Поглавје 14
Величественоста на Јеховиниот небесен престол
Видение 2 — Откровение 4:1—5:14
Тема: Возбудливи настани што се одвиваат пред Божјиот судски престол
Кога се исполнува: Во ова видение се опишани настани кои се случуваат од 1914 година до крајот на илјадагодишното царување, а и потоа, кога сите суштества на небото и на Земјата ќе го слават Јехова (Откровение 5:13)
1. Зошто треба да бидеме живо заинтересирани за виденијата што ги раскажал Јован?
ЈОВАН продолжува да ни раскажува други возбудливи виденија. Обземен од духот, тој сѐ уште се наоѓа во денот на Господарот. Со оглед на тоа што ние живееме токму во тој ден, она што го опишува Јован е од голема важност за нас. Преку овие виденија, Јехова го крева превезот кој ги крие небесните стварности од нашите очи и ни помага да разбереме од кои причини ќе ги изврши своите пресуди над Земјата. Освен тоа, овие откровенија ни помагаат да видиме каде е нашето место во Јеховината намера, без разлика дали имаме надеж да живееме на небото или на Земјата. Затоа, сите ние треба и понатаму да бидеме живо заинтересирани за оваа изјава на Јован: „Среќен е оној што чита и оние што ги слушаат зборовите на ова пророштво и го држат она што е напишано во него“ (Откровение 1:3).
2. Што доживува Јован сега?
2 Она што го гледа Јован сега, луѓето денес не го виделе никаде — дури ни на филм! Тој пишува: „Потоа видов, и гледај, отворена врата на небото. Првиот глас што го чув беше како звук на труба. И ми се обрати со зборовите: ‚Качи се ваму, и ќе ти го покажам она што ќе се случи‘“ (Откровение 4:1). Во видение, Јован е поканет да влезе во невидливите небесни пространства каде што престојува самиот Јехова — високо над вселенскиот простор кој го истражуваат астронаутите и далеку над сите галаксии во материјалната вселена. Кога Јован влегува како низ отворена врата, пред неговите очи се распостила величествена глетка на највисоките духовни небеса каде што Јехова лично седи на својот престол (Псалм 11:4; Исаија 66:1). Каква огромна чест!
3. На што нѐ потсетува гласот што е „како звук на труба“, и кој е, без сомнение, Изворот на тој глас?
3 Библијата не кажува чиј е овој ‚прв глас‘. Слично на силниот глас на Исус што се чу пред тоа, и овој глас има заповеднички звук како труба (Откровение 1:10, 11). Нѐ потсетува на продорниот звук на рог што го најавил Јеховиното присуство на планината Синај (2. Мојсеева 19:18-20). Нема сомнение, Јехова е возвишениот Извор од кој потекнуваат сите овие заповеднички гласови (Откровение 1:1). Тој е оној што ја отвора вратата за да може Јован, во видение, да влезе во најсветото од сите места во целокупното неизмерно царство со кое владее Јехова.
Јеховиното заслепувачко присуство
4. а) Од какво значење е видението на Јован за помазаните христијани? б) Какво значење има видението за оние што се надеваат да живеат засекогаш на Земјата?
4 Што гледа Јован? Слушни како ни го раскажува своето извонредно доживување: „И веднаш духот ме обзеде, и гледај, на небото стоеше престол и некој седеше на престолот“ (Откровение 4:2). За миг, со помош на силата со која се служи Бог, Јован е пренесен во духот пред самиот престол на Јехова. Колку мора да е возбуден! На овој начин, однапред му е дадена извонредна можност да ги види истите небеса каде што за него и за другите помазани христијани е зачувано ‚наследство што е нераспадливо и неизвалкано и кое не венее‘ (1. Петрово 1:3-5; Филипјаните 3:20). Видението на Јован има длабоко значење и за оние што се надеваат да живеат засекогаш на Земјата. Тоа им помага да сфатат колку, всушност, е величествен Јехова и колку е величествена небесната влада која Тој најпрвин ќе ја употреби за да им суди на народите, а потоа за да владее со луѓето на Земјата. Јехова навистина ги организира работите на еден совршен начин!
5. Што е тоа што Јован го гледа сега, а чиј симбол бил поклопецот на ковчегот на сојузот?
5 Многу од работите што Јован ги гледа на небото потсетуваат на обележјата на светиот шатор во пустината. Овој шатор бил направен речиси 1.600 години пред времето на Јован и служел како светилиште каде што Израелците го обожавале вистинскиот Бог. Во Светињата над светињите во светиот шатор се наоѓал ковчегот на сојузот, и токму од просторот над поклопецот на овој ковчег, изработен од чисто злато, зборувал самиот Јехова (2. Мојсеева 25:17-22; Евреите 9:5). Според тоа, поклопецот на ковчегот го симболизирал Јеховиниот престол. Јован сега го гледа она што било претставено со овој симбол: возвишениот небесен престол на кој во величествен раскош седи лично Севишниот Господар Јехова!
6. Со кои зборови Јован го опишал Јехова, и зошто овој опис е соодветен?
6 За разлика од пророците кои порано имале виденија за Јеховиниот престол, Јован не наведува детали за Светецот што седи на него (Езекиел 1:26, 27; Даниел 7:9, 10). Меѓутоа, ни кажува каков впечаток му оставил Оној што седел на престолот: „И тој што седеше изгледаше како камен јаспис и како скапоцен камен со црвена боја, а околу престолот имаше виножито, слично на смарагд“ (Откровение 4:3). Каков извонреден сјај и раскош! Јован гледа една смирувачки блескава убавина слична на убавината на сјајни, светликави скапоцени камења. Овој опис е навистина соодветен за Јехова, кого ученикот Јаков го опишал како ‚Татко на небесните светла‘ (Јаков 1:17). Набрзо откако го напишал Откровението, и самиот Јован изјавил: „Бог е светлина и во него нема никаква темнина“ (1. Јованово 1:5). Колку неспоредливо величествена личност е Јехова!
7. На што укажува виножитото околу Јеховиниот престол?
7 Забележи дека околу престолот Јован гледа виножито со смарагдно-зелена боја. Грчкиот збор што овде е преведен со виножито (и́рис) укажува на затворен круг. Библијата првпат го спомнува виножитото кога зборува за времето на Ное. Откако водите на Потопот се повлекле, Јехова предизвикал да се појави виножито во облаците, и објаснил што претставува тоа: „Своето виножито го ставам во облакот за да биде знак на сојузот помеѓу мене и земјата... Ќе се сетам на мојот сојуз меѓу мене и вас и сите живи души од секој вид. И никогаш повеќе од водите нема да настане потоп за да го уништи секое суштество“ (1. Мојсеева 9:13, 15). Тогаш, на што го потсетува Јован ова небесно видение? Виножитото што го видел сигурно го потсетило на потребата да се биде во мир и пријателство со Јехова — нешто што го има класата на Јован денес. Освен тоа, виножитото сигурно го исполнило Јован со спокојството и мирот кои зрачат од Јехова и кои ќе ги почувствуваат сите послушни луѓе кога Јехова ќе го распне својот шатор над нив во новиот свет (Псалм 119:165; Филипјаните 4:7; Откровение 21:1-4).
Кои се 24-те старешини?
8. Кого го видел Јован околу престолот, и кого го претставуваат тие?
8 Јован знаел дека, во старо време, во светиот шатор служеле свештеници. Затоа веројатно бил изненаден кога го видел она што го опишува сега: „Околу престолот имаше дваесет и четири престоли, и на тие престоли седеа дваесет и четири старешини облечени во бели облеки, со златни круни на главите“ (Откровение 4:4). Да, наместо свештеници, има 24 старешини кои седат на престоли и имаат царски круни на главите. Кои се овие старешини? Тоа се помазаниците од христијанското собрание — воскреснати и седнати на небесните места што Јехова им ги ветил. Од каде знаеме?
9, 10. Од каде знаеме дека 24-те старешини го претставуваат собранието од помазани христијани на нивната величествена небесна положба?
9 Пред сѐ, тие носат круни. За помазаните христијани Библијата вели дека добиваат ‚нераспадлива круна‘ и бескраен живот, односно бесмртност (1. Коринќаните 9:25, фуснота; 15:53, 54). Но, бидејќи овие 24 старешини седат на престоли, златните круни во овој случај се знак на царска власт. (Спореди Откровение 6:2; 14:14.) Ова оди во прилог на заклучокот дека 24-те старешини ги претставуваат Исусовите помазани следбеници на нивната небесна положба, бидејќи Исус склучил сојуз со нив да седат на престоли во неговото Царство (Лука 22:28-30). Само за Исус и за овие 24 старешини се вели дека владеат на небото во присуство на Јехова — нешто што не е кажано ниту за ангелите.
10 Ова е во согласност со ветувањето што Исус му го дал на собранието во Лаодикија: „На оној што ќе победи, ќе му дадам да седне со мене на мојот престол“ (Откровение 3:21). Но, небесната задача на 24-те старешини не е ограничена само на тоа да владеат како цареви. Во почетокот на книгата Откровение, во врска со Исус, Јован вели: „[Тој] нѐ направи царство, свештеници на својот Бог и Татко“ (Откровение 1:5, 6). Значи, тие се и цареви и свештеници. „Ќе бидат свештеници на Бог и на Христос, и ќе царуваат со Христос илјада години“ (Откровение 20:6).
11. Зошто е соодветно тоа што бројот на старешините е 24, и што означува тој број?
11 Јован гледа 24 старешини околу престолот. Кое е значењето на овој број? Овие старешини биле претставени на повеќе начини со верните свештеници во древниот Израел. Апостол Петар им напишал на помазаните христијани: „Вие сте ‚избран род, царско свештенство, свет народ, народ кој е Божја сопственост‘“ (1. Петрово 2:9). Интересно е тоа што еврејските свештеници во старо време биле поделени во 24 групи. За да може светата служба да се принесува без прекин, секоја група требало да служи пред Јехова во одредени седмици од годината (1. Летописи 24:5-19). Затоа е соодветно што Јован во видението гледа 24 старешини кои служат во небесното свештенство, бидејќи овие свештеници му служат на Јехова постојано, без престан. Кога нивниот број ќе се пополни, ќе има 24 групи од по 6.000 победници, бидејќи во Откровение 14:1-4 се вели дека вкупно 144.000 (24 х 6.000) се „откупени од луѓето“ и стојат на небесната гора Сион заедно со Јагнето, Исус Христос. Бидејќи бројот 12 означува организација која е стабилна од Божја гледна точка, бројот 24 ја нагласува таа стабилност, односно означува организација што Бог ја смета за совршено стабилна.
Молњи, гласови и громови
12. Што гледа и што слуша Јован сега, и на што нѐ потсетуваат ‚молњите и гласовите и громовите‘?
12 Што гледа и што слуша Јован сега? „И од престолот излегуваа молњи и гласови и громови“ (Откровение 4:5а). Овој опис веднаш нѐ потсетува на некои настани во кои Јехова ја покажал својата небесна моќ на застрашувачки начин. На пример, Мојсеј го опишал настанот кога Јехова ‚слегол‘ на планината Синај: „На третиот ден кога самна утрото, загрмеа громови и засветкаа молњи. Густ облак се надви над планината и се зачу многу силен звук од рог... Додека гласот на рогот стануваше сѐ посилен, Мојсеј зборуваше, а вистинскиот Бог му одговараше со силен глас“ (2. Мојсеева 19:16-19).
13. Што претставуваат молњите кои излегуваат од Јеховиниот престол?
13 Во денот на Господарот, Јехова ги покажува својата моќ и своето присуство на еден возвишен начин. Сепак, не го прави ова со дословни молњи бидејќи Јован, всушност, гледа знаци. Тогаш, што претставуваат молњите? Молњите можат да осветлат, но можат и да убијат. Затоа, овие молњи што излегуваат од Јеховиниот престол можеби ги претставуваат блесоците на духовна светлина што Тој им ги праќал на своите слуги, но, што е уште поважно, може да ги претставуваат и Неговите огнени пораки на осуда. (Спореди Псалм 18:14; 144:5, 6; Матеј 4:14-17; 24:27.)
14. На кој начин одекнуваат гласови денес?
14 А што претставуваат гласовите? Кога Јехова слегол на планината Синај, еден глас зборувал со Мојсеј (2. Мојсеева 19:19). Гласови од небото дале многу заповеди и објави во книгата Откровение (Откровение 4:1; 10:4, 8; 11:12; 12:10; 14:13; 16:1, 17; 18:4; 19:5; 21:3). И денес Јехова им дава заповеди и објави на своите слуги, и на тој начин го осветлува нивното разбирање на библиските пророштва и начела. Честопати вакви просветлувачки информации беа давани на меѓународните конгреси, а потоа овие библиски вистини беа објавувани низ целиот свет. Во врска со верните проповедници на добрата вест, апостол Павле рекол: „Нивниот глас отиде по целата земја и нивните зборови до крајот на светот“ (Римјаните 10:18).
15. Какви громови излегуваат од престолот во овој дел од денот на Господарот?
15 По молњата обично следи гром. Давид го споредил „гласот Јеховин“ со дословен гром (Псалм 29:3, 4). Кога Јехова се борел за Давид против неговите непријатели, се вели дека Тој згрмел од небесата (2. Самоилова 22:14; Псалм 18:13). Елиу му рекол на Јов дека Јехова грми со величествен глас, правејќи „големи работи, кои не можеме да ги сфатиме“ (Јов 37:4, 5). Во овој дел од денот на Господарот, Јехова ‚грмел‘ предупредувајќи дека ќе постапи на страшен начин со своите непријатели. Тие симболични татнежи одекнувале и сѐ уште одекнуваат по целата Земја. Среќен си ако им обрнуваш внимание на овие громогласни објави и ако мудро го користиш својот глас за тие да се слушаат уште посилно! (Исаија 50:4, 5; 61:1, 2).
Огнени светилки и стаклено море
16. Што значат ‚седумте огнени светилки‘?
16 Што друго гледа Јован? Следново: „Седум огнени светилки гореа пред престолот — тие ги претставуваат седумте Божји духови. И пред престолот имаше нешто како стаклено море слично на кристал“ (Откровение 4:5б, 6а). Самиот Јован ни кажува што значат седумте светилки: „Тие ги претставуваат седумте Божји духови“. Бројот седум е симбол за потполност од Божја гледна точка. Затоа, седумте светилки мора да укажуваат на потполното просветлување што го дава светиот дух. Класата на Јован денес е навистина благодарна што ѝ е дадено вакво просветлување. Освен тоа, таа многу ја цени и одговорноста да ги просветли другите духовно гладни луѓе на Земјата! Колку сме радосни што секоја година стотици милиони примероци од списанието Стражарска кула и понатаму пуштаат да свети оваа светлина на околу 150 јазици! (Псалм 43:3).
17. Што симболизира ‚стакленото море слично на кристал‘?
17 Јован гледа и „стаклено море слично на кристал“. Што би значело ова за оние што се поканети во Јеховините небесни дворови? Павле рекол дека Исус го посветил собранието „чистејќи го со капење во вода, во речта Божја“ (Ефешаните 5:26). Пред да умре, Исус на своите ученици им рекол: „Вие сте веќе чисти поради Божјата реч што ви ја зборував“ (Јован 15:3). Според тоа, ова стаклено море слично на кристал сигурно ја претставува пишаната Божја реч која има моќ да очисти. Членовите на царското свештенство кои доаѓаат пред Јехова мора да се потполно очистени со помош на неговата Реч.
Гледај — „четири суштества“!
18. Што видел Јован среде престолот и околу престолот?
18 Јован сега забележува уште нешто. Тој пишува: „Среде престолот и околу престолот имаше четири суштества полни со очи однапред и одназад“ (Откровение 4:6б).
19. Што претставуваат четирите суштества, и од каде го знаеме ова?
19 Што претставуваат овие суштества? Едно друго видение, кое го опишал пророкот Езекиел, ни помага да разбереме кои се тие. Езекиел го видел Јехова седнат на престол во облик на небесна кочија, во придружба на суштества со обележја слични на оние што ги имаат суштествата кои ги опишал Јован (Езекиел 1:5-11, 22-28). Нешто подоцна Езекиел повторно ја видел оваа кочија околу која биле истите суштества. Но, овој пат, тој за нив вели дека се херувими (Езекиел 10:9-15). Според тоа, четирите суштества што ги гледа Јован мора да ги претставуваат многуте Божји херувими — суштества што заземаат висока положба во Божјата духовна организација. За Јован не би требало да биде чудно тоа што ги гледа херувимите толку блиску до Јехова бидејќи, во минатото, во светиот шатор имало два златни херувима на поклопецот на ковчегот на сојузот кој, всушност, го претставувал Јеховиниот престол. Од просторот меѓу овие херувими доаѓал Јеховиниот глас, кој му давал заповеди на народот (2. Мојсеева 25:22; Псалм 80:1).
20. Во која смисла може да се каже дека четирите суштества се наоѓаат „среде престолот и околу престолот“?
20 Овие четири суштества се „среде престолот и околу престолот“. Што точно значи ова? Може да значи дека тие се поставени околу престолот на тој начин што секој од нив се наоѓа во средината на секоја страна. Затоа, во Today’s English Version изворниот грчки израз е преведен на следниов начин: „На сите страни околу престолот“. Но, овој израз може да значи и дека четирите суштества се наоѓаат во средината на небото, каде што се наоѓа престолот. Најверојатно од таа причина The Jerusalem Bible ја преведува оваа фраза вака: „Во средината, собрани околу самиот престол“. Важно е тоа што овие херувими се многу блиску до Јеховиниот престол, слично на херувимите што ги видел Езекиел, кои се наоѓале на секој агол од небесната кочија, која ја претставува Јеховината организација (Езекиел 1:15-22). Сето ова е во согласност со зборовите од Псалм 99:1: „Јехова стана цар... Тој седи на херувими“.
21, 22. а) Како Јован ги опишува четирите суштества? б) Што е претставено со надворешниот изглед на четирите суштества?
21 Јован продолжува: „Првото суштество личеше на лав, второто суштество личеше на млад бик, третото суштество имаше лице како на човек, а четвртото суштество беше како орел кој лета“ (Откровение 4:7). Зошто овие четири суштества толку се разликуваат едно од друго? Очигледно, овие различни суштества истакнуваат четири посебни особини што ги поседува Бог. Првото е слично на лав. Во Библијата, лавот се користи како симбол на храброста, особено во поврзаност со правдата и праведноста (2. Самоилова 17:10; Изреки 28:1). Затоа, лавот многу добро ја претставува смелата правда, особина што е карактеристична за Бог (5. Мојсеева 32:4; Псалм 89:14). Второто суштество личи на млад бик. Која особина ни доаѓа на ум кога ќе помислиме на бик? За Израелците бикот бил многу вредно животно затоа што бил силен (Изреки 14:4; види и Јов 39:9-11). Според тоа, младиот бик ја означува моќта, односно огромната сила што ја поседува Јехова (Псалм 62:11; Исаија 40:26).
22 Третото суштество има човечко лице. Тоа мора да ја претставува љубовта на Бог, бидејќи на Земјата единствено човекот бил создаден според Божјиот лик и само тој ја поседува оваа извонредна особина (1. Мојсеева 1:26-28; Матеј 22:36-40; 1. Јованово 4:8, 16). Без сомнение, и херувимите покажуваат љубов додека служат околу Јеховиниот престол. А какво е четвртото суштество? Тоа личи на орел кој лета. Самиот Јехова ни го посочува извонредниот вид што го има орелот: „Оттаму бара храна, неговите очи гледаат далеку“ (Јов 39:29). Затоа, орелот е многу добар симбол за далековида мудрост. Јехова е Изворот на мудроста. Неговите херувими ја покажуваат оваа особина што ја има Бог со тоа што ги слушаат неговите заповеди (Изреки 2:6; Јаков 3:17).
Одекнуваат фалби за Јехова
23. Што значи тоа што четирите суштества се „полни со очи“, и што е нагласено со тоа што имаат три пара крилја?
23 Јован го продолжува својот опис со следниве зборови: „Секое од тие четири суштества имаше по шест крилја. Насекаде по телото и под крилјата беа полни со очи. И суштествата, без починка, дење и ноќе, зборуваа: ‚Свет, свет, свет е Јехова Бог, Семоќниот, кој беше и кој е и кој доаѓа!‘“ (Откровение 4:8). Тоа што суштествата се полни со очи наведува на заклучокот дека имаат совршен вид и дека можат да гледаат далеку. Бидејќи не спијат, можат постојано да ги користат овие способности. Тие го прават истото што го прави и Оној за кого е напишано: „Зашто, Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. Летописи 16:9). Бидејќи имаат толку многу очи, херувимите можат да гледаат насекаде. Ништо не може да им се скрие од погледот. На тој начин, тие се добро опремени да му послужат на Бог кога тој ќе суди. За него се вели: „Очите на Јехова се на секое место и ги набљудуваат и злите и добрите“ (Изреки 15:3). А со трите пара крилја (бројот три во Библијата служи за да се нагласи нешто), херувимите можат да се движат со брзина на молња за да ги разгласат и да ги извршат Јеховините пресуди.
24. Со кои зборови херувимите го слават Јехова, и што значи тоа?
24 Слушај! Колку е складна и милозвучна песната на фалба што овие херувими му ја пеат на Јехова: „Свет, свет, свет е Јехова Бог, Семоќниот, кој беше и кој е и кој доаѓа!“ Бидејќи бројот три означува и јачина, со тоа што трипати го повторуваат зборот ‚свет‘, херувимите со силна увереност ја потврдуваат светоста на Јехова Бог. Тој е Изворот на светоста и единствениот што ги поставува мерилата за светост. Јехова е и „Царот на вечноста“ и секогаш е „алфа и омега, првиот и последниот, почетокот и завршетокот“ (1. Тимотеј 1:17; Откровение 22:13). Херувимите без починка ги објавуваат Јеховините неспоредливи особини пред целото создание.
25. Како четирите суштества и 24-те старешини обединето му оддаваат слава и чест на Јехова?
25 На небото над небесата одекнуваат фалби за Јехова! Јован продолжува со својот опис: „И секогаш кога тие суштества му оддаваа слава, чест и благодарност на оној што седеше на престолот, на оној што живее во сета вечност, дваесет и четирите старешини паѓаа ничкум пред оној што седи на престолот и му се поклонуваа на оној што живее во сета вечност, и ги фрлаа своите круни пред престолот, велејќи: ‚Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ, и поради твојата волја сѐ постои и е создадено‘“ (Откровение 4:9-11). Во целата Библија, ова е една од највеличествените објави со која му се оддава чест на Јехова, нашиот Бог и Севишен Господар!
26. Зошто 24-те старешини ги фрлаат своите круни пред Јехова?
26 Дваесет и четирите старешини имаат ист став како Исус, и ова се гледа од тоа што ги фрлаат своите круни пред Јехова. Тие воопшто не помислуваат да се возвишат себеси во Божјата присутност. Исто како Исус, тие понизно признаваат дека единствената цел на нивното царување е да му оддадат чест и слава на Бог (Филипјаните 2:5, 6, 9-11). Покорно ја признаваат својата подредена положба и свесни се дека нивното царување зависи од Јехова, кој е врховен владетел. Затоа со сето срце се согласуваат со херувимите и со сите други верни суштества, и му оддаваат чест и фалба на Бог кој создал сѐ (Псалм 150:1-6).
27, 28. а) Како треба да влијае врз нас описот на ова видение на Јован? б) Кои прашања се поставуваат во врска со она што сега ќе го види и ќе го чуе Јован?
27 Кој може да остане рамнодушен кога го чита описот на ова видение што го запишал Јован? Тоа е навистина величествено, возвишено! Каква ли е тогаш реалноста! Јеховиното величие и достоинство сигурно ги поттикнуваат сите искрени лица да им се придружат на четирите суштества и на 24-те старешини, и да го фалат Бог — и во своите молитви и со тоа што јавно го објавуваат неговото име. Ова е тој Бог за кој имаат чест да сведочат христијаните денес (Исаија 43:10). Сети се дека видението на Јован се однесува на денот на Господарот во кој живееме сега. „Седумте духови“ се секогаш тука за да нѐ водат и да ни даваат сила (Галатите 5:16-18). Ја имаме Божјата реч која ни помага да бидеме свети затоа што му служиме на свет Бог (1. Петрово 1:14-16). Навистина сме среќни што ги читаме зборовите на ова пророштво! (Откровение 1:3). Тие ни се голем поттик да му останеме верни на Јехова и да не му дозволиме на светот да нѐ спречи да му пееме фалби на сет глас! (1. Јованово 2:15-17).
28 Досега Јован го опишуваше она што го видел кога бил повикан да влезе низ отворената врата на небото. Тој навистина дава извонреден опис на Јехова, кој седи на својот небесен престол, високо возвишен во своето величие и достоинство. Околу него се наоѓа најмоќната од сите организации која блеска во својот сјај и лојалност. Сега ќе заседава Божјиот суд (Даниел 7:9, 10, 18). Сцената е поставена — ќе се случи нешто необично. Што е тоа, и како влијае врз нас денес? Завесата полека се крева — да гледаме!
[Слика на целата страница 75]
[Слика на целата страница 78]