Поглавје 15
„Кој е достоен да го отвори свитокот?“
1. Што се случува сега во видението на Јован?
ВЕЛИЧЕСТВЕНО! Достојно за страхопочит! Токму со овие зборови може да се опише возбудливото видение на Јеховиниот престол, кој се наоѓа меѓу огнени светилки, херувими, 24 старешини и стаклено море. Но, што друго гледа Јован? Сега тој го насочува своето внимание кон самиот центар на оваа небесна сцена: „И во десницата на оној што седеше на престолот видов свиток испишан однатре и однадвор, запечатен со седум печати. И видов еден силен ангел како објавува со силен глас: ,Кој е достоен да го отвори свитокот и да ги скрши неговите печати?‘ Но никој ниту на небото, ниту на земјата, ниту под земјата не можеше да го отвори свитокот и да погледне во него. И јас силно заплакав зашто не се најде никој достоен да го отвори свитокот, ниту да погледне во него“ (Откровение 5:1-4).
2, 3. а) Зошто Јован со нетрпение чекал да се најде некој што ќе го отвори свитокот, но какви биле шансите за ова? б) Што очекувале со нетрпение Божјите помазани слуги во нашево време?
2 Лично Јехова, Севишниот Господар на сето творештво, ја испружува раката и подава свиток. Овој свиток мора да е полн со многу важни информации бидејќи е испишан и од предната и од задната страна. Стануваме љубопитни. Што пишува во него? Се сеќаваме дека Јехова му го упати на Јован следниов повик: „Качи се ваму, и ќе ти го покажам она што ќе се случи“ (Откровение 4:1). Сега сигурно со нетрпение чекаме да дознаеме за што се работи. Но, за жал, свитокот е цврсто запечатен со седум печати!
3 Дали силниот ангел ќе најде некого кој е достоен да го отвори? Според Kingdom Interlinear, свитокот е „на десната дланка“ на Јехова. Ова би значело дека Тој го држи на испружена дланка. Меѓутоа, се чини дека никој — ниту на небото ниту на Земјата — не е достоен да го земе и да го отвори тој свиток. Дури ни под Земјата, меѓу верните Божји слуги кои умреле, нема таков што е достоен за оваа голема чест. Не е ни чудо што Јован видливо се вознемирува! На крајот, можеби воопшто и нема да дознае што е „она што ќе се случи“. И во нашево време Божјите помазани слуги со нетрпение очекуваа Јехова да им пушти светлина за да ги разберат вистините од Откровението. Но, Тој го правеше ова постепено, во времето што самиот го одредил за исполнување на пророштвото, сѐ со цел да го води и да го избави својот народ како „голем спасител“ (Псалм 43:3, 5).
Оној што е достоен
4. а) Кој е достоен да го отвори свитокот и да ги скрши неговите печати? б) Каква награда и чест им се дадени на класата на Јован и на нејзините придружници?
4 Да, сепак има некој што е достоен да го отвори свитокот! Јован раскажува: „Но еден од старешините ми рече: ‚Не плачи! Еве, победи лавот од Јудиното племе, Давидовиот корен. Тој е достоен да го отвори свитокот и неговите седум печати‘“ (Откровение 5:5). Затоа, Јоване, избриши ги солзите! Класата на Јован и нејзините верни придружници и во нашево време со децении поднесуваа тешки искушенија додека стрпливо чекаа да бидат просветлени. И, нивната стрпливост беше наградена — ние денес го разбираме ова видение. Колкава чест имаме што учествуваме во неговото исполнување објавувајќи им ја на другите пораката што ја содржи тоа!
5. а) Кое пророштво било кажано во врска со Јуда, и каде царувале потомците на Јуда? б) Кој е Сило?
5 „Лавот од Јудиното племе!“ Јован го знае пророштвото што го кажал Јаков, прататкото на Евреите, во врска со својот четврти син: „Јуда е лавче. Од пленот, сине мој, ќе стануваш. Се спушти, се испружи како лав; и, како лав, кој се осмелува да го дразни? Жезолот нема да се оддели од Јуда, ниту заповедничката палка од нозете негови додека не дојде Сило — и нему ќе му се покоруваат народите“ (1. Мојсеева 49:9, 10). Царевите во Божјиот народ биле од лозата на Јуда. Почнувајќи со Давид, сите цареви што владееле во Ерусалим, додека овој град не бил уништен од Вавилонците, биле потомци на Јуда. Но, ниту еден од нив не бил Сило за кого пророкувал Јаков. Сило значи „оној кому му припаѓа“. Со ова име пророчки се укажува на Исус, кому засекогаш ќе му припаѓа правото да владее со Давидовото царство (Езекиел 21:25-27; Лука 1:32, 33; Откровение 19:16).
6. Во која смисла Исус бил „фиданка“ од Јесеј, а и ‚Давидов корен‘?
6 Јован веднаш го препознава изразот „Давидовиот корен“. Ветениот Месија пророчки бил наречен „фиданка... од пенушката на Јесеј [таткото на цар Давид], подник“, но и ‚корен на Јесеј, кој ќе стане како собирен знак за народите‘ (Исаија 11:1, 10). Исус бил фиданка од Јесеј затоа што бил роден во царската лоза на Давид, синот на Јесеј. Но, бидејќи е и корен на Јесеј, од него повторно никнува лозата на Давид, и поради него таа постои и ќе постои засекогаш (2. Самоилова 7:16).
7. Зошто Исус е достоен да го земе свитокот од раката на Оној што седи на престолот?
7 Исус, како совршен човек, покажал на извонреден начин што значи беспрекорно да му се служи на Јехова дури и во тешки и болни искушенија. Тој го дал конечниот одговор на спорното прашање што го покренал Сатана (Изреки 27:11). Затоа, ноќта пред да умре со жртвена смрт, можел да каже: „Јас го победив светот!“ (Јован 16:33). Поради ова, Јехова му ја дал на воскреснатиот Исус „сета власт на небото и на земјата“. Само тој, од сите слуги на Бог, ги исполнува условите да го земе свитокот и да ја објави многу важната порака напишана во него (Матеј 28:18).
8. а) Кои работи во врска со Царството покажуваат дека Исус е достоен да го отвори свитокот? б) Зошто е на место тоа што еден од 24-те старешини му открива на Јован кој е тој што е достоен да го отвори свитокот?
8 Исус навистина е достоен да го отвори свитокот. Во 1914 година, тој бил устоличен како Цар на Божјето месијанско Царство, а свитокот открива многу работи во врска со Царството и со она што ќе го направи тоа. Исус верно сведочел за вистината за ова Царство кога бил овде на Земјата (Јован 18:36, 37). Ги учел своите следбеници да се молат да дојде Царството (Матеј 6:9, 10). Започнал да ја проповеда добрата вест за Царството кога било основано христијанството и прорекол дека ова дело ќе достигне кулминација во времето на крајот (Матеј 4:23; Марко 13:10). Зошто е на место тоа што еден од 24-те старешини му открива на Јован дека Исус е тој што ќе ги отвори печатите? Затоа што овие старешини седат на престоли и носат круни како сонаследници на Христос во неговото Царство (Римјаните 8:17; Откровение 4:4).
,Јагнето што беше заклано‘
9. Наместо лав, што видел Јован „покрај престолот“, и како го опишува она што го видел?
9 Јован сега погледнува очекувајќи да го види овој ‚лав од Јудиното племе‘. Но, какво изненадување! Пред себе гледа сосем поинаков симболичен лик: „И видов како покрај престолот и среде четирите суштества и среде старешините стои Јагне, кое изгледаше како да беше заклано и имаше седум рогови и седум очи, кои ги претставуваат седумте Божји духови испратени по целата земја“ (Откровение 5:6).
10. Кого го претставува ‚Јагнето‘ што го видел Јован, и зошто овој симбол е соодветен?
10 Во самиот центар, веднаш покрај престолот околу кој се наоѓаат четирите суштества и 24-те старешини, стои јагне! Нема сомнение, на Јован веднаш му е јасно дека ова јагне е „лавот од Јудиното племе“ и „Давидовиот корен“. Тој знае дека повеќе од 60 години пред тоа, Јован Крстител им го претставил Исус на Евреите нарекувајќи го „Божјето Јагне, кое го отстранува гревот на светот“ (Јован 1:29). Во текот на целиот свој живот на Земјата, Исус останал неизвалкан од светот — исто како едно невино јагне — за да може да го даде својот беспрекорен живот како жртва за човештвото (1. Коринќаните 5:7; Евреите 7:26).
11. Зошто описот на Исус како ‚Јагне, кое изгледа како да било заклано‘, не е недостоинствен?
11 Дали тоа што прославениот Исус е прикажан како ‚Јагне, кое изгледа како да било заклано‘ на некој начин е понижувачки и недостоинствен опис? Во никој случај! Исус останал верен до смрт и ова бил голем пораз за Сатана, а огромна победа за Јехова Бог. Тоа што Исус е претставен на овој начин живописно ја прикажува неговата победа над Сатановиот свет, а нѐ потсетува и на длабоката љубов што тој и Јехова ја чувствуваат кон луѓето (Јован 3:16; 15:13; спореди Колошаните 2:15). Сето ова укажува на Исус како на ветеното потомство, кое ги исполнува апсолутно сите услови да го отвори свитокот (1. Мојсеева 3:15).
12. Што значат седумте рогови на Јагнето?
12 Што друго ни го зголемува ценењето за ова „Јагне“? Тоа има седум рогови. Во Библијата, роговите честопати се користат како симбол на моќ или власт, а бројот седум означува потполност. (Спореди 1. Самоилова 2:1, 10; Псалм 112:9; 148:14.) Според тоа, седумте рогови на Јагнето покажуваат дека Јехова му дал на Исус потполна власт над сѐ. Тој е „далеку над секоја влада и власт и сила и управа и над секое име кое е дадено, не само во овој поредок туку и во оној што треба да дојде“ (Ефешаните 1:20-23; 1. Петрово 3:22). Исус ја користи својата владејачка моќ особено од 1914 година, кога Јехова го поставил за небесен Цар (Псалм 2:6).
13. а) Што претставуваат седумте очи на Јагнето? б) Што направило Јагнето потоа?
13 Освен тоа, Исус е полн и со свет дух, на што укажуваат седумте очи на Јагнето, кои „ги претставуваат седумте Божји духови“. Преку Исус, Јехова во потполност им дава од својот дух, односно сила, на своите слуги на Земјата (Тит 3:6). Очигледно, преку истиот тој дух Исус гледа од небото што се случува овде на Земјата. Исто како својот Татко, тој има совршена моќ на забележување. Ништо не може да се скрие од неговиот поглед. (Спореди Псалм 11:4; Захарија 4:10.) Тој е Синот кој останал верен до крај и го победил светот. Тој е лавот од Јудиното племе и Давидовиот корен кој го дал својот живот за луѓето. Тој е оној што има потполна власт и е полн со свет дух. Нему Јехова Бог му дал совршена моќ на забележување. Затоа, Исус навистина е достоен да го земе свитокот од Јеховината рака! Дали се двоуми да ја прифати оваа служба во Јеховината возвишена организација? Не! Напротив, „Јагнето отиде и го зеде свитокот од десната рака на оној што седеше на престолот“ (Откровение 5:7). Каков извонреден пример на спремна подложност!
Фалбени песни
14. а) Што направиле четирите суштества и 24-те старешини кога Исус го зел свитокот? б) Како она што го дознал Јован за 24-те старешини потврдува кои се тие и каква е нивната улога?
14 Како реагираат другите што стојат пред Јеховиниот престол? „Кога Јагнето го зеде свитокот, четирите суштества и дваесет и четирите старешини паднаа ничкум пред него. Секој имаше харфа, а имаа и златни садови полни со темјан, кој ги претставува молитвите на светите“ (Откровение 5:8). Исто како четирите херувими пред Божјиот престол, и 24-те старешини му се поклонуваат на Исус, покажувајќи дека ја признаваат неговата власт. Но, само старешините имаат харфи и садови со темјан.a И само тие почнуваат да пеат една нова песна (Откровение 5:9). Ова нѐ потсетува на 144.000-те членови на светиот ‚Израел Божји‘, кои исто така имаат харфи и пеат нова песна (Галатите 6:16; Колошаните 1:12; Откровение 7:3-8; 14:1-4). Освен тоа, овие 24 старешини се прикажани како вршат небесна, свештеничка должност, претставена со службата на свештениците во древниот Израел, кои палеле темјан во светиот шатор. Оваа служба престанала да се врши на Земјата кога Бог го отстранил Мојсеевиот закон приковувајќи го на маченичкиот столб на Исус (Колошаните 2:14). Што можеме да заклучиме од сево ова? Дека овде се претставени помазаните победници на својата главна должност како ‚свештеници на Бог и на Христос, кои ќе царуваат со Христос илјада години‘ (Откровение 20:6).
15. а) Само кој смеел да влезе во Светињата над светињите во светиот шатор во Израел? б) Зошто животот на првосвештеникот зависел од тоа дали имал запалено темјан пред да влезе во Светињата над светињите?
15 Во Светињата над светињите во древниот Израел, во симболичното присуство на Јехова, можел да влезе само првосвештеникот. Дали ќе останел жив или не, зависело од тоа дали носел темјан. Во Јеховиниот закон стоело: „[Арон] нека ја земе кадилницата полна со вжарени јаглења од огнот на жртвеникот што е пред Јехова, и еден полн грст фин мирислив темјан и нека ги внесе зад завесата. Нека го стави темјанот на огнот пред Јехова за чадот од темјанот да го покрие поклопецот од ковчегот што е на Сведоштвото, за да не загине“ (3. Мојсеева 16:12, 13). Не било можно првосвештеникот да влезе во Светињата над светињите и да остане жив доколку немал запалено темјан.
16. а) Во христијанското уредување, кој влегува во вистинската Светиња над светињите? б) Зошто помазаните христијани мора да имаат ‚запалено темјан‘?
16 Во христијанското уредување, не само поголемиот Првосвештеник, Исус Христос, туку и сите 144.000 свештеници на крајот влегуваат во вистинската Светиња над светињите — место на небото каде што престојува самиот Јехова (Евреите 10:19-23). Овие свештеници, кои овде се претставени со 24-те старешини, во никој случај не смеат да влезат во вистинската Светиња над светињите доколку немаат ‚запалено темјан‘, односно доколку постојано не му упатуваат молби и сесрдни молитви на Јехова (Евреите 5:7; Јуда 20, 21; спореди Псалм 141:2).
Нова песна
17. а) Каква нова песна пеат 24-те старешини? б) Како обично се користи изразот „нова песна“ во Библијата?
17 Сега се разлева милозвучна песна. Дваесет и четирите старешини, односно свештениците кои служат заедно со Јагнето, му пеат нему. „И му пееја на Јагнето нова песна: ‚Достоен си да го земеш свитокот и да ги отвориш неговите печати, зашто беше заклан и со својата крв купи за Бог луѓе од секое племе и јазик и народ и народност‘“ (Откровение 5:9). Изразот „нова песна“ се појавува на неколку места во Библијата и обично се однесува на фалбена песна која му се пее на Јехова поради некое негово чудесно дело на избавување (Псалм 96:1; 98:1; 144:9). Песната е нова затоа што пејачот сега може да објавува други, нови, прекрасни дела што Јехова ги направил, а и да покаже уште поголемо ценење за Неговото величествено име.
18. За што го фалат Исус 24-те старешини во својата нова песна?
18 Но, овде 24-те старешини му пеат нова песна на Исус, а не на Јехова. Сепак, мотивот е ист. Тие го фалат Исус за новите работи што тој, како Божји Син, ги направил за нив. Преку својата крв, тој станал посредник на новиот сојуз, и така овозможил да се роди еден нов народ кој е посебна Јеховина сопственост (Римјаните 2:28, 29; 1. Коринќаните 11:25; Евреите 7:18-25). Членовите на овој нов народ потекнуваат од многу народи на Земјата, но Исус ги обединил во едно собрание и тие станале еден народ (Исаија 26:2; 1. Петрово 2:9, 10).
19. а) Каков благослов пропуштиле родените Израелци затоа што биле неверни? б) Каков благослов ќе добие Јеховиниот нов народ?
19 Кога ги основал Израелците како народ во времето на Мојсеј, Јехова склучил сојуз со нив и им ветил дека, ако верно го држат неговиот сојуз, ќе му станат царство на свештеници (2. Мојсеева 19:5, 6). Бидејќи Израелците биле неверни, не го доживеале исполнувањето на тоа ветување. Но, новиот народ, кој бил основан благодарение на новиот сојуз, чиј посредник е Исус, останал верен. Затоа неговите членови ќе владеат над Земјата како цареви и ќе служат како свештеници, помагајќи им на искрените луѓе да се помират со Јехова (Колошаните 1:20). Токму тоа е кажано во новата песна: „И ги направи царство и свештеници на нашиот Бог, и ќе царуваат над земјата“ (Откровение 5:10). Со каква огромна радост 24-те старешини му ја пеат оваа нова фалбена песна на прославениот Исус!
Небесен хор
20. Каква фалбена песна за Јагнето одекнува сега?
20 Како реагираат на оваа нова песна останатите од небесното мноштво во Јеховината организација? Јован е воодушевен кога гледа дека тие од сѐ срце се согласуваат со 24-те старешини: „И погледнав и чув глас од многу ангели, кои беа околу престолот и околу суштествата и старешините. Бројот им беше миријади миријади и илјадници илјади. И зборуваа со силен глас: ‚Јагнето, кое беше заклано, е достојно да прими моќ и богатство и мудрост и сила и чест и слава и благослов‘“ (Откровение 5:11, 12). Каква величествена фалбена песна!
21. Дали фалбите упатени на Јагнето го загрозуваат Јеховиното право да владее или неговата положба? Објасни.
21 Дали ова значи дека сега Исус на некој начин го заменил Јехова Бог и дека сето творештво се свртело да го слави него наместо неговиот Татко? Во никој случај! Напротив, оваа песна на фалба е во согласност со она што го напишал апостол Павле: „Бог го возвиши [Исус] и му подари име кое е над секое друго име, за во Исусово име да се свитка секое колено на оние што се на небото и на оние што се на земјата и на оние што се под земјата, и секој јазик јавно да го признае Исус Христос за Господар, на слава на Бог, Таткото“ (Филипјаните 2:9-11). Исус овде е величан поради улогата што ја одиграл во решавањето на главното спорно прашање кое било покренато пред целото творештво — докажал дека Јехова има неприкосновено право да владее. Ова навистина му донело голема слава на неговиот Татко!
Сѐ погласна химна
22. Во која химна се придружуваат гласови од Земјата?
22 Во глетката што ја опишува Јован, небесните мноштва го фалат Исус во милозвучна песна оддавајќи му признание за неговата верност и за неговата небесна власт. Во ова им се придружуваат и гласови од Земјата, кои исто така ги фалат и Таткото и Синот. Исто како што достигнувањата на еден човечки син можат да им донесат чест и признание на родителите, така и Исусовиот живот на верност му донесува „слава на Бог, Таткото“ пред целото творештво. Затоа, Јован продолжува: „И чув како секое суштество на небото и на земјата и под земјата и на морето — сѐ што е на нив и во нив — зборува: ‚На оној што седи на престолот и на Јагнето нека биде благословот и честа и славата и моќта во сета вечност!‘“ (Откровение 5:13).
23, 24. а) Од каде знаеме кога почнала да се пее химната на небото, а кога на Земјата? б) Како химната станува сѐ погласна со текот на годините?
23 Кога одекнува оваа прекрасна химна? Таа почнала да се слуша во почетокот на денот на Господарот. Откако Сатана и неговите демони биле исфрлени од небесата, „секое суштество на небото и на земјата“ можело да се придружи во пеењето на оваа фалбена песна. Како што се гледа од извештаите, од 1919 година наваму, членовите на едно сѐ поголемо мноштво на Земјата ги креваат своите гласови фалејќи го Јехова. До 2005 година, нивниот број порасна од неколку илјади на повеќе од шест милиони.b Откако ќе биде уништен Сатановиот земен поредок, „секое суштество... на земјата“ ќе му пее фалби на Јехова и на неговиот Син. Во време што го одредил Јехова, ќе започне и воскресението на безброј милиони луѓе што умреле, и тогаш „секое суштество... под земјата“, кое е во Божјето сеќавање, ќе има можност да ја запее химната заедно со другите.
24 Уште сега, милиони луѓе ‚од крајот на земјата, морето и островите‘ пеат нова песна заедно со Јеховината меѓународна организација (Исаија 42:10; Псалм 150:1-6). Оваа радосна песна на фалба ќе биде најгласна на крајот на илјадагодишното владеење, кога луѓето ќе бидат совршени. Тогаш старата Змија — праизмамникот Сатана — ќе биде уништена и на тој начин целосно ќе се исполни пророштвото од 1. Мојсеева 3:15. Во таа победничка завршница, сето живо творештво, духовно и човечко, ќе пее во еден глас: „На оној што седи на престолот и на Јагнето нека биде благословот и честа и славата и моќта во сета вечност!“ Во целата вселена нема да има ниту еден глас што ќе ја наруши хармонијата на таа песна.
25. а) Што сме поттикнати да правиме кога го читаме она што Јован го кажува за химната која сите ја пеат? б) Каков извонреден пример ни даваат четирите суштества и 24-те старешини на крајот од видението?
25 Колку радосно време ќе биде тоа! Додека го читаме она што Јован го опишува овде, срцата сигурно ни се прелеваат од среќа. Тоа навистина ни дава силен поттик да им се придружиме на небесните мноштва и од срце да им запееме фалби на Јехова Бог и на Исус Христос. Зарем не сме решени повеќе од кога и да е порано да продолжиме да правиме добри дела? Тогаш, можеме да очекуваме, со Јеховина помош, и ние лично да бидеме таму за да го видиме среќниот крај, и да пееме фалби заедно со сите други. Се разбира, четирите херувими и воскреснатите помазани христијани потполно се сложуваат, бидејќи видението завршува со следниве зборови: „И четирите суштества велеа: ‚Амин!‘ — а старешините паднаа ничкум и му се поклонија на Бог“ (Откровение 5:14).
26. Во што треба да покажуваме вера, и за што се подготвува Јагнето?
26 Покажувај и ти, драг читателе, вера во жртвата на Јагнето — ‚достојниот‘ — и биди благословен додека се трудиш да го обожаваш и да му служиш на Јехова — „оној што седи на престолот“. Класата на Јован нека ти помогне во ова денес, со тоа што ќе ти ‚дава [духовна] храна во право време‘ (Лука 12:42). Но, чекај! Јагнето се подготвува да ги отвори седумте печати. Кои возбудливи работи ќе ни бидат откриени?
[Фусноти]
a Од граматичка гледна точка, изразот ‚секој имаше харфа и златни садови полни со темјан‘ може да се однесува и на старешините и на четирите суштества. Но, од контекстот јасно се гледа дека овој израз се однесува само на 24-те старешини.
b Види ја табелата на 64. страница.
[Слика на целата страница 86]