век.
Размислувај јасно
Петровото второ инспирирано писмо било потсетник за раните христијани, а и за нас. „Еве, возљубени“, пишува тој, „како веќе ви го пишувам второто послание, во кое со напомнување ви го разбудувам вашиот чист разум [способностите на јасно размислување, NW]“ (2. Петрово 3:1). Каков темел има Петар за една ваква загриженост? Петар ја истакнува присутноста на исмејувачите чие исмејување го поткопува потребното чувство на итност во врска со времето во кое живеат Божјите слуги. Сега е време да се чуваме да не бидеме прелажани од потсмевачите. На тој начин, Петар ги поттикнува своите читатели да ‚се потсетат на зборовите, порано кажани од светите пророци‘ (2. Петрово 3:2; Дела 3:22, 23). Што рекле пророците?
На Божјите верни слуги во многу прилики им било свртено вниманието на тоа како божествените судови ја окончале злобата. Петар ги потсетува своите читатели на потопот од Ноевото време кој Бог го употребил како средство за да интервенира кога Земјата била полна со злоба. Таа поројна поплава делотворно го окончала светот од тоа време. Но, Бог го сочувал Ное и неговото семејство во една арка заедно со претставничките живи суштества „од секоја плот“. Универзалните легенди сведочат за вистинитоста на библискиот извештајa (1. Мојсеева 6:19; 2. Петрово 3:5, 6).
Таа божествена интервенција Петар ја нарекува ‚факт кој го избегнува вниманието‘ (NW) на некои луѓе. Потоа, други биле улулкани во самозадоволство од страна на исмејувачите од тоа време. Но, ние никогаш не мораме да го изгубиме од вид она што Јехова веќе го направил. Петар ни кажува: „А сегашните небеса и земјата, пазени од истото слово, се чуваат за оган во денот на судот и погибелта на нечестивите луѓе“ (2. Петрово 3:7). Да, повторно ќе се случи божествена интервенција.
Бог не е бавен
Веќе поминале милениуми. Зошто Бог чекал толку долго за да ги реши проблемите на човештвото? Повторно, Петар се сосредоточува на еден друг факт. Тој вели: „Но внимавајте, возљубени, да не го изумите само тоа дека за Господа еден ден е како илјада години, а илјада години — како еден ден“ (2. Петрово 3:8). Јеховиното гледиште за времето се разликува од нашето. За вечниот Бог, периодот од Адамовото создавање па досега не изнесува дури ни една седмица. Но, какво и да е гледиштето за времето што го имаме, секој милениум и секој ден кој поминува нѐ доведува сѐ поблизу до исполнувањето на Јеховината намера.
„Кога го гледаш тенџерето, баш тогаш не зоврива“ — е изрека која подразбира дека едноставно чекањето на некој настан се чини дека го одложува неговото појавување. Меѓутоа, Петар препорачува ‚да ја очекуваме и цврсто да ја задржиме на ум присутноста на Јеховиниот ден‘ (2. Петрово 3:12, NW). Како можеме да развиеме умствен став кој ќе нѐ држи будни за претстојната божествена интервенција?
Постапките зборуваат погласно од зборовите
Петар го сосредоточува вниманието на делата и на постапките. Тој укажува на „светите постапки на однесување“, како и на „делата на побожна оддаденост“ (2. Петрово 3:11, NW). Што вклучуваат тие?
Вистинскиот слуга на Бог постапува на начин кој му е Нему угоден. Верата на еден таков вистински обожавател се одразува во неговото однесување. Тоа го разликува од оние кои ништо друго туку само зборуваат за верување во Бог и во неговите ветувања. Можеби си забележал дека јавната служба на Јеховините сведоци ги издвојува како поинакви. Тие те посетуваат во твојот дом за да свртат внимание кон Божјите ветувања кои се изложени во Библијата. Но, тие исто така даваат сведоштво за своите надежи и верувања, секаде каде што среќаваат луѓе.
Сведокот кој е зафатен во објавувањето на својата вера на другите, ги засилува и ги зајакнува своите верувања. Изразувањето го продлабочува впечатокот и истовремено донесува внатрешна радост и задоволство. Кога ја објавуваме добрата вест за Божјето Царство, ние му угодуваме и на Јехова. Знаеме дека тој ‚не е неправеден, та да го заборави делото наше и трудот на љубовта, што ги покажуваме во Негово име‘, како што изјавува Петровиот соапостол Павле (Евреите 6:10; Римјаните 10:9, 10).
Кој е резултатот од ваквата преокупација со ширење на добрата вест за Царството во текот на последните денови од овој сегашен злобен систем? Стотици илјади луѓе со чесни срца учат како да дојдат во еден близок однос со Јехова, да извлечат корист од неговата незаслужена љубезност и да најдат вистинска среќа во изгледот за вечен живот на рајската Земја.
Спознание однапред
Иако од Библијата знаеме дека Јехова Бог ќе интервенира во свое одредено време, треба да обрнеме внимание на едно понатамошно предупредување кое го дава Петар. „Знаејќи го ова однапред, пазете се од измамата на беззакониците за да не бидете одведени од нив, и да не отпаднете од својата тврдост“ (2. Петрово 3:17).
Јехова сигурно однапред знаел дека некои на кои им недостига јака вера би можеле да се обесхрабрат поради привидното одложување на божествената интервенција. Исто така, тој знаел дека влијанието од безбожните луѓе би можело да ги расипе неговите вистински слуги или барем да го поткопа нивното верување дека посветувањето на Божјето име е близу. Колку само би било трагично да отпаднеме од тврдоста во овие последни денови!
Сега не е време да негуваме сомненија или несигурност во врска со она што ќе го стори Јехова (Евреите 12:1). Наместо тоа, сега е време да растеме во ценењето за она што го донела Јеховината стрпливост — изгледот за спасение на милиони кои станале дел од меѓународното големо мноштво, како и со нетрпение да го очекуваме преживувањето во претстојната голема неволја (Откровение 7:9, 14). Петар силно опоменува: „Туку да напредувате во благодатта и во познавањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Нему слава и сега и за вечни времиња“ (2. Петрово 3:18).
„Запазете се во љубовта Божја“
Тоа што сме зафатени во проповедањето на Царството и редовно присуствуваме на христијанските состаноци за обожавање и проучување на Божјата Реч, ни нуди заштита. На тој начин, нема да имаме време да станеме претерано загрижени поради влошените околности во денешниот злобен систем. Стравовите и тегобните грижи не треба да преовладуваат во животот на вистинските христијани (1. Коринтјаните 15:58). Колку сме позафатени во служењето на Јехова толку побрзо поминува времето.
Јуда, кој бил Петров современик и полубрат на Исус, силно нѐ поттикнува: „Вие, возљубени, изградувајќи се во пресветата ваша вера и молејќи се преку Светиот Дух, запазете се во љубовта Божја, очекувајќи милост од нашиот Господ, Исуса Христа, за вечен живот“ (Јуда 20, 21). Забележи ја важноста на позитивниот став кој се негува преку истрајност во молитвата (1. Солунјаните 5:17). Потоа, Јуда додава: „Продолжете да покажувате милост спрема некои кои имаат сомневања; спасувајте ги со тоа што ќе ги оттргнете од огнот. Но и понатаму покажувајте милост спрема другите, правејќи го тоа со страв, и притоа мразете ја дури и долната облека која е извалкана од телото“ (Јуда 22, 23, NW). Колку само е витално да се зајакнуваме едни со други во текот на овие тешки времиња! И колку само е важно да не паѓаме во искушение, користејќи го овој продолжен ‚ден на спасението‘ како изговор за „распуштено однесување“ кое сега толку преовладува во денешниов морално расипан свет (Јуда 4, NW; 2. Коринтјаните 6:1, 2).
Со тоа што ќе обрнуваш внимание на советот полн со љубов од Петар, Павле и Јуда и со тоа што ќе бидеш зафатен и активен во Божјата служба, и ти можеш стрпливо да ја чекаш Јеховината интервенција. Но, дали ќе го правиш тоа?
Не се колебај да стапиш во контакт со Сведоците во твоето место заради помош за да ја зајакнеш својата вера во ветувањето на Творецот за вечен живот. Научи што се бара за да се квалификуваш да учествуваш во ова дело на глобално сведочење кое никогаш повеќе нема да се повтори, а кое ќе заврши со претстојната голема неволја (Марко 13:10). Тогаш, ќе имаш изглед да живееш во новиот свет на праведност кој го ветува Јехова (2. Петрово 3:13). Обрни внимание на неговите потсетници! Чекај стрпливо! Биди зафатен!
[Фуснота]
a Молиме, види ја книгата Библијата — Реч Божја или човечка? страница 116, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 7]
Сега учи за Божјето ветување за рајот
[Извор на слика на страница 5]
Волк: Животни/Jim Harter/Dover Publications, Inc.; млад пастир: Деца: A Pictorial Archive from Nineteenth-Century Sources/Grafton/Dover Publications, Inc.