Поглавје 13
Купи злато пречистено со оган
ЛАОДИКИЈА
1, 2. Каде се наоѓало последното од седумте собранија кои добиле порака од прославениот Исус, и што било карактеристично за тој град?
ЛАОДИКИЈА е последното од седумте собранија што добива порака од воскреснатиот Исус. Оваа порака содржи навистина отрезнувачки и охрабрувачки совети!
2 Урнатините на Лаодикија се наоѓаат во близина на денешниот Денизли, околу 90 километри југоисточно од Алашехир. Во првиот век, Лаодикија била напреден град. Сместен на еден главен крстопат, тој бил средиште на банкарството и трговијата. Богатството на овој град делумно се должело на продажбата на познатата очна маст, но бил прочуен и по многу квалитетната облека, која неговите жители ја изработувале од фино предена црна волна. Недостигот на вода, еден од главните проблеми во Лаодикија, бил решен со изградба на водовод. Со помош на водоводот, водата дотекувала од жешките извори што се наоѓале во близина на градот. Од таа причина, кога ќе стигнела во градот, водата била млака.
3. Како Исус ја почнал својата порака до собранието во Лаодикија?
3 Лаодикија била во близина на Колоси. Во своето послание до Колошаните, апостол Павле спомнал дека им напишал писмо и на христијаните во Лаодикија (Колошаните 4:15, 16). Не знаеме што напишал Павле во тоа писмо, но од пораката што Исус сега ја праќа до Лаодикија се гледа дека тамошното собрание западнало во бедна духовна состојба. Сепак, како и во другите пораки, Исус најпрво наведува кој ја праќа пораката и врз која основа го дава советот: „На ангелот на собранието во Лаодикија напиши му: Ова го вели Амин, верниот и вистинит сведок, почетокот на Божјите дела на создавање“ (Откровение 3:14).
4. Во која смисла Исус е „Амин“?
4 Зошто Исус се нарекува „Амин“? Оваа титула ѝ дава правна тежина на неговата порака. „Амин“ е транскрипција на еден хебрејски збор што значи „навистина е така“ или „така нека биде“, и се кажува на крајот на молитвата како потврда дека лицето се согласува со она што било кажано во неа (1. Коринќаните 14:16). Исус е „Амин“ затоа што неговата беспрекорна верност и жртвена смрт се потврда и гаранција дека сите Јеховини скапоцени ветувања ќе се исполнат (2. Коринќаните 1:20). Оттогаш, сите молитви до Јехова соодветно се упатуваат преку Исус (Јован 15:16; 16:23, 24).
5. Во која смисла Исус е „верниот и вистинит сведок“?
5 Освен тоа, Исус е и „верниот и вистинит сведок“. Во пророштвата тој честопати се поврзува со верноста, вистината и праведноста бидејќи е целосно достоен за доверба како слуга на Јехова Бог (Псалм 45:4; Исаија 11:4, 5; Откровение 1:5; 19:11). Тој е најголемиот Сведок за Јехова. Всушност, како ‚почеток на Божјите дела на создавање‘, Исус ја објавувал Божјата слава уште од самиот почеток (Изреки 8:22-30). Кога бил човек на Земјата, сведочел за вистината (Јован 18:36, 37; 1. Тимотеј 6:13). По своето воскресение, тој им ветил на своите ученици дека ќе им го прати светиот дух и им рекол: „Ќе ми бидете сведоци во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“. Од Педесетница 33 год. од н.е., Исус ги предводи овие помазани христијани во проповедањето на добрата вест „меѓу сите суштества под небото“ (Дела 1:6-8; Колошаните 1:23). Исус навистина заслужува да биде наречен верен и вистинит сведок. Помазаните христијани во Лаодикија ќе извлечат корист ако го слушаат она што ќе им го каже.
6. а) Како ја опишал Исус духовната состојба на собранието во Лаодикија? б) Кој добар пример што го дал Исус пропуштиле да го следат христијаните во Лаодикија?
6 Каква порака има Исус за собранието во Лаодикија? Тој нема никаква пофалба за христијаните во него. Отворено им кажува: „Ги знам твоите дела — не си ни студен ни жежок. Да си барем студен или жежок! Но, бидејќи си млак, ни жежок ни студен, ќе те повратам од својата уста“ (Откровение 3:15, 16). Како ќе реагираше ти на една ваква порака од Господарот Исус Христос? Зарем немаше да се свестиш и да се преиспиташ? Овие христијани навистина треба да сторат нешто бидејќи станале духовно мрзливи и очигледно си ги земале работите здраво за готово. (Спореди 2. Коринќаните 6:1.) Исус, на кого тие како христијани требало да се угледаат, секогаш покажувал огнена ревност за Јехова и за Неговата служба (Јован 2:17). Освен тоа, тој секогаш бил нежен и благ кон кротките, и ги освежувал како чаша студена вода во жежок и запурен ден (Матеј 11:28, 29). Но, христијаните во Лаодикија не се ниту жешки ниту студени. Како водата што дотекува до нивниот град, и тие се млаки и млитави. Затоа постои реална опасност Исус целосно да ги отфрли, ‚да ги поврати од својата уста‘! Ние треба секогаш да се трудиме со цело срце, исто како Исус, да ги освежуваме другите во духовен поглед (Матеј 9:35-38).
„Велиш: ,Богат сум‘“
7. а) Како Исус укажал на коренот на проблемот што го имале христијаните во Лаодикија? б) Зошто Исус рекол дека христијаните во Лаодикија се „слепи и голи“?
7 Што е, всушност, коренот на проблемот на собранието во Лаодикија? Следните зборови на Исус ни помагаат да сфатиме за што се работи. Тој им кажува: „Зашто, велиш: ‚Богат сум, се збогатив и ништо повеќе не ми треба‘, а не знаеш дека си беден и за жалење и сиромашен и слеп и гол“ (Откровение 3:17; спореди Лука 12:16-21). Бидејќи живеат во богат град, овие христијани се чувствуваат сигурни поради своето богатство. Најверојатно врз нивниот начин на живот извршиле влијание театрите, стадионот и гимнастичките хали, па тие ‚повеќе ги засакале уживањата отколку Бог‘a (2. Тимотеј 3:4). Но, иако се богати во материјален поглед, христијаните во Лаодикија се духовно сиромашни. Ако воопшто имаат некакво „богатство на небото“, тоа е скудно (Матеј 6:19-21). Не задржале едноставно око ставајќи го Божјето Царство на прво место во својот живот. Тие, всушност, се во темнина, слепи се и воопшто не ги гледаат работите од духовен аспект (Матеј 6:22, 23, 33). Освен тоа, и покрај убавата облека што можат да ја купат со своето богатство, во очите на Исус тие се голи. Немаат никаква духовна облека по која може да се препознае дека се христијани. (Спореди Откровение 16:15.)
8. а) Каква ситуација, слична на онаа во Лаодикија, постои и денес? б) Како некои христијани се залажуваат себеси во овој алчен свет?
8 Каква страшна состојба! Но, зарем и денес не гледаме нешто слично? Што е главната причина за ова? Проблемот е во самоувереноста која е резултат на претераната доверба во материјалните поседи и во луѓето. И некои Јеховини слуги — слично на оние што одат во црквите на христијанскиот свет — се залажуваат дека можат да му угодат на Бог само ако одвреме-навреме појдат на состанок. Тие се обидуваат да се провлечат само со тоа што симболично ‚ја извршуваат речта‘ (Јаков 1:22). И покрај тоа што класата на Јован постојано предупредува на ова, тие главно се преокупирани со модерна облека, со коли и со куќи, а нивниот живот се врти околу разонода и задоволства (1. Тимотеј 6:9, 10; 1. Јованово 2:15-17). Како последица од сето ова, нивните духовни сетила затапуваат (Евреите 5:11, 12). Наместо да бидат млаки и рамнодушни, тие мораат да го разгорат „духот“ и да ја ‚проповедаат Божјата реч‘ со освежителна горливост (1. Солуњаните 5:19; 2. Тимотеј 4:2, 5).
9. а) Кои зборови на Исус треба да ги стресат млаките христијани, и зошто? б) Како може собранието да им помогне на заскитаните „овци“?
9 Што мисли Исус за млаките христијани? Неговите јасни зборови треба да ги стресат: „Не знаеш дека си беден и за жалење и сиромашен и слеп и гол“. Нивната совест е толку затапена што не можат ни да сфатат во колку страшна состојба се наоѓаат. (Спореди Изреки 16:2; 21:2.) Оваа тешка состојба во собранието не смее да се занемари. Старешините, а и оние кои добиле задолжение од нив, треба со својата ревност и грижа која ја даваат со љубов да ги освестат овие заскитани „овци“ и да им помогнат повторно да ја почувствуваат радоста што ја имале кога служеле со сета душа (Лука 15:3-7).
Како ,да се збогатат‘
10. Што е ‚златото‘ кое Исус вели дека христијаните од Лаодикија треба да го купат од него?
10 Има ли лек за жалосната состојба во Лаодикија? Да, доколку христијаните во ова собрание го послушаат следниов совет на Исус: „Те советувам да купиш од мене злато пречистено со оган за да се збогатиш“ (Откровение 3:18а). Вистинското христијанско „злато“ — пречистено со оган и без никаква згура — е она што ќе ги направи ‚богати пред Бог‘ (Лука 12:21). Каде можат да купат такво злато? Не можат да го набават од тамошните банкари. Вакво злато можат да добијат само од Исус! Апостол Павле објаснил за какво злато станува збор кога му кажал на Тимотеј да им заповеда на богатите христијани „да прават добро, да се богатат со добри дела, да бидат дарежливи, спремни да го делат со другите она што го имаат. Со тоа ќе го собираат она богатство што е добар темел за иднината“. Само ако се трошат на ваков начин, ќе можат „да го освојат вистинскиот живот“ (1. Тимотеј 6:17-19). Богатите христијани во Лаодикија требало да го послушаат советот на Павле за да станат духовно богати. (Види и Изреки 3:13-18.)
11. Наведи примери на лица кои во нашево време купиле „злато пречистено со оган“.
11 Има ли во нашево време примери на лица што купиле „злато пречистено со оган“? Да, има! Уште пред да започне денот на Господарот, една мала група луѓе што ја проучуваа Библијата станаа свесни дека многу од вавилонските учења на христијанскиот свет се погрешни — учења како што се тројството, бесмртноста на душата, мачењето во пекол, крштавањето на бебиња и обожавањето на ликови (меѓу кои е и крстот и слики и кипови на Богородица). Застанувајќи во одбрана на библиската вистина, овие христијани почнаа да објавуваат дека Јеховиното Царство е единствената надеж за човештвото и дека откупната жртва на Исус е темелот за спасение. Речиси 40 години пред 1914, тие тврдеа дека, според библиските пророштва, во таа година ќе завршат времињата на незнабошците, и дека ова ќе биде проследено со застрашувачки настани на Земјата (Откровение 1:10).
12. Кој предводел меѓу христијаните што почнале да ги сфаќаат работите, и на кој начин оставил извонреден пример за тоа како може да се собира богатство на небото?
12 Чарлс Тејз Расел предводеше меѓу овие христијани што почнаа да ги сфаќаат работите, и во 1870-тите оформи една група за проучување на Библијата во Алегени (сега дел од Питсбург, Пенсилванија, САД). Кога ја почна својата потрага по вистината, Расел и татко му беа партнери во еден бизнис, и тој беше на пат да стане милионер. Но, ги продаде своите акции во синџирот со дуќани и го потроши сето свое богатство за да го финансира објавувањето на Божјето Царство по целата Земја. Во 1884 година, Расел стана првиот претседател на здружението што денес е познато како Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania. Но, во 1916 година, тој почина во близина на Пампа (Тексас), во возот со кој патуваше за Њујорк, исцрпен од последната проповедничка турнеја во западниот дел на Соединетите Американски Држави. Расел даде извонреден пример за тоа како може човек да си собира духовно богатство на небото, и неговиот пример денес го следат стотици илјади самопожртвувани пионери (Евреите 13:7; Лука 12:33, 34; спореди 1. Коринќаните 9:16; 11:1).
Духовна очна маст
13. а) Како духовната очна маст можела да ја подобри состојбата на христијаните во Лаодикија? б) Какви облеки препорачал Исус, и зошто?
13 Исус, исто така, строго ги опоменува оние во Лаодикија: „Купи и бели облеки за да се облечеш и да не се покаже твојата срамотна голотија. Купи и очна маст за да си ги намачкаш очите, па да прогледаш“ (Откровение 3:18б). Тие треба да бараат лек за своето духовно слепило и да купат лековита очна маст, но не од лекарите во тој крај, туку маст што само Исус може да им ја даде. Таа ќе им помогне да стекнат духовно разбирање и да одат по „патеката на праведниците“, додека погледот им е јасно насочен на вршењето на Божјата волја (Изреки 4:18, 25-27). На тој начин, нема да ја носат скапата облека од црна волна која се изработува во Лаодикија, туку убави „бели облеки“, кои укажуваат на нивната повластена положба како следбеници на Исус Христос. (Спореди 1. Тимотеј 2:9, 10; 1. Петрово 3:3-5.)
14. а) Каква духовна очна маст е достапна од 1879 година наваму? б) Од каде, всушност, потекнува финансиската поддршка на Јеховините сведоци? в) Како Јеховините сведоци се разликуваат од другите во поглед на користењето на прилозите?
14 Дали оваа духовна очна маст е достапна и во нашево време? Се разбира дека е! Во 1879 година, во одбрана на вистината, пастор Расел, како што го нарекуваа нагалено, почна да го издава списанието што денес насекаде во светот е познато под името Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство. Во вториот број од ова списание, тој изјави: „Веруваме дека ЈЕХОВА е тој што го поддржува [ова списание] и, бидејќи е така, никогаш нема ниту да моли за пари ниту да бара помош од луѓе. Кога оној што вели ‚сето злато и сребро на планините е мое‘ нема да ги обезбеди потребните средства, ќе сфатиме дека е време да престанеме да ја издаваме оваа публикација“. Некои телевизиски проповедници си натрупале огромно богатство и живеат во бесрамен (а понекогаш и неморален) раскош (Откровение 18:3). Сосема спротивно на тоа, Истражувачите на Библијата, кои денес се познати како Јеховини сведоци, ги користат сите доброволни прилози што ги добиваат за да го организираат и да го проповедаат Јеховиното Царство кое наскоро ќе дојде. Класата на Јован до ден-денес раководи со издавањето на Стражарска кула и Разбудете се!, списанија кои во 2006 година имаа заеднички просечен тираж од повеќе од 59 милиони примероци. Стражарска кула излегува на повеќе од 150 јазици. Тоа е главното списание на меѓународното собрание што се состои од повеќе од шест милиони христијани, кои си ставиле духовна очна маст. Како резултат на тоа, им се отвориле очите и сфатиле како стојат работите во врска со лажната религија и колку е итно да им се проповеда добрата вест на сите народи (Марко 13:10).
Корист од укорот и опомената
15. Зошто Исус им дал строг совет на христијаните во Лаодикија, и како требало да реагира собранието на тој совет?
15 Да се вратиме на христијаните во Лаодикија. Како ќе реагираат на строгиот совет од Исус? Дали ќе бидат обесхрабрени и дали ќе мислат дека тој повеќе не ги сака за свои следбеници? Не, воопшто не е така. Тој ја продолжува пораката со следниве зборови: „Јас ги укорувам и ги опоменувам сите што ги сакам. Затоа биди ревносен и покај се!“ (Откровение 3:19). Исто како што Јехова дава укор затоа што нѐ сака, така и укорот на Исус е знак на љубов (Евреите 12:4-7). Христијаните во Лаодикија треба да извлечат корист и да го применат советот што тој со љубов им го дава. Треба да се покаат и да сфатат дека нивната млакост, всушност, е грев (Евреите 3:12, 13; Јаков 4:17). Нивните старешини треба да го отфрлат материјализмот и да ‚го разгорат‘ дарот што Бог им го дал. Кога духовната очна маст ќе почне да дејствува, сите во собранието ќе бидат освежени како да се напиле освежителна голтка студена изворска вода (2. Тимотеј 1:6; Изреки 3:5-8; Лука 21:34).
16. а) Како Исус покажува денес дека нѐ сака? б) Како треба да реагираме ако добиеме строг совет?
16 А како е со нас денес? Исус сѐ уште ги ‚сака своите кои се во светот‘. Тој ќе продолжи да ги сака „во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Јован 13:1; Матеј 28:20). Исус ја покажува својата љубов преку современата класа на Јован и преку ѕвездите, односно старешините, во христијанското собрание (Откровение 1:20). Во овие многу тешки времиња, старешините се длабоко заинтересирани да ни помогнат на сите нас, и на младите и на старите, да останеме во духовното трло и да им се спротивставиме на независноста, на алчниот материјализам и на валканиот неморал на светот. Ако некогаш добиеме строг совет или опомена, да не забораваме дека „укорот и стегата водат во живот“ (Изреки 6:23). Сите ние сме несовршени и, ако е потребно, треба брзо да се покаеме за да можеме да се исправиме и да ја одржиме својата љубов кон Бог (2. Коринќаните 13:11).
17. Како може богатството да претставува духовна опасност за нас?
17 Не смееме да дозволиме материјализмот, богатството или, пак, недостигот на богатство да нѐ направат млаки. Богатството може да ни овозможи да служиме повеќе, но може да биде и опасно (Матеј 19:24). Оној што е богат може да почне да мисли дека, ако одвреме-навреме дава прилично големи прилози, нема потреба да проповеда толку ревносно како другите. Може да мисли и дека, затоа што е богат, има право да добие некои повластици. Освен тоа, на богатиот му стојат на располагање многу задоволства и видови рекреација што другите не можат да си ги дозволат. Но, ваквата разонода го краде времето и може да го одвлече невнимателниот од христијанската служба, и на тој начин, бидејќи постапил непромислено, може да стане млак. Да внимаваме на сите такви стапици — ‚да работиме напорно и да се напрегаме‘ со цело срце, имајќи на ум дека ни претстои вечен живот (1. Тимотеј 4:8-10; 6:9-12).
„Ќе вечерам со него“
18. Што им понудил Исус на христијаните во Лаодикија?
18 Исус продолжува: „Еве, стојам на вратата и чукам. Ако некој го чуе мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него и тој со мене“ (Откровение 3:20). Кога христијаните во Лаодикија би го примиле Исус во своето собрание, тој навистина би им помогнал повеќе да не бидат млаки (Матеј 18:20).
19. Што сакал да каже Исус кога му ветил на собранието во Лаодикија дека ќе вечера со него?
19 Без сомнение, тоа што Исус спомнува вечера ги потсетува овие христијани на времето кога тој јадел заедно со своите ученици (Јован 12:1-8). Ваквите моменти биле духовен благослов за сите присутни. На сличен начин, по своето воскресение, Исус јадел заедно со своите ученици во неколку важни пригоди, и тогаш учениците биле многу зајакнати (Лука 24:28-32; Јован 21:9-19). Затоа, кога му ветува на собранието во Лаодикија дека ќе дојде и ќе вечера со нив, тоа значи дека ќе имаат голема духовна корист ако го примат.
20. а) Што го снашло христијанскиот свет во почетокот на денот на Господарот поради тоа што бил млак? б) Како Исусовата пресуда влијаела врз христијанскиот свет?
20 Опомената што Исус со љубов му ја дава на собранието во Лаодикија е многу важна за преостанатите помазани христијани денес. Некои од нив се сеќаваат дека, кога започна денот на Господарот, припадниците на христијанскиот свет беа страшно млаки. Наместо да му изразат добредојде на Господарот во 1914 година, неговите свештеници се замешаа во колежите на Првата светска војна, во која 24 од завојуваните 28 земји тврдеа дека се христијански. Каква огромна вина за крв! Во Втората светска војна, која исто така се водеше главно во христијанскиот свет, гревовите на лажната религија повторно „се натрупаа до небото“ (Откровение 18:5). Освен тоа, свештениците му свртија грб на Јеховиното Царство така што ги поддржаа Лигата на народите, Обединетите нации и националистичките, револуционерни движења, иако ниту една од овие организации нема решение за проблемите на човештвото. Уште оттогаш Исус ги осудил свештениците и ги отфрлил, исто како што еден рибар ги фрла неупотребливите риби кои ги фатил во својата мрежа. Бедната состојба на црквите во христијанскиот свет денес, е потврда за тоа дека се осудени. Неговиот крај нека послужи како предупредување за нас! (Матеј 13:47-50).
21. Од 1919 година наваму, како реагирале христијаните од вистинското собрание на зборовите што Исус им ги кажал на христијаните во Лаодикија?
21 Дури и во вистинското собрание има млаки поединци кои се како пијалак што не е ниту жежок за да загрее и да даде сила ниту студен за да освежи. Но, и покрај тоа, Исус многу го сака своето собрание. Тој доаѓа кај оние христијани што се спремни да го примат, и мнозина го примиле како да дошол да вечера со нив. Како резултат на тоа, од 1919 година наваму, нивните очи се отворени и тие го сфаќаат значењето на библиските пророштва. Затоа се наоѓаат во период на големо просветлување (Псалм 97:11; 2. Петрово 1:19).
22. На која друга вечера, која ќе се одржи во иднина, можеби мислел Исус, и кој ќе присуствува на неа?
22 Кога му се обратил на собранието во Лаодикија, Исус можеби имал на ум уште една вечера. Малку понатаму во Откровението читаме: „Среќни се оние што се поканети на свадбената вечера на Јагнето“. Ова е величествена победничка гозба во чест на Јехова откако тој ќе ја изврши својата пресуда над лажната религија — гозба на небото на која присуствуваат Христос и сите 144.000 членови на неговата невеста (Откровение 19:1-9). Членовите на древното собрание во Лаодикија што го прифатиле советот од Исус, како и верните браќа на Исус Христос денес, кои носат чисти облеки по кои се препознаваат како вистински помазани христијани, ќе се гоштеваат заедно со својот младоженец на таа вечера (Матеј 22:2-13). Каков силен поттик да бидеме ревносни и да се покаеме!
Престол за победниците
23, 24. а) Која друга награда ја ветил Исус? б) Кога седнал Исус на својот месијански престол, и кога започнал да им суди на оние што се изјаснувале како христијани? в) Какво величествено ветување им дал Исус на своите ученици кога ја воспоставил Спомен-свеченоста за одбележување на неговата смрт?
23 Исус спомнува уште една награда: „На оној што ќе победи, ќе му дадам да седне со мене на мојот престол, како што и јас победив и седнав со својот Татко на неговиот престол“ (Откровение 3:21). Во исполнување на зборовите на Давид, запишани во Псалм 110:1, 2, беспрекорно верниот Исус — откако го победил светот — бил воскреснат во 33 год. од н.е. и бил возвишен од десната страна на својот Татко каде што седнал на Неговиот небесен престол (Дела 2:32, 33). Во една друга пресудна година, 1914, Исус седнал на својот сопствен месијански престол како Цар и Судија. Тој очигледно го започнал судот во 1918 година, и тоа најпрво од оние што се изјаснувале како христијани. Оттогаш, помазаните победници што умреле пред тоа биле воскреснати и му се придружиле на Исус во неговото Царство (1. Петрово 4:17). Тој им го дал ова ветување на своите ученици кога ја воспоставил Спомен-свеченоста за одбележување на неговата смрт: „Јас склучувам со вас сојуз за царство, како што мојот Татко со мене склучи сојуз, да јадете и да пиете на мојата трпеза во моето царство, и да седите на престоли и да им судите на дванаесетте Израелови племиња“ (Лука 22:28-30).
24 Каква извонредна чест — да седат со владејачкиот цар „при повторното создавање“ и заедно со него, на темел на неговата совршена жртва, да им помогнат на послушните луѓе да го постигнат совршенството кое постоело во еденската градина! (Матеј 19:28; 20:28). Како што вели Јован, од оние што ќе победат Исус прави „царство, свештеници на својот Бог и Татко“, и им дава да седат на престоли околу Јеховиниот величествен небесен престол (Откровение 1:6; 4:4). Сите ние — сеедно дали сме од помазаниците или од оние што имаат надеж да го обноват Рајот и да живеат на новата земја — да ги земеме при срце зборовите што Исус им ги кажал на христијаните во Лаодикија! (2. Петрово 3:13; Дела 3:19-21).
25. а) Слично на претходните пораки, како ја завршил Исус пораката до Лаодикија? б) Како треба секој христијанин да реагира на Исусовите зборови до собранието во Лаодикија?
25 Како и претходните пораки, Исус ја завршува и оваа порака со истата опомена: „Кој има уво, нека чуе што им зборува духот на собранијата!“ (Откровение 3:22). Живееме длабоко во времето на крајот. Насекаде околу нас има докази дека љубовта во христијанскиот свет оладила. За разлика од него, ние, како вистински христијани, да ја послушаме со цело срце, не само пораката што Исус му ја пратил на собранието во Лаодикија, туку сите седум пораки што нашиот Господар ги испратил до собранијата. Ова ќе го направиме на тој начин што горливо ќе учествуваме во исполнувањето на значајното пророштво кое Исус го дал за нашево време: „И оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:12-14).
26. Кога повторно зборувал Исус директно со Јован, но сепак во што имал удел?
26 Ова е последниот од советите што Исус им ги дава на седумте собранија. Тој повеќе не зборува со Јован во Откровението сѐ до последното поглавје; но, сепак, има удел во многу од виденијата што следат како, на пример, во она за извршувањето на Јеховините пресуди. Ајде сега, заедно со класата на Јован, да го испитаме второто извонредно видение што го открил Господарот Исус Христос.
[Фуснота]
a Овие објекти биле откриени при археолошките ископувања на локацијата каде што се наоѓала Лаодикија.
[Рамка на страница 73]
Материјализмот против мудроста
Во 1956 година, еден новинар напишал: „Се проценува дека пред еден век просечниот човек имал 72 желби, од кои 16 се сметале за потреби. Денес се проценува дека просечниот човек има 474 желби, од кои 94 се сметаат за потреби. Пред еден век, трговците му нуделе на просечниот човек 200 артикли, но денес му се нудат 32.000 артикли на кои тој треба да им одолее. Потребите на човекот се малку, но неговите желби се бесконечни“. Денес луѓето се бомбардирани со идејата дека материјалното богатство и поседите се најважното нешто во животот. Затоа, мнозина го занемаруваат мудриот совет од Проповедник 7:12: „Мудроста е заштита, а и парите се заштита. Но предноста на знаењето и на мудроста е во тоа што тие им го чуваат животот на оние што ги имаат“.
[Слика на страница 67]
Водата што стигнувала до Лаодикија била непријатно млака. И христијаните во Лаодикија имале непријатно млак дух