Поглавје 10
Библиско пророштво чие исполнување си го видел
Дали некогаш си се запрашал зошто работите денес се толку поинакви во споредба со тоа какви биле пред стотина години? Некои работи се подобри. Во многу земји сега рутински се лекуваат болестите од кои во минатото се умирало, а еден просечен човек има животен стандард за кој неговите прадедовци не ни сонувале. Од друга страна, пак, нашиов век ги доживеа најлошите војни и некои од најстрашните ѕверства во целата историја. Просперитетот на човештвото — дури и неговото понатамошно постоење — е загрозен од демографската експлозија, проблемот со загадувањето и огромните, меѓународни резерви од нуклеарно, биолошко и хемиско оружје. Зошто овој 20 век е толку поинаков од претходните векови?
1. (Вклучи го и уводот.) а) Во кој поглед овој 20 век е поинаков од претходните векови? б) Што ќе ни помогне да разбереме зошто нашиве времиња се толку поинакви?
ОДГОВОРОТ на ова прашање има врска со едно извонредно библиско пророштво чие исполнување си го видел. Тоа е пророштво кое го кажал самиот Исус и кое, освен што дава доказ дека Библијата е инспирирана, покажува дека живееме непосредно пред едни многу драматични промени на светската сцена. Кое е ова пророштво? И откаде знаеме дека се исполнува?
Исусовото големо пророштво
2, 3. Кое прашање му го поставиле учениците на Исус, и каде го наоѓаме одговорот?
2 Библијата ни кажува дека, кратко пред Исусовата смрт, неговите ученици разговарале за величествените згради на храмот во Ерусалим; тие биле импресионирани од нивната големина и привидна трајност. Но, Исус рекол: „Го гледате ли сето тоа? Вистина, ви велам: нема да остане тука ни камен на камен, а да не биде урнат“ (Матеј 24:1, 2).
3 Исусовите ученици сигурно биле изненадени од неговите зборови и подоцна дошле кај него за повеќе информации, велејќи: „Кажи ни: Кога ќе бидат овие работи, и што ќе биде знакот на твојата присутност и на завршетокот на системот на ствари?“ (Матеј 24:3, NW). Исусовиот одговор се наоѓа во останатиот дел од Матеј, поглавја 24 и 25. Неговите зборови се запишани и во Марко, поглавје 13, како и во Лука, поглавје 21. Јасно е дека ова било најважното пророштво што Исус го изговорил додека бил на Земјата.
4. За кои различни работи прашувале Исусовите ученици?
4 Всушност, Исусовите ученици не прашувале само за една работа. Како прво, тие го поставиле прашањето: „Кога ќе бидат овие работи?“ т. е. кога ќе бидат уништени Ерусалим и неговиот храм? Понатаму, тие сакале да го дознаат знакот кој ќе покаже дека почнала Исусовата присутност како Цар на Божјето небесно Царство и дека е близу крајот на овој систем на ствари.
5. а) Кое било почетното исполнување на Исусовото пророштво, но кога неговите зборови требало да го имаат своето целосно исполнување? б) Како Исус почнал да одговара на прашањето на учениците?
5 Во својот одговор, Исус ги разгледал двете работи. Многу од неговите зборови всушност се исполниле во првиот век, во текот на годините кои му претходеле на страшното уништување на Ерусалим во 70 н. е. (Матеј 24:4—22). Но, неговото пророштво требало да има уште поголемо значење подоцна, всушност, во нашиве денови. Тогаш, што рекол Исус? Тој започнал со тоа што ги изговорил зборовите запишани во стиховите 7 и 8: „Зашто нација ќе се дигне против нација и царство против царство, и ќе има оскудица на храна и земјотреси од едно место во друго. Сите овие работи се почеток на болни неволји“ (NW).
6. На кое паралелно пророштво нѐ потсетуваат Исусовите зборови во Матеј 24:7, 8?
6 Јасно е дека Исусовата присутност како небесен Цар требало да биде означена со голем метеж на Земјата. Ова е потврдено со едно паралелно пророштво што се наоѓа во книгата Откровение: визијата за четирите јавачи на Апокалипсата (Откровение 6:1—8). Првиот од овие јавачи го претставува самиот Исус како победнички Цар. Другите јавачи со нивните коњи ги претставуваат настаните на Земјата кои го означуваат почетокот на Исусовото владеење: војна, глад и предвремена смрт од различни причинители. Дали денес го гледаме исполнувањето на овие две пророштва?
Војна!
7. Што е пророчки предочено со јавањето на вториот јавач на Апокалипсата?
7 Да ги погледнеме малку одблизу. Најнапред, Исус рекол: „Нација ќе се дигне против нација и царство против царство“. Ова било пророштво за војна. Слично на тоа, вториот од четирите јавачи на Апокалипсата предочувал војна. Читаме: „И излезе друг коњ, црвен; и на јавачот му беше дадено да го одземе мирот од земјата, та еден со друг да се убиваат; и му беше даден голем меч“ (Откровение 6:4). Значи, човештвото води војни веќе илјадници години. Тогаш, зошто овие зборови треба да имаат посебно значење за нашево време?
8. Зошто би очекувале војната да биде една истакната карактеристика на знакот?
8 Сети се дека војната сама по себе не е знак на Исусовата присутност. Знакот е составен од сите детали на Исусовото пророштво кои се случуваат во истиот општ временски период. Но, војната е првата карактеристика што е спомната и затоа можеме да очекуваме дека оваа карактеристика ќе се исполни на еден истакнат начин кој ќе го плени нашето внимание. И секој мора да признае дека во целата претходна историја немало такви како војните од овој 20 век.
9, 10. Како почнале да се исполнуваат пророштвата во врска со војната?
9 На пример, ниедна од претходните војни — колку и да биле сурови и разорни — не е ни приближно толку разорна колку што биле двете светски војни на 20 век. Само Првата светска војна однела околу 14 милиони животи, повеќе од вкупното население на многу земји. Навистина, ‚било дадено да се одземе мирот од земјата, та еден со друг да се убиваат‘.
10 Според пророштвото, на воинствениот втор јавач на Апокалипсата ‚му бил даден голем меч‘. На што се применува тоа? На следново: Воените оружја станале далеку посмртоносни. Опремен со тенкови, авиони, смртоносни отровни гасови, подморници и артилерија која може да испалува експлозивни гранати на неколку километри, човекот станал поефикасен во убивањето на својот ближен. А од I светска војна ‚големиот меч‘ станал уште поразорен — што се должи на употребата на такви работи какви што се радио-комуникациите, радарот, софистицираните пушки, бактериолошкото и хемиското оружје, огнофрлачот, напалмот, новите видови бомби, интерконтиненталните балистички проектили, нуклеарните подморници, напредните авиони и огромните воени бродови.
„Почеток на болни неволји“
11, 12. На кој начин I светска војна била само „почеток на болни неволји“?
11 Почетните стихови од Исусовото пророштво завршуваат со зборовите: „Овие работи се почеток на болни неволји“. Ова сигурно било случај со I светска војна. Нејзиниот крај во 1918 година не донел мир за долго време. Наскоро по него следеле ограничени но сурови воени акции во Етиопија, Либија, Шпанија, Русија, Индија и во други земји. Потоа дошла ужасната II светска војна, која одзела 50-тина милиони животи на војници и цивили.
12 Освен тоа, и покрај повремените мировни договори и затишја на борбите, човештвото сѐ уште војува. Во 1987 било известено дека од 1960 година се воделе 81 поголема војна, во кои загинале 12.555.000 мажи, жени и деца. Во 1987 се водеа повеќе војни отколку во која и да е претходна година во пишаната историја.1 Освен тоа, воените подготовки и издатоци, кои сега достигнуваат вкупно околу 1.000.000.000.000 долари годишно, ја нарушуваат светската економија.2 Исусовото пророштво дека ‚нација ќе се дигне против нација и царство против царство‘, сигурно се исполнува. Црвениот коњ на војната го продолжува своето разбеснето јавање низ Земјата. Но, што е со вториот аспект на знакот?
Оскудица на храна!
13. Кои трагични настани ги претскажал Исус, и како визијата за третиот јавач на Апокалипсата го поткрепила неговото пророштво?
13 Исус прорекол: „И ќе има оскудица на храна . . . од едно место во друго“. Забележи како ова е во склад со јавањето на третиот од четирите јавачи на Апокалипсата. За него читаме: „И видов, ете вран коњ, а на него јавач со мерила во раката своја. И чув глас среде четирите животни, кој зборуваше: ‚Шиник пченица за динариј, и три шиника јачмен за динариј; но растителното масло и виното ќе ги нема!‘“ (Откровение 6:5, 6). Да, сурова оскудица на храна!
14. Кои поголеми случаи на глад од 1914 година го исполниле Исусовото пророштво?
14 Можно ли е ова пророштво да се исполнува денес, кога некои земји достигнаа толку висок животен стандард? Еден поглед на светот во целина не остава никакво сомневање во врска со одговорот. Според историјата, гладот го предизвикуваат војните и природните катастрофи. Затоа, не изненадува тоа што нашиов век, кој веќе доживеал премногу катастрофи и војни, постојано бил измачуван од глад. Многу делови на Земјата доживеале такви катастрофи од 1914 година. Еден извештај наведува повеќе од 60 поголеми случаи на глад од 1914 година, во толку оддалечени земји како што се Грција, Холандија, СССР, Нигерија, Чад, Чиле, Перу, Бангладеш, Бенгал, Кампучија, Етиопија и Јапонија.3 Некои од овие случаи на глад траеле повеќе години и предизвикале смрт на милиони луѓе.
15, 16. Кој друг облик оскудица на храна навистина е разорен денес?
15 Иако случаите на суров глад обично добиваат широк публицитет, после некое време тие поминуваат и преживеаните постепено се враќаат во релативно нормален живот. Меѓутоа, во текот на 20 век се развил еден уште позлокобен облик на оскудица на храна. Тој не е толку драматичен и затоа честопати се игнорира. Но, продолжува од година в година. Тоа е суровиот камшик на неисхранетоста кој погодува дури и до една петтина од населението на нашата планета и убива од 13 до 18 милиони луѓе секоја година.4
16 Со други зборови, овој вид недостиг на храна за само два дена редовно убива отприлика онолку луѓе колку што биле убиени во Хирошима од атомската бомба. Всушност, секои две години повеќе луѓе умираат од последиците на гладот отколку што биле убиени војници во I и во II светска војна заедно. Дали од 1914 година имало „оскудица на храна . . . од едно место во друго“? Да, навистина!
Земјотреси
17. Кој разорен земјотрес се случил кратко после 1914 година?
17 На 13 јануари 1915, само неколку месеци од почетокот на I светска војна, еден земјотрес го погодил Абруци (Италија) и одзел 32.610 животи. Оваа голема катастрофа нѐ потсетува дека војните и оскудицата на храна за време на Исусовата присутност ќе бидат придружени со уште нешто: „Ќе има . . . земјотреси од едно место во друго“. Како што беше случај со војната и со гладот, земјотресот во Абруци бил само „почеток на болни неволји“.a
18. Како се исполнило Исусовото пророштво за земјотресите?
18 Овој 20 век беше век на земјотреси, и благодарение на развојот на медиумите за јавно информирање, целото човештво е добро запознаено со уништувањата што ги предизвикале. Да споменеме само неколку: во 1920 загинаа 200.000 лица во еден земјотрес во Кина, во 1923 умреа околу 99.300 во еден потрес во Јапонија, во 1935 еден друг земјотрес уби 25.000 лица во денешен Пакистан, додека 32.700 загинаа во Турција во 1939. Во еден земјотрес во Перу во 1970 имаше 66.800 настрадани, а во 1976 околу 240.000 (или, според некои извори 800.000) умреа во Тангшан (Кина). Уште понеодамна, во 1988 година, умреа 25.000 во еден силен земјотрес во Ерменија.b Без сомнение, „земјотреси од едно место во друго“!6
„Помор“
19. Кој понатамошен детаљ од знакот го претскажал Исус а го предочил четвртиот јавач на Апокалипсата?
19 Еден друг детаљ од Исусовото пророштво е во врска со болестите. Во својот извештај, евангелистот Лука известува дека Исус претскажал „од едно место на друго чуми“ (Лука 21:11, NW). И ова е во склад со пророчката визија за четирите јавачи на Апокалипсата. Четвртиот јавач е наречен Смрт. Тој ја предочува предвремената смрт од различни причини, вклучувајќи „помор и земни ѕверови“ (Откровение 6:8).
20. Која истакната епидемија била делумно исполнување на Исусовото пророштво за чумите?
20 Во 1918 и 1919 година, повеќе од 1.000.000.000 луѓе се разболеа од шпанската грозница, додека повеќе од 20.000.000 умреа. Болеста одзеде повеќе животи отколку што одзеде големата војна.7 А ‚поморот‘, односно ‚чумата‘, продолжува да ја измачува оваа генерација и покрај многуте извонредни напредоци во медицината. Зошто? Како прво, посиромашните земји не ги уживаат секогаш користите од научниот напредок. Сиромашните луѓе заболуваат и умираат од болести кои би можеле да се излечат доколку би им стоеле на располагање повеќе пари.
21, 22. Како луѓето и од богатите и од сиромашните земји страдале од „помор“?
21 Според тоа, повеќе од 300 милиони луѓе во светот се заболени од маларија. Околу 200 милиони се инфицирани од билхарциоза. Шагасовата болест погодува речиси 20 милиони луѓе. Околу 126 милиони се изложени на ризик од речно слепило. Акутните дијареични болести убиваат милиони деца секоја година.8 Туберкулозата и лепрата сѐ уште се еден значителен здравствен проблем. Особено сиромашните на овој свет страдаат од ‚чуми од едно место на друго‘.
22 Но, страдаат и богатите. На пример, од грип заболуваат и богатите и сиромашните. Во 1957 година, еден вид грип предизвикал 70.000 смртни случаи само во Соединетите Држави. Во Германија се проценува дека секој шести човек ќе заболи од рак.9 И сексуално преносливите болести ги погодуваат и богатите и сиромашните. Гонореата, најчестата пренослива болест во Соединетите Држави, погодува дури 18,9 проценти од населението во некои делови на Африка.10 Сифилисот, хламидијата и гениталниот херпес се други пандемични сексуално преносливи „чуми“.
23. Кој „помор“ во последно време ги плени ударните наслови?
23 Во последниве години, ‚поморот‘ СИДА исто така му се приклучи на списокот на „чуми“. СИДА-та е една стравотна болест затоа што, додека се пишува ова, на видик сѐ уште нема лек и бројот на нејзините жртви постојано се зголемува. The World Almanac Book of Facts 1997, навела дека „21,8 мил[иони] луѓе во светот заболеле од СИДА или биле инфицирани со вирусот (ХИВ) кој предизвикува СИДА . . . Околу 5,8 мил[иони] луѓе умреле од СИДА“.11 Според една објавена проценка, вирусот на СИДА-та погодува по една нова жртва секоја минута. Навистина „помор“! Но, што е со пророштвото за смрт од диви ѕверови?
„Земни ѕверови“
24, 25. а) На кој вид „ѕверови“ се осврнал пророкот Језекиил? б) Што рекол Исус за ‚ѕверовите‘ кои ќе бидат активни на Земјата за време на неговата присутност?
24 Факт е дека, кога во денешно време во весниците ќе се спомнат диви ѕверови, тоа е затоа што некои видови се загрозени или речиси истребени. ‚Земните ѕверови‘ се далеку позагрозени од луѓето отколку луѓето од нив. И покрај тоа, во некои земји дивите животни, како што се тигрите во Индија, земаат редовен данок од човечки животи.
25 Меѓутоа, Библијата ни го свртува вниманието на еден друг вид диви ѕверови кои во последниве години предизвикале вистински страв. Пророкот Језекиил ги споредил насилничките луѓе со диви животни кога рекол: „Кнезовите нејзини се како волци, кои грабаат плен, проливаат крв, погубуваат души, за да придобијат корист“ (Језекиил 22:27). Кога Исус прорекол дека „беззаконијата ќе се умножат“, тој всушност велел дека таквите „ѕверови“ ќе бидат активни на Земјата во текот на неговата присутност (Матеј 24:12). Библискиот писател Павле додава дека во текот на „последните денови“ луѓето ќе бидат „среброљупци . . . невоздржливи, нескротливи, недоброљупци“ (2. Тимотеј 3:1—3). Дали тоа е случај од 1914 година?
26-28. Кои извештаи од целиот свет покажуваат дека криминалните „ѕверови“ демнеат по Земјата?
26 Сосема сигурно. Ако живееш во кој и да било голем град на Земјата, ти веќе го знаеш тоа. Но, ако се сомневаш, разгледај ги само следниве недамнешни цитати од весниците. Од Колумбија: „Минатата година полицијата извести . . . околу 10.000 убиства и 25.000 вооружени кражби“. Од Викторија (Австралија): „Голем скок во тешкиот криминал“. Од Соединетите Држави: „Убиствата во Њујорк достигнуваат рекордна висина“. „Минатата година Детроит го достигна Гери (Инд.), како велеград со најголема стапка на убиства во нацијата — 58 од 100.000 жители.“
27 Од Зимбабве: „Убиствата на бебиња попримиле кризни размери“. Од Бразил: „Овде има толкав криминал и толку се носи оружје што вестите за насилство едноставно веќе не предизвикуваат голема возбуда“. Од Нов Зеланд: „Сексуалните напади и насилничкиот криминал продолжуваат да бидат главна грижа за полицијата“. „Степенот на насилството меѓу жителите на Нов Зеланд би можел да се опише само како варварски.“ Од Шпанија: „Шпанија се бори со сѐ поголемиот проблем на криминалот“. Од Италија: „Сицилијанската мафија, после едно затишје, повторно оживува со еден бран убиства“.
28 Ова е само еден мал дел од новинските извештаи кои се појавиле кратко пред издавањето на оваа книга. Сигурно дека ‚ѕверовите‘ демнеат по Земјата, предизвикувајќи луѓето да стравуваат за својата сигурност.
Проповедање на добрата вест
29, 30. Во исполнување на Исусовото пророштво, каква е религиозната ситуација во христијанскиот свет?
29 Што би се случувало со религијата во текот на бурното време на Исусовата присутност? Од една страна, Исус прорекол дека ќе има пораст на религиозната активност: „Многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина“ (Матеј 24:11). Од друга страна, пак, тој претскажал дека во христијанскиот свет како целина, интересот за Бог ќе падне на ниско ниво. „Кај мнозина љубовта ќе олади“ (Матеј 24:12).
30 Ова навистина го опишува она што се случува денес во христијанскиот свет. Од една страна, главните цркви насекаде пропаѓаат поради недостиг на поддршка. Во некогаш силните протестантски земји на северна Европа и Англија, религијата е речиси мртва. Во исто време, Католичката црква страда од недостиг на свештеници и од намалена поддршка. Од друга страна, пак, постојат бранувања меѓу периферните религиозни елементи. Се размножуваат култовите основани врз источните религии, додека алчните телевизиски евангелисти изнудуваат милиони долари.
31. Кое Исусово претскажување помага да се идентификуваат вистинските христијани денес?
31 Но, што е со вистинското христијанство, религијата што ја втемелил Исус и што ја проповедале неговите апостоли? Тоа сѐ уште би постоело за време на Исусовата присутност, но како би се препознало? Има неколку работи кои го идентификуваат вистинското христијанство, од кои една е спомената во Исусовото големо пророштво. Вистинските христијани ќе бидат зафатени со едно светско дело на проповедање. Исус прорекол: „И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).
32. Само која група го исполнила Исусовото пророштво запишано во Матеј 24:14?
32 Ова проповедање сега се одвива во колосални размери! Денес, религиозната група со назив Јеховини сведоци е ангажирана во најинтензивната проповедничка активност во историјата на христијанството (Исаија 43:10, 12). Во 1919 година, додека политички настроените главни религии на христијанскиот свет се залагале за Лигата на народите која била осудена на пропаст, Јеховините сведоци се подготвувале за оваа глобална проповедничка кампања.
33, 34. До кој степен добрата вест за Царството била проповедана низ светот?
33 Тогаш имало само околу 10.000 Сведоци, но тие знаеле кое дело треба да се изврши. Храбро започнале со задачата да проповедаат. Сфатиле дека поделбата на свештеници и на лаици е спротивна и на библиските заповеди и на примерот од апостолите. Затоа, сите до еден научиле да им зборуваат на своите ближни за Божјето Царство. Станале една организација на проповедници.
34 Како што одминувало времето, овие проповедници издржале силно противење. Во Европа, различни облици на тоталитарни режими биле против нив. Во Соединетите Држави и во Канада храбро се соочиле со законски предизвици и со напади на толпите. Во другите земји морале да надминат фанатични религиозни предрасуди и безмилосно прогонство од тирански диктатори. Во последниве години морале да се спротивставуваат и на духот на скептицизам и самопопустливост кој се развил. Но, тие истрајале сѐ до денес, кога има околу пет и пол милиони во 233 земји. Никогаш порано добрата вест за Царството не била проповедана толку нашироко — впечатливо исполнување на овој аспект на знакот!
Што значи сето тоа?
35. а) Како исполнувањето на пророштвата денес помага да се покаже божествената инспирираност на Библијата? б) Што значи за нашево време исполнувањето на знакот што го дал Исус?
35 Без никакво сомнение, сведоци сме на исполнувањето на големиот знак што го дал Исус. Овој факт го зголемува доказот дека Библијата навистина е инспирирана од Бог. Ниеден човек не можел толку време однапред да ги претскаже настаните кои ќе се одиграат во овој 20 век. Освен тоа, исполнувањето на знакот значи дека живееме во времето на Исусовата присутност и на завршетокот на системот на ствари (Матеј 24:3, NW). Што значи ова? Што е вклучено во Исусовата присутност? И што претставува системот на ствари кој завршува? За да одговориме на овие прашања, треба да разгледаме уште еден силен доказ за инспирираноста на Библијата: нејзината извонредна внатрешна складност. Тоа ќе биде нашата следна дискусија во која ќе видиме како главната тема на Библијата уште сега се приближува кон својата кулминација која влева страв.
[Фусноти]
a Помеѓу 1914 и 1918 имало најмалку пет земјотреси со јачина од 8 или повеќе степени според Рихтеровата скала — посилни од земјотресот во Абруци. Меѓутоа, овие земјотреси се случиле во оддалечени подрачја на Земјината топка и затоа не привлекле толкаво внимание како потресот во Италија.5
b Известени се различни податоци за бројот на жртвите во некои од овие катастрофи. Меѓутоа, сите беа крајно разорни.