Поглавје 6
Разоткривање на светата тајна
1. Како треба да реагираме на восхитувачката глетка која е опишана во Откровение 1:10-17?
ВИДЕНИЕТО за возвишениот Исус навистина нѐ остава без здив! Нема сомнение, да сме го гледале заедно со апостол Јован, и ние ќе сме биле зашеметени од таа блескава слава и ќе сме паднале ничкум како што паднал тој (Откровение 1:10-17). Ова извонредно, вдахновено видение било зачувано за да нѐ поттикне и нас денес, исто како Јован, понизно да покажеме ценење за сето она што е претставено со видението. Секогаш да имаме длабока почит кон Исусовата положба на устоличен Цар, Првосвештеник и Судија (Филипјаните 2:5-11).
„Првиот и Последниот“
2. а) Која титула ја користел Исус за себеси? б) На што се осврнува Јехова кога вели: „Јас сум првиот и последниот“? в) На што укажува Исусовата титула „Првиот и Последниот“?
2 Меѓутоа, нашата страхопочит не треба да прерасне во морбиден страв. Исус го смирил Јован, и ова го гледаме од следните зборови што ги кажува апостолот: „А тој ја положи својата десна рака врз мене и рече: ‚Не плаши се. Јас сум Првиот и Последниот, и жив сум‘“ (Откровение 1:17б, 18а). Во Исаија 44:6, Јехова со право вели дека само Тој е единствен семоќен Бог: „Јас сум првиот и последниот, освен мене нема Бог“.a Кога Исус себеси се нарекува „Првиот и Последниот“, не тврди дека му е рамен на Јехова, Величествениот Творец, туку ја употребува оваа титула која Бог заслужено му ја дал. Во Исаија, кога Јехова вели дека само Тој е вистински Бог, се осврнува на својата положба. Тој е вечен, и освен него навистина нема друг Бог (1. Тимотеј 1:17). А кога Исус во Откровението ја спомнува титулата што му е дадена, се осврнува на своето воскресение кое е единствено од таков вид.
3. а) Во кој поглед Исус бил „Првиот и Последниот“? б) Што значи тоа што Исус ги има „клучевите од смртта и од гробот“?
3 Исус навистина бил „Првиот“ човек што бил воскреснат како бесмртно духовно суштество (Колошаните 1:18). Освен тоа, тој е и „Последниот“ што Јехова лично го воскреснал. Затоа е ‚жив и живее во сета вечност‘. Тој е бесмртен. Во овој поглед, Исус е како својот бесмртен Татко, кој е наречен „живиот Бог“ (Откровение 7:2; Псалм 42:2). За сите други луѓе, самиот Исус е ‚воскресение и живот‘ (Јован 11:25). Во согласност со ова, тој му вели на Јован: „Бев мртов, но еве, живеам во сета вечност, и ги имам клучевите од смртта и од гробот“ (Откровение 1:18б). Јехова го овластил да ги воскреснува мртвите. Затоа Исус може да каже дека ги има клучевите за да ги отклучи портите на гробот за оние што се мртви. (Спореди Матеј 16:18.)
4. Која заповед ја повторил Исус, и кој ќе има корист од неа?
4 Овде Исус повторно му заповеда на Јован да го запише видението, велејќи: „Запиши го она што го виде, и она што сега се случува, и она што ќе се случи потоа“ (Откровение 1:19). Кои други возбудливи работи ќе ги запише Јован за наша поука?
Ѕвездите и светилниците
5. Какво објаснување дал Исус за „седумте ѕвезди“ и за „седумте светилници“?
5 Јован го видел Исус како стои меѓу седум златни светилници и држи седум ѕвезди во својата десна рака (Откровение 1:12, 13, 16). Сега Исус објаснува што значи тоа: „Ова е светата тајна на седумте ѕвезди што ги виде во мојата десна рака и за седумте златни светилници: седумте ѕвезди ги претставуваат ангелите на седумте собранија, а седумте светилници ги претставуваат седумте собранија“ (Откровение 1:20).
6. Што претставуваат седумте ѕвезди, и зошто пораките им биле упатени токму ним?
6 ,Ѕвездите‘ се „ангелите на седумте собранија“. Во Откровението, ѕвездите понекогаш ги претставуваат вистинските ангели, но тешко дека Исус би користел човек за да им пишува на невидливи духовни суштества. Затоа ‚ѕвездите‘ мора да ги претставуваат човечките надгледници, или старешини, во собранијата, кои Исус ги користи како свои гласници.b Пораките им се упатени на ѕвездите, бидејќи тие имаат одговорност да го надгледуваат Јеховиното стадо (Дела 20:28).
7. а) Од каде знаеме дека, кога Исус му се обраќа само на еден ангел во собранието, тоа не значи дека во секое собрание има само по еден старешина? б) Кого, всушност, го претставуваат седумте ѕвезди во десната рака на Исус?
7 Бидејќи Исус секојпат му се обраќа само на еден „ангел“ во секое собрание, дали ова значи дека во секое собрание имало само по еден старешина? Не. Уште во времето на Павле, во собранието во Ефес имало повеќе старешини, а не само еден (Откровение 2:1; Дела 20:17). Затоа, во времето на Јован, кога пораките им биле испратени на седумте ѕвезди за да бидат прочитани пред собранијата (меѓу кои било и собранието во Ефес), ѕвездите мора да ги претставувале сите оние што служеле во старешинствата на Јеховиното собрание од помазаници. На сличен начин, и денешните надгледници им ги читаат на собранијата писмата што ги добиваат од Водечкото тело, кое се состои од помазани надгледници што служат под поглаварството на Исус. Локалните старешинства водат сметка советите на Исус да се применат во нивните собранија. Се разбира, советите им користат на сите што се поврзани со собранијата, а не само на старешините. (Види Откровение 2:11а.)
8. Што значи тоа што старешините се во десната рака на Исус?
8 Бидејќи Исус е Глава на собранието, со право се вели дека старешините се во неговата десна рака, односно под негова контрола и водство (Колошаните 1:18). Тој е Главниот Пастир, а тие служат како пастири под негов надзор (1. Петрово 5:2-4).
9. а) Што претставуваат седумте светилници, и зошто тие се соодветен симбол? б) На што најверојатно требало да го потсети Јован ова видение?
9 Седумте светилници се седумте собранија на кои Јован им ја упатил книгата Откровение: Ефес, Смирна, Пергам, Тијатира, Сард, Филаделфија и Лаодикија. Зошто собранијата се претставени со светилници? Затоа што христијаните, сеедно дали како поединци или сите заедно како собранија, мора да ја пуштаат ‚нивната светлина да свети пред луѓето‘ во овој мрачен свет (Матеј 5:14-16). Освен тоа, светилниците биле дел од опремата во храмот на Соломон. Тоа што собранијата се наречени светилници најверојатно требало да го потсети Јован дека, во симболична смисла, секое локално собрание од помазаници е „Божји храм“ каде што престојува Божјиот дух (1. Коринќаните 3:16). Исто така, членовите на собранието од помазаници служат како „царско свештенство“ во Јеховиниот голем духовен храм, кој бил претставен со храмот што го имале Евреите. Исус служи како Првосвештеник во овој духовен храм, а самиот Јехова престојува во неговата небесна Светиња над светињите (1. Петрово 2:4, 5, 9; Евреите 3:1; 6:20; 9:9-14, 24).
Големото отпадништво
10. Што се случило во 70 год. од н.е. со еврејскиот поредок и со неговите непокајнички приврзаници?
10 Кога Јован го напишал Откровението, христијанството веќе постоело преку 60 години. Во првите 40 години, постојано трпело противење од страна на јудаизмот. Но, во 70 год. од н.е. на еврејскиот поредок му бил зададен смртоносен удар кога непокајничките Евреи го изгубиле својот национален идентитет, како и храмот во Ерусалим, кој практично бил нивни идол.
11. Зошто било вистинско време Главниот Пастир да ги предупреди собранијата за она што почнало да се случува?
11 Сепак, апостол Павле прорекол дека ќе се појави отпадништво меѓу помазаните христијани, а пораките на Исус покажуваат дека во времето на остарениот Јован отпадниците веќе почнале да дејствуваат. Јован бил последната пречка што го задржувала Сатана да го нападне со сите сили потомството на жената и да го расипе (2. Солуњаните 2:3-12; 2. Петрово 2:1-3; 2. Јованово 7-11). Затоа било вистинско време Јеховиниот Главен Пастир да им пише на старешините во собранијата за да ги предупреди за она што се случувало, но и да ги охрабри искрените поединци да заземат цврст став за праведноста.
12. а) Како се развило отпадништвото во вековите по смртта на Јован? б) Како настанал христијанскиот свет?
12 Не знаеме како реагирале на пораките собранијата во 96 год. од н.е. Но, знаеме дека по смртта на Јован отпадништвото се развило многу брзо. „Христијаните“ престанале да го користат името Јехова и го замениле во библиските ракописи со „Господ“ или „Бог“. До четвртиот век од н.е., во собранијата веќе навлегло и лажното учење за тројството. Во истиот период била прифатена и идејата за бесмртност на душата. На крајот, римскиот цар Константин му дал државно одобрение на „христијанството“, и така постепено се развил христијанскиот свет, каде што Црквата и Државата се обединиле за да владеат илјада години. Било лесно да се стане христијанин од ваков тип. Цели племиња успеале да ги вклопат своите пагански верувања во оваа или онаа варијанта на таа нова „христијанска“ религија. Многу од водачите во христијанскиот свет станале немилосрдни политички тирани, кои сосила им ги наметнувале своите отпаднички учења на другите.
13. Што се случило со христијаните кои отпаднале од верата и покрај тоа што Исус ги предупредил да се чуваат од секташтво?
13 Христијаните кои отпаднале од верата воопшто не обрнувале внимание на пораките што Исус им ги испратил на седумте собранија. Тој ги опоменал Ефешаните да ја разгорат својата прва љубов (Откровение 2:4). Но припадниците на христијанскиот свет, кои повеќе не биле обединети во својата љубов кон Јехова, сепак немилосрдно војувале и жестоко се прогонувале едни со други (1. Јованово 4:20). Исус го предупредил собранието во Пергам да се чува од секташтво. Но, секти се јавиле уште во вториот век, а во денешниот христијански свет постојат илјадници раскарани секти и религии (Откровение 2:15).
14. а) Иако Исус ги опоменал христијаните да внимаваат да не станат духовно мртви, што се случило во христијанскиот свет? б) Во кој поглед христијанскиот свет не го послушал Исусовото предупредување за идолопоклонството и неморалот?
14 Исус го опоменал собранието во Сард дека е духовно мртво (Откровение 3:1). И наводните христијани, исто како ова собрание, брзо заборавиле на христијанските дела и наскоро го препуштиле најважното дело — проповедањето — на една мала, платена група свештеници. Исус го опоменал собранието во Тијатира да се чува од идолопоклонство и од блуд (Откровение 2:20). Сепак, христијанскиот свет јавно дозволува да се користат идоли, а поддржува и други, поприкриени облици на идолопоклонство, во кои спаѓаат национализмот и материјализмот. Освен тоа, иако понекогаш во своите проповеди строго го осудуваат неморалот, всушност, насекаде го толерираат.
15. Што откриваат Исусовите зборови упатени до седумте собранија за религиите во христијанскиот свет, и што е свештенството на христијанскиот свет?
15 Според ова, зборовите што Исус им ги кажал на седумте собранија откриваат дека ниту една религија во христијанскиот свет не може во никој случај да е Јеховин посебен народ. Напротив, свештенството на христијанскиот свет е главниот дел од потомството на Сатана. Апостол Павле кажал дека тоа е „беззаконикот“, и прорекол дека присутноста на овој беззаконик, „која Сатана ја овозможува со своето дејствување, [ќе биде] проследена со секое моќно дело и со лажни чудеса и предзнаци и со секаква неправда и измама“ (2. Солуњаните 2:9, 10).
16. а) Кого особено го мразеле водачите во христијанскиот свет? б) Што се случувало во христијанскиот свет во средниот век? в) Дали побуната на протестантите, односно реформацијата, донела промена во отпадничкиот начин на постапување во христијанскиот свет?
16 Иако тврделе дека се пастири на Божјето стадо, водачите во христијанскиот свет — и верските и световните — покажале посебна омраза кон сите оние што ги поттикнувале луѓето да ја читаат Библијата или што ги разоткривале нивните небиблиски обичаи. Јан Хус и библискиот преведувач Вилијам Тиндејл биле прогонувани, мачени и убиени. Во мрачниот среден век, влијанието на отпадниците го достигнало својот врв со ѓаволската католичка инквизиција. Сите оние што ги оспорувале учењата и власта на Црквата биле немилосрдно гонети, а илјадници таканаречени еретици биле мачени до смрт или запалени на клада. На овој начин, Сатана со сите сили настојувал брзо да ги сотре сите вистински потомци на Божјата организација слична на жена. Откако протестантите се побуниле во периодот на реформацијата (од 1517 година), многу протестантски цркви покажале слична нетрпеливост. И тие го понеле својот товар од вината за крв затоа што ги мачеле и ги убивале оние што се труделе да им останат верни на Бог и на Христос. Навистина, сите тие обилно ‚ја пролевале крвта на светите‘! (Откровение 16:6; спореди Матеј 23:33-36).
Потомството опстојува
17. а) Што прорекол Исус во својата споредба за пченицата и каколот? б) Што се случило во 1918 година и, како резултат на тоа, кој бил отфрлен, а кој бил поставен над Исусовите слуги?
17 Во својата споредба за пченицата и каколот, Исус прорекол дека ќе настапи време на мрак кога христијанскиот свет ќе има неограничена власт. И покрај тоа, низ сите тие векови на отпадништво, имало поединци што биле слични на пченицата од оваа споредба — вистински помазаници (Матеј 13:24-29, 36-43). Затоа, кога самнал денот на Господарот во октомври 1914 година, сѐ уште постоеле вистински христијани на Земјата (Откровение 1:10). Се чини дека во 1918 година, по период од околу три и пол години, Јехова дошол да суди во својот духовен храм во придружба на Исус, кој служел како негов ‚гласник на сојузот‘ (Малахија 3:1; Матеј 13:47-50). Конечно дошло времето Господарот потполно да ги отфрли лажните христијани и да го постави ‚верниот и разборит роб над своите слуги‘ (Матеј 7:22, 23; 24:45-47).
18. Кој ‚час‘ дошол во 1914 година, и што требало да направи робот во тоа време?
18 Како што се гледа и од самите пораки кои Исус им ги испратил на седумте собранија, дошло времето кога овој роб требало да обрне посебно внимание на она што било запишано во нив. На пример, Исус кажува дека ќе дојде да им суди на собранијата, и овој суд започнал во 1918 година (Откровение 2:5, 16, 22, 23; 3:3). Тој вели дека ќе го зачува собранието во Филаделфија од „часот на искушувањето што ќе дојде на целиот свет“ (Откровение 3:10, 11). Овој ‚час на искушувањето‘ дошол кога започнал денот на Господарот во 1914 година, и оттогаш христијаните се искушувани за да се види дали му се лојални на воспоставеното Божје Царство. (Спореди Матеј 24:3, 9-13.)
19. а) Што претставуваат седумте собранија денес? б) Кој им се придружил на помазаните христијани, и зошто советите на Исус и условите што ги опишува тој се однесуваат и на нив? в) Како треба да гледаме на пораките што Исус им ги испратил на седумте собранија во првиот век?
19 Според сето ова, главното исполнување на Исусовите зборови до собранијата се одвива од 1914 година наваму. Оттогаш седумте собранија ги претставуваат сите собранија на помазани христијани во денот на Господарот. Освен тоа, во последниве 70-тина години, на помазаните христијани, кои се претставени со Јован, им се придружиле голем број верници кои се надеваат дека ќе живеат засекогаш во Рајот на Земјата. Советите што ги дал прославениот Исус Христос и условите што ги видел во седумте собранија кога ги проверил, важат подеднакво и за овие лица, бидејќи за сите Јеховини слуги има само едно мерило за праведност и верност (2. Мојсеева 12:49; Колошаните 3:11). Значи, пораките што им ги испратил Исус на седумте собранија во Мала Азија во првиот век не се само интересни историски податоци. Тие можат да значат живот или смрт за секого од нас. Затоа, да слушаме внимателно што имал да каже Исус.
[Фусноти]
a Во Исаија 44:6, на изворниот хебрејски јазик нема определен член пред или по зборовите ‚прв‘ и ‚последен‘. Но, кога Исус ги користи овие зборови за себеси, во изворниот грчки јазик во Откровение 1:17 тие имаат определен член. Затоа, од граматичка гледна точка, во Откровение 1:17 тие се користат како титула, а во Исаија 44:6 опишуваат каков Бог е Јехова.
b Грчкиот збор а́нгелос значи и „гласник“ и „ангел“. Во Малахија 2:7, за еден левитски свештеник се вели дека е „гласник“ (на еврејски: малак).
[Рамка на страница 32]
Време на искушение и суд
Исус бил крстен на реката Јордан и помазан за иден Цар некаде во октомври 29 год. од н.е. Три и пол години подоцна, во 33 год. од н.е., тој отишол во храмот во Ерусалим и ги исфрлил оттаму оние што од тој дом направиле разбојничка пештера. Изгледа дека постојат сличности меѓу ова време и периодот од три и пол години, кој поминал од моментот кога Исус се зацарил на небесата во октомври 1914 година, до моментот кога дошол да ги прегледа оние што тврделе дека се христијани, почнувајќи со судот од Божјиот дом (Матеј 21:12, 13; 1. Петрово 4:17). Уште во самиот почеток на 1918 година, делото за Царството што го вршеше Јеховиниот народ наиде на големо противење. Ова беше време на испит за Јеховините слуги насекаде по светот, и плашливите што не го издржаа тој испит отпаднаа. Во мај 1918 година, свештенството на христијанскиот свет ги подбуцна властите да ги затворат одговорните браќа на Watch Tower Society, но по девет месеци тие беа пуштени на слобода. Подоцна лажните обвиненија против нив беа повлечени. Од 1919 година, Јеховиниот организиран народ — испитан и пречистен — продолжи со ревност да објавува дека Божјето Царство во рацете на Исус Христос е единствена надеж за човештвото (Малахија 3:1-3).
Кога Исус почнал со своето прегледување во 1918 година, несомнено изрекол неповолна пресуда над свештениците на христијанскиот свет. Тие не само што ги подбуцнаа владите да го прогонуваат Божјиот народ туку си навлекоа и тешка вина за крв со тоа што им даваа поддршка на завојуваните земји во Првата светска војна (Откровение 18:21, 24). Потоа овие свештеници ги положија своите надежи во Лигата на народите, која беше човечка организација. До 1919 година, Бог сосема го отфрлил и христијанскиот свет и целокупното светско царство на лажната религија.
[Карта на страници 28 и 29]
(Види во публикацијата)
ЕФЕС
СМИРНА
ПЕРГАМ
ТИЈАТИРА
САРД
ФИЛАДЕЛФИЈА
ЛАОДИКИЈА
[Слики на страница 31]
Христијанските религии си навлекле тешка вина за крв со тоа што ги гонеле и ги убивале оние што ја преведувале и ја читале Библијата или, пак, само ја поседувале