Поглавје 10
Мрази ги ,длабочините на Сатана‘
ТИЈАТИРА
1. Каде била сместена Тијатира во однос на другите собранија, и каква била религиозната состојба во неа?
НА ОКОЛУ 65 километри југоисточно од Бергама (Пергам) се наоѓа напредниот турски град Акхисар. Пред речиси 1.900 години, на местото на овој град се наоѓала Тијатира. По патот што водел од Пергам, еден патувачки надгледник можел лесно да стигне до Тијатира, а потоа да продолжи да ги посетува останатите собранија што се спомнати во третото поглавје од книгата Откровение — Сард, Филаделфија и Лаодикија. Се чини дека, за разлика од Пергам, во Тијатира не било многу застапено обожавањето на императорот, но, сепак, имало светилишта и храмови посветени на пагански богови. Тијатира била попозната како центар на трговијата.
2, 3. а) Што било запишано одамна во врска со една жена од Тијатира која станала христијанка? б) Од какво значење е за христијаните во Тијатира тоа што Исус е „Синот Божји“, како и тоа што има „очи како огнен пламен“?
2 Кога Павле проповедал во Македонија, се запознал со Лидија од Тијатира, која била продавачка на пурпур. Лидија и сите нејзини домашни со радост ја прифатиле пораката што ја проповедал Павле, а таа покажала и извонредна гостољубивост (Дела 16:14, 15). Лидија е првата личност од Тијатира за која постои пишан запис дека станала христијанка. Со текот на времето, во градот било основано и христијанско собрание. Исус му ја упатува својата најдолга порака токму на ова собрание. Пораката почнува со следниве зборови: „На ангелот на собранието во Тијатира напиши му: Ова го вели Синот Божји, оној кому очите му се како огнен пламен, а нозете како чист бакар“ (Откровение 2:18).
3 Исус на повеќе места во Откровението зборува за Јехова како за ‚свој Татко‘, но ова е единственото место каде што за себе го користи изразот „Синот Божји“ (Откровение 2:27; 3:5, 21). Тој израз најверојатно ги потсетува христијаните во Тијатира на блискоста што постои меѓу Исус и Јехова. Овој Син ‚има очи како огнен пламен‘ — предупредување за христијаните во Тијатира дека неговиот суд ќе пламне како оган против сето она што го валка собранието. Спомнувајќи по вторпат дека нозете му се како сјаен, чист бакар, Исус укажува на извонредниот пример на верност што го дал кога одел како човек на Земјата. Без сомнение, христијаните во Тијатира го послушале неговиот совет, а мораме да го послушаме и ние денес! (1. Петрово 2:21).
4, 5. а) Зошто Исус можел да ги пофали христијаните во Тијатира? б) Во кој поглед собранието во Тијатира е слично на собранијата на Јеховините сведоци денес?
4 За среќа, Исус има за што да го пофали собранието во Тијатира. Тој вели: „Ги знам твоите дела, и твојата љубов, верата, службата и истрајноста, и дека твоите последни дела се побројни од претходните“ (Откровение 2:19). За разлика од Ефешаните, кај помазаните христијани во Тијатира не згаснала првата љубов кон Јехова. Тие имаат јака вера. Освен тоа, нивните последни дела се побројни од претходните и, исто како и првите три собранија, христијаните во Тијатира се истрајни. Истото ова може да се каже и за речиси 100-те илјади собранија на Јеховините сведоци во светот денес! Нивната љубов кон Јехова пламти, а ревноста за службата гори и кај младите и кај старите во целата организација. Сѐ поголем број Сведоци служат како пионери, и на тој начин мудро го користат преостанатото време за да ја објавуваат величествената надеж за Божјето Царство кое доаѓа! (Матеј 24:14; Марко 13:10).
5 Со децении, многу верни лица, и од помазаниот остаток и од големото мноштво, се вистински пример за истрајност во Божјата служба, иако светот околу нас сѐ повеќе тоне во безнадежност и очај. Да бидеме храбри и да не попуштаме! Откровението го потврдува сведоштвото што го дале поранешните Божји пророци. „Близу е големиот ден на Јехова. Близу е и доаѓа многу брзо“ (Софонија 1:14; Јоил 2:1; Авакум 2:3; Откровение 7:9; 22:12, 13).
„Таа жена Језавела“
6. а) Иако собранието во Тијатира било за пофалба, на кој проблем што го уочил Исус требало веднаш да му се посвети внимание? б) Која била Језавела, и дали можела со право да тврди дека е пророчица?
6 Исус продолжува продорно да испитува со своите огнени очи, и уочува еден проблем кај христијаните во Тијатира на кој треба веднаш да му се посвети внимание. „Сепак“, им вели тој, „ова го имам против тебе: ја трпиш таа жена Језавела, која себеси се нарекува пророчица, ги поучува и ги заведува моите робови за да вршат блуд и да го јадат она што е жртвувано на идоли“ (Откровение 2:20). Во десеттиот век пр.н.е., царицата Језавела, која била жена на израелскиот цар Ахав и обожавателка на Ваал, станала озлогласена по своето крвожедно, прељубничко и тиранско однесување. Јуј, кого Јехова го помазал за цар, наредил да ја убијат (1. Царевите 16:31; 18:4; 21:1-16; 2. Царевите 9:1-7, 22, 30, 33). Бидејќи обожавала идоли, Језавела немала право да тврди дека е пророчица. Таа не била како Маријам и Девора, кои служеле како верни пророчици во Израел (2. Мојсеева 15:20, 21; Судиите 4:4; 5:1-31). Освен тоа, Јеховиниот дух не ја поттикнал да пророкува како што ги поттикнал остарената Ана и четирите ќерки на евангелизаторот Филип (Лука 2:36-38; Дела 21:9).
7. а) На кое влијание очигледно се осврнал Исус кога ја спомнал „таа жена Језавела“? б) Како можеби некои жени го оправдуваат своето своеглаво постапување?
7 Значи, јасно е дека „таа жена Језавела“, која тврди дека е пророчица во Тијатира, всушност, е измамник. Бог не ѝ помага со својот дух. Која е таа? Најверојатно се работи за жена или група жени кои бесрамно го изложуваат собранието на расипано влијание. Можеби некои од тие жени ги наведуваат членовите на собранието на неморал, додека дрско го оправдуваат своето своеглаво постапување извртувајќи ги стиховите од Светото писмо. Навистина лажно пророкување! Тие сакаат да ги натераат и другите да постапуваат исто како нив со тоа што ги поттикнуваат на ‚блуд, нечистотија, сексуална страст, лоша желба и лакомост, која е идолопоклонство‘ (Колошаните 3:5). Сакаат да ги натераат членовите на собранието да се препуштат на неморален, саможив начин на живот — сличен на оној што сега го толерираат, односно пред кој замижуваат повеќето религии во христијанскиот свет.
8. а) Што објавил Исус во врска со „Језавела“ во Тијатира? б) Какво лошо влијание имале некои жени во нашево време?
8 Понатаму, Исус им вели на старешините во Тијатира: „Ѝ дадов време да се покае, но таа не сака да се покае за својот блуд. Еве, ќе ја фрлам болна в постела, а оние што со неа прават прељуба ќе ги фрлам во голема неволја, ако не се покаат за своите дела кои се исти како и нејзините“ (Откровение 2:21, 22). Исто како што, очигледно, Језавела господарела со Ахав и му се спротивставила на Божјиот извршител на пресудите, Јуј, така и овие жени настојуваат да влијаат врз своите мажи и врз старешините. Изгледа дека старешините во Тијатира го толерираат ова нескромно влијание на тие жени што се слични на Језавела. Исус овде строго ги предупредува нив, но и меѓународното собрание на Јеховини слуги денес. Во нашево време, некои вакви тврдоглави жени ги навеле своите мажи да станат отпадници, па дури покренале и судски постапки против верните Јеховини слуги. (Спореди Јуда 5-8.)
9. а) Зошто Исусовите зборови за Језавела не ги прикажуваат во лошо светло сите жени во собранието? б) Само кога се чувствува влијанието на Језавела?
9 Ова во никој случај не ги прикажува во лошо светло верните жени во христијанското собрание. Денес голем дел од делото на сведочење го извршуваат верни сестри. Тие ја проучуваат Библијата со заинтересираните и доведуваат многу нови лица во собранијата. Бог го благословува ова, како што може да се види и од Псалм 68:11: „Јехова испраќа збор — жените што ја објавуваат добрата вест се голема војска“. Освен тоа, жените што се однесуваат со почит и со благ дух, кој е „драгоцен во Божји очи“, можат да влијаат многу позитивно врз своите мажи (1. Петрово 3:1-4). Царот Лемуил ја фалел способната и вредна жена (Изреки 31:10-31). Влијанието на Језавела се чувствува само тогаш кога жените ги пречекоруваат границите и ги заведуваат мажите или, пак, го оспоруваат или го занемаруваат начелото за поглаварство (Ефешаните 5:22, 23; 1. Коринќаните 11:3).
10. а) Зошто Језавела и нејзините деца биле осудени? б) Во каква опасна ситуација се оние што ѝ стануваат деца на Језавела, и што треба да сторат?
10 Зборувајќи за „таа жена Језавела“, Исус продолжува: „И со помор ќе ги погубам нејзините деца, па сите собранија ќе знаат дека јас сум оној што ги испитува бубрезите и срцата, и ќе му дадам секому од вас според неговите дела“ (Откровение 2:23). Исус им дава време на Језавела и на нејзините деца да се покаат, но тие и понатаму се однесуваат неморално, и затоа мора да ги осуди. Ова е силна порака и за христијаните денес. И мажите и жените, кои постапуваат како Језавела и стануваат нејзини деца со тоа што ги кршат библиските начела за поглаварство и за морал или, пак, се тврдоглави и не го уважуваат теократскиот ред, се во многу опасна и болна духовна состојба. Се разбира, ако некој таков ги повика старешините од собранието да се молат за него, „молитвата упатена со вера ќе го оздрави болниот, и Јехова ќе го подигне“ — под услов понизно да постапува во согласност со тие молитви. Но, никој да не си мисли дека може да ги измами Бог или Христос така што ќе крие дека извршил неморал или ќе се прави многу ревносен во службата (Јаков 5:14, 15).
11. Што им помага на собранијата денес да внимаваат да не се рашири лошо влијание од страна на некои жени?
11 За среќа, повеќето собранија на Јеховините сведоци денес се свесни за оваа опасност. Старешините веднаш забележуваат кога некој, сеедно дали е маж или жена, ќе почне да покажува небиблиски став или да постапува погрешно. Бидејќи со тоа се наоѓа на опасен пат, тие се трудат да му помогнат духовно да зајакне и да се поправи пред да биде предоцна (Галатите 5:16; 6:1). Со љубов и цврсто, овие христијански надгледници не им дозволуваат на жените да се групираат и да шират идеи слични на идеите за рамноправност на жените. Освен тоа, одвреме-навреме се даваат навремени совети и во публикациите на Јеховините сведоци.a
12. Во кој поглед класата на Јован денес покажува ревност слична на ревноста на Јуј?
12 Меѓутоа, ако некој направи тежок неморал, и особено ако тоа му премине во навика и не се кае, мора да биде исклучен. Се сеќаваме на ревноста со која Јуј ги отстранил од Израел сите траги од влијанието на Језавела. На сличен начин и денес, помазаниците од класата на Јован преземаат строги мерки, и на тој начин им даваат пример на своите придружници, „Јонадавовците“, покажувајќи дека се сосема различни од попустливите свештеници на христијанскиот свет (2. Царевите 9:22, 30-37; 10:12-17).
13. Што ќе се случи со оние што подлегнале на неисправното влијание на жените слични на Језавела?
13 Како Јеховин Гласник и Судија, Божјиот Син со право ја разоткрива денешната Језавела и ја фрла болна в постела, бидејќи таа навистина боледува од хронична духовна болест (Малахија 3:1, 5). Оние што потпаднале под лошото влијание на жените слични на Језавела ги чека голема неволја — тие ќе чувствуваат болка затоа што ќе бидат исклучени, отсечени од христијанското собрание како да се мртви. Доколку не се покаат, не се преобратат и не се вратат повторно во собранието, ќе се соочат и со дословна смрт од „помор“ — најдоцна во големата неволја. Во меѓувреме, можно е да се поправат и да бидат примени ако искрено се покаат за своите гревови (Матеј 24:21, 22; 2. Коринќаните 7:10).
14. а) На кој начин Исус ги користи старешините во некои ситуации, на пример, кога се решаваат проблеми што се предизвикани од жени слични на Језавела? б) Каква поддршка треба да им даде собранието на старешините кои ги решаваат таквите проблеми?
14 „Сите собранија“ мора да сфатат дека Исус ги испитува „бубрезите“, односно најдлабоките чувства, а и „срцето“, она што навистина сме однатре, вклучувајќи ги и нашите најскриени мотиви. За таа цел, тој ги користи доверливите „ѕвезди“, односно старешините, да решат некои проблеми како, на пример, оние што се предизвикани од влијанието на жени слични на Језавела (Откровение 1:20). Откако овие старешини потполно ќе испитаат некоја ваква работа и ќе донесат одлука, останатите не треба да се распрашуваат кои биле причините за преземената постапка. Сите треба понизно да го прифатат она што го одлучиле старешините, и треба да продолжат да им даваат поддршка на овие „ѕвезди“ во собранието. Лојалноста кон Јехова и кон неговата организација ќе биде наградена (Псалм 37:27-29; Евреите 13:7, 17). Дај сѐ од себе за Исус да те награди со благослов кога ќе му даде секому според неговите дела (Галатите 5:19-24; 6:7-9).
„Цврсто држете се за она што го имате“
15. а) Што имал да им каже Исус на оние кои не биле расипани од учењето на Језавела? б) Што покажува дека некои од оние кои се изјаснувале како христијани во 1918 година не биле извалкани од отпадничкиот христијански свет?
15 Утешни се зборовите што Исус ги кажува потоа: „А вам останатите кои сте во Тијатира, на сите кои не се држат за тоа учење, на оние што не ги запознале таканаречените ‚длабочини на Сатана‘, им велам: Не ви ставам никакво друго бреме, но, додека не дојдам, цврсто држете се за она што го имате“ (Откровение 2:24, 25). Во Тијатира има верни лица кои не подлегнале на влијанието на Језавела. Слично на нив, 40 години пред 1918, а и потоа, меѓу оние што се изјаснуваа како христијани имаше лица што не го толерираа неморалното и расипано однесување, кое е толку вообичаено во христијанскиот свет. Малата група Истражувачи на Библијата, сега познати како Јеховини сведоци, се обидоа да им помогнат на членовите на црквите да го увидат нехристијанското потекло на многу црковни учења. Тие презедоа чекори да ги отфрлат сите вавилонски верувања и обичаи што навлегле во отпадничкиот христијански свет. Во нив спаѓаше и попустливото учење на „таа жена Језавела“.
16. Иако ни Исус ни христијанското водечко тело во првиот век не ставиле никакво додатно бреме врз верниците, од кои работи треба да се чуваме?
16 Класата на Јован денес ги поттикнува и своите придружници, големото мноштво, да се чуваат од неморалните влијанија, особено од оние што ги шири изопачениот свет на забавата. Нема потреба да гледаш расипани работи од чиста љубопитност, ниту самиот да ги правиш за да дознаеш што треба да избегнуваш. Мудро е да се држиш колку што е можно понастрана од ‚длабочините на Сатана‘. Исус вели: „Не ви ставам никакво друго бреме“. Ова нѐ потсетува на одлуката што ја донело христијанското водечко тело во првиот век: „Светиот дух и ние решивме да не ставаме никакво додатно бреме на вас, освен ова што е неопходно: да се воздржувате од она што е жртвувано на идоли, од крв, од удавено и од блуд. Ако се чувате од тоа, ќе ви биде добро“ (Дела 15:28, 29). Ако сакаш духовно да напредуваш, чувај се од лажната религија, од погрешната употреба на крвта (како што е трансфузијата) и од неморалот! Така ќе го зачуваш и своето физичко здравје.
17. а) Со кои „длабочини“ ги привлекува Сатана луѓето денес? б) Каков став треба да имаме кон ‚длабочините‘ на Сатановиот високоумен свет?
17 Сатана има и други „длабочини“ денес, како што се комплицираните мудрувања и филозофии, кои му ласкаат на умот. Освен попустливите, неморални идеи, во нив спаѓаат и спиритизмот и теоријата на еволуција. Како гледа семудриот Творец на овие „длабочини“? Апостол Павле цитира што вели Бог во врска со ова: „Ќе ја уништам мудроста на мудреците“. За разлика од ваквата мудрост, „Божјите длабочини“ се едноставни, јасни и охрабрувачки. Мудрите христијани се држат настрана од ‚длабочините‘ на Сатановиот високоумен свет. Запомни, „светот поминува и неговата желба, но оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“ (1. Коринќаните 1:19; 2:10; 1. Јованово 2:17).
18. Кој благослов им го ветил Исус на помазаните христијани што ќе останат верни до крајот, и која чест ќе ја имаат во Армагедон овие воскреснати помазаници?
18 Со следниве зборови, Исус ги охрабрува христијаните во Тијатира, но и помазаните христијани денес: „А на оној што ќе победи и ќе се држи за моите дела сѐ до крајот, нему ќе му дадам власт над народите, како што и јас примив власт од својот Татко, па ќе управува со нив со железна палка и ќе ги разбие како глинени садови“ (Откровение 2:26, 27). Навистина извонредна чест! Со оваа власт, која ја добиваат при своето воскресение, на помазаните победници им е дадено правото да замавнат со ‚железната палка‘ заедно со Исус и да ги здробат бунтовните народи во Армагедон. Тогаш кога Христос ќе ги сотре своите непријатели како да се обични глинени садови, нуклеарниот арсенал на тие народи, во најдобар случај, ќе потпукнува како обична влажна петарда (Псалм 2:8, 9; Откровение 16:14, 16; 19:11-13, 15).
19. а) Кој е „утринската ѕвезда“, и како ќе им биде дадена на оние што победуваат? б) Какво охрабрување добива големото мноштво?
19 Исус додава: „И нему ќе му ја дадам утринската ѕвезда“ (Откровение 2:28). Подоцна самиот тој објаснува што е оваа „ѕвезда“, кога вели: „Јас сум коренот и потомокот Давидов, и сјајната утринска ѕвезда“ (Откровение 22:16). Да, токму на Исус се исполнува пророштвото, кое против своја волја го кажал Валаам, принуден од Јехова: „Ѕвезда ќе излезе од Јаков, жезол ќе се подигне од Израел“ (4. Мојсеева 24:17). Како Исус ќе им ја даде „утринската ѕвезда“ на оние што ќе победат? Очигледно, така што ќе им се даде самиот себеси, склучувајќи со нив најблиско, најдлабоко пријателство (Јован 14:2, 3). Ова е навистина силен поттик да се истрае! Освен тоа, ова е охрабрување и за големото мноштво бидејќи „утринската ѕвезда“ наскоро ќе ја употреби својата царска власт за да го обнови Рајот на Земјата!
Остани верен
20. Кои работи во христијанскиот свет нѐ потсетуваат на некои од слабостите на собранието во Тијатира?
20 Оваа порака сигурно многу ги охрабрила христијаните во Тијатира. Замисли си — прославениот Божји Син лично зборувал од небото со христијаните во Тијатира за нивните проблеми! Нема сомнение, барем некои од собранието реагирале поволно на овие совети кои Исус со љубов им ги дал. Оваа порака, која е најдолга од сите седум, ни помага и нам да го препознаеме вистинското христијанско собрание денес. Во 1918 година, кога Исус дошол да суди во Јеховиниот храм, огромен број организации што тврделе дека се христијански биле загадени со идолопоклонство и духовен неморал (Јаков 4:4). Некои ги темелеле своите верувања на учењата на некои енергични жени од 19-тиот век, како што биле Елена Вајт од Адвентистичката црква на Седмиот ден и Мери Бејкер Еди од црквата Христијанска наука. Во последно време, многу жени веќе се најдоа и на проповедалниците. (Спореди 1. Тимотеј 2:11, 12.) Во различните облици на католицизмот, на Марија ѝ се оддава поголема чест отколку на Бог и на Христос. Исус не ѝ укажувал чест на таков начин (Јован 2:4; 19:26). Дали организациите што потпаѓаат под неисправното влијание на такви жени можат навистина да се сметаат за христијански?
21. Каква поука содржи за сите нас Исусовата порака до Тијатира?
21 Добро е сите ние како христијани, без оглед дали сме од класата на Јован или од другите овци, да ѝ обрнеме внимание на оваа порака (Јован 10:16). На некои можеби им е полесно да одат по линија на помал отпор, како што било случај со следбениците на Језавела од собранието во Тијатира. Освен тоа, можеби се искушани да направат и компромис. Денес мораме да донесеме одлука дали да јадеме производи што содржат крв и дали да прифатиме трансфузија на крв. Некои можеби си мислат дека тоа што се ревносни во службата или што држат говори им дава право да си дозволат некои други работи како, на пример, да гледаат насилни и неморални филмови или да пијат премногу алкохол. Од предупредувањето што Исус им го дал на христијаните во Тијатира јасно се гледа дека не смееме да си земаме таква слобода. Јехова сака да бидеме чисти и да му служиме со сета душа, а не со поделено срце, како што било случај со многу христијани во Тијатира.
22. Како Исус нагласува колку е важно да се има приемливо уво?
22 На крајот, Исус изјавува: „Кој има уво, нека чуе што им вели духот на собранијата!“ (Откровение 2:29). По четврти пат, Исус ги повторува овие подбудувачки завршни зборови, а со нив ќе ги заклучи и останатите три пораки. Дали имаш ти такво приемливо уво? Тогаш, продолжи со внимание да слушаш додека Бог, со својот дух, продолжува да дава совети преку своите посредници.
[Фуснота]
a На пример, види ја статијата „Верни христијанки — скапоцени обожавателки на Бог“, во Стражарска кула од 1 ноември 2003 година.
[Слики на страница 51]
Денес, делото на сведочење во голема мера го извршуваат верни сестри, кои скромно ги поддржуваат оние што се поставени од Бог