Закон на љубовта напишан во срцата
„Мојот закон ќе го ставам во нивната душа и ќе го напишам во нивното срце“ (ЕРЕМИЈА 31:33).
1, 2. а) За што ќе разговараме сега? б) Како се покажал Јехова на планината Синај?
ВО ПРЕТХОДНИТЕ две статии видовме дека, кога Мојсеј се симнал од планината Синај, од неговото лице блескала светлина што ја одразувала Јеховината слава. Исто така, разговаравме за превезот што го носел Мојсеј. Сега да разгледаме уште една работа поврзана со тоа, која има значење за христијаните денес.
2 Кога Мојсеј бил на планината, Јехова му дал некои упатства. Собрани пред планината Синај, Израелците виделе со свои очи како Бог им се покажал на еден величествен начин. „Зататни грмеж, засветкаа молњи, а густ облак се наднесе над ридот. Грмливо екна трубата, се стресе целиот народ што беше во логорот . . . Планината Синај беше завиткана во дим, зашто Господ слезе на неа во оган. Се креваше дим како дим од печка. Целата планина се тресеше силно“ (Излез 19:16-18).
3. Како Јехова му ги дал на Израел Десетте заповеди, и што сфатил тој народ?
3 Јехова му зборувал на народот преку еден ангел, давајќи му ги законите што станале познати како Десет заповеди (Излез 20:1-17). Затоа, немало никакво сомневање дека тие закони се од Семоќниот. Јехова ги напишал тие заповеди врз камени плочи — плочите што Мојсеј ги скршил кога видел како Израелците обожаваат златно теле. Јехова повторно ги напишал на камен тие заповеди. Во таа прилика, кога Мојсеј се симнал носејќи ги плочите в раце, од неговото лице блескала светлина. Тогаш сите сфатиле дека тие закони имале огромно значење (Излез 32:15-19; 34:1, 4, 29, 30).
4. Зошто Десетте заповеди биле многу важни?
4 Двете плочи на кои биле напишани Десетте заповеди биле ставени во ковчегот на сојузот во Светињата над светињите во шаторот, а подоцна и во Светињата над светињите во храмот. Законите што биле напишани на нив ги содржеле главните начела на сојузот на Мојсеевиот закон и го сочинувале темелот за теократската управа на една државна влада. Тие биле доказ дека Јехова воспоставил однос со еден посебен народ, еден избран народ.
5. На кои начини се гледала Божјата љубов од законите што му ги дал на Израел?
5 Тие закони откривале многу за Јехова, особено за тоа колку го сака својот народ. Законите биле многу скапоцен подарок за оние што ги слушале. Еден изучувач напишал: „Ниеден морален систем што воопшто го формулирал некој човек пред или потоа . . . не може ни оддалеку да се спореди, а камоли да биде еднаков со или, пак, подобар од овие десет Божји заповеди“. Во врска со Мојсеевиот закон како целина, Јехова рекол: „Ако Ми се покорувате верно и го држите Мојот Завет, вие ќе Ми бидете посебна сопственост, покрај сите народи — па Мој е целиот свет! — Вие ќе Ми бидете царство, свештеници, свет народ“ (Излез 19:5, 6).
Закон напишан во срцето
6. Кој закон има поголема вредност од законите што биле напишани на камен?
6 Да, тие Божји закони имале голема вредност. Но, дали си знаел дека помазаните христијани имаат нешто што е многу повредно од закони напишани на камен? Јехова претскажал дека ќе склучи нов сојуз, поинаков од Сојузот на Законот што го склучил со Израелците. „Мојот закон ќе го ставам во нивната душа и ќе го напишам во нивното срце“ (Еремија 31:31-34). Исус, кој бил Посредник на новиот сојуз, не им дал пишан законик на своите следбеници. Со помош на сѐ што зборувал и правел, тој го врежал Јеховиниот закон во умот и во срцето на своите ученици.
7. Кому му бил даден најнапред „законот на Христос“, и подоцна кој друг го прифатил?
7 Овој закон е наречен „законот на Христос“. Тој не им бил даден најнапред на родените Израелци, кои биле потомци на Јаков, туку на еден духовен народ, „Израелот Божји“ (Галатите 6:2, 16; Римјаните 2:28, 29). Божјиот Израел го сочинуваат христијаните што се помазани со дух. Со текот на времето, ним им се придружило „едно големо мноштво“ од сите народи што исто така сакаат да го обожаваат Јехова (Откровение 7:9, 10; Захарија 8:23). Како „едно стадо“ под „еден пастир“, овие две групи го прифаќаат „законот на Христос“ и дозволуваат тој да ги води во сѐ што прават (Јован 10:16).
8. Која била разликата помеѓу Мојсеевиот закон и законот на Христос?
8 За разлика од Израелците, кои уште од своето раѓање биле обврзани да го држат Мојсеевиот закон, христијаните се под законот на Христос затоа што така одлучиле самите, а факторите како што се расата или местото на раѓање се сосема неважни. Тие учат за Јехова и за неговите гледишта и постапки и копнеат да ја вршат неговата волја. Бидејќи го имаат Божјиот закон „во нивната душа“ или, така да се каже, напишан „во нивното срце“, помазаните христијани не го слушаат Бог само затоа што тој може да ги казни оние што се непослушни ниту, пак, го слушаат само од чувство на должност. Нивната послушност се темели на нешто подлабоко и многу посилно, а и другите овци се послушни затоа што го имаат Божјиот закон напишан во нивните срца.
Закони што се темелат на љубов
9. Како покажал Исус дека љубовта била суштината на Јеховините закони?
9 Суштината на сите Јеховини закони и прописи може да се сведе само на еден збор: љубов. Таа од секогаш била и секогаш ќе биде многу битен дел од чистото обожавање. Кога бил запрашан која е најголемата заповед во Законот, Исус одговорил: „Љуби го Јехова, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој ум“. Втората била: „Љуби го својот ближен како себеси“. Потоа рекол: „На овие две заповеди висат целиот Закон и Пророците“ (Матеј 22:35-40). Со тоа Исус покажал дека на љубовта се темелат не само Законот со Десетте заповеди туку и целите Хебрејски списи.
10. Од каде знаеме дека љубовта е во основата на законот на Христос?
10 Дали љубовта кон Бог и кон ближниот е во основата и на законот што е напишан во срцата на христијаните? Секако! Законот на Христос подразбира искрена љубов кон Бог, но вклучува и една нова заповед — христијаните треба да имаат самопожртвувана љубов еден кон друг. Тие треба да имаат љубов како Исусовата, а тој спремно го дал својот живот за своите пријатели. Ги поучил учениците да го сакаат Бог и да се сакаат еден со друг, исто како што ги сакал тој. Огромната љубов што ја покажуваат еден кон друг е главната особина по која можат да се препознаат вистинските христијани (Јован 13:34, 35; 15:12, 13). Исус ги поучил да ги сакаат дури и своите непријатели (Матеј 5:44).
11. Како покажал Исус љубов и кон Бог и кон луѓето?
11 Исус дал совршен пример во тоа како да се покажува љубов. Како моќно духовно суштество на небото, тој радосно ја прифатил приликата да работи за интересите на својот Татко на Земјата. Освен што го дал својот човечки живот за да можат другите да живеат вечно, тој им покажал на луѓето како треба да живеат. Бил понизен, љубезен и обѕирен, им помагал на оние што биле оптоварени и угнетени. Исто така, кажувал „зборови на вечен живот“, неуморно помагајќи им на другите да го запознаат Јехова (Јован 6:68).
12. Зошто може да се рече дека љубовта кон Бог и љубовта кон ближниот се неразделно поврзани?
12 Љубовта кон Бог и љубовта кон ближниот се неразделно поврзани. Апостол Јован рекол: „Љубовта е од Бог . . . Ако некој каже: ‚Го љубам Бог‘, а го мрази својот брат, тој е лажливец. Зашто кој не го љуби својот брат кого го видел, не може да го љуби Бог кого не го видел“ (1. Јованово 4:7, 20). Јехова не само што е извор на љубовта туку е и олицетворение на љубовта. Сѐ што прави тој е мотивирано од љубов. Ние покажуваме љубов затоа што сме создадени по неговиот лик (Битие 1:27). Покажувајќи љубов кон својот ближен, докажуваме дека го сакаме Бог.
Да сакаме значи да бидеме послушни
13. Ако го сакаме Бог, што мораме најнапред да правиме?
13 Како можеме да го сакаме Бог, кого не можеме да го видиме? Првиот битен чекор што треба да го направиме е да го запознаеме. Не можеме вистински да сакаме или да имаме доверба во некого што не го познаваме. Затоа, Божјата реч нѐ охрабрува да го запознаеме Бог на тој начин што ќе ја читаме Библијата, ќе се молиме и ќе се дружиме со оние што веќе го познаваат и го сакаат (Псалм 1:1, 2; Филипјаните 4:6; Евреите 10:25). Четирите евангелија ни се од особена помош во тој поглед, бидејќи од нив дознаваме каква личност е Јехова, а тоа се гледа од животот и службата на Исус Христос. Нашата желба да му бидеме послушни на Бог и да ја имитираме неговата личност станува уште посилна додека го запознаваме и стекнуваме благодарност за љубовта што ја покажал кон нас. Да, да го сакаме Бог значи да му бидеме послушни.
14. Зошто може да се рече дека Божјите заповеди не се тешки?
14 Кога ги сакаме луѓето, дознаваме што сакаат а што не сакаат, и постапуваме во склад со тоа. Не би сакале да ги повредиме оние што ни се драги. „Љубовта кон Бог значи ова“, напишал апостол Јован, „да ги држиме неговите заповеди; а неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3). Тие не се тешки и не се многу. Љубовта нѐ води во животот. Не мораме да учиме напамет куп правила што ќе ја водат секоја наша постапка; нас нѐ води љубовта кон Бог. Ако го сакаме Бог, со задоволство ќе ја извршуваме неговата волја. Така го стекнуваме неговото одобрување и тоа е добро за нас бидејќи неговото водство секогаш е за наше добро (Исаија 48:17).
15. Што ќе нѐ мотивира да бидеме како Јехова? Објасни.
15 Љубовта кон Бог нѐ мотивира да ги имитираме неговите особини. Кога сакаме некого, се восхитуваме на неговите особини и се трудиме да бидеме како него. Размисли каков бил односот помеѓу Јехова и Исус. Тие биле заедно на небото можеби милијарди години. Меѓу нив владеела длабока, чиста љубов. Исус толку совршено личел на својот небесен Татко што можел да им рече на своите ученици: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:9). Како што стекнуваме спознание и ценење за Јехова и за неговиот Син, мотивирани сме да бидеме како нив. Нашата љубов кон Јехова, како и помошта што ја добиваме од неговиот свет дух, ќе ни помогне да ја ‚соблечеме старата личност со нејзините постапки и да ја облечеме новата личност‘ (Колошаните 3:9, 10; Галатите 5:22, 23).
Љубовта на дело
16. Како ја покажуваме нашата љубов кон Бог и кон ближните со тоа што проповедаме и поучуваме?
16 Бидејќи сме христијани, љубовта кон Бог и кон ближниот нѐ мотивира да учествуваме во делото на проповедање на Царството и правење ученици. Кога го правиме тоа, го радуваме Јехова Бог, „чија волја е сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:3, 4). Така можеме да се радуваме заради тоа што им помагаме на другите да го имаат напишано во срцето законот на Христос. Исто така, се радуваме кога гледаме како ја менуваат својата личност за да ги одразуваат прекрасните особини на Јехова (2. Коринќаните 3:18). Навистина, најубавиот подарок што можеме да им го дадеме на другите е да им помогнеме да го запознаат Бог. Оние што ќе го прифатат Јеховиното пријателство, можат засекогаш да му се радуваат на тоа пријателство.
17. Зошто е мудро да негуваме љубов кон Бог и кон ближниот наместо кон материјалните работи?
17 Живееме во свет во кој на материјалните работи се гледа со големо ценење, дури и со љубов. Сепак, материјалните работи не траат вечно. Некој може да ги украде или, пак, можат да се расипат (Матеј 6:19). Библијата нѐ опоменува: „Светот поминува, а и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јованово 2:16, 17). Да, Јехова ќе остане засекогаш, а ќе останат и оние што го сакаат и што му служат. Според тоа, зар не е поразумно да негуваме љубов кон Бог и кон луѓето отколку да трчаме по работите во светот, кои, во најдобар случај, се само привремени?
18. Како една мисионерка покажала самопожртвувана љубов?
18 Оние што покажуваат љубов му носат фалба на Јехова. Размисли за Соња, една мисионерка во Сенегал. Таа ја проучувала Библијата со една жена по име Хајди, чиј сопруг, кој не бил соверник, ја заразил со ХИВ. Откако умрел тој, Хајди се крстила, но наскоро здравјето ѝ се влошило и останала да лежи в болница поради СИДА. Соња раскажува: „Вработените во болницата дадоа сѐ од себе, но ги имаше малку. Беа замолени доброволци од собранието да се грижат за нејзините потреби во болницата. Втората ноќ јас останав на една рогозина до нејзиниот кревет и се грижев за неа сѐ до нејзината смрт. Дежурниот доктор рече: ‚Најголем проблем ни е тоа што дури и роднините честопати ги напуштаат членовите на семејството кога ќе дознаат дека имаат СИДА. А зошто ти, што не си ѝ ниту роднина ниту сонародничка на оваа жена, не си дури ни од истата раса, си го ризикуваш животот?‘ Му објаснив дека мене Хајди ми е како вистинска сестра, блиска како да сме од иста мајка и татко. Кога ја запознав оваа моја нова сестра, ми беше задоволство да се грижам за неа“. Да спомнеме дека Соња немала никакви последици од тоа што со љубов се грижела за Хајди.
19. Бидејќи Божјиот закон е запишан во нашите срца, што треба секогаш да користиме?
19 Меѓу Јеховините слуги можат да се најдат многу примери на самопожртвувана љубов. Денес Божјиот народ не се препознава по некаков пишан законик. Наместо тоа, го гледаме исполнувањето на она што е напишано во Евреите 8:10: „,Ова е сојузот што ќе го склучам со домот Израелов по тие дни‘, вели Јехова. ‚Ќе ги ставам моите закони во нивниот ум, и во нивните срца ќе ги впишам. И ќе станам нивни Бог, а тие самите ќе станат мој народ‘“. Секогаш да го цениме законот на љубовта што Јехова го напишал во нашите срца, користејќи ја секоја прилика да покажуваме љубов.
20. Зошто законот на Христос е скапоцен посед?
20 Многу сме радосни што му служиме на Бог заедно со едно светско братство што покажува толку голема љубов! Оние што го имаат законот на Христос во своите срца, поседуваат нешто скапоцено во овој свет во кој нема љубов. Не само што Јехова многу ги сака туку и се радуваат на една цврста врска на љубов во братството. „Ете, колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно“. Иако Јеховините сведоци живеат во многу држави, зборуваат различни јазици и припаѓаат на различни култури, тие уживаат религиозно единство што не може да се види на друго место. Јехова ги благословува заради ваквото единство. Псалмистот напишал: „Таму [среде народот што го обединува љубовта] Господ го дава Својот благослов: живот довека“ (Псалм 133:1-3).
Можеш ли да одговориш?
• Колку биле важни Десетте заповеди?
• Кој е законот што е напишан во срцата?
• Каква улога игра љубовта во „законот на Христос“?
• Како можеме да ја покажеме нашата љубов кон Бог и кон ближниот?
[Слика на страница 25]
Израелците имале закони напишани на камени плочи
[Слики на страница 26]
Христијаните го имаат Божјиот закон напишан во нивните срца
[Слика на страница 28]
Соња и една девојка од Сенегал на обласниот конгрес во 2004