Растете во спознание
„Додајте ѝ на вашата вера . . . спознание“ (2. ПЕТРОВО 1:5, NW).
1, 2. а) Што би можел да научиш ако погледнеш кон небото? (Римјаните 1:20). б) Каков е вистинскиот обем на порастот на човековото спознание?
ШТО би можел да научиш ако излезеш надвор во јасна, темна ноќ и погледнеш кон светлата месечина и безбројните ѕвезди? Би можел да научиш нешто за Оној кој го создал сето тоа (Псалми 18:1-6; 68:34).
2 Ако сакаш да го зголемиш своето спознание, дали би се искачил на покривот од твојата куќа и да погледаш оттаму? Веројатно не. Алберт Ајнштајн еднаш употребил ваква илустрација за да нагласи дека научниците не напредувале многу во своето спознание за вселената, а сигурно уште помалку за Оној кој ја создал.a Д-р Луис Томас (Lewis Thomas) напишал: „Најголемото од сите научни достигнувања во овој научно најпродуктивен век е откритието дека сме длабоко во незнаење; за природата знаеме многу малку, а разбираме уште помалку“.
3. Во која смисла зголемувањето на спознанието ја зголемува болката?
3 Дури и кога би ги поминал сите преостанати години од еден нормален животен век трагајќи по такво спознание, би можел да станеш само посвесен за тоа колку е краток животот и појасно да видиш дека човековото користење на спознанието е ограничено од несовршеноста и од ‚искривеноста‘ на овој свет. Соломон го нагласил тоа кога напишал: „При големата мудрост големо е и страдањето, и кој умножува знаења, умножува и мака“ (Проповедник 1:15, 18). Да, постигнувањето на спознание и мудрост без некаква поврзаност со Божјите намери обично вклучува болка и мака (Проповедник 1:13, 14; 12:12; 1. Тимотеј 6:20, NW).
4. Кое спознание треба да сакаме да го стекнеме?
4 Дали Библијата препорачува да не се интересираме за зголемување на нашето спознание? Апостолот Петар напишал: „Не, туку и натаму растете во незаслужената доброљубивост и во спознанието на нашиот Господ и Спасител, Исус Христос. Нему славата и сега и до денот на вечноста“ (2. Петрово 3:18, NW). Можеме и треба да ја прифатиме таа опомена како да се однесува на нас, и која нѐ поттикнува да растеме во спознанието. Но, каков вид спознание? Како можеме да го зголемиме? И дали навистина го правиме тоа?
5, 6. Како Петар нагласил дека треба да стекнеме спознание?
5 Растењето во точното спознание за Творецот на вселената и за Исус била централна тема на второто Петрово писмо. Во своите почетни зборови тој напишал: „Нека незаслужената доброљубивост и мирот ви се зголемат преку точното спознание за Бог и Исус, нашиот Господ, со оглед на тоа што неговата божествена моќ ни дарувала сѐ што се однесува на животот и оддаденоста на Бог, преку точното спознание за оној кој нѐ повикал преку слава и добродетел“ (2. Петрово 1:2, 3, NW). Така тој го поврзува поседувањето на незаслужена доброљубивост и мир со нашето постигнување на спознание за Бог и неговиот Син. Тоа е разумно, бидејќи Творецот, Јехова, е жариштето на вистинското спознание. Оној кој се плаши од Бог, способен е работите да ги види во права светлина и да дојде до добри заклучоци (Соломонови изреки 1:7).
6 Потоа Петар поттикнал: „Додајте ѝ на вашата вера добродетел, на вашата добродетел спознание, на вашето спознание самосовладување, на вашето самосовладување истрајност, на вашата истрајност оддаденост на Бог, на вашата оддаденост на Бог братска наклоност, на вашата братска наклоност љубов. Зашто ако овие работи постојат во вас и изобилуваат, ќе ве спречат да не бидете ниту неактивни ниту бесплодни во поглед на точното спознание за нашиот Господ Исус Христос“ (2. Петрово 1:5-8, NW).b Во следното поглавје читаме дека постигнувањето на спознание им помага на луѓето да се заштитат од загадувањата на светот (2. Петрово 2:20). Така Петар објаснил дека на оние кои стануваат христијани им треба спознание, исто како на оние кои веќе му служат на Јехова. Дали си ти во една од овие категории?
Учи, повторувај, користи
7. На кој начин многумина стекнале точно спознание за основните библиски вистини?
7 Можеби имаш библиска студија со Јеховините сведоци затоа што го препознаваш звукот на вистината во нивната порака. Еднаш седмично, еден час или приближно, разгледуваш некоја библиска тема користејќи некое помагало како што е Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата. Одлично! Многумина кои имале таква студија со Јеховините сведоци, стекнале точно спознание. Но, што можеш да сториш за да го зголемиш квантитетот на она што лично го учиш? Еве неколку предлога.c
8. Што може проучувачот да направи за да научи повеќе додека се подготвува за проучување?
8 Претходно, додека се подготвуваш за твојата студија, прегледај го градивото што треба да се обработи. Тоа значи да го погледнеш главниот наслов, поднасловите и сите слики што се употребени како илустрација на градивото. Потоа, додека го читаш пасусот или делот од публикацијата, побарај ги клучните мисли и придружните стихови што ги нагласуваат нив. За да видиш дали си ги научил обработените вистини, обиди се да одговориш на прашањата за различни пасуси. Додека го правиш тоа, труди се да ги изразуваш одговорите со свои сопствени зборови. Најпосле, повтори ја лекцијата и обиди се да се сетиш на главните точки и придружните аргументи.
9. Како може примената на предлозите за студирање да му помогнат на некого да учи?
9 Можеш да очекуваш да го зголемиш спознанието ако ги применуваш овие предлози. Зошто? Една причина е што ќе му пристапиш на материјалот со искрена желба да научиш, така да се рече, ќе ја подготвиш почвата. Ако направиш еден преглед и потоа ги побараш главните точки и текот на мислите, ќе видиш како деталите се однесуваат на темата или на заклучокот. Едно заклучно повторување ќе ти помогне да се сетиш на она што си го проучил. А што ќе ти помогне подоцна, за време на твојата библиска студија?
10. а) Зошто е од ограничена вредност самото повторување на фактите или новите информации? б) Што е вклучено во ‚постепеното сеќавање со прекини‘? в) Како можеби имале корист од повторувањето израелските синови?
10 Стручњаците на полето на образованието ја познаваат вредноста од навременото и целисходно повторување. Тоа не е само механичко повторување на зборови, кое можеби си го правел во училиштето додека си учел напамет некое име, факти или идеја. Но, дали си забележал дека наскоро си го заборавил она што си го изрецитирал, дека брзо ти исчезнало од сеќавањето? Зошто? Самото механичко повторување на некој нов збор или факт може да биде досадно, а резултатите се краткотрајни. Како може да се промени тоа? Твојата вистинска желба да научиш ќе ти помогне. Друг клуч е целисходното повторување. Неколку минути откако ќе научиш некоја точка, пред да избледи од сеќавањето, биди се да го извлечеш од себеси она што си го научил. Тоа е наречено „постепено сеќавање со прекини“. Освежувајќи го твоето сеќавање пред да избледи, придонесуваш тоа подолго да се задржи. Во Израел татковците требало да им ги врежат Божјите заповеди на своите синови (5. Мојсеева 6:6, 7, NW). „Да вреже“ значи да учи со повторување. Веројатно, мнозина од тие татковци првин им го покажувале законот на своите синови; потоа ја повторувале информацијата; а потоа на своите синови им поставувале прашања за она што го научиле.
11. Што може да се прави за да се зголеми учењето за време на библиската студија?
11 Ако некој Јеховин сведок води библиска студија со тебе, тој или таа можа да ти помогне да учиш со напредно прегледување со прекини за време на студијата. Ова не е типично само за младите. Тоа е метод кој го подобрува учењето, затоа радосно учествувај во периодичното повторување. Потоа, на крајот од студијата учествувај во заклучното повторување во кое ќе одговараш по сеќавање. Би можел со свои зборови да ги објасниш точките како кога би ги објаснувал при поучување на некое друго лице (1. Петрово 3:15). Тоа ќе помогне она што си го научил да го направиш дел од твоето долготрајно сеќавање. (Спореди Псалми 118:1, 2, 125; 2. Петрово 3:1.)
12. Што може да стори самиот проучувач за да го подобри своето сеќавање?
12 Друг корисен чекор за тебе ќе биде во текот на ден или два да му го кажеш на некој друг она што си го научил, можеби на некој школски другар, на колега на работа или сосед. Би можел да ја споменеш темата и потоа да речеш дека само сакаш да видиш дали можеш да се сетиш на главниот тек на мислите или на придружните стихови од Библијата. Тоа може да го поттикне интересот на другото лице. Дури и да не биде така, самиот процес на твоето повторување на новата информација после еден интервал од ден-два ќе ја утврди во твоето сеќавање. Така навистина ќе ја научиш, како што поттикнува 2. Петрово 3:18 (NW).
Активно учење
13, 14. Зошто треба да сакаме да одиме подалеку од обичното собирање и запомнување на информации?
13 Учењето е повеќе отколку само собирање на факти или да бидеш способен да се сетиш на некоја информација. Религиозните луѓе во Исусово време го правеле тоа со нивното дрдорливо повторување на молитви (Матеј 6:5-7). Но како на нив влијаела информацијата? Дали раѓале праведни плодови? Едвај (Матеј 7:15-17; Лука 3:7, 8). Делумно, проблемот бил во тоа што спознанието не пробивало во нивните срца и не влијаело на добро.
14 Според Петар, со христијаните би требало да биде поинаку, во тоа време и сега. Тој нѐ поттикнува на нашата вера да ѝ додадеме спознание кое ќе ни помогне да избегнуваме да бидеме неактивни или бесплодни (2. Петрово 1:5, 8, NW). За да биде вака во нашиот случај, мораме да сакаме да растеме во тоа спознание и да сакаме тоа длабоко да влијае на нас, да ја допре нашата најдлабока внатрешност. Можеби тоа не се случува секојпат.
15. Каков проблем се развил кај некои еврејски христијани?
15 Во Павлово време, еврејските христијани имале проблем во овој поглед. Бидејќи биле Евреи, тие имале некакво спознание од Писмата. Знаеле за Јехова и за некои од неговите барања. Подоцна додале спознание за Месијата, покажале вера и биле крстени како христијани (Дела на св. апостоли 2:22, 37-41; 8:26-36). Низ месеците и годините, сигурно присуствувале на христијанските состаноци, каде што можеле да учествуваат во читање на библиски стихови и во коментирањето. Па сепак, некои не растеле во спознанието. Павле напишал: „Иако со оглед на времето би требало да бидете учители, повторно ви треба некој кој би ве поучил од почеток за елементарните работи на светите Божји изјави; и сте станале такви на кои им треба млеко, а не тврда храна“ (Евреите 5:12, NW). Како би можело да дојде до тоа? Дали може истото да ни се случи и нам?
16. Што е вечен лед, и како тој влијае на билките?
16 Како илустрација, земи го вечниот лед, постојано смрзнатото тло на Арктикот и во други подрачја каде што просечната температура е под точката на смрзнување. Почвата, карпите и подземните води се смрзнуваат во тврда маса, понекогаш на длабочина до 900 метри. Лете, може да дојде до топење на површината (наречена активен слој). Меѓутоа, овој тенок слој на стопена почва обично е каллив затоа што влагата не може да навлезе во вечниот лед одоздола. Билките кои растат на тенкиот горен слој често се мали или закржлавени; нивните корења не можат да го пробијат вечниот лед. ‚Што‘ — можеби ќе се зачудиш — ‚зарем вечниот лед има нешто со тоа дали јас растам во спознанието на библиската вистина?‘
17, 18. Како може да се употребат вечниот лед и неговиот активен слој за да се илустрира она што се развило кај некои еврејски христијани?
17 Вечниот лед добро ја илустрира ситуацијата на оној чиишто умствени сили не се активно вклучени во примањето, сеќавањето и користењето на точното спознание. (Спореди Матеј 13:5, 20, 21.) Лицето веројатно го има умствениот капацитет да учи различни предмети, вклучувајќи ја библиската вистина. Ги проучувал „елементарните работи на светите Божји изјави“ и можеби се оспособил за крштевање, како што направиле тие еврејски христијани. Сепак, можеби не ‚навалува кон зрелост‘, кон работите кои се зад „основната наука за Христос“ (Евреите 5:12; 6:1, обата NW).
18 Замисли си некои од тие христијани во првото столетие. Тие биле присутни и будни, но дали нивните мисли биле вклучени во учењето? Дали активно и сериозно растеле во спознанието? Можеби не. За незрелите, секакво вклучување на состаноците, така да се каже, се одигрувало во тенкиот активен слој, додека одоздола имало смрзната длабочина. Корењата на поцврстите или покомплицираните вистини не можеле да продрат во ова подрачје на умствен вечен лед. (Спореди Исаија 40:24.)
19. На кој начин би можел некој искусен христијанин денес да стане како еврејските христијани?
19 Слично би можело да биде и со некој христијанин денес. Иако присуствува на состаноците, можеби не ги користи овие прилики за да расте во спознанието. Што е со активното учество на нив? За некој нов или млад да прочита библиски стих или да даде коментар со зборовите од пасусот можеби е потребен значителен напор, и тоа на убав и пофален начин го одразува неговиот капацитет. Но Павле покажал дека останатите, со оглед на времето откако се христијани, би требало да напредуваат подалеку од почетниот степен на учество ако сакаат и понатаму да растат во спознанието (Евреите 5:14).
20. Какво самоиспитување би требало да направи секој од нас?
20 Ако некој искусен христијанин никогаш не напредува подалеку од едноставното читање на некој библиски стих или давање на основен коментар директно од пасусот, неговото учество веројатно доаѓа од горниот „активен слој“ на неговиот ум. Би можело да минува состанок по состанок, а длабочините на неговиот умствен потенцијал, слично на вечниот лед од илустрацијата, да останат во смрзната состојба. Би требало да се прашаме: ‚Дали е така со мене? Дали сум дозволил во мене да се појави некаков вид на вечен лед? Колку сум умствено буден и заинтересиран за учење?‘ Дури и ако ни е неугодно од нашите искрени одговори, можеме да почнеме да преземаме чекори да растеме во спознанието.
21. Кои претходно разгледувани чекори би можел да ги примениш во подготвувањето или присуствувањето на состаноците?
21 Секој од нас може да ги применува чекорите од пасус 8. Без оглед на тоа колку долго сме поврзани со собранието, можеме да се одлучиме да се стремиме кон зрелост и кон поголемо спознание. За некои тоа ќе значи помарливо да се подготвуваат за состаноците, можеби со навики за повторување какви што имале пред многу години, но кои пополека се изгубиле. Додека се подготвуваш, обиди се да одредиш кои се клучните точки и да ги разбереш непознатите стихови што се употребени за да развиеш тек на мислите. Побарај некој нов агол или аспект на гледање во студискиот материјал. На сличен начин, за време на состанокот, обиди се во себе да ги примениш предлозите што се споменати во пасусите 10 и 11. Тежнеј да бидеш умствено буден, мислите да ти се на висока температура. Тоа ќе спречи да не настапи некаква тенденција кон „вечен лед“; овој свесен напор исто така ќе ја стопи секоја „смрзната“ состојба која можеби претходно била развиена (Соломонови изреки 8:12, 32-34).
Спознанието води кон плодност
22. Како ќе извлечеме корист ако работиме на зголемувањето на нашето спознание?
22 Како ќе извлечеме индивидуална корист ако работиме на ова растење во незаслужената доброљубивост и спознанието за нашиот Господ и спасител Исус Христос? Ако правиме свесен напор да ги држиме будни нашите умствени сили, спремни да примаме спознание, семето на новите и покомплицирани библиски вистини ќе пушти длабоки корења а нашето разбирање ќе расте и ќе стане трајно. Ќе биде како она што го рекол Исус во една поинаква илустрација за срцата (Лука 8:5-12). Од семето кое паѓа на добра почва може да изникнат силни корења за да ги носат билките кои раѓаат и даваат плод (Матеј 13:8, 23).
23. Какви резултати можат да произлезат ако го земеме при срце 2. Петрово 3:18? (Колосјаните 1:9-12).
23 Исусовата илустрација е нешто поинаква, но добрите резултати биле слични со она што го ветил Петар: „Токму поради тоа, придонесете според сето ваше сериозно напрегање и додајте ѝ на вашата вера добродетел, на вашата добродетел спознание . . . Зашто ако овие работи постојат во вас и изобилуваат, ќе ве спречат да не бидете неактивни ниту бесплодни во поглед на точното спознание за нашиот Господ Исус Христос“ (2. Петрово 1:5-8, NW). Да, нашето растење во спознанието ќе ни помогне да бидеме плодни. Ќе увидиме дека примањето на уште поголемо спознание ќе претставува уште поголемо задоволство (Соломонови изреки 2:2-5). Она што го учиш уште поспремно ќе го запомниш и ќе ти користи додека ги поучуваш другите да станат ученици. Исто така, на овој начин ќе бидеш поплоден и ќе им донесеш слава на Бог и на неговиот Син. Петар го завршил своето второ писмо: „И натаму растете во незаслужената доброљубивост и во спознанието на нашиот Господ и Спасител, Исус Христос. Нему славата и сега и до денот на вечноста“ (2. Петрово 3:18, NW).
[Фусноти]
a „[Нашиот напредок во спознанието] може да се спореди со спознанието до кое доаѓа еден човек, кој е заинтересиран за месечината, кога ќе се искачи на покривот од својата куќа за одблиску да го погледне тоа светлечко тело.“
b Верата и добродетелта, првите две особини во овој пасус, беа дискутирани во нашето издание од 15. јули 1993.
c Овие предлози можат да им помогнат и на долгогодишните христијани да извлечат повеќе од нивната лична студија и од подготовката за состаноците.
Можеш ли да се сетиш?
◻ Зошто би требало да бидеш заинтересиран за зголемување на твоето спознание?
◻ Како може еден нов проучувач на Библијата да извлече повеќе од својата студија?
◻ Која опасност сакаш да ја избегнеш, како што е илустрирано со вечниот лед?
◻ Зошто би требало да бидеш решен да се подобриш во твојата способност да растеш во спознанието?
[Слика на страница 15]
Дали јас имам проблем со умствен вечен лед?