СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 19
Книгата Откровение — какво значење има за тебе
Среќен е оној што ги чита зборовите на ова пророштво (ОТК. 1:3)
ПЕСНА 15 Слави го Јеховиниот првороден син!
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1-2. Која е една причина зошто треба да сме заинтересирани за она што го пишува во книгата Откровение?
ЗАМИСЛИ дека некој ти дава да гледаш негов албум со фотографии. Додека ги разгледуваш фотографиите, сфаќаш дека повеќето луѓе не ги познаваш. Но, една од нив посебно ти го привлекува вниманието. Зошто? Бидејќи ти си на неа. Додека ја гледаш, се обидуваш да се сетиш кога и каде била направена. Исто така, се обидуваш да ги препознаеш и другите луѓе на фотографијата. Таа фотографија има посебно значење за тебе.
2 Книгата Откровение е како таа фотографија. Во која смисла? Најмалку од две причини. Како прво, оваа библиска книга била напишана за нас. Во првиот стих пишува: „Откровение на Исус Христос, кое му го даде Бог, за да им го покаже на своите робови она што наскоро ќе се случи“ (Отк. 1:1). Значи, тоа што е запишано во книгата Откровение не е наменето за луѓето општо земено, туку за нас, Божјите слуги. Како Божји народ, не нѐ изненадува тоа што ние учествуваме во исполнувањето на пророштвата кои се наоѓаат во оваа впечатлива книга. Со други зборови, како да се гледаме себеси на „фотографијата“.
3-4. Според книгата Откровение, кога треба да се исполнат пророштвата запишани во неа, и како тоа треба да влијае врз секој од нас?
3 Втората причина е поврзана со времето кога овие пророштва треба да се исполнат. Во врска со тоа време, остарениот апостол Јован го рекол следново: „Обземен од духот, се најдов во денот на Господарот“ (Отк. 1:10). Јован ги запишал овие зборови околу 96 год. од н.е., кога „денот на Господарот“ сѐ уште бил многу далеку (Мат. 25:14, 19; Лука 19:12). Но, според библиските пророштва, тој ден започнал во 1914 год. кога Исус почнал да владее како Цар на небото. Од таа година почнале да се исполнуваат пророштвата од книгата Откровение во кои е вклучен Божјиот народ. Значи, сега живееме во „денот на Господарот“!
4 Бидејќи живееме во ова возбудливо време, ние треба да обрнеме посебно внимание на важниот совет кој е запишан во Откровение 1:3: „Среќен е оној што чита и оние што ги слушаат зборовите на ова пророштво и го држат она што е напишано во него. Зашто, блиску е времето за да се исполни“. Значи, треба да ги читаме, да ги слушаме и да ги држиме зборовите од ова пророштво. Кои се некои од овие зборови што треба да ги држиме, односно на кои треба да им бидеме послушни?
ДАЈ СЀ ОД СЕБЕ ЗА ТВОЕТО ОБОЖАВАЊЕ ДА БИДЕ ПРИФАТЛИВО ЗА ЈЕХОВА
5. Како книгата Откровение покажува дека е важно нашето обожавање да биде прифатливо за Јехова?
5 Уште од првото поглавје на книгата Откровение дознаваме дека Исус е потполно свесен што се случува во собранијата на Божјиот народ (Отк. 1:12-16, 20; 2:1). Ова го потврдуваат пораките што Исус ги испратил до седум собранија во Мала Азија. Во тие пораки, тој дал конкретни упатства за да им помогне на христијаните од првиот век да дадат сѐ од себе за нивното обожавање да биде прифатливо за Јехова. Освен тоа, содржината на тие пораки се однесува и на сите Божји слуги денес. Што учиме од тие пораки? Нашиот водач, Исус Христос, многу добро знае каков е нашиот однос со Јехова. Исус нѐ води и нѐ штити и забележува сѐ што се случува. Тој знае што треба да правиме за Јехова и понатаму да биде задоволен од нас. Да видиме какви совети им дал Исус на своите следбеници, вклучувајќи нѐ и нас денес.
6. а) Според зборовите на Исус запишани во Откровение 2:3, 4, каков проблем имало собранието во Ефес? б) Што учиме ние од тоа?
6 Прочитај Откровение 2:3, 4. Не смееме да ја оставиме нашата прва љубов кон Јехова. Од пораката на Исус до христијаните од собранието во Ефес се гледа дека тие истрајно му служеле на Јехова и покрај тоа што се соочувале со разни тешкотии. Сепак, ја оставиле својата прва љубов. Тие требало повторно да ја разгорат својата љубов бидејќи, во спротивно, нивното обожавање немало да биде прифатливо за Јехова. Слично е и со нас денес. Не е доволно само истрајно да му служиме на Јехова. Мора да го правиме тоа од исправни мотиви. На нашиот Бог не му е важно само што правиме туку и зошто го правиме тоа. Нему му се важни нашите мотиви бидејќи тој очекува да му служиме поттикнати од длабока љубов и благодарност кон него (Изр. 16:2; Мар. 12:29, 30).
7. а) Според Откровение 3:1-3, каков проблем забележал Исус кај христијаните во Сард? б) Што треба ние да правиме?
7 Прочитај Откровение 3:1-3. Мора и понатаму да останеме будни. Христијаните од собранието во Сард имале поинаков проблем. Иако во минатото му служеле на Јехова, тие заспале во духовен поглед. Затоа, Исус им кажал „да се разбудат“. Зошто ова е предупредување за нас денес? Се разбира, Јехова нема да го заборави она што сме го направиле за него (Евр. 6:10). Сепак, не треба да живееме на стара слава, односно да си мислиме дека е доволно она што во минатото сме го направиле во службата за Јехова. Иако можеби околностите денес ни се сменети, треба и понатаму да бидеме „зафатени во делото на Господарот“ и да останеме будни до самиот крај (1. Кор. 15:58; Мат. 24:13; Мар. 13:33).
8. Што учиме од зборовите што Исус ги упатил до христијаните во Лаодикија, кои се запишани во Откровение 3:15-17?
8 Прочитај Откровение 3:15-17. Мора да му служиме на Јехова ревносно и со цело срце. Пораката на Исус до христијаните во Лаодикија укажувала на еден друг проблем. Тие биле „млаки“ во службата за Јехова. Бидејќи биле рамнодушни, Исус им рекол дека се бедни и за жалење. Тие требало ревносно да му служат на Јехова (Отк. 3:19). Што може ние да научиме од тоа? Ако ревноста ни се намалила, треба да си ја зголемиме благодарноста за сите добри работи што ги добиваме од Јехова и од неговата организација (Отк. 3:18). Никогаш не треба да дозволиме, поради желбата да водиме удобен живот, духовните активности повеќе да не ни бидат на прво место.
9. Како што се гледа од пораките на Исус до христијаните во Пергам и Тијатира, од која опасност треба да се чуваме?
9 Мора да ги отфрлиме учењата на отпадниците. Исус укорил некои од собранието во Пергам бидејќи создавале поделби и секти (Отк. 2:14-16). Тој ги пофалил оние од Тијатира кои се чувале од длабочините на Сатана и ги поттикнал цврсто да се држат за вистината (Отк. 2:24-26). Духовно слабите христијани кои дозволиле да бидат заведени од лажни учења требало да се покаат. Што учиме ние од ова? Мора да го отфрлиме секое учење кое не е во склад со Јеховиното размислување. Отпадниците оставаат впечаток дека им е важно она што го пишува во Библијата, но нивните постапки откриваат дека тоа не е така (2. Тим. 3:5). Ако длабоко ја проучуваме Божјата Реч, ќе ни биде полесно да ги препознаеме и да ги отфрлиме лажните учења (2. Тим. 3:14-17; Јуда 3, 4).
10. Што друго може да научиме од она што Исус им го кажал на собранијата во Пергам и Тијатира?
10 Не смееме да правиме, да толерираме ниту да одобруваме каков и да е вид сексуален неморал. Христијаните во Пергам и Тијатира имале уште еден проблем. Исус осудил некои од нив бидејќи не го отфрлиле неморалот (Отк. 2:14, 20). Што учиме ние од тоа? Не можеме да очекуваме Јехова да толерира какво и да било неморално однесување од наша страна, дури и ако му служиме веќе со години и имаме многу одговорности (1. Сам. 15:22; 1. Пет. 2:16). Тој очекува да се држиме за неговите високи морални мерила, без разлика колку се ниски мерилата на овој свет (Еф. 6:11-13).
11. Што научивме досега од оваа статија? (Види ја и рамката „Поуки за нас“.)
11 Што научивме досега од оваа статија? Видовме дека мора да даваме сѐ од себе за нашето обожавање да биде прифатливо за Јехова. Ако правиме нешто поради што нашето обожавање би било неприфатливо за него, мора веднаш да направиме промени (Отк. 2:5, 16; 3:3, 16). Но, Исус спомнал уште нешто во своите пораки до собранијата. Да видиме што е тоа.
БИДИ СПРЕМЕН ДА СЕ СООЧИШ СО ПРОГОНСТВО
12. Што учиме од пораките на Исус до христијаните во Смирна и Филаделфија? (Откровение 2:10).
12 Да ги разгледаме пораките на Исус до собранијата во Смирна и Филаделфија. Тој им рекол на тамошните христијани да не се плашат од прогонство бидејќи Јехова ќе ги награди ако му останат верни. (Прочитај Откровение 2:10; 3:10.) Која е поуката за нас денес? Треба да очекуваме дека ќе се соочиме со прогонство и треба да бидеме спремни да истраеме (Мат. 24:9, 13; 2. Кор. 12:10). Зошто е важно да го имаме ова на ум?
13-14. Како настаните спомнати во Откровение поглавје 12 влијаат врз Божјиот народ?
13 Од книгата Откровение дознаваме дека Божјите слуги ќе бидат прогонувани во „денот на Господарот“ — период во кој живееме ние денес. Во Откровение поглавје 12 пишува дека на небото избувнала војна веднаш откако било воспоставено Божјето Царство. Михаел, односно Исус Христос, и неговите ангели се бореле против Сатана и демоните (Отк. 12:7, 8). Овие Божји непријатели биле поразени и биле исфрлени од небесното подрачје. Оттогаш, тие се ограничени да дејствуваат само на Земјата, и затоа им нанесуваат огромни страдања на луѓето (Отк. 12:9, 12). Како тоа влијае врз Божјиот народ?
14 И ова го дознаваме од книгата Откровение. Бидејќи повеќе нема влијание врз небесното подрачје, Сатана ги напаѓа преостанатите помазаници на Земјата кои се претставници на Божјето Царство и „на кои им е доверено да сведочат за Исус“ (Отк. 12:17; 2. Кор. 5:20; Еф. 6:19, 20). Како се исполнува ова пророштво?
15. Кого го претставуваат двајцата сведоци спомнати во Откровение поглавје 11, и што се случило со нив?
15 Сатана ги подбуцнал Божјите непријатели на Земјата да ги нападнат помазаните христијани кои предводеле во проповедничкото дело. Овие браќа се претставени со двајцата сведоци од книгата Откровение кои биле убиениb (Отк. 11:3, 7-11). Во 1918 год., осум браќа кои предводеле во организацијата биле лажно обвинети, прогласени за виновни и осудени на долгогодишни затворски казни. Од човечка гледна точка, се чинело дека делото на овие помазаници било „убиено“, односно замрело.
16. Кои неочекувани настани се случиле во 1919 год., но што продолжил Сатана да прави оттогаш-наваму?
16 Во пророштвото од Откровение поглавје 11 исто така пишува дека двајцата сведоци ќе бидат оживеани по еден краток период. Ова пророштво се исполнило на неочекуван начин за помалку од една година откако овие браќа биле ставени во затвор. Во март 1919 год., овие помазани браќа биле пуштени од затвор, а подоцна биле ослободени од обвиненијата. Браќата веднаш се фатиле за работа — продолжиле со делото на проповедање. Но, ова не го спречило Сатана и понатаму да го напаѓа Божјиот народ. Оттогаш Сатана започнал прогонство против сите Божји слуги, кое во книгата Откровение е споредено со „река“ (Отк. 12:15). Навистина, сето ова од нас „бара истрајност и вера“ (Отк. 13:10).
ДАЈ СЀ ОД СЕБЕ ВО ДЕЛОТО ШТО НИ ГО ДОВЕРИЛ ЈЕХОВА
17. Каква неочекувана помош добиле Божјите слуги иако биле мета на нападите од Сатана?
17 Од поглавје 12 во книгата Откровение дознаваме и дека Божјиот народ ќе добие помош од неочекуван извор. Таму пишува дека „земјата“ ќе ја проголта „реката“ од прогонство (Отк. 12:16). Токму тоа и се случува. Понекогаш, некои поразумни поединци и групи кои имаат одредено влијание во Сатановиот свет, како што се некои судови, застануваат на страната на Божјиот народ и му помагаат. Многупати, Јеховините слуги победиле во судски случаи кои им овозможиле да имаат одредена мера слобода. Како ја искористиле оваа слобода? Тие мудро ги користеле овие прилики за да го извршуваат делото што Јехова им го доверил (1. Кор. 16:9). Што сѐ е вклучено во ова дело?
18. Која е нашата главна задача во овие последни денови?
18 Исус прорекол дека неговите следбеници ќе ја објавуваат добрата вест за Божјето Царство по целиот свет пред да дојде крајот (Мат. 24:14). Додека проповедаат, тие добиваат поддршка од ангелите кои носат вечна добра вест за да им ја објават „на оние што живеат на земјата — на секој народ и племе и јазик и народност“ (Отк. 14:6).
19. Која друга порака мора да ја проповедаат оние што го сакаат Јехова?
19 Добрата вест за Царството не е единствената порака што Божјите слуги треба да ја објавуваат. Тие треба и да ја поддржуваат задачата што ја извршуваат ангелите кои се опишани во Откровение поглавја 8 до 10. Тие ангели објавуваат низа остри осуди против оние кои го отфрлаат Божјето Царство. Затоа, Јеховините сведоци објавуваат порака на осуда која е споредена со „град и оган“ и која ги открива Божјите осуди против различни делови од Сатановиот злобен свет (Отк. 8:7, 13). Луѓето треба да знаат дека крајот е близу за да можат да направат коренити промени во својот живот и да го преживеат денот на Јеховиниот гнев (Соф. 2:2, 3). Но, оваа порака не им се допаѓа на повеќето луѓе. Затоа, потребна ни е храброст за да им ја објавиме оваа порака на другите. Во текот на големата неволја, последната порака на осуда уште повеќе ќе ги вознемири луѓето (Отк. 16:21).
БИДИ ПОСЛУШЕН НА ЗБОРОВИТЕ ОД ПРОРОШТВОТО
20. Што ќе разгледаме во наредните две статии?
20 Многу е важно да бидеме послушни на „зборовите на ова пророштво“ бидејќи сме вклучени во исполнувањето на она што го пишува во книгата Откровение (Отк. 1:3). Но, што ќе ни помогне верно да истраеме кога ќе се соочиме со прогонство и да продолжиме храбро да ги објавуваме овие пораки? Следниве две работи можат многу да нѐ зајакнат. Прво, она што ни го открива книгата Откровение за Божјите непријатели и, второ, благословите што ќе ги добиеме во иднина ако останеме верни. Ова ќе го разгледаме во наредните две статии.
ПЕСНА 32 Стој на Јеховината страна!
a Живееме во возбудливо време — време во кое се исполнуваат пророштвата од книгата Откровение. Како овие пророштва влијаат врз нас? Во оваа и во наредните две статии ќе разгледаме некои работи од книгата Откровение. Од овие статии ќе дознаеме како тоа што ќе бидеме послушни на советите од книгата Откровение ќе ни помогне нашето обожавање да биде прифатливо за Јехова.
b Види во „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 ноември 2014, стр. 30.