Следи го примерот што го дал Исус
„Јас ви дадов пример, и вие да правите така како што ви направив јас“ (ЈОВАН 13:15).
1. Зошто Исус е пример што христијаните треба да го имитираат?
ВО ЦЕЛАТА историја на човештвото, само еден човек го проживеал целиот свој живот без нешто да згреши. Тоа бил Исус. Освен Исус, „нема човек кој не греши“ (1. Цареви 8:46; Римјаните 3:23). Од таа причина, вистинските христијани го сметаат Исус за совршен пример што треба да се имитира. Навистина, на 14 нисан 33 н.е., кратко пред својата смрт, самиот Исус им рекол на своите следбеници да го имитираат. Тој рекол: „Јас ви дадов пример, и вие да правите така како што ви направив јас“ (Јован 13:15). Во текот на таа последна ноќ, Исус спомнал неколку начини на кои христијаните треба да се трудат да бидат како него. Во оваа статија ќе разгледаме некои од нив.
Треба да се биде понизен
2, 3. На кои начини Исус е совршен пример за понизност?
2 Кога ги поттикнал своите ученици да го следат неговиот пример, Исус зборувал конкретно за понизноста. Во повеќе прилики ги советувал своите следбеници да бидат понизни, а вечерта на 14 нисан, покажал дека и самиот тој е понизен со тоа што им ги измил нозете на своите апостоли. Тогаш Исус рекол: „Ако јас, иако Господ и Учител, ви ги измив нозете, и вие сте должни да си ги миете нозете еден на друг“ (Јован 13:14). Потоа, им рекол на своите апостоли да го следат примерот што им го дал. И колку прекрасен пример на понизност е тоа!
3 Апостол Павле ни кажува дека, пред да дојде на Земјата, Исус ‚бил во Божји облик‘. Сепак, се одрекол од себеси и дошол на пониска положба, станал човек. И повеќе од тоа, ‚се понизил и станал послушен сѐ до смрт, да, до смрт на маченички столб‘ (Филипјаните 2:6-8). Размисли за тоа. Исус, личноста што била втора по важност во универзумот, се согласил да стане понизок од ангелите, да се роди како беспомшно бебе, да расте со несовршени родители и да им биде подложен и, на крај, да умре како презрен криминалец (Колошаните 1:15, 16; Евреите 2:6, 7). Каква понизност! Можно ли е да го имитираме таквиот „умствен став“ и да работиме на тоа постојано да имаме таква „понизност на умот“? (Филипјаните 2:3-5). Можно е, но не е лесно.
4. На кои работи се горди луѓето, но зошто гордоста е опасна?
4 Спротивна на понизноста е гордоста (Пословици 6:16-19). Гордоста го водела Сатана до пропаст (1. Тимотеј 3:6). Таа лесно пушта корен во срцето на човекот и, штом еднаш ќе влезе таму, после тешко се искоренува. Луѓето се горди на својата земја, на својата раса, на она што го поседуваат, на своето образование, на она што го постигнале, на положбата во општеството, на изгледот, на своите достигнувања во спортот и на многу други работи. Сепак, ниедна од овие работи не му е важна на Јехова (1. Коринќаните 4:7). И ако поради овие работи станеме горди, тоа ќе ни го расипе односот со него. „Господ е возвишен, но гледа на смирените [понизните, NW], а гордоста ја познава оддалеку“ (Псалм 138:6; Пословици 8:13).
Понизни меѓу нашите браќа
5. Зошто е многу важно старешините да бидат понизни?
5 Дури ни она што го правиме и што го постигнуваме во службата за Јехова не треба да нѐ направи горди; ниту, пак, одговорностите што ги имаме во собранието (1. Летописи 29:14; 1. Тимотеј 6:17, 18). Всушност, колку поголеми одговорности имаме толку попонизни треба да бидеме. Апостол Петар ги поттикнал старешините да не ‚господарат над оние кои се Божје наследство, туку да станат примери за стадото‘ (1. Петрово 5:3). Старешините се назначени да бидат слуги и примери, а не господари (Лука 22:24-26; 2. Коринќаните 1:24).
6. Во кои аспекти од хрисијанскиот живот треба да бидеме понизни?
6 Старешините не се единствените што треба да бидат понизни. На помладите мажи, кои можеби се горди затоа што побрзо ги сфаќаат работите и физички се посилни од постарите, Петар им напишал: „Опашајте се со понизност на умот еден кон друг, бидејќи Бог им се противставува на горделивите, а на понизните им дава незаслужена љубезност“ (1. Петрово 5:5). Да, сите треба да покажуваме понизност како Христовата. Потребна е понизност за да се проповеда добрата вест, особено кога ќе наидеме на рамнодушност или непријателство. Потребна е понизност за да се прифати совет или за да се поедностави животот со цел да се зголеми нашиот удел во службата. Освен тоа, потребна ни е понизност, како и храброст и вера, кога трпиме негативен публицитет, правни напади или жестоко прогонство (1. Петрово 5:6).
7, 8. Кои се некои работи што можат да нѐ направат понизни?
7 Како може некој да ја совлада гордоста и да се однесува ‚со понизност на умот, сметајќи ги другите за подобри‘ од себе? (Филипјаните 2:3). Треба да се гледа себеси онака како што Јехова го гледа. Исус објаснил кој е исправниот став кога рекол: „И вие, кога ќе извршите сѐ што сте задолжени, речете: ‚Ние сме бескорисни робови. Го направивме она што бевме должни да го направиме‘ “ (Лука 17:10). Не заборавај, што и да направиме, не може да се спореди со она што го направил Исус. Сепак, Исус бил понизен.
8 Понатаму, можеме да го молиме Јехова да ни помогне да имаме исправно гледиште за себе. Како псалмистот, и ние можеме да се молиме: „Научи ме на разум и знаење, зашто верувам во Твоите заповеди“ (Псалм 119:66). Јехова ќе ни помогне да стекнеме разумно, урамнотежено гледиште за себе и ќе нѐ благослови за нашиот понизен став (Пословици 18:12). Исус рекол: „Кој се воздига, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде воздигнат“ (Матеј 23:12).
Исправно гледиште за доброто и лошото
9. Како гледал Исус на доброто и лошото?
9 И покрај тоа што 33 години живеел со несовршени луѓе, Исус останал „без грев“ (Евреите 4:15). Всушност, кога пророкувал за Месијата, псалмистот рекол: „Ти ја љубиш правдата, а го мразиш беззаконието“ (Псалм 45:7; Евреите 1:9). И во овој поглед христијаните се трудат да го имитираат Исус. Тие не само што знаат што е добро а што лошо, туку и го мразат она што е лошо а го сакаат она што е добро (Амос 5:15). Ова им помага да се борат против својата вродена склоност кон грев (Битие 8:21; Римјаните 7:21-25).
10. Каков став покажуваме ако непокајнички правиме „подли работи“?
10 Исус му рекол на фарисејот Никодим: „Оној кој прави подли работи ја мрази светлината и не доаѓа кај светлината за да не бидат укорени неговите дела. Но оној кој го прави она што е вистинито, доаѓа кај светлината со цел да се покажат неговите дела дека се направени во склад со Бог“ (Јован 3:20, 21). Размисли: Јован го идентификувал Исус како „вистинската светлина која им дава светлина на сите видови луѓе“ (Јован 1:9, 10). Меѓутоа, Исус рекол дека ако правиме „подли работи“ — работи што се лоши, неприфатливи за Бог — ја мразиме светлината. Можеш ли да си замислиш да го мразиш Исус и она што тој го претставува? Сепак, токму тоа го прават луѓето кои непокајнички грешат. Можеби тие не гледаат на тоа така, но очигледно дека Исус гледа.
Како да го имаме Исусовото гледиште за доброто и лошото
11. Што е неопходно ако сакаме да го имаме Исусовото гледиште за доброто и лошото?
11 Треба јасно да разбереме што е добро а што лошо во очите на Јехова. Тоа ќе го разбереме само ако ја проучуваме Божјата реч, Библијата. Додека проучуваме, треба да се молиме, како што се молел и псалмистот: „Покажи ми ги, Господи, Твоите патишта, научи ме на Твоите патеки!“ (Псалм 25:4). Меѓутоа, не заборавај дека Сатана е измамник (2. Коринќаните 11:14). Тој може да го маскира она што е погрешно така што на некој невнимателен христијанин ќе му изгледа како нешто добро. Затоа, треба длабоко да размислуваме за она што го учиме и тесно да ги следиме советите од „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45-47). Тоа што ќе проучуваме, ќе се молиме и длабоко ќе размислуваме за она што го учиме ќе ни помогне да растеме во зрелоста и да бидеме меѓу оние чија „моќ за согледување преку употреба е извежбана да разликува исправно и неисправно“ (Евреите 5:14). Тогаш ќе сакаме да го мразиме лошото и да го сакаме доброто.
12. Кој библиски совет ни помага да не вршиме беззаконие?
12 Ако го мразиме она што е лошо, нема да дозволиме во срцето да ни расте желба за лоши работи. Многу години по смртта на Исус, апостол Јован напишал: „Немојте да го љубите ниту светот ниту она што е во светот. Ако некој го љуби светот, љубовта кон Таткото не е во него; бидејќи сѐ што е во светот — желбата на телото и желбата на очите и нападното истакнување на своите средства за живот — не потекнува од Таткото, туку потекнува од светот“ (1. Јованово 2:15, 16).
13, 14. а) Зошто за христијаните е опасно да ги сакаат работите во светот? б) Како можеме да избегнеме да ги сакаме работите во светот?
13 Некои можеби си мислат дека не е лошо сѐ што е во светот. Иако тоа е точно, сепак светот и привлечните работи во него лесно можат да ни го одвлечат вниманието од службата за Јехова. И ништо од она што светот го нуди не е наменето да нѐ зближи со Бог. Според тоа, ако почнеме да ги сакаме работите во светот, дури и работите што сами по себе не се лоши, одиме во опасен правец (1. Тимотеј 6:9, 10). Освен тоа, многу од работите во светот се навистина лоши и можат да нѐ расипат. Ако гледаме филмови или телевизиски програми во кои се нагласува насилство, материјализам или сексуален неморал, тие работи може да ни станат нормални — а потоа и искушение. Ако се дружиме со луѓе на кои им е најважно да си го подобрат начинот на живот или да си создадат деловни прилики, тие работи можат и нам да ни станат најважни (Матеј 6:24; 1. Коринќаните 15:33).
14 Од друга страна, пак, ако уживаме во Јеховината реч, „желбата на телото и желбата на очите и нападното истакнување на своите средства за живот“ нема да ни бидат привлечни. Освен тоа, ако се дружиме со оние што ги ставаат интересите на Царството на прво место, ќе станеме како нив и ќе го сакаме она што тие го сакаат и ќе го избегнуваме она што тие го избегнуваат (Псалм 15:4; Пословици 13:20).
15. Како ќе нѐ зајакне тоа што ќе ја сакаме праведноста и ќе го мразиме беззаконието, како што го зајакнало Исус?
15 Тоа што го мразел беззаконието и ја сакал праведноста, му помогнало на Исус да се сконцентрира на ‚радоста што била поставена пред него‘ (Евреите 12:2). Ова може да биде случај и со нас. Знаеме дека „светот поминува, а и неговата желба“. Секое задоволство што овој свет го нуди е само привремено. Меѓутоа, „оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17). Со тоа што ја извршил Божјата волја, Исус им дал прилика на луѓето да добијат вечен живот (1. Јованово 5:13). Сите ние да го имитираме и да извлечеме корист од неговата беспрекорност.
Да издржиме под прогонство
16. Зошто Исус ги поттикнал своите следбеници да се сакаат еден со друг?
16 Исус укажал и на уште еден начин на којшто неговите ученици ќе го имитираат, кога рекол: „Ова е мојата заповед, да се љубите еден со друг како што јас ве љубев вас“ (Јован 15:12, 13, 17). Има многу причини зошто христијаните ги сакаат своите браќа. Во таа прилика, Исус пред сѐ ја имал на ум омразата на која ќе наидат во светот. Тој рекол: „Ако светот ве мрази, знајте дека мене ме мразеше пред да ве мрази вас . . . Робот не е поголем од својот господар. Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас“ (Јован 15:18, 20). Да, дури и кога се прогонувани, христијаните се како Исус. Треба да изградат цврста врска што се темели на љубов која ќе им помогне да ја издржат таа омраза.
17. Зошто светот ги мрази вистинските христијани?
17 Зошто светот би ги мразел христијаните? Затоа што, како Исус, тие „не се дел од светот“ (Јован 17:14, 16). Неутрални се во поглед на воените и политичките работи и се придржуваат за библиските начела така што ја почитуваат светоста на животот и имаат високи морални мерила. (Дела 15:28, 29; 1. Коринќаните 6:9-11). Нивните главни цели се духовни, а не материјални. Тие живеат во светот, но, како што напишал Павле, не „го користат во потполност“ (1. Коринќаните 7:31). Точно, некои се восхитени од високите мерила на Јеховините сведоци. Но, Јеховините сведоци не прават компромиси за другите да им се восхитуваат или да ги прифатат. Како резултат на тоа, повеќето во светот не ги разбираат, а мнозина и ги мразат.
18, 19. Следејќи го примерот на Исус, како христијаните се справуваат со противењето и прогонството?
18 Апостолите на Исус виделе колку силна омраза има светот кога Исус бил уапсен и погубен, а виделе и како Исус се соочил со таа омраза. Во градината Гетсиманија, верските противници дошле да го уапсат Исус. Петар се обидел да го заштити со меч, но Исус му рекол: „Врати го својот меч на неговото место, зашто сите кои се фаќаат за меч, од меч и ќе погинат“ (Матеј 26:52; Лука 22:50, 51). Во минатото, Израелците се бореле со меч против своите непријатели. Меѓутоа, сега работите стоеле поинаку. Божјето Царство ‚не било дел од овој свет‘ и немало национални граници што требало да се штитат (Јован 18:36). Наскоро, Петар требало да стане дел од една духовна нација, а државјанството на нејзините членови ќе биде на небесата (Галатите 6:16; Филипјаните 3:20, 21). Затоа, оттогаш наваму, Исусовите следбеници се соочуваат со омразата и прогонството онака како што тоа го правел Исус — бестрашно, но мирољубиво. Тие со доверба го оставаат исходот на работите во рацете на Јехова и веруваат дека тој ќе им даде сила да издржат (Лука 22:42).
19 Со години подоцна, Петар напишал: „Христос страдаше за вас, оставајќи ви пример, за тесно да ги следите неговите стапки . . . Кога го навредуваа, не враќаше со навредување. Кога страдаше, не се закануваше, туку му се доверуваше на оној кој праведно суди“ (1. Петрово 2:21-23). Токму како што предупредил Исус, христијаните доживеале и доживуваат сурово прогонство низ годините. И во првиот век и во наше време тие го следат примерот на Исус и си стекнале добар глас дека верно истрајуваат, со што покажуваат дека се мирољубиви луѓе што остануваат беспрекорни (Откровение 2:9, 10). Сите ние, како поединици, да бидеме такви кога ќе се соочиме со слични околности (2. Тимотеј 3:12).
„Облечете се во Господ Исус Христос“
20-22. На кој начин христијаните ‚се облекуваат во Господ Исус Христос‘?
20 На собранието во Рим Павле му напишал: „Облечете се во Господ Исус Христос, и не планирајте однапред за желбите на телото“ (Римјаните 13:14). Христијаните, така да се каже, го носат Исус како облека. Тие се трудат да ги имитираат неговите особини и постапки во толкава мера што стануваат слика — иако несовршена — на својот Учител (1. Солуњаните 1:6).
21 Можеме успешно да се ‚облечеме во Господ Исус Христос‘ ако се запознаеме со животот на Учителот и ако се трудиме да живееме онака како што живеел тој. Ја имитираме неговата понизност, го имитираме во тоа што ја сакал праведоста, го мразел беззаконието, тоа што ги сакал браќата, не бил дел од светот и стрпливо го поднел страдањето. Ние не ‚планираме однапред за желбите на телото‘ — т.е., главна цел во животот не ни е да оствариме некои световни цели или да си ги задоволиме телесните желби. Наместо тоа, кога донесуваме некоја одлука или кога решаваме некој проблем, се прашуваме: ‚Што би направил Исус во оваа ситуација? Што би сакал тој да направам?‘
22 На крајот, го имитираме Исус и во тоа што сме зафатени со ‚проповедање на добрата вест‘ (Матеј 4:23; 1. Коринќаните 15:58). И во тој поглед христијаните го следат примерот што го дал Исус, а следната статија ќе дискутира како го прават тоа.
Можеш ли да објасниш?
• Зошто е многу важно христијаните да бидат понизни?
• Како можеме да имаме исправно гледиште за доброто и лошото?
• На кој начин христијаните го имитираат Исус кога се соочуваат со противење и прогонство?
• Како можеме да ‚се облечеме во Господ Исус Христос‘?
[Слика на страница 7]
Исус дал совршен пример за понизност
[Слика на страница 8]
Во секој аспект од животот на еден христијанин, вклучувајќи го и проповедањето, е потребна понизност
[Слика на страница 9]
Сатана може да направи недоличната забава да му се чини прифатлива на еден христијанин
[Слика на страница 10]
Љубовта на нашите браќа ќе нѐ зајакне кога ќе има противење