Слушај што вели духот!
„Кој има уво, нека чуе што им вели духот на собранијата“ (ОТКРОВЕНИЕ 3:22).
1, 2. Кој совет е повторен во врска со Исусовите пораки до седумте собранија спомнати во Откровение?
ЈЕХОВИНИТЕ слуги мораат да обрнат внимание на зборовите што под водство на духот Исус Христос им ги упатува на седумте собранија спомнати во библиската книга Откровение. Всушност, секоја од овие пораки го содржи следниов совет: „Кој има уво, нека чуе што им вели духот на собранијата“ (Откровение 2:7, 11, 17, 29; 3:6, 13, 22).
2 Веќе ги разгледавме Исусовите пораки до ангелите, односно надгледниците на Ефес, Смирна и Пергам. Како можеме да извлечеме корист од она што преку светиот дух тој им го рекол на другите четири собранија?
На ангелот на Тијатира
3. Каде се наоѓал градот Тијатира, и по кој производ бил особено познат?
3 „Синот Божји“ му дава и пофалба и укор на собранието во Тијатира. (Прочитај Откровение 2:18—29.) Тијатира (сега Акхисар) бил изграден крај една притока на реката Гедиз (древен Хермус) во западна Мала Азија. Овој град бил познат по бројните занаети. Изработувачите на бои користеле корен од броќ за да го добијат нивниот прочуен скерлет, односно пурпур. Лидија, која станала христијанка додека Павле бил во Филипи, Грција, била „продавачка на пурпур од градот Тијатира“ (Дела 16:12—15).
4. За што било пофалено собранието во Тијатира?
4 Исус го пофалува собранието во Тијатира за неговите добри дела, љубов, вера, истрајност и труд во службата. Всушност, ‚нивните последни дела биле повеќе отколку претходните‘. Меѓутоа, дури и ако имаме досие на добри дела, никогаш не смееме да бидеме немарни во поглед на моралот.
5-7. а) Која била „таа жена Језавела“ и што требало да се направи во врска со нејзиното влијание? б) Во што им помага на побожните жени Христовата порака до собранието во Тијатира?
5 Собранието во Тијатира толерирало идолопоклонство, лажни учења и сексуален неморал. Меѓу нив била „таа жена Језавела“ — можеби група жени со особини слични на особините на злобната царица Језавела од десетплеменското царство Израел. Некои изучувачи укажуваат дека оваа „пророчица“ од Тијатира се обидела да ги наведе христијаните да ги обожаваат боговите и божиците на трговијата и да учествуваат во празниците во кои им се жртвувала храна на идолите. Ниедна самонаименувана пророчица нека не се обидува да манипулира со другите во денешното христијанско собрание!
6 Христос ‚ќе ја фрлел таа жена Језавела во болесничка постела, а оние што вршеле прељуба со неа ќе ги фрлел во голема неволја, доколку не се покајале за нејзините дела‘. Надгледниците не смеат да потклекнат на таквото злобно учење и влијание, и ниеден христијанин не треба да врши ни духовен ни дословен блуд ниту, пак, да се впушта во идолопоклонство за да сфати дека „длабоките работи на Сатана“ се сосема злобни. Ако обрнеме внимание на Исусовото предупредување, ‚цврсто ќе се држиме за она што го имаме‘ и гревот нема да нѐ надвладее. Затоа што ги отфрлиле безбожните обичаи, сладострастија и цели, воскреснатите помазаници добиваат „власт над нациите“ и ќе му се придружат на Христос кога ќе ги разбие тие нации на парчиња. Денешните собранија имаат симболични ѕвезди, а на помазаниците ќе им биде дадена „сјајната утринска ѕвезда“, Младоженецот, Исус Христос, кога ќе воскреснат на небото (Откровение 22:16).
7 Собранието во Тијатира било опоменато да не го толерира злобното влијание на отпадничките жени. Христовата порака до ова собрание, која била инспирирана со духот, им помага на побожните жени да го задржат местото што Бог им го доделил денес. Тие не се обидуваат да спроведуваат авторитет над мажите и не намамуваат браќа во духовен или во дословен блуд (1. Тимотеј 2:12). Наместо тоа, таквите жени даваат пример во добри дела и во служба на Божја фалба (Псалм 68:11, NW; 1. Петрово 3:1—6). Ако собранието го чува она што го има — чистата доктрина и однесување, и скапоцената служба за Царството — Христос ќе дојде со прекрасни награди, а не да ги погуби.
На ангелот на Сард
8. а) Каде се наоѓал Сард, и кои се некои детали во врска со него? б) Зошто на собранието во Сард му требала помош?
8 На собранието во Сард итно му требала помош затоа што било духовно мртво. (Прочитај Откровение 3:1—6.) Сместен околу 50 километри јужно од Тијатира, Сард бил напреден град. Трговијата, плодноста на тој предел и производството на волнени ткаенини и килими придонеле тој да стане богат град што едно време имал околу 50.000 жители. Според историчарот Јосиф, во првиот век пр.н.е. во Сард имало голема еврејска заедница. Меѓу урнатините на градот има и една синагога и храм на ефеската божица Артемида.
9. Што треба да направиме ако нашите активности во службата се механички?
9 На ангелот на собранието во Сард, Христос му рекол: „Ги знам твоите дела, дека имаш име оти си жив, а мртов си“. Што ако сме на глас дека сме духовно будни, но главно сме заспани во поглед на христијанските предности, а нашите активности во службата ги извршуваме механички и духовно ‚само што не умреле‘? Тогаш, треба ‚да го имаме и понатаму на ум она што сме го примиле и чуле‘, односно пораката за Царството, и треба да им дадеме нов елан на нашите напори во светата служба. Сигурно дека треба да почнеме со сето срце да учествуваме на христијанските состаноци (Евреите 10:24, 25). Христос го предупредил собранието во Сард: „Ако не се разбудиш, ќе дојдам како крадец, и воопшто нема да знаеш во кој час ќе дојдам врз тебе“. Што е со нашево време? Наскоро ќе мораме да поднесеме сметка.
10. Дури и во ситуација како онаа во Сард, што може да важи за некои христијани?
10 Дури и во ситуација како онаа во Сард, можеби има некои што ‚не ги извалкале своите горни облеки и што ќе можат да одат со Христос во бели облеки, зашто се достојни‘. Тие го задржуваат својот христијански идентитет, останувајќи неизвалкани, без дамка од овој свет во морален или религиозен поглед (Јаков 1:27). Затоа Исус ‚никако нема да ги избрише нивните имиња од книгата на животот, туку ќе ги признае пред својот Татко и пред ангелите‘. Прогласена за достојна да оди со Христос, класата на неговата невеста од помазаници ќе биде дотерана во светло, чисто, фино ленено платно што ги симболизира праведните дела на Божјите свети (Откровение 19:8). Прекрасните предности во службата што ги очекуваат на небото им даваат поттик да го победат овој свет. Благослови им претстојат и на оние што очекуваат вечен живот на земјата. И нивните имиња се запишани во книгата на животот.
11. Што треба да правиме ако станеме духовно поспани?
11 Никој од нас не сака да се најде во тажна духовна состојба како онаа на собранието во Сард. Но, што ако сфатиме дека стануваме духовно поспани? За наше добро, треба веднаш да преземеме нешто. Да замислиме дека нѐ привлекуваат безбожни патишта или дека стануваме немарни во присуството на состаноците или во нашата служба. Да бараме помош од Јехова во горлива молитва (Филипјаните 4:6, 7, 13). Секојдневното читање на Библијата и проучувањето на Писмото и на публикациите од „верниот настојник“ ќе ни помогне да останеме духовно будни (Лука 12:42—44). Тогаш ќе бидеме како оние од Сард што имале Христово одобрување, и ќе бидеме благослов за соверниците.
На ангелот на Филаделфија
12. Како би ја опишал религиозната состојба во древна Филаделфија?
12 Исус го пофалил собранието во Филаделфија. (Прочитај Откровение 3:7—13.) Филаделфија (сега Алешехир) бил напреден центар на еден регион во западна Мала Азија, во кој се произведувало вино. Всушност, негово главно божество бил Дионис, богот на виното. Изгледа дека Евреите во Филаделфија неуспешно се обидувале да ги убедат тамошните еврејски христијани да задржат или да се вратат на некои обичаи од Мојсеевиот закон.
13. Како го употребил Исус „Давидовиот клуч“?
13 Христос го има „Давидовиот клуч“ и затоа му се доверени сите интереси на Царството и управувањето со неговото домаќинство од верни слуги (Исаија 22:22; Лука 1:32). Исус го употребил тој клуч за да им отвори прилики и предности за Царството на христијаните во древна Филаделфија и на други места. Од 1919, тој му отворил на „верниот настојник“ една „голема врата“ што води до проповедање на Царството, која не може да ја затвори ниеден противник (1. Коринќаните 16:9; Колошаните 4:2—4). Се разбира, вратата на предности за Царството е затворена за оние од „синагогата на Сатаната“, бидејќи тие не се духовни Израелци.
14. а) Какво ветување му дал Исус на собранието во Филаделфија? б) Што може да нѐ спречи да паднеме во „часот на испитувањето“?
14 На христијаните во древна Филаделфија, Исус им го дал следново ветување: „Затоа што ја чуваше речта за мојата истрајност, и јас ќе те чувам тебе од часот на испитувањето што ќе дојде на целата населена земја, да ги испита оние кои живеат на земјата“. За проповедањето е потребна истрајност каква што покажувал Исус. Тој никогаш не попуштил пред непријателот туку продолжил да ја извршува волјата на својот Татко. Затоа, Христос бил воскреснат во бесмртен небесен живот. Ако се држиме цврсто за нашата одлука да го обожаваме Јехова и ако го поддржуваме Царството проповедајќи ја добрата вест, тоа ќе нѐ спречи да паднеме во овој сегашен период на испит, „часот на испитувањето“. Ќе ‚се држиме цврсто и понатаму за она што го имаме‘ од Христос настојувајќи да ги зголемиме тие интереси на Царството. Резултат од таквото постапување ќе биде скапоцена небесна круна за помазаниците и вечен живот на земјата за нивните лојални придружници.
15. Што се бара од оние што ќе бидат ‚столбови во Божјиот храм‘?
15 Христос додава: „Оној кој ќе победи — него ќе го направам столб во храмот на мојот Бог . . . и на него ќе го напишам името на мојот Бог и името на градот на мојот Бог, новиот Ерусалим кој слегува од небото од мојот Бог, и тоа мое ново име“. Помазаните надгледници мораат да го поддржуваат вистинското обожавање. Тие мораат и понатаму да ги исполнуваат условите да бидат членови на „новиот Ерусалим“ со тоа што ќе го проповедаат Божјето Царство и ќе останат духовно чисти. Ова е неопходно ако сакаат да бидат столбови во прославениот небесен храм, да го носат името на Божјиот град како негови небесни граѓани и да го добијат името на Христос како негова невеста. И, се разбира, мораат да имаат уши што ‚слушаат што им вели духот на собранијата‘.
На ангелот на Лаодикија
16. Кои се некои податоци за Лаодикија?
16 Христос го укорил самобендисаното собрание во Лаодикија. (Прочитај Откровение 3:14—22.) Околу 150 километри источно од Ефес, сместен на раскрсницата на главните трговски патишта во плодната долина на реката Ликус, Лаодикија бил многу напреден индустриски град и финансиски центар. Облеките изработени од црната волна во тој регион биле познати насекаде. Како седиште на една прочуена медицинска школа, Лаодикија веројатно го произведувала лекот за очи познат како фригиски прав. Еден од главните богови на тој град бил Асклепиј, богот на медицината. Се чини дека во Лаодикија имало прилично многу Евреи, од кои некои изгледа биле доста богати.
17. Зошто биле укорени Лаодикијците?
17 Обраќајќи му се на собранието во Лаодикија преку неговиот ‚ангел‘, Исус зборува со авторитет како „верниот и вистинскиот сведок, почетокот на Божјето создавање“ (Колошаните 1:13—16). Лаодикијците биле укорени затоа што ‚не биле ни ладни ни жешки‘ во духовен поглед. Бидејќи биле млаки, Христос ќе ги изблуел од својата уста. Ним не требало да им биде тешко да сфатат што сакал да каже со ова. Во блискиот Хиераполис имало топли извори, а во Колоси имало студена вода. Меѓутоа, бидејќи водата морала оддалеку да се донесе во Лаодикија со помош на цевки, веројатно била млака кога ќе стигнела до градот. На дел од патот водата се пренесувала со аквадукт. Во близина на Лаодикија, течела низ издупчени зацементирани камени блокови.
18, 19. Како може да им се помогне на многу денешни христијани што се слични на оние во Лаодикија?
18 Поединците што денес се слични на Лаодикијците не се ниту стимулативно жешки ниту освежително студени. Исто како млака вода, тие ќе бидат исплукани! Исус не ги сака како свои говорници, како помазани „пратеници кои го застапуваат Христос“ (2. Коринќаните 5:20). Ако не се покаат, ќе ја изгубат својата предност како објавители на Царството. Лаодикијците тежнееле по земни богатства и ‚не знаеле дека се бедни и за сожалување и сиромашни и слепи и голи‘. За да ја отстранат својата духовна сиромаштија, слепило и голотија, оние што се како нив денес треба да купат од Христос ‚прочистено злато‘ на испитана вера, „бели горни облеки“ на праведност, и „очна маст“ што го подобрува духовниот вид. Христијанските надгледници со радост им помагаат на ваквите лица да бидат свесни за своите духовни потреби за да станат „богати во верата“ (Јаков 2:5; Матеј 5:3). Освен тоа, надгледниците треба да им помогнат да ја стават духовната „очна маст“ — да го прифатат и да се придржуваат за Исусовото учење, совети, пример и умствен став. Ова е лек против „желбата на телото и желбата на очите и нападното истакнување на своите средства за живот“ (1. Јованово 2:15—17).
19 Исус ги укорува и ги дисциплинира сите оние кон кои има наклоност. Надгледниците што се под негов надзор мораат со нежност да го прават истото (Дела 20:28, 29). Лаодикијците требало да ‚бидат ревносни и да се покаат‘, правејќи промени во своето размислување и начин на живот. Дали некои од нас се навикнале на животен стил што ја става нашата служба за Бог на споредно место во животот? Тогаш, ‚да купиме очна маст од Исус‘ за да можеме да видиме колку е важно ревносно да го бараме најнапред Царството (Матеј 6:33).
20, 21. Кои се тие што се оѕвиваат на исправен начин на Исусовото ‚чукање‘ денес, и какви се нивните изгледи?
20 „Гледај“, вели Христос, „стојам на вратата и чукам. Ако некој го чуе мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам кај него в куќи и ќе вечерам со него и тој со мене“. Исус честопати давал духовна поука за време на оброците (Лука 5:29—39; 7:36—50; 14:1—24). Денес чука на вратата на некое собрание што е како собранието во Лаодикија. Дали неговите членови ќе се оѕвијат на тоа чукање, дали ќе ја оживеат својата наклоност кон него, дали ќе го примат меѓу себе и дали ќе му дозволат да ги поучува? Ако да, Христос ќе биде на гозба со нив, на нивна голема духовна корист.
21 Денешните „други овци“ на фигуративен начин го пуштаат Исус да влезе внатре, а таквата постапка води до вечен живот (Јован 10:16; Матеј 25:34—40, 46). На секој помазаник што победува, Христос ќе му ја даде предноста ‚да седне со него на неговиот престол, како што и тој победил и седнал со својот Татко на Неговиот престол‘. Да, на помазаните победници Исус им ја ветува величествената награда да седат на престол со него на небото од десната страна на неговиот Татко. А другите овци што се победници очекуваат прекрасно место на земјата под владата на Царството.
Поуки за сите нас
22, 23. а) Како можат сите христијани да извлечат корист од Исусовите зборови до седумте собранија? б) На што треба да бидеме решени?
22 Нема сомнение дека сите христијани можат да извлечат голема корист од Исусовите зборови до седумте собранија во Мала Азија. На пример, со тоа што забележуваат дека Христос дал соодветна пофалба, христијанските старешини полни со љубов се поттикнати да ги пофалат поединците и собранијата што добро напредуваат духовно. Каде што има некоја слабост, старешините им помагаат на соверниците да ги применат „лекарствата“ од Писмото. Сѐ додека ги применуваме со молитва и без одложување различните обележја на советите што им ги дал Христос на седумте собранија, сите ние можеме и понатаму да извлекуваме корист од нив.a
23 Овие последни денови не се време за самобендисаност, материјализам или што и да е друго што би можело да нѐ наведе да извршуваме само симболична служба за Бог. Затоа, сите собранија нека продолжат да светат јасно како свеќници што Исус ги остава да стојат на своето место. Како верни христијани, секогаш да бидеме решени да обрнуваме внимание кога зборува Христос и да слушаме што вели духот. Тогаш ќе имаме трајна радост како светила на Јеховина слава.
[Фуснота]
a За Откровение 2:1—3:22 има дискусија и во поглавја 7 до 13 од книгата Откривење — близу је величанствени врхунац!, објавена од Јеховините сведоци.
Како би одговорил?
• Која била „таа жена Језавела“, и зошто побожните жени не ја имитираат?
• Каква состојба постоела во собранието во Сард, и што можеме да сториме за да избегнеме да станеме како многу христијани што живееле таму?
• Какви ветувања му дал Исус на собранието во Филаделфија, и како важат тие и денес?
• Зошто биле укорени Лаодикијците, но какви изгледи лежат пред ревносните христијани?
[Слика на страница 16]
Мораат да се избегнуваат злобните патишта на „таа жена Језавела“
[Слики на страница 18]
Исус отворил пред своите следбеници „голема врата“ што води до предности за Царството
[Слика на страница 20]
Дали го примаш Исус и дали го слушаш?