Кога некој од најблиските ќе го напушти Јехова
МАРК и Луиз се Јеховини сведоци.a Со многу љубов и грижа ги учеле своите деца за Светото писмо, како што ги советува Библијата христијанските родители (Изреки 22:6; 2. Тимотеј 3:15). За жал, кога децата пораснале, не продолжиле сите да му служат на Јехова. „Срцето ми се кине за децата што застранија од правиот пат“, вели Луиз. „Како можам да се преправам дека не чувствувам ужасна болка секој ден? Кога другите зборуваат за своите синови, грлото ми се стега и морам да ги голтам солзите.“
Да, кога некој ќе одлучи да го напушти Јехова и начинот на живот што е изнесен во Библијата, вообичаено е верните членови на фамилијата да чувствуваат длабока болка. „Многу ја сакам сестра ми“, вели Ајрин. „Сѐ би направила за да му се врати на Јехова!“ Марија, чиј брат му го свртел грбот на Јехова и почнал да живее неморално, вели: „Тешко ми беше да го поднесам тоа, бидејќи во секој друг поглед тој ми беше добар брат. Особено ми недостасува на големите семејни собири“.
Зошто е толку тешко?
Зошто духовната загуба на нивното дете или на некој друг од најблиските им причинува толку длабока болка на христијанските роднини? Затоа што знаат дека, на оние што ќе му останат верни на Јехова, во Светото писмо им е дадено ветување дека ќе добијат вечен живот на рајска Земја (Псалм 37:29; 2. Петрово 3:13; Откровение 21:3-5). Со радост чекаат да ги споделат тие благослови со своите сопружници, деца, родители, браќа, сестри и внуци. Сигурно им е многу болна помислата дека нивните најблиски што престанале да му служат на Јехова можеби нема да бидат таму! Дури и во врска со нивниот сегашен живот, христијаните сфаќаат дека Јеховините закони и начела се за нивно добро. Затоа, на христијаните им е многу тешко кога ќе видат дека она што го сеат нивните најблиски, ќе им донесе горчлива жетва (Исаија 48:17, 18; Галатите 6:7, 8).
На некои што никогаш не претрпеле таква загуба можеби им е тешко да сфатат колку е болно тоа. Засегнат е речиси секој аспект од животот. „Станува сѐ поретко на христијанските состаноци да видиш родители што се смеат и си зборуваат со своите деца“, вели Луиз. „На секој радосен настан чувствуваш и празнина заради оние што ги нема.“ Еден христијански старешина се сеќава на четирите години во кои тој и неговата жена не контактирале со нејзината ќерка. Тој вели: „Честопати, дури и убавите моменти ни беа болни. Ако ѝ подарев нешто на жена ми или ако ја однесев на некое убаво место на викенд, таа ќе се расплачеше бидејќи ќе се сетеше дека ќерка ѝ не е заедно со нас“.
Дали тие христијани претеруваат? Не мора да значи. Всушност, можеби донекаде ги покажуваат особините на Јехова, по чија слика бил создаден човекот (1. Мојсеева 1:26, 27). Што значи тоа? Па, како се чувствувал Јехова кога неговиот народ, Израел, се побунил против него? Од Псалми 78:38-41 дознаваме дека Јехова бил повреден и чувствувал болка. Сепак, стрпливо ги опоменал и ги поучил, простувајќи им секогаш одново кога ќе се покаеле. Очигледно, Јехова чувствува приврзаност кон своите созданија, ‚делото на неговите раце‘, и не се откажува лесно од нив (Јов 14:15; Јона 4:10, 11). Во луѓето всадил способност да чувствуваат слична нежна приврзаност, а врската помеѓу членовите на семејството може да биде особено силна. Затоа, не сме изненадени што луѓето тагуваат поради духовната загуба на некој мил роднина.
Всушност, духовната загуба на некој сакан е една од најболните работи за оние што го обожаваат вистинскиот Бог (Дела 14:22). Исус рекол дека прифаќањето на неговата порака ќе предизвика поделба во некои фамилии (Матеј 10:34-38). Ова не е затоа што содржината на библиската порака е таква што води до поделба во семејството. Наместо тоа, членовите на семејството што не се верници или станале неверни предизвикуваат јаз кога го отфрлаат, го напуштаат, или дури и му се противат на христијанството. Меѓутоа, можеме да бидеме благодарни што Јехова не ги остава своите верни слуги без да им помогне да се справат со неволјите што ќе ги снајдат. Ако во моментов тагуваш поради духовната загуба на некој од најмилите, кои библиски начела можат да ти помогнат да ја поднесеш болката и да бидеш радосен и исполнет?
Како да се справиш со загубата
„Изградувајќи се... стојте во Божјата љубов“ (Јуда 20, 21). Можеби твоите моментални околности не ти дозволуваат да сториш нешто за да му помогнеш на некој член на семејството што престанал да му служи на Јехова. Сепак, ти можеш и треба да се изградуваш и себеси и останатите верни членови на семејството. Вероника, која има три сина, но два од нив ја напуштиле вистината, вели: „Мојот сопруг и јас бевме потсетени дека, ако останеме духовно цврсти, ќе можеме најдобро да ги дочекаме назад нашите синови кога ќе се опаметат. Каде ќе беше расипничкиот син ако татко му не беше во состојба да го прими назад?“
За да останеш јак, биди зафатен со духовни активности. Тоа би значело да се држиш за распоред за темелно проучување на Библијата и присуство на христијанските состаноци. Стави се на располагање да им помагаш на другите во собранието онолку колку што ти дозволуваат околностите. Точно, можеби во почетокот ќе ти биде тешко да го правиш тоа. Вероника се сеќава: „Отпрвин ми доаѓаше желба да се изолирам, како да сум некое рането животно. Но, мојот сопруг упорно се трудеше да продолжиме со редовните духовни активности. Тој водеше сметка да одиме на сите состаноци. Кога дојде време да одиме на конгрес, ми требаше многу храброст за да појдам и да бидам меѓу луѓе. Сепак, програмата нѐ зближи со Јехова. Од тој конгрес особено многу се охрабри нашиот син што остана верен.“
На Марија, што ја спомнавме претходно, особено ѝ помага тоа што секогаш е зафатена во службата на проповедање и моментално им помага на четири лица да научат нешто повеќе за Библијата. Слично, и Лора вели: „Иако сѐ уште плачам секој ден, му се заблагодарувам на Јехова што, дури и ако не сум успеала да ги воспитам децата како што успеале некои родители, ја имам совршената порака од Библијата, која може да им помогне на сите фамилии во овие последни денови“. Кен и Елеанор, чии возрасни деца го напуштиле собранието, се преселиле во подрачје каде што има поголема потреба од објавители на Царството и започнале со полновремена служба. Тоа им помогнало да задржат исправно гледиште за работите и да не бидат скршени од болка.
Не губи надеж. Љубовта „на сѐ се надева“ (1. Коринќаните 13:7). Кен, спомнат претходно, вели: „Кога нашите деца ја напуштија вистината, имав чувство како да умреа. Но, откако умре сестра ми, гледав поинаку на работите. Благодарен сум што моите деца не се навистина мртви и што Јехова и понатаму им ја остава вратата отворена да му се вратат“. Навистина, искуството покажало дека многу од оние што ја напуштиле вистината, на крајот сепак се враќаат (Лука 15:11-24).
Немој да се обвинуваш себеси. Особено родителите се склони да се враќаат на минатото и да жалат што не постапиле поинаку во извесни ситуации. Меѓутоа, главната мисла што е изразена во Езекиел 18:20 е дека Јехова го смета за одговорен за својата одлука грешникот, а не неговите родители. Интересно е тоа што книгата Изреки кажува многу за обврската на родителите да ги воспитуваат своите деца да одат по правиот пат, но содржи преку четири пати повеќе совети за младите да ги слушаат своите родители. Да, децата имаат одговорност да го прифатат библиското воспитување што го добиваат од своите несовршени родители. Веројатно ти си постапувал најдобро што си можел во тоа време. Сепак, дури и ако мислиш дека си направил некои грешки и дека навистина ти си бил виновен, не мора да значи дека твоите грешки биле причина што твоите најмили ја напуштиле вистината. Како и да е, нема да добиеш ништо ако постојано размислуваш за тоа како ќе беше ако постапеше поинаку. Учи од грешките, биди решен да не ги повторуваш, и моли го Јехова да ти прости (Псалм 103:8-14; Исаија 55:7). Потоа мисли на иднината, а не на минатото.
Биди стрплив со другите. Можеби некои нема да знаат како да те охрабрат или да те утешат, особено ако никогаш не доживеале нешто слично. Освен тоа, луѓето се разликуваат во поглед на тоа што мислат дека е охрабрувачки или утешно. Затоа, ако некои речат нешто што те вознемирува, примени го советот што го дал апостол Павле во Колошаните 3:13: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого“.
Прифати го укорот за кој се погрижил Јехова. Ако твојот роднина добил укор од собранието, не заборавај дека за тој укор се погрижил Јехова и дека е даден за доброто на сите, вклучувајќи го и престапникот (Евреите 12:11). Затоа, спротивстави се на секаква склоност да им наоѓаш маани на старешините што биле вклучени или на одлуките што ги донеле. Не заборавај, најдобри резултати се постигнуваат кога сѐ се прави онака како што кажува Јехова, а кога одиме против тоа, само си ја зголемуваме болката.
Откако Израелците биле избавени од Египет, Мојсеј постојано служел како судија (2. Мојсеева 18:13-16). Бидејќи пресудата во корист на еден поединец веројатно би значела пресуда против друг, не е тешко да се замисли дека некои биле разочарани од одлуките на Мојсеј. Можеби тоа што некои им наоѓале маани на пресудите на Мојсеј придонело за одредени случаи на побуна против неговото водство. Меѓутоа, Јехова го користел Мојсеј за да го води Неговиот народ, и не го казнил Мојсеј туку бунтовниците и нивните фамилии што биле на нивна страна (4. Мојсеева 16:31-35). Поуката од ова е да ги почитуваме и да соработуваме со одлуките што ги донесуваат оние што денес се поставени на одговорни положби во собранието.
Во овој поглед, Долорес се сеќава колку ѝ било тешко да задржи урамнотежено гледиште кога ќерка ѝ била укорена во собранието. Таа вели: „Многу ми помогна тоа што постојано си ги препрочитував статиите во кои се кажуваше колку е разумно сѐ што прави Јехова. Си имам посебна тетратка со мисли од говори и статии што ќе ми помогнат да издржам и да продолжам понатаму“. Ова води до уште една важна работа што ќе ни помогне да се справиме со таа ситуација.
Изрази ги своите чувства. Можеби ќе увидиш дека ќе ти помогне тоа што ќе им се довериш на еден или двајца сочувствителни пријатели во кои имаш доверба. Избери пријатели што ќе ти помогнат да останеш позитивен. Сигурно ќе биде најдобро во молитва ‚да му го излееш своето срце‘ на Јеховаb (Псалм 62:7, 8). Зошто? Затоа што тој сосема ја разбира длабочината на твоите чувства. На пример, можеби сметаш дека не е фер што треба да доживуваш толку голема емоционална болка. На крајот на краиштата, не си бил ти тој што го оставил Јехова. Искажи му ги своите чувства на Јехова, и побарај од него да ти помогне да гледаш на ситуацијата од помалку болната страна (Псалм 37:5).
Како што минува времето, веројатно полесно ќе можеш да се справиш со своите чувства. Во меѓувреме, не откажувај се од твоите напори да му угодиш на својот небесен Татко, и никогаш не мисли дека се трудиш напразно (Галатите 6:9). Не заборавај, и да го напуштиме Јехова, сѐ уште ќе имаме проблеми. Од друга страна, пак, ако му останеме верни, тој ќе ни помага во неволјите што ги имаме. Затоа, биди уверен дека Јехова сфаќа колку е сериозна твојата ситуација, и ќе продолжи да ти ја дава потребната помош во право време (2. Коринќаните 4:7; Филипјаните 4:13; Евреите 4:16).
[Фусноти]
a Некои имиња се променети.
b Во врска со молитвите за некој исклучен роднина, прочитај Стражарска кула од 1 декември 2001 година, страници 30 и 31.
[Рамка на страница 19]
Како да се справиш со загубата
◆ „Изградувајќи се... стојте во Божјата љубов“ (Јуда 20, 21).
◆ Не престанувај да се надеваш (1. Коринќаните 13:7).
◆ Не обвинувај се (Езекиел 18:20).
◆ Биди стрплив со другите (Колошаните 3:13).
◆ Прифати го укорот за кој се погрижил Јехова (Евреите 12:11).
◆ Искажи ги своите чувства (Псалм 62:7, 8).
[Рамка/слика на страница 21]
Дали ти си го напуштил Јехова?
Ако си го направил тоа од која и да е причина, загрозени се твојот однос со Јехова и твојата вечна иднина. Можеби имаш намера да му се вратиш на Јехова. Дали даваш сѐ од себе за да го сториш тоа сега? Или одложуваш сѐ додека не дојде „вистинското време“? Не заборавај, бурните облаци на Армагедон брзо надоаѓаат. Освен тоа, животот во овој свет е краток и несигурен. Не знаеш дури ни дали ќе бидеш жив до утре (Псалм 102:3; Јаков 4:13, 14). Еден човек што се разболел од една неизлечлива болест, рекол: „Ја добив оваа болест додека му служев на Јехова полновремено, без да правам некој таен грев. Колку убаво чувство е тоа во овој момент!“ Но, замисли си како би се чувствувал ако, кога се разболел, тој морал да рече: „Еден ден ќе му се вратам на Јехова!“ Ако си го напуштил Јехова, сега е најдобро време да му се вратиш.
[Слики на страница 18]
Ако си зафатен со духовни активности, ќе ти биде полесно да задржиш исправно гледиште