Кој ќе го преживее „Јеховиниот ден“?
„Какви луѓе треба да бидете во светите постапки на однесување и делата на побожна оддаденост, очекувајќи ја и цврсто задржувајќи ја на ум присутноста на Јеховиниот ден!“ (2. ПЕТРОВО 3:11, 12, НС).
1 . Кој работел со духот и силата на Илија?
ЈЕХОВА БОГ избрал од човештвото поединци кои ќе станат придружни наследници со неговиот Син, Исус Христос, во небесното Царство (Римјаните 8:16, 17). Додека уште се на Земјата, помазаните христијани работат со духот и силата на Илија (Лука 1:17). Во претходната статија приметивме извесни паралели помеѓу нивните активности и активностите на пророкот Илија. Но, што е со делото на Илииниот наследник, пророкот Јелисеј? (3. Царства 19:15, 16).
2. а) Кое било последното чудо на Илија, а прво на Јелисеј? б) Каков доказ постои дека Илија не отишол на небо?
2 Последното чудо извршено од Илија било делото на разделување на водите на реката Јордан, со тоа што ги удрил со неговата официјална облека. Тоа им овозможило на Илија и на Јелисеј да поминат по суво копно. Додека оделе по источната страна на реката, една бура го однела Илија далеку на една друга локација на Земјата. (Види ја рамката на страница 15, со наслов „На кои небеса се вознел Илија?“) Останала само Илиината официјална облека. Кога Јелисеј ја употребил за да удри по Јордан, неговите води повторно биле разделени, овозможувајќи му да се врати по суво копно. Ова чудо јасно покажало дека Јелисеј станал Илиин наследник во унапредувањето на вистинското обожавање во Израел (4. Царства 2:6—15).
Битни се божествените особини
3. Што рекле Павле и Петар за Исусовата присутност и за „Јеховиниот ден“?
3 Со векови после времето на Илија и Јелисеј, апостолите Павле и Петар поврзале еден претстоен ‚Јеховин ден‘ со присутноста на Исус Христос и со тогаш претстојните „ново небо и нова земја“ (2. Солунјаните 2:1, 2, НС; 2. Петрово 3:10—13). За да го преживееме Јеховиниот голем ден — кога Бог ги уништува своите непријатели и го спасува својот народ — мораме да го бараме Јехова и да покажуваме кроткост и праведност (Софонија 2:1—3). Но, некои додатни особини излегуваат во преден план додека ги разгледуваме настаните кои го вклучуваат пророкот Јелисеј.
4. Каква улога игра ревноста во Јеховината служба?
4 Ревноста за Божјата служба е животоважна за да го преживееме „Јеховиниот ден“. Илија и Јелисеј биле ревносни во Јеховината служба. Со слична ревност, остатокот од помазани христијани денес му принесува света служба на Јехова и го презема водството во проповедањето на добрата вест.a Од средината на 1930-тите, тие ги храбреле сите оние кои ја прифаќаат пораката за Царството и кои се надеваат да живеат засекогаш на Земјата, да му се предадат на Јехова и да се крстат (Марко 8:34; 1. Петрово 3:21). Милиони лица поволно се оѕвале на ова охрабрување. Некогаш тие биле во духовна темнина и мртви во грев, но сега ја дознале Божјата вистина, ја прифатиле надежта за вечен живот во земски рај и се ревносни во Јеховината служба (Псалм 36:29; Откровение 21:3—5). Преку нивната ревност, соработка, гостољубие и други добри дела, тие им донесуваат големо освежување на Христовите духовни браќа кои се уште на Земјата (Матеј 25:31—46).
5. Зошто е толку важно да им се прават добри работи на Исусовите „браќа“, и каков пример имаме од времето на Јелисеј?
5 Оние кои им прават добри работи на Исусовите „браќа“ поради тоа што овие помазаници се негови следбеници, ја имаат надежта да го преживеат „Јеховиниот ден“. Една брачна двојка од селото Сунам била многу благословена поради тоа што била љубезна и гостољубива спрема Јелисеј и неговиот служител. Оваа двојка немала син, а сопругот бил стар. Но, Јелисеј ѝ ветил на сунамката дека ќе роди син, и тоа се случило. По неколку години, кога овој единствен син умрел, Јелисеј отишол во Сунам и го воскреснал (4. Царства 4:8—17, 32—37). Какви само богати награди поради покажувањето гостољубие спрема Јелисеј!
6, 7. Каков пример дал Нееман, и каква врска има тоа со преживувањето на „Јеховиниот ден“?
6 Потребна е понизност за да се прифати упатство од Христовите „браќа“, кое се темели на Библијата, со надеж да се преживее Јеховиниот ден. Лепрозниот сириски војсководач Нееман морал да покаже понизност за да ги следи предлозите од едно заробено израелско девојче и да побара лек, со тоа што отишол во Израел за да го најде Јелисеј. Наместо да излезе од својата куќа за да го пресретне Нееман, Јелисеј му ја испратил следнава порака: „Искапи се седумпати во Јордан, и телото твое ќе се обнови, и ќе бидеш чист“ (4. Царства 5:10). Гордоста на Нееман била повредена и тој се налутил, но откако понизно отишол и се нурнал во Јордан седумпати, ‚телото му се обновило како телото на мало дете и се исчистил‘ (4. Царства 5:14). Пред да се врати дома, Нееман го пропатувал целиот пат назад до Самарија за да му заблагодари на Јеховиниот пророк. Решен да не профитира материјално од моќта дадена од Бог, Јелисеј излегол за да го пресретне Нееман, но не сакал да прифати никакви дарови. Нееман понизно му рекол на Јелисеј: „Во иднина слугата твој нема да принесува сепаленици и жртви на други богови, освен на Господа“ (4. Царства 5:17).
7 Со тоа што понизно го следеле библискиот совет од помазаниците, милиони лица денес се богато благословени. Освен тоа, со тоа што практикуваат вера во Исусовата откупна жртва, овие лица со чесни срца се духовно исчистени. Тие сега се радуваат на предноста да бидат пријатели на Јехова Бог и на Исус Христос (Псалм 14:1, 2; Лука 16:9). А со својата оддаденост на Бог и на неговата служба, тие ќе бидат наградени така што ќе бидат поштедени од вечното уништување кое наскоро ќе ги снајде горделивите, непокајнички грешници во „Јеховиниот ден“ што брзо се приближува (Лука 13:24; 1. Јованово 1:7).
„Кој е со мене, кој?“
8. а) Каков став спрема вршењето на божествената волја имаат оние кои ќе го преживеат „Јеховиниот ден“? б) Каков налог му бил даден на Јуј? в) Што требало да ѝ се случи на Језавела?
8 Оние кои се надеваат да го преживеат „Јеховиниот ден“, мораат да бидат одлучни во вршењето на божествената волја. Илија смело го прорекол уништувањето на крволочното семејство на царот Ахав, кое го обожавало Ваал (3. Царства 21:17—26). Меѓутоа, пред да биде извршено ова погубување, Илииниот наследник Јелисеј морал да доврши некое недовршено дело (3. Царства 19:15—17). Кога дошло Јеховиното време, Јелисеј упатил еден служител да оди и да го помаже војсководецот Јуј за нов цар на Израел. Откако истурил масло врз главата на Јуј, гласникот му рекол: „Вака вели Господ, Бог Израилев: ‚Те помазувам за цар над народот Господов, над Израилот,‘ и ти ќе го истребиш домот на Ахава, твојот господар, за да одмаздам за крвта на Моите слуги — пророците, и за крвта на сите слуги Господови, паднати од раката на Језавела; и ќе изгине целиот дом Ахавов“. Злобната царица Језавела требало да им биде фрлена на кучињата и немало да има пристоен погреб (4. Царства 9:1—10).
9, 10. Како се исполниле Илиините зборови во случајот со Језавела?
9 Јујовите луѓе ја признале полноважноста на неговото помазување и го прогласиле за нов цар на Израел. Дејствувајќи одлучно, Јуј одјурил кон Језраел за да го почне своето дело на погубување на отпадничките ороводци на обожавањето на Ваал. Прв кој ја почувствувал стрелата на погубување бил Ахавовиот син, царот Јорам. Тој јавајќи излегол од градот за да праша дали Јуј дошол во мисија на мир. „Каков мир при блудството на мајка ти Језавела и при многуте нејзини магии?“ — одговорил Јуј. Со тоа, Јујовата стрела го пробола срцето на Јорам (4. Царства 9:22—24).
10 Побожните жени избегнуваат да бидат како Језавела или некоја како неа (Откровение 2:18—23). Додека Јуј стигнал до Језраел, таа се обидувала да се направи привлечна. Гледајќи од еден прозорец, го поздравила со скриена закана. Тој ги прашал нејзините служители: „Кој е со мене, кој?“ Веднаш, два-тројца дворски службеници погледнале удолу. Дали биле на Јујовата страна? „Фрлете ја!“ — навалувал тој. Притоа, тие постапиле одлучно, фрлајќи ја злобната Језавела од прозорецот. Таа била изгазена, веројатно под копитата на коњите. Кога луѓето дошле да ја погребат, тие ‚не нашле ништо, туку само черепот, нозете и шаките од рацете‘. Какво драматично исполнување на Илиините зборови: „Језавелиниот труп ќе го изедат кучиња“ (4. Царства 9:30—37).
Срдечна поддршка на вистинското обожавање
11. Кој бил Јонадав, и како тој ја покажал својата поддршка на вистинското обожавање?
11 Оние кои се надеваат да го преживеат „Јеховиниот ден“ и да живеат засекогаш на Земјата, мораат сесрдно да го поддржуваат вистинското обожавање. Мораат да бидат како Јонадав, односно Јехонадав, еден неизраелски обожавател на Јехова. Додека Јуј продолжил со ревност да го исполнува својот налог, Јонадав сакал да го покаже своето одобрување и поддршка. Затоа, отишол да го пресретне новиот цар на Израел, кој бил на пат кон Самарија за да ги погуби преостанатите од Ахавовиот дом. Кога го видел Јонадав, Јуј прашал: „Расположено ли е срцето твое така, како моето срце кон твоето?“ Јонадавовиот позитивен одговор го трогнало Јуј да ја испружи својата рака и да го покани Јонадав во својата бојна кола, велејќи: „Тргнувај со мене и гледај ја мојата ревност кон Господа“. Без колебање, Јонадав ја прифатил предноста да ја покаже својата поддршка на Јеховиниот помазан погубител (4. Царства 10:15—17).
12. Зошто Јехова со право бара исклучителна оддаденост?
12 Срдечната поддршка на вистинското обожавање секако е на место, бидејќи Јехова е Творецот и Универзалниот Суверен, кој со право ја бара и ја заслужува нашата исклучителна оддаденост. Тој им заповедал на Израелците: „Не прави за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се клањаш, ниту да им служиш, оти Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител [кој бара исклучителна оддаденост, НС]“ (2. Мојсеева 20:4, 5). Оние кои се надеваат да го преживеат „Јеховиниот ден“, мораат да го обожаваат исклучително, правејќи го тоа „со дух и со вистина“ (Јован 4:23, 24). Тие мораат да бидат цврсти за вистинското обожавање, како Илија, Јелисеј и Јонадав.
13. Исто како што Јонадавовото срце било со Јуј, кој го признава Месијанскиот Цар и на кој начин го покажува тоа?
13 После погубувањето на Ахавовиот дом, царот Јуј презел други чекори за да ги идентификува Вааловите обожаватели и да ја елиминира оваа лажна религија во Израел (4. Царства 10:18—28). Денес, небесниот Цар Исус Христос е наименуван за да ги погуби Јеховините непријатели и да ја оправда Неговата сувереност. Како што Јонадавовото срце било со Јуј, така и ‚големото мноштво‘ од Исусови „други овци“ денес сесрдно го признаваат Христа како Месијански Цар и соработуваат со неговите духовни браќа на Земјата (Откровение 7:9, 10; Јован 10:16). Тие даваат доказ за ова преку тоа што ја практикуваат вистинската религија и имаат ревносен удел во христијанската служба, предупредувајќи ги Божјите непријатели на „Јеховиниот ден“ што брзо се приближува (Матеј 10:32, 33; Римјаните 10:9, 10).
Претстојат драматични настани!
14. Што ѝ претстои на лажната религија?
14 Јуј презел акција за да го оконча обожавањето на Ваал во Израел. Во наше време, преку Поголемиот Јуј, Исус Христос, Бог ќе го донесе уништувањето на Големиот Вавилон, светската империја на лажната религија. Наскоро ќе го видиме исполнувањето на зборовите на ангелот до апостол Јован: „А десетте рогови, што ги виде на ѕверот, тие ќе ја замразат блудницата, ќе ја запустат и оголат, и телото нејзино ќе го изедат, а неа самата на оган ќе ја изгорат. Оти Бог им даде во срцата нивни да ја исполнат волјата Негова, да се договорат и да го дадат царството свое на ѕверот, додека не се исполни словото Божјо“ (Откровение 17:16, 17; 18:2—5). „Десетте рогови“ ги предочуваат милитаризираните политички сили кои владеат на Земјата. Иако тие сега имаат духовно прељубнички однос со Големиот Вавилон, неговото време е кратко. Политичките елементи од овој свет ќе ја уништат лажната религија, а „ѕверот“ — Обединетите нации — ќе има главна улога со „десетте рогови“ во нејзиното опустошување.b Каква само прилика за фалење на Јехова! (Откровение 19:1—6).
15. Што ќе се случи кога ќе биде направен обид да се уништи Божјата земна организација?
15 После нападот на цар Јуј против обожавањето на Ваал, неговиот кралски дом им обрнал внимание на политичките непријатели на Израел. Царот Исус Христос ќе преземе слична акција. Политичките сили ќе останат после уништувањето на лажната религија слична на Ваал. Под влијание на Сатана Ѓаволот, овие непријатели на Јеховиниот суверенитет ќе извршат еден сеопшт напад во обид да ја уништат Божјата земна организација (Језекиил 38:14—16). Но, Јехова ќе го употреби Царот Исус Христос за да ги собори, уништувајќи ги во Хар-Магедон, ‚војната во оној голем ден на Бога Седржителот‘, довршувајќи го оправдувањето на Јеховиниот суверенитет (Откровение 16:14, 16; 19:11—21; Језекиил 38:18—23).
Служејќи со ревноста на Јелисеј
16, 17. а) Од каде знаеме дека Јелисеј бил ревносен до крајот на својот живот? б) Што треба да правиме со стрелите на вистината?
16 Додека „Јеховиниот ден“ не му донесе крај на Сатановиот целокупен зол систем на ствари, Божјите слуги ќе бидат исто толку храбри и ревносни како Јелисеј. Освен неговата работа како Илиин служител, Јелисеј преку 50 години служел сам како Јеховин пророк! И Јелисеј бил ревносен до самиот крај на својот долг живот. Токму пред својата смрт, тој бил посетен од Јујовиот внук, царот Јоас. Јелисеј му рекол да истрела една стрела низ прозорецот. Стрелата поитала кон својата цел, и Јелисеј извикал: „Таа стрела за спасение е од Господа, таа е спасителната стрела против Сирија, и ти ќе ги поразиш до нозе Сиријците во Афек“. По барање на Јелисеј, Јоас потоа удрил поземи со своите стрели. Но, тоа го сторил со недостиг на ревност, удирајќи само трипати. Потоа Јелисеј рекол дека, како последица од тоа, на Јоас ќе му бидат дадени само три победи над Сирија, а тоа и се случило (4. Царства 13:14—19, 25). Царот Јоас не ги соборил Сиријците целосно, „до нозе“.
17 Сепак, со ревност како онаа на Јелисеј, помазаниот остаток ја продолжува офанзивата против лажното обожавање. Нивните придружници со земна надеж го прават истото. Освен тоа, сите кои се надеваат да го преживеат „Јеховиниот ден“, добро ќе направат ако ги имаат на ум зборовите на ревносниот Јелисеј во врска со удирањето по земјата. Да ги земеме стрелите на вистината и ревносно да удираме со нив — секогаш одново — да, сѐ додека Јехова не рече дека нашето дело со нив е завршено.
18. Како треба да се оѕвиеме на зборовите од 2. Петрово 3:11, 12?
18 „Јеховиниот ден“ наскоро ќе му донесе крај на сегашниот зол систем на ствари. Затоа, да си дозволиме да бидеме поттикнати од охрабрувачките зборови на апостол Петар. „Бидејќи сите овие работи мораат така да се растопат“ — извикал Петар — „какви луѓе треба да бидете во светите постапки на однесување и делата на побожна оддаденост, очекувајќи ја и цврсто задржувајќи ја на ум присутноста на Јеховиниот ден!“ (2. Петрово 3:11, 12, НС). Кога секој дел од овој систем ќе биде растопен од огнот на Божјата лутина изразена преку Исус Христос, само оние со досие на исправно однесување и побожна оддаденост ќе се спасат. Неопходна е морална и духовна чистота. А исто е и со љубовта кон другите луѓе, покажана со оѕвивањето на нивните потреби, особено во духовен поглед, преку нашата христијанска служба.
19. Што мораме да правиме за да го преживееме „Јеховиниот ден“?
19 Дали твоите зборови и дела те идентификуваат тебе како верен и ревносен слуга Божји? Ако да, можеш да ја негуваш надежта да го преживееш „Јеховиниот ден“ во Божјиот ветен нов свет. Да, ти можеш да го доживееш преживувањето ако им правиш добро на Христовите духовни браќа затоа што се негови следбеници, како што сунамската двојка била гостољубива спрема Јелисеј. За да преживееш, мораш да бидеш и како Нееман, кој понизно го прифатил божественото упатство и станал обожавател на Јехова. Ако копнееш да живееш засекогаш во земски рај, мораш да покажеш срдечна поддршка за вистинското обожавање, како што сторил Јонадав. Тогаш можеш да бидеш меѓу Јеховините верни слуги кои наскоро ќе го доживеат исполнувањето на Исусовите зборови: „Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот“ (Матеј 25:34).
[Фусноти]
a Види ги поглавјата 18 и 19 во книгата “Let Your Name Be Sanctified”, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Види страници 254—256 од Откривење — Близу је величанствени врхунац, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
Како би одговорил?
◻ Кои се некои особини што се потребни за да се преживее „Јеховиниот ден“?
◻ Каков пример дала сунамската двојка во времето на Јелисеј?
◻ Каква лекција може да се научи од Нееман?
◻ Како можеме да го следиме примерот на Јонадав?
◻ Како треба да влијае врз нас 2. Петрово 3:11, 12?