Љубов (агапе) — што е таа, а што не е
„Принесете . . . кон братољубивоста љубов“ (2. ПЕТРОВО 1:5, 7).
1. а) На која особина Библијата ѝ дава предност? б) Кои четири грчки збора често се преведуваат со „љубов“, и на кој од нив се осврнува 1. Јованово 4:8?
АКО постои некоја особина или добродетел на која Божјата Реч, Библијата, ѝ дава предност, тоа е љубовта. На грчки, оригиналниот јазик на Христијанските списи, постојат четири збора кои честопати се преведуваат со „љубов“. Љубовта за која сме заинтересирани овде не е е́рос (збор кој не се среќава во Христијанските Грчки списи), која се темели на сексуална привлечност; ниту е сторге́, чувство темелено на крвно сродство; ниту е фили́а, срдечна пријателска љубов која се темели на взаемно почитување, која беше обработена во претходната статија. Напротив, тоа е ага́пе — љубов темелена на начела, за која може да се рече дека е истозначна со несебичноста, љубов на која се осврнал апостолот Јован кога рекол: „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8).
2. Што било исправно речено за љубовта (ага́пе)?
2 Во врска со оваа љубов (ага́пе), професорот Вилијам Баркли во својата книга New Testament Words (Новозаветни зборови), вели: „Агапе̄ се однесува на умот: тоа не е едноставно емоција која неповикано се појавува во нашите срца [како што може да биде случајот со фили́а]; тоа е начело според кое свесно живееме. Агапе̄ првенствено се однесува на волјата. Тоа е освојување, победа, успех. Никој никогаш природно не ги сакал своите непријатели. Да ги сакаш своите непријатели значи победа на сите наши природни склоности и емоции. Оваа агапе̄ . . . всушност ја претставува силата да го сакаш она што не е за сакање, да ги сакаш луѓето кои не ти се допаѓаат“.
3. Каков нагласок ставаат на љубовта Исус Христос и Павле?
3 Да, меѓу работите кои го разликуваат чистото обожавање на Јехова Бог од сите други облици на обожавање е неговиот нагласок на овој вид љубов. Исус Христос со право ги изнел двете најголеми заповеди: „Прва . . . е: ‚Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!‘ . . . А втората е . . . ‚Возљуби го својот ближен како себеси!‘ Друга заповед, поголема од овие, нема“ (Марко 12:29-31). Апостолот Павле го ставил истиот нагласок на љубовта во поглавје 13 од 1. Коринтјаните. Откако истакнал дека љубовта е главната незаменлива особина, тој заклучил велејќи: „А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта“ (1. Коринтјаните 13:13). Исус со право рекол дека љубовта ќе биде знак на препознавање на неговите следбеници (Јован 13:35).
Што не е љубовта
4. Колку негативни и колку позитивни аспекти на љубовта споменува Павле во 1. Коринтјаните 13:4-8?
4 Се истакнува дека е полесно да се каже што не е љубовта, отколку да се каже што таа е. Има вистина во тоа, зашто апостолот Павле во своето поглавје за љубовта, 1. Коринтјаните 13, во стиховите 4 до 8, споменува девет работи што не е љубовта и седум работи што е таа.
5. Како се дефинира изразот „љубомора“, и како е употребен во позитивна смисла во Писмото?
5 Првата работа за која Павле вели дека љубовта не е, е дека таа „не завидува [не е љубоморна, НС]“. За ова не е потребно многу објаснување, бидејќи постојат позитивни и негативни аспекти на љубомората. Еден речник „љубомората“ ја дефинира како „неподнесување на соперништво“ и „барање на исклучителна оддаденост“. Така, во 2. Мојсеева 34:14, Мојсеј изјавил: „Не клањајте се на други богови освен на Господа [Јехова, НС], бидејќи името Негово е ревниво [Ревнител, НС]; Он е Бог ревнител“. Во 2. Мојсеева 20:5, Јехова вели: „Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител [Бог кој бара исклучителна оддаденост, НС]“. Во сличен тон, апостолот Павле напишал: „Љубоморен сум на вас со божествена љубомора“ (2. Коринћанима 11:2, Стварност).
6. Кои библиски примери покажуваат дека љубовта не е љубоморна?
6 Меѓутоа, „љубомора“ воглавно има лоша конотација, поради што во Галатјаните 5:20 е вброена меѓу делата на телото. Да, таквата љубомора е себична и предизвикува омраза, а омразата е спротивна на љубовта. Љубомората го натерала Каин да го мрази Авел до толкава мера што го убил и ги натерала Јосифовите десетмина браќа да го замразат до толкава мера што сакале да го убијат. Љубовта не им завидува на другите заради нивните имоти или предности, како што цар Ахав љубоморно му завидувал на Навутеј заради неговото лозје (3. Царства 21:1-19).
7. а) Кој настан покажува дека на Јехова не му се допаѓа фалењето? б) Зошто љубовта не се фали дури ни непромислено?
7 Павле понатаму ни кажува дека љубовта „не се превознесува [не се фали, НС]“. Фалењето покажува недостиг на љубов, бидејќи тоа го тера лицето да се стави себеси на положба повисока од положбата на другите. На Јехова не му се допаѓаат фалбаџиите, како што може да се види од начинот на кој го понизил царот Навуходоносор кога овој се фалел (Даниил 4:27-32). Фалењето често се прави непромислено затоа што лицето е прекумерно задоволно со сопствените постигнувања или поседи. Некои можеби се склони да се фалат со своите успеси во христијанската служба. Други се како христијанскиот старешина кого кожа не го трпела додека не им телефонирал на пријателите за да им каже дека купил нов автомобил вреден скоро 50.000 долари. Сето тоа е недоброљубиво, затоа што го прикажува фалбаџијата како понадмоќен од неговите слушатели.
8. а) Каков е Јеховиниот став спрема оние кои се надуени? б) Зошто љубовта не се однесува така?
8 Понатаму ни е речено дека љубовта „не се гордее“. Оној кој се гордее, или е надуен, недоброљубиво се издигнува себеси над другите. Таквиот умствен став е многу немудар, зашто „Бог се противи на горделивите, а на смирените [понизните, НС] им дава благодат“ (Јаков 4:6). Љубовта постапува токму на спротивен начин; таа ги смета другите за понадмоќни. Павле напишал во Филипјаните 2:2, 3: „Исполнете ја радоста моја: бидете со едни мисли, имајќи една и иста љубов, и бидете еднодушни и едномислени; не правете ништо од љубов кон препирање или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себе си!“ Таквиот умствен став ги прави другите да се чувствуваат угодно, додека надуеното лице поради зајадливост ги прави другите да се чувствуваат неугодно.
9. Зошто љубовта не постапува непристојно?
9 Павле понатаму вели дека љубовта „не прави што е непристојно“. Поимот „непристоен“ речниците го дефинираат како „грубо недоличен или нападен за манирите или моралот“. Оној кој се однесува непристојно (недоброљубиво), ги занемарува чувствата на другите. Многу преводи на Библијата грчкиот збор го преведуваат како „груб“. Таквиот се потсмева на она што се смета за исправно и со добар вкус. Секако, љубезната обѕирност спрема другите ќе значи избегнување на сѐ што е грубо или непристојно, работи кои навредуваат и кои можеби дури шокираат.
Што уште не е љубовта
10. На кој начин љубовта не гледа за сопствените интереси?
10 Понатаму ни е речено дека љубовта „не бара свое“ [не гледа за своите сопствени интереси, НС], т. е. кога се во прашање нашите лични интереси и интересите на другите. Апостолот на друго место изјавува: „Никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува“ (Ефесјаните 5:29). Сепак, кога нашите интереси се судруваат со интересите на другите и не се вклучени библиски начела, би требало да направиме како што направил Авраам со Лот — доброљубиво да му дозволиме на другиот да има предимство (1. Мојсеева 13:8-11).
11. Што значи тоа дека љубовта не се раздразнува?
11 Љубовта исто така не се навредува брзо. Затоа Павле ни вели дека љубовта „не се срди [не се радразнува, НС]. Таа не е преосетлива. Покажува самосовладување. Особено венчаните двојки треба да ја сфатат сериозно оваа опомена така што ќе се пазат да не го креваат нестрпливо својот глас или да викаат еден на друг. Има околности кога е лесно да се испровоцираш, и од таа причина Павле ја чувствувал потребата да го посоветува Тимотеј: „Слугата Господов не треба да влегува во расправии; туку да биде кроток кон сите, поучлив и незлобив“ — да, да не дозволи да биде испровоциран — „и со кротост поучувај ги оние што се противат“ (2. Тимотеј 2:24, 25).
12. а) На кој начин љубовта не ја става во сметка навредата? б) Зошто е немудро да се става во сметка некоја навреда?
12 Продолжувајќи да ги набројува работите што не претставуваат љубов, Павле советува: „Љубовта не мисли зло [не ја става во сметка навредата, НС]“. Тоа не значи дека љубовта не ја забележува навредата. Исус покажал како треба да ги решаваме работите кога сме сериозно навредени (Матеј 18:15-17). Но љубовта не ни дозволува и понатаму да бидеме јадосани, да задржуваме чувства на огорченост. Да не ставиме во сметка некоја навреда значи да ја простиме и ја заборавиме штом работата се разгледала на библиски начин. Да, немој да се мачиш себеси или да се чувствуваш бедно така што постојано би мислел на некоја грешка, земајќи ја во сметка навредата!
13. Што значи да не се радуваш на неправедност, и зошто љубовта не го прави тоа?
13 Понатаму, речено ни е дека љубовта ‚не се радува на неправда‘. Светот се радува на неправда, како што може да се види од популарноста на насилничката и порнографска литература, филмови и ТВ програми. Сето такво радување е себично, без обѕир кон Божјите праведни начела или благосостојбата на другите. Сето такво радување претставува сеење во телото и во свое време ќе пожнее расипаност од телото (Галатјаните 6:8).
14. Зошто може со увереност да се каже дека љубовта никогаш не изневерува?
14 А сега, последната работа што не е љубовта: „Љубовта никогаш не престанува“. Како прво, љубовта никогаш не изневерува или престанува затоа што Бог е љубов, и тој е „Царот на вечноста“ (1. Тимотеј 1:17, НС). Во Римјаните 8:38, 39 ни е загарантирано дека Јеховината љубов кон нас нема никогаш да изневери: „Сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ“. Исто така, љубовта никогаш не изневерува во таа смисла што таа никогаш не е оскудна. Љубовта е способна да ги задоволи барањата на секоја ситуација, на секој предизвик.
Што е љубовта
15. Зошто Павле ја набројува долготрпеливоста како прва меѓу позитивните аспекти на љубовта?
15 Доаѓајќи сега на позитивната страна, она што е љубовта, Павле почнува: „Љубовта е долготрпелива“. Речено е дека не може да постои такво нешто како што е христијанското заедништво без долготрпеливост, т. е. без трпеливо да се поднесуваме меѓусебно. Тоа е така затоа што сите ние сме несовршени, а нашите несовршености и недостатоци се искушение за другите луѓе. Не е чудно што апостолот Павле го набројува овој аспект како прв во однос на тоа што е љубовта!
16. На кои начини можат членовите на семејството да покажуваат љубезност едни спрема други?
16 Павле изјавува дека љубовта е „полна со добрина [доброљубива, НС]“. Тоа значи дека љубовта е корисна, промислена, обѕирна кон другите. Доброљубивоста се манифестира и во големите и во малите работи. Ближниот самарјанин сигурно покажал доброљубивост кон човекот кого го пресретнале и опљачкале разбојници (Лука 10:30-37). Љубовта се радува да каже „молам“. Да речеш: „Дај ми го лебот“ е заповеднички. Ако пред тоа ставиш едно „молам“, звучи како молба. Сопрузите се љубезни спрема своите сопруги кога го слушаат советот од 1. Петрово 3:7: „Вие, мажите, живејте со своите жени разумно, и почитувајте ги како послабо суштество, и како сонаследници на благодатниот живот, за да не се појави препрека во молитвите ваши“. Жените се љубезни спрема своите сопрузи кога им покажуваат „длабоко почитување“ (Ефесјаните 5:33, НС). Татковците се љубезни спрема своите деца кога го следат советот од Ефесјаните 6:4: „Вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов!“
17. Кои се двата начина на кои љубовта се радува на вистината?
17 Љубовта не се радува на неправдата, туку ‚се радува на вистината‘. Љубовта и вистината одат рака под рака — Бог е љубов и, во исто време, ‚Бог на вистината‘ (Псалми 30:5). Љубовта се радува кога ја гледа вистината како триумфира и ја разоткрива лагата; ова делумно придонесува за огромниот пораст што се случува во бројот на Јеховините обожаватели денес. Меѓутоа, бидејќи вистината е ставена наспроти неправедноста, мислата би можела да биде дека љубовта се радува на праведноста. Љубовта се радува кога праведноста триумфира, како што им е заповедано на Јеховините обожаватели да прават при падот на Големиот Вавилон (Откровение 18:20).
18. Во која смисла љубовта поднесува сѐ?
18 Павле исто така ни вели дека љубовта ‚сѐ поднесува‘ (ДК). Како што покажува Kingdom Interlinear, се мисли на тоа дека љубовта ги покрива сите работи. Таа не „ја открива грешката“ на братот, како што се склони да прават злобните (Псалми 50:20, НС; Соломонови изреки 10:12; 17:9). Да, поентата овде е истата како и во 1. Петрово 4:8: „Љубовта покрива многу гревови“. Се разбира, лојалноста ќе го спречува лицето да не покрива големи гревови против Јехова и против христијанското собрание.
19. На кој начин љубовта верува сѐ?
19 Љубовта „во сѐ верува“. Љубовта е позитивна, а не негативна. Тоа не значи дека љубовта е лековерна. Таа не верува брзо во сензационални изјави. Но, за некој да поверува во Бог, мора да ја има желбата да верува. Затоа љубовта не е скептична и неоправдано критизерска. Таа не му се спротивставува на верувањето како што прави атеистот, кој догматски изјавува дека нема Бог, ниту е како агностичарот, кој догматски тврди дека едноставно е невозможно да се знае откаде сме дошле, зошто сме овде и каква ќе биде иднината. Божјата Реч ни дава гаранција во поглед на сиве овие работи. Љубовта исто така е спремна да верува затоа што е полна со доверба, а не е неоправдано сомничава.
20. Како љубовта е поврзана со надежта?
20 Апостолот Павле понатаму нѐ уверува дека љубовта „на сѐ се надева“. Бидејќи љубовта е позитивна, а не негативна, таа цврсто се надева во сѐ што е ветено во Божјата Реч. Речено ни е: „Оној што ора, треба да ора со надеж, и кој што врши, да врши со надеж, за да го добие она, што го очекува“ (1. Коринтјаните 9:10). Исто како што љубовта е полна со доверба, таа е полна и со надеж и секогаш се надева на најдоброто.
21. Какво библиско уверување постои дека љубовта сѐ претрпува?
21 Конечно, ни се гарантира дека љубовта „сѐ претрпува“. Таа е способна за тоа поради она што апостол Павле ни го кажува во 1. Коринтјаните 10:13: „Друго искушение вас не ве постигна, освен човечкото; но верен е Бог, кој нема да позволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да трпите“. Љубовта ќе нѐ натера да гледаме на многуте примери на Божји слуги од Писмото кои истрајале, од кои главен е Исус Христос, како што сме потсетени во Евреите 12:2, 3.
22. Како Божји деца, за која првенствена особина мораме секогаш да бидеме заинтересирани да ја покажуваме?
22 Навистина, љубовта (ага́пе) е истакната особина која ние, како христијани, Јеховини сведоци, треба да ја негуваме, како во поглед на тоа што таа не е така, и во поглед на она што таа е. Како Божји деца, секогаш да бидеме заинтересирани да го покажуваме овој плод на Божјиот дух. Ако го правиме тоа, ќе бидеме слични на Бог зашто, запомни: „Бог е љубов“.
Дали се сеќаваш?
◻ Како Исус Христос и Павле ѝ даваат предност на љубовта?
◻ Во која смисла љубовта не е љубоморна?
◻ Како љубовта ‚сѐ поднесува‘?
◻ Зошто може да се рече дека љубовта никогаш не изневерува?
◻ На кои два начина љубовта се радува на вистината?
[Рамка на страница 21]
ЉУБОВ (АГАПЕ)
Што не е Што е таа
1. Не е љубоморна 1. Долготрпелива
2. Не се фали 2. Доброљубива
3. Не се гордее 3. Се радува на вистината
4. Не се однесува непристојно 4. Сѐ поднесува
5. Не гледа за своите сопствени интереси 5. Сѐ верува
6. Не се раздразнува 6. На сѐ се надева
7. Не ја зема во сметка навредата 7. Сѐ претрпува
8. Не се радува на неправедноста
9. Никогаш не изневерува
[Слики на страница 18]
Јехова го понизил Навуходоносор затоа што се фалел