СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 43
Не се откажувај!
Да не се откажеме од правење добро (ГАЛ. 6:9)
ПЕСНА 68 Да го сееме семето — веста за Царството
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Зошто се радуваме на честа да бидеме Јеховини сведоци?
КОЛКУ се радуваме што имаме чест да бидеме Јеховини сведоци! Ние го носиме Божјето име и покажуваме дека сме негови сведоци така што им проповедаме на другите и ги поучуваме за вистината. Многу сме радосни кога ќе му помогнеме на некој што исправно гледа „на вечниот живот“ да стане ученик на Христос (Дела 13:48). Се чувствуваме како Исус, кој бил многу радосен кога неговите ученици му раскажале за убавите искуства што ги доживеале додека проповедале (Лука 10:1, 17, 21).
2. Како покажуваме дека сериозно ја сфаќаме нашата служба?
2 Ние сериозно ја сфаќаме нашата служба. Апостол Павле го поттикнал Тимотеј: „Добро внимавај како живееш и како поучуваш“. Потоа додал: „Правејќи го тоа ќе се спасиш и себеси и оние што те слушаат“ (1. Тим. 4:16). Значи, во прашање се животи. Ние внимаваме на себе бидејќи сме поданици на Божјето Царство. Сакаме секогаш да живееме во склад со добрата вест која ја проповедаме и да му носиме слава на Јехова со нашите постапки (Фил. 1:27). А на кој начин покажуваме дека внимаваме како поучуваме? Така што добро се подготвуваме за службата и го молиме Јехова за помош пред да им сведочиме на другите.
3. Дури и ако го даваме нашето најдобро, дали секогаш ќе имаме добри резултати во службата? Наведи пример.
3 Но, дури и кога се трудиме да ја извршуваме службата најдобро што можеме, сепак многу луѓе на нашето подрачје можеби нема да се заинтересираат за добрата вест. Размисли за примерот на брат Георг Линдал, кој сам проповедал на Исланд од 1929 до 1947 год. Тој поделил илјадници книги, но никој не ја прифатил вистината. Брат Линдал напишал: „Некои се противат на библиската порака, но повеќето едноставно не се заинтересирани“. По некое време, таму биле испратени мисионери од школата Гилеад за да помогнат во проповедничкото дело, но сѐ уште немало некој посебен интерес. Дури по девет години, некои од жителите на Исланд се крстиле.b
4. Како можеби се чувствуваме кога луѓето не покажуваат интерес за добрата вест?
4 Нам ни е жал кога луѓето не покажуваат интерес за вистината. Можеби се чувствуваме како Павле, кој имал „голема тага и непрестајна болка“ затоа што повеќето Евреи не поверувале дека Исус е ветениот Месија (Рим. 9:1-3). Што ако многу се трудиш околу некој интересент и се молиш за него, но тој не напредува, и сфаќаш дека би требало да прекинеш да проучуваш со него? Или, што ако никогаш не си проучувал со некој што на крајот се крстил? Дали треба да чувствуваш вина и да си мислиш дека Јехова не ја благословува твојата служба? Во оваа статија ќе одговориме на овие две прашања: 1) По што се мери успехот во нашата служба? 2) Кои реални очекувања треба да ги имаме?
ПО ШТО СЕ МЕРИ УСПЕХОТ ВО СЛУЖБАТА?
5. Зошто она што го правиме во службата за Јехова не излегува секогаш онака како што сме очекувале?
5 Во врска со некој што ја врши Божјата волја, Библијата вели: „Во сѐ што прави, ќе биде успешен“ (Пс. 1:3). Меѓутоа, ова не значи дека сѐ што правиме за Јехова ќе излезе онака како што сме очекувале. Животот е полн со неволји бидејќи сме несовршени — и ние и луѓето околу нас (Јов 14:1). Освен тоа, нашите противници понекогаш успеваат привремено да нѐ спречат слободно да проповедаме (1. Кор. 16:9; 1. Сол. 2:18). Според тоа, како Јехова одредува дали успешно ја извршуваме службата? Да разгледаме некои библиски начела кои ќе ни помогнат да одговориме на ова прашање.
6. Како Јехова го мери нашиот успех во службата?
6 Јехова ги забележува нашиот труд и нашата истрајност. За него, ние сме успешни во службата кога ја извршуваме трудољубиво и од срце, сеедно дали луѓето нѐ слушаат или не. Павле напишал: „Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име, така што им служевте на светите и продолжувате да им служите“ (Евр. 6:10). Јехова нема да ги заборави нашата љубов и трудот што го вложуваме дури и ако нема видливи резултати од нашата служба. „Вашиот труд во Господарот не е залуден“ (1. Кор. 15:58). Ова апостол Павле им го напишал на Коринќаните, но може да важи и за нас, дури и ако трудот што сме го вложиле не ги дал резултатите на кои сме се надевале.
7. Што може да научиме од она што апостол Павле го кажал за својата служба?
7 Апостол Павле бил мисионер кој многу добро ја извршувал својата служба и помогнал да се основаат нови собранија во многу градови. Сепак, кога некои го критикувале и тврделе дека не поучува добро, тој не почнал да набројува на колку многу луѓе им помогнал да станат христијани. Наместо тоа, за да ги побие тврдењата на оние што сакале да се истакнуваат, тој напишал: „Повеќе се трудев [од нив]“ (2. Кор. 11:23, Превод на МПЦ). Исто како Павле, секогаш да имаме на ум дека она што Јехова најмногу го цени се нашиот труд и нашата истрајност.
8. Што треба да имаме на ум во врска со нашата служба?
8 Нашата служба му носи радост на Јехова. Исус испратил 70 ученици да проповедаат за Царството, и кога завршиле со службата, тие се вратиле радосни. Зошто биле радосни? Тие му рекле на Исус: „Дури и демоните ни се покоруваат кога го користиме твоето име“. Но, Исус ги исправил и им рекол: „Не радувајте се на тоа што духовите ви се покоруваат, туку радувајте се што вашите имиња се запишани на небесата“ (Лука 10:17-20). Исус знаел дека нема секогаш да имаат такви убави искуства во службата. Всушност, не знаеме колкумина од оние на кои учениците им проповедале подоцна станале христијани. Значи, учениците не требало да се радуваат само затоа што луѓето ги слушале. Пред сѐ, требало да се радуваат затоа што Јехова бил задоволен од нивниот труд.
9. Според Галатите 6:7-9, што ќе добиеме ако истраеме во нашата служба?
9 Ако истраеме во нашата служба, ќе добиеме вечен живот. Кога даваме сѐ од себе да ја проповедаме добрата вест и да ги поучуваме луѓето за неа, ние сееме „во духот“. Зошто може да го кажеме ова? Бидејќи со тоа што ја извршуваме службата покажуваме дека сакаме да нѐ води светиот дух. Ако „не се откажеме“ и „не се умориме“, Јехова ни ветува дека ќе добиеме вечен живот — без оглед на тоа дали сме помогнале некому да се крсти или не. (Прочитај Галатите 6:7-9.)
КОИ РЕАЛНИ ОЧЕКУВАЊА ТРЕБА ДА ГИ ИМАМЕ?
10. Од што зависи дали некој ќе ја прифати вистината?
10 Дали луѓето ќе ја прифатат вистината првенствено зависи од нивното срце. Во врска со ова, Исус дал споредба за еден сејач кој посеал семе на различни видови почва. Само семето кое паднало на добра почва родило плод (Лука 8:5-8). Исус објаснил дека различните видови почва ги претставуваат луѓето чии срца различно реагираат на „речта Божја“ (Лука 8:11-15). Исто како што сејачот не може да влијае врз тоа дали некое семе ќе порасне и ќе даде плод, така и ние не можеме да влијаеме врз срцето на оние на кои им проповедаме. Наша одговорност е да продолжиме да го сееме семето за Царството. Како што рекол апостол Павле, „секој ќе добие награда според својот труд“, а не според резултатите од својот труд (1. Кор. 3:8).
11. Зошто Јехова го сметал Ное за успешен проповедник? (Види ја сликата на насловната страница).
11 Низ историјата, многу слуги на Јехова им проповедале на луѓе кои не сакале да слушаат. На пример, Ное, кого Библијата го нарекува „проповедникот на праведноста“, веројатно проповедал со децении (2. Пет. 2:5). Без сомнение, тој се надевал дека луѓето ќе реагираат позитивно на неговата порака, но Јехова со ништо не покажал дека такво нешто ќе се случи. Наместо тоа, кога му кажал да ја изгради арката, му рекол: „Влези во арката ти, и со тебе твоите синови и твојата жена и жените на твоите синови“ (1. Мој. 6:18). И, ако се земе предвид големината на арката што Јехова му рекол да ја изгради, Ное можеби сфатил дека многу луѓе нема позитивно да реагираат на неговата порака, бидејќи во арката не би имало место за сите нив (1. Мој. 6:15). Како што знаеме, ниту еден човек од тој насилен свет не обрнал внимание на проповедањето на Ное (1. Мој. 7:7). Дали Јехова сметал дека тој не проповедал доволно добро? Се разбира дека не! Јехова бил многу задоволен од Ное затоа што направил сѐ онака како што тој му заповедал (1. Мој. 6:22).
12. Што му помогнало на пророкот Еремија да најде радост во службата и покрај тоа што луѓето не го слушале и му се противеле?
12 И пророкот Еремија проповедал со децении и покрај тоа што луѓето не го слушале и му се противеле. Поради тоа што неговите противници го навредувале и му се потсмевале, тој толку се обесхрабрил што сакал да се откаже од својата задача (Ерем. 20:8, 9). Но, Еремија не се откажал! Што му помогнало да се избори со негативните мисли и да најде радост во службата? Тој се концентрирал на две важни работи. Прво, пораката што тој им ја пренесувал на луѓето била дека Бог ќе им даде „иднина и надеж“ (Ерем. 29:11). Второ, Јехова го избрал Еремија да зборува во Негово име (Ерем. 15:16). Слично на тоа, и ние им пренесуваме на луѓето порака која влева надеж и го носиме Јеховиното име како негови сведоци. Ако се концентрираме на овие две важни работи, ќе бидеме радосни без оглед на тоа како реагираат луѓето.
13. Што учиме од споредбата на Исус запишана во Марко 4:26-29?
13 Духовниот раст се одвива постепено. Исус зборувал за ова во споредбата за сејачот кој спие. (Прочитај Марко 4:26-29.) Откако сејачот го посеал семето, тоа постепено растело, а тој не можел да направи ништо за да го забрза растењето. Можеби и ти ќе треба да чекаш подолго време пред да видиш дека оној со кого ја проучуваш Библијата го применува она што го учи. Исто како што земјоделецот не може да го забрза растот на растението така и ние не можеме да го забрзаме духовниот раст на интересентот. Затоа, не се обесхрабрувај и не се откажувај ако интересентот не напредува онолку брзо колку што ти си очекувал. Исто како земјоделецот, и ние треба да бидеме стрпливи додека помагаме некому да донесе одлука да се крсти (Јак. 5:7, 8).
14. Кој пример покажува дека понекогаш е потребно повеќе време за луѓето да почнат да ја слушаат пораката за Царството?
14 На некои подрачја обично е потребно многу време за некој да се крсти. Да го разгледаме примерот на Гледис и Руби Ален, две сестри кои во 1959 год. биле доделени да служат како општи пионери во еден град во канадската провинција Квебек.c Поради притисокот од околината и влијанието на Католичката црква, луѓето не сакале да ја слушаат пораката за Царството. Гледис раскажала: „Две години одевме од врата до врата осум часови на ден без никој да ни отвори! Луѓето само ќе дојдеа до вратата и ќе ги спуштеа ролетните. Но, не се откажавме“. Со текот на времето луѓето омекнале, и некои почнале да ја слушаат добрата вест. Во тој град сега има три собранија (Иса. 60:22).
15. Според 1. Коринќаните 3:6, 7, што е потребно за некој да стане ученик на Христос?
15 За да може некој да стане ученик на Христос, потребни се заеднички напори. Секој во собранието може да помогне во тоа некој интересент да се крсти. (Прочитај 1. Коринќаните 3:6, 7.) На пример, еден објавител остава трактат или списание кај некое заинтересирано лице. Но, бидејќи не може да направи повторна посета во време што му одговара на интересентот, тој замолува друг објавител да го посети. Овој објавител започнува библиски курс. Потоа тој кани различни браќа и сестри да присуствуваат на курсот, и секој од нив го охрабрува интересентот. Сите тие браќа и сестри придонесуваат кај тоа лице да расте семето на вистината. На тој начин, како што рекол Исус, и сејачот и жетварот можат да се радуваат во духовната жетва (Јован 4:35-38).
16. Зошто можеш да се радуваш во службата дури и ако твоето здравје е нарушено или немаш многу сила?
16 Можеби не можеш да учествуваш во делото на проповедање и поучување како порано затоа што здравјето ти е нарушено или немаш многу сила. Но, ти сепак можеш да се радуваш додека учествуваш во жетвата. Размисли за она што се случило кога цар Давид и неговите луѓе успеале да ги избават од Амаличаните своите семејства и работите што ги поседувале. Двесте од луѓето на Давид биле премногу исцрпени за да се борат, па затоа останале да го чуваат товарот. Откако извојувале победа, Давид наредил пленот да се подели еднакво на сите луѓе (1. Сам. 30:21-25). Од овој извештај може да извлечеме важна поука во врска со делото на поучување во кое учествуваме денес. Можеби во службата не можеш да правиш онолку колку што би сакал. Но, ако го даваш своето најдобро, можеш да се радуваш секогаш кога некој ќе биде избавен од овој свет и ќе зачекори по патот кој води во живот.
17. За што треба да му бидеме благодарни на Јехова?
17 Многу сме му благодарни на Јехова за начинот на кој ја вреднува нашата служба. Тој знае дека не можеме да ги присилиме луѓето да ја слушаат пораката за Царството или да почнат да му служат. Но, тој забележува колку многу се трудиме и колку многу го сакаме, и нѐ благословува поради тоа. Исто така, Јехова нѐ поучува како да бидеме радосни додека го даваме својот дел во жетвата (Јован 14:12). Можеме да бидеме уверени дека Бог ќе биде задоволен од нас ако истраеме во службата и не се откажеме!
ПЕСНА 67 Итно е!
a Ние се радуваме кога луѓето покажуваат интерес за добрата вест, а ни е жал кога гледаме дека немаат таков интерес. Што ако некој со кого ја проучуваш Библијата не напредува духовно? Или, што ако никогаш не си проучувал со некој што на крајот се крстил? Дали треба да заклучиш дека не го извршуваш успешно делото што Јехова ни го доверил? Во оваа статија ќе видиме по што се мери успехот во нашата служба и како може да останеме радосни сеедно дали луѓето нѐ слушаат или не.
c Види ја животната приказна на Гледис Ален со наслов „Ништо не би променила!“, која излезе во Стражарска кула од 1 септември 2002.