Цврсто задржи го на ум Јеховиниот ден
„Во последните дни ќе се јават подигрувачи“ (2. ПЕТРОВО 3:3).
1. Какво чувство на итност имал еден современ христијанин?
ЕДЕН полновремен слуга кој служи повеќе од 66 години, напишал: ‚Секогаш имам горливо чувство на итност. Во моите мисли, Армагедон секогаш беше задутре (Откровение 16:14, 16). Како мојот татко и како неговиот татко пред него, живеев во склад со опомената на апостол [Петар] „цврсто да ја задржиме на ум присутноста на Јеховиниот ден“. Секогаш гледав на ветениот нов свет како на „реалност, иако не се гледа“ ‘ (2. Петрово 3:11, 12; Евреите 11:1, НС; Исаија 11:6—9; Откровение 21:3, 4).
2. Што значи тоа цврсто да го задржиш на ум Јеховиниот ден?
2 Петровиот израз ‚цврсто да се задржи на ум‘ во врска со Јеховиниот ден, значи дека не го одложуваме во своите мисли. Не треба да заборавиме дека е многу близу денот кога Јехова ќе го уништи овој систем на ствари како увод во воспоставувањето на неговиот ветен нов свет. Тој треба да ни биде толку реален што јасно го гледаме, како да е непосредно пред нас. Толку им бил реален на Божјите пророци од старо време; а тие често зборувале за него дека е близу (Исаија 13:6; Јоил 1:15; 2:1; Авдија 15; Софонија 1:7, 14).
3. Што очигледно го подбудило Петровиот совет во врска со Јеховиниот ден?
3 Зошто Петар нѐ терал на Јеховиниот ден да гледаме небаре тој, така да се рече, ќе дојде „задутре“? Затоа што некои очигледно почнале да се исмејуваат на идејата за Христовата ветена присутност, во текот на која злочинците ќе бидат казнети (2. Петрово 3:3, 4). Така, во 3. поглавје од своето второ писмо, кое сега ќе го разгледаме, Петар одговара на обвиненијата на овие подигрувачи.
Срдечна молба за сеќавање
4. На што сака Петар да се потсетуваме?
4 Петровата наклоност кон неговите браќа е покажана во ова поглавје преку неговото повторливо ословување со „возљубени“. Срдечно молејќи ги да не заборават за што биле поучени, Петар почнува: „Возљубени . . . со напомнување ви го разбудувам вашиот чист разум, за да се потсетите на зборовите, порано кажани од светите пророци, и на заповедта од Господа и Спасителот, дадена преку вашите апостоли“ (2. Петрово 3:1, 2, 8, 14, 17; Јуда 17).
5. Што рекле некои пророци за Јеховиниот ден?
5 На кои ‚зборови [кажувања, НС], порано кажани од светите пророци‘, ги тера Петар читателите да се сетат? Па, на оние за Христовата присутност во моќта на Царството, како и во врска со осудата на безбожниците. Петар уште порано свртел внимание на овие кажувања (2. Петрово 1:16—19; 2:3—10). Јуда се осврнува на Енох, кој бил првиот забележан пророк кој предупредил на Божјата неповолна пресуда врз злочинците (Јуда 14, 15). По Енох следувале и други пророци, и Петар не сака да заборавиме што напишале тие (Исаија 66:15, 16; Софонија 1:15—18; Захарија 14:6—9).
6. Кои кажувања на Христос и на неговите апостоли нѐ просветлуваат во поглед на Јеховиниот ден?
6 Освен тоа, Петар им кажува на своите читатели да се сетат на „заповедта од Господа и Спасителот“. Исусовата заповед го вклучува сериозниот поттик: „Само пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени . . . за да не ве затече оној ден ненадејно“. „Внимавајте, бидете будни . . . оти не знаете кога ќе настане времето“ (Лука 21:34—36; Марко 13:33). Петар исто така нѐ тера да внимаваме на кажувањата од апостолите. Апостол Павле, на пример, напишал: „Денот Господов ќе дојде така, како крадец во ноќно време. И така, да не спиеме, како и другите, туку да бидеме будни и трезвени“ (1. Солунјаните 5:2, 6).
Желбите на подигрувачите
7, 8. а) Какви луѓе се оние кои се подбиваат на Божјите предупредувачки пораки? б) Што тврдат подигрувачите?
7 Како што беше забележано порано, причината за Петровата опомена е таа што некои почнале да се подбиваат на таквите предупредувања, исто како што Израелците од поранешните времиња ги исмејувале Јеховините пророци (2. Летописи 36:16). Петар објаснува: „Најнапред знајте го тоа дека во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе живеат според своите желби“ (2. Петрово 3:3). Јуда вели дека желбите на овие подигрувачи се „за безбожни работи“. Тој ги нарекува „животински луѓе, кои немаат духовност“ (Јуда 17—19, НС).
8 Лажните учители, за кои Петар рекол дека „продолжуваат да одат по телото со желба да го валкаат“, веројатно спаѓаат меѓу овие подигрувачи кои се без духовност (2. Петрово 2:1, 10, 14). Тие исмејувачки ги прашуваат верните христијани: „Каде е ветувањето на Неговото доаѓање [Каде е таа негова ветена присутност, НС]? Оти, откако татковците наши изумреа, сѐ си стои така, како од созданието на светот“ (2. Петрово 3:4).
9. а) Зошто подигрувачите се обидуваат да го поткопаат чувството на итност кое ја проникнува Божјата Реч? б) На кој начин цврстото задржување на Јеховиниот ден на ум е заштита за нас?
9 Зошто ова подигрување? Зошто да се сугерира дека Христовата присутност можеби никогаш не ќе се случи, дека Бог никогаш не интервенирал во човечките прилики и дека никогаш нема ни да интервенира? Па, со тоа што ја поткопувале смислата за итност која ја проникнува Божјата Реч, овие животински подигрувачи бараат да ги улулкаат другите во состојба на духовна апатија и така да ги направат лесен плен за себични заведувања. Какво само силно охрабрување за нас денес да останеме духовно будни! Да го држиме на ум Јеховиниот ден и секогаш да си спомнуваме дека неговите очи се врз нас! На тој начин ќе бидеме поттикнати да му служиме на Јехова со ревност и да ја задржиме нашата морална чистота (Псалм 10:4; Исаија 29:15; Језекиил 8:12; 12:27; Софонија 1:12).
Своеволни и презрени
10. На кој начин Петар докажува дека подигрувачите се во криво?
10 Таквите подигрувачи игнорираат еден витален факт. Тие намерно го игнорираат и се трудат да ги наведат и другите да го заборават. Зошто? За да можат полесно да го заведат народот. „Зашто, според нивната желба“ — пишува Петар — „овој факт избегнува од нивното внимание“ (НС). Кој факт? „Дека небесата и земјата од порано беа создадени од вода и преку вода со силата на Божјото слово, поради кое, тогашниот свет загина, потопен од вода“ (2. Петрово 3:5, 6). Да, Јехова ја исчистил Земјата од злоба за време на потопот во Ноевото време — факт што и Исус го нагласил (Матеј 24:37—39; Лука 17:26, 27; 2. Петрово 2:5). Така, спротивно на она што го велат подигрувачите, сите работи не продолжиле „како од созданието на светот“.
11. Кои предвремени очекувања на раните христијани навеле некои да се подигруваат со нив?
11 Подигрувачите веројатно им се исмејувале на верните христијани затоа што имале досега неостварени очекувања: Кратко пред да умре Исус, неговите ученици ‚мислеле дека набргу ќе се открие царството Божјо‘. Тогаш, после неговото воскресение, тие прашале дали Царството веднаш ќе биде воспоставено. Исто така, десетина години пред Петар да го напише своето второ писмо, некои биле ‚возбудени‘ преку некоја „усна порака“ или „писмо“, наводно од апостол Павле или од неговите придружници, „во смисла дека Јеховиниот ден е овде“ (Лука 19:11; 2. Солунјаните 2:2, НС; Дела 1:6). Меѓутоа, таквите очекувања на Исусовите ученици не биле лажни, туку само предвремени. Јеховиниот ден ќе дојде!
Божјата Реч е сигурна
12. На кој начин Божјата Реч се докажала сигурна во своите пророштва за „Јеховиниот ден“?
12 Како што беше приметено порано, претхристијанските пророци честопати предупредувале дека Јеховиниот ден на одмазда бил близу. Во 607 пр. н. е., дошол еден минијатурен ‚Господен ден‘ кога Јехова извршил одмазда над својот своеглав народ (Софонија 1:14—18). Подоцна, и други нации, вклучувајќи ги Вавилон и Египет, претрпеле таков ‚Јеховин ден‘ (Исаија 13:6—9; Јеремија 46:1—10; Авдија 15, сите НС). Крајот на еврејскиот систем на ствари од првиот век исто така бил проречен и се случил кога римските војски ја опустошиле Јудеја во 70 н. е. (Лука 19:41—44; 1. Петрово 4:7). Но, Петар укажува на еден иден ‚Јеховин ден‘, ден кој по величина ќе го засени дури и глобалниот потоп!
13. Кој историски пример ја покажува извесноста на крајот на овој систем на ствари?
13 Петар го воведува својот опис на тоа идно уништување велејќи: „Од истото слово“. Тој штотуку рекол дека „со силата на Божјото слово“, претпотопната Земја стрчела ‚од водата и преку водата‘. Оваа ситуација, опишана во библискиот извештај за создавањето, го овозможила потопот кога водите се истуриле по Божји налог, односно реч. Петар продолжува: „Сегашните небеса и земјата, пазени од истото [Божје] слово, се чуваат за оган во денот на судот и погибелта на нечестивите луѓе“ (2. Петрово 3:5—7; 1. Мојсеева 1:6—8). Ние ја имаме Божјата сигурна реч за тоа! Тој ќе им донесе крај на ‚небесата и земјата‘ — на овој систем на ствари — во огнениот гнев на неговиот велик ден! (Софонија 3:8). Но, кога?
Копнеж да дојде крајот
14. Зошто можеме да бидеме уверени дека сега живееме во „последните денови“?
14 Исусовите ученици сакале да знаат кога ќе дојде крајот, па го прашале: „Каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за свршетокот на светот [системот на ствари, НС]?“ Очигледно, тие прашувале за тоа кога ќе заврши еврејскиот систем, но Исусовиот одговор првенствено се сосредоточил на тоа кога сегашните ‚небеса и земја‘ ќе претрпат уништување. Исус прорекол такви работи како што се големи војни, оскудици на храна, земјотреси, болести и криминал (Матеј 24:3—14; Лука 21:5—36). Од 1914 наваму, ние сме виделе како се исполнува знакот што го дал Исус во врска со ‚свршетокот на системот на ствари‘, како и во врска со работите за кои апостол Павле споменал дека ќе ги идентификуваат „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1—5). Навистина, огромен е доказот дека живееме во времето на крајот на овој систем на ствари!
15. Што биле склони да прават христијаните и покрај Исусовото предупредување?
15 Јеховините сведоци биле желни да знаат кога ќе се збидне Јеховиниот ден. Во својата желност, тие повремено правеле обиди да проценат кога би можел тој да дојде. Но, правејќи го тоа, тие пропуштиле, како што било и со Исусовите рани ученици, да внимаваат на предупредувањето од својот Господар дека ‚не знаеме кога ќе настане [одреденото, НС] време‘ (Марко 13:32, 33). Исмејувачите ги исмејувале верните христијани поради нивните предвремени очекувања (2. Петрово 3:3, 4). Меѓутоа, Јеховиниот ден ќе дојде, потврдува Петар, според Неговиот временски распоред.
Потреба да се има Јеховиното гледиште
16. На која опомена мудро внимаваме?
16 Ние треба да го имаме Јеховиното гледиште за времето, како што Петар сега нѐ потсетува: „Но внимавајте, возљубени, да не го изумите само тоа дека за Господа еден ден е како илјада години, а илјада години — како еден ден“. Во споредба со тоа, колку само е краток нашиот животен век од 70 или 80 години! (2. Петрово 3:8; Псалм 89:4, 10). Затоа, доколку се чини дека исполнувањето на Божјите ветувања се одолговлекува, треба да ја прифатиме опомената од Божјиот пророк: „Па, и ако [одреденото време] се забави, чекај го [исчекувај го, НС], оти ќе наиде и нема да се забави“ (Авакум 2:3).
17. Иако последните денови траеле подолго отколку што мнозина очекувале, во што можеме да бидеме уверени?
17 Зошто последните денови од овој систем траеле подолго отколку што мнозина очекувале? Од добра причина, како што понатаму објаснува Петар: „Јехова не е бавен во врска со своето ветување, како што некои луѓе го сметаат за бавност, туку е стрплив со вас, бидејќи не сака да биде уништен кој и да е, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9, НС). Јехова го зема во обѕир она што е во најдобрите интереси за сето човештво. Тој се грижи за животите на луѓето, бидејќи вели: „Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив“ (Језекиил 33:11). Затоа, можеме да бидеме уверени дека крајот ќе дојде токму во правото време за да ја исполни намерата на нашиот семудар Творец полн со љубов!
Што ќе помине?
18, 19. а) Зошто Јехова е решен да го уништи овој систем на ствари? б) Како Петар го опишува крајот на овој систем, и што всушност ќе биде уништено?
18 Поради тоа што Јехова навистина ги љуби оние кои му служат, тој ќе ги избрише сите оние кои им предизвикуваат мака (Псалм 36:9—11, 29). Приметувајќи, како што сторил и Павле порано, дека ова уништување ќе дојде во неочекувано време, Петар пишува: „Јеховиниот ден ќе дојде како крадец, во кој небесата ќе поминат со звук на пискот, а елементите ќе бидат растопени од усвитеност, а земјата и делата на неа ќе бидат откриени“ (2. Петрово 3:10, НС; 1. Солунјаните 5:2). Дословните небеса и Земја не загинале во потопот ниту, пак, ќе загинат за време на Јеховиниот ден. Тогаш, што ќе ‚помине‘ односно што ќе биде уништено?
19 Човечките влади кои доминирале со човештвото како „небеса“ ќе завршат, а исто така и „Земјата“, односно човечкото безбожно општество. ‚Пискавиот звук‘ можеби укажува на брзото поминување на небесата. „Елементите“ кои го сочинуваат денешното декадентно човечко општество, ќе бидат ‚растопени‘, односно уништени. А „Земјата“, вклучувајќи ги и „делата на неа“, ќе бидат „откриени“. Јехова темелно ќе ги открие злобните дела на луѓето кога еден цел светски систем ќе го донесе до негов сосема заслужен крај.
Остани сосредоточен на твојата надеж
20. Како треба да влијае врз нашите животи нашето спознание за настаните што претстојат?
20 Поради тоа што овие драматични настани се близу, Петар вели дека треба да бидеме вклучени во ‚свети постапки на однесување и во дела на оддаденост на Бог, очекувајќи ја и цврсто задржувајќи ја на ум присутноста на Јеховиниот ден‘. Во тоа не може да има сомнение! „Небесата горејќи ќе бидат растопени, а елементите ќе се стопат од усвитеност!“ (2. Петрово 3:11, 12, НС). Фактот дека овие драматични настани би можеле да започнат да се случуваат утре, би требало да влијае врз сѐ она што го правиме или, пак, планираме да го правиме.
21. Што ќе ги замени сегашниве небеса и Земја?
21 Петар сега ни кажува што ќе го замени стариот систем, велејќи: „Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда“ (2. Петрово 3:13; Исаија 65:17). Ах, какво само големо олеснување! Христос и неговите 144.000 совладетели ќе сочинуваат „ново“ владејачко „небо“, а луѓето кои ќе го преживеат крајот на овој свет, ќе ја сочинуваат ‚новата земја‘ (1. Јованово 2:17; Откровение 5:9, 10, НС; 14:1, 3).
Задржи итност и морална чистота
22. а) Што ќе ни помогне да избегнеме каква и да е духовна дамка или маана? б) На каква опасност предупредува Петар?
22 „Затоа, возљубени“ — продолжува Петар — „очекувајќи го тоа, погрижете се пред Него да излезете во мир, неосквернети [без дамка, НС] и непорочни [без маана, НС]; и долготрпеливоста на вашиот Господ сметајте ја како спасение.“ Ако чекаме со желно исчекување и ако секое привидно одолговлекување на Јеховиниот ден го сметаме за израз на божествената стрпливост, тоа ќе ни помогне да избегнеме секаква духовна дамка или маана. Сепак, постои опасност! Петар предупредува дека во списите на ‚нашиот возљубен брат Павле има некои работи тешки за разбирање, што неучените и неутврдените ги изопачуваат, како и другите Писма, за своја погибел‘ (2. Петрово 3:14—16).
23. Која е Петровата заклучна опомена?
23 Лажните учители очигледно ги искривувале Павловите списи во врска со Божјата незаслужена љубезност, користејќи ги како изговор за распуштено однесување. Можеби Петар го има ова на ум кога ја пишува својата опомена на разделба: „А вие, возљубени, знаејќи го ова однапред, пазете се од измамата на беззакониците за да не бидете одведени со нив, и да не отпаднете од својата тврдост“. Потоа, тој го заклучува своето писмо поттикнувајќи: „Да напредувате во благодатта и во познавањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос“ (2. Петрово 3:17, 18).
24. Каков став треба да прифатат сите Јеховини слуги?
24 Јасно е дека Петар сака да ги зајакне своите браќа. Тој посакува сите да го имаат ставот што го изразил верниот 82-годишен Сведок, цитиран на почетокот: ‚Живеев во склад со опомената на апостол [Петар] „цврсто да ја задржиме на ум присутноста на Јеховиниот ден“. Секогаш гледав на неговиот ветен нов свет како на „реалност, иако не се гледа“ ‘. Да живееме сите ние на истиот начин.
Како би одговорил?
◻ Што значи ‚цврсто да се задржи на ум‘ Јеховиниот ден?
◻ Што намерно игнорираат подигрувачите, и зошто?
◻ Од која причина подигрувачите им се исмејувале на верните христијани?
◻ Какво гледиште треба да задржиме?
[Слика на страница 23]
Цврсто задржи ги на ум Јеховиниот ден . . .
[Слика на страница 24]
. . . и новиот свет кој треба да уследи