Поглавје 5
Јован го гледа прославениот Исус
Видение 1 — Откровение 1:10—3:22
Тема: Исус го прегледува духовниот Израел на Земјата и дава срдечно охрабрување
Кога се исполнува: Ова видение за денот на Господарот го опфаќа периодот од 1914 година до смртта и воскресението на последниот верен помазаник
1. Како е прикажано првото видение, и како Јован покажува на кое време се однесува тоа?
ПРВОТО видение од книгата Откровение почнува во 1. поглавје, 10. стих. Исто како и другите виденија во Откровението, Јован го започнува со изјавата дека слуша или гледа нешто необично (Откровение 1:10, 12; 4:1; 6:1). Видението е прикажано како да се случува во првиот век од н.е., а пораките во него им се упатени на седум собранија што постоеле во времето на Јован. Но, Јован покажува на кое време, всушност, се однесува ова видение кога вели: „Обземен од духот, се најдов во денот на Господарот“ (Откровение 1:10а). Кога е овој „ден“? Дали потресните настани што се случуваат во овие бурни времиња имаат некаква врска со него? Ако е така, тогаш треба да обрнеме особено внимание на пророштвата бидејќи тие влијаат не само врз нашиот живот туку и врз самото наше преживување (1. Солуњаните 5:20, 21).
Во денот на Господарот
2. Кога започнува и кога завршува денот на Господарот?
2 Во кој временски период се исполнува она што е кажано во Откровението? Пред сѐ, да видиме што е денот на Господарот. Апостол Павле вели дека тоа е време на суд и време кога ќе се исполнат Божјите ветувања (1. Коринќаните 1:8; 2. Коринќаните 1:14; Филипјаните 1:6, 10; 2:16). Кога тој „ден“ ќе дојде, Јеховините величествени намери ќе се исполнат брзо и сигурно. Овој „ден“ започнува кога Исус е крунисан како небесен Цар, а продолжува дури и откако тој ќе ја изврши пресудата над Сатановиот свет. Значи, го вклучува и времето кога ќе биде обновен рајот и луѓето ќе станат совршени, а ќе заврши кога Исус ќе „му го предаде Царството на својот Бог и Татко“ (1. Коринќаните 15:24-26; Откровение 6:1, 2).
3. а) Како пророштвото на Даниел за ‚седумте времиња‘ ни помага да сфатиме кога започнал денот на Господарот? б) Кои настани на Земјата потврдуваат дека денот на Господарот започнал во 1914 година?
3 Исполнувањето на некои други библиски пророштва ни помага да сфатиме кога започнал денот на Господарот. На пример, Даниел кажува дека царството од лозата на Давид ќе биде пресечено и дека по „седум времиња“ ќе стане јасно „дека Севишниот владее над човечкото царство и го дава кому сака“ (Даниел 4:23, 24, 31, 32). Главното исполнување на ова пророштво почнало кога Јудиното царство било потполно опустошено. Според доказите од Библијата, ова се случило во октомври 607 год. пр.н.е. Од Откровение 12:6, 14 можеме да видиме дека еден период од три и пол времиња трае 1.260 дена, што значи дека седум времиња (три и пол помножено со два) мора да траат 2.520 дена. Ако сега го примениме начелото „ден за година“, доаѓаме до заклучок дека ‚седумте времиња‘ траат 2.520 години (Езекиел 4:6). Според тоа, Исус Христос почнал да владее како небесен Цар во втората половина на 1914 година. Избувнувањето на Првата светска војна во истата година го означило почетокот на „болните неволји“, кои оттогаш досега продолжуваат да го измачуваат човештвото. Од 1914 година наваму, настаните на оваа Земја натопена со крв навистина потврдуваат дека тогаш започнал денот на Исусовата присутност! (Матеј 24:3-14).a
4. а) Според она што е кажано во самото Откровение, кога се исполнува првото видение? б) Кога ќе заврши исполнувањето на првото видение?
4 Значи, ова прво видение и советите во него се однесуваат на денот на Господарот, кој тече од 1914 година наваму. Потврда дека се работи токму за ова време наоѓаме во останатиот дел од Откровението, каде што е опишано извршувањето на Божјите вистинити и праведни пресуди — настани во кои Господарот Исус игра многу важна улога (Откровение 11:18; 16:15; 17:1; 19:2, 11). Ако првото видение почнало да се исполнува во 1914 година, тогаш кога ќе заврши? Од самите пораки се гледа дека организацијата на која ѝ се упатени е Божјето собрание од помазаници на Земјата. Според тоа, ова прво видение ќе се исполни во целост кога последниот верен член на тоа помазано собрание ќе умре и ќе биде подигнат за небесен живот. Сепак, денот на Господарот, во кој ќе бидат благословени другите овци на Земјата, ќе продолжи до крајот на илјадагодишното владеење на Исус Христос (Јован 10:16; Откровение 20:4, 5).
5. а) Што барал еден глас од Јован? б) Зошто можело лесно да се испрати свиток до „седумте собранија“?
5 Во првото видение, пред воопшто да види нешто, Јован ги слуша следниве зборови: „И чув зад себе силен глас, како звук на труба, како вели: ‚Она што го гледаш, напиши го во свиток и испрати го до седумте собранија: до Ефес, Смирна, Пергам, Тијатира, Сард, Филаделфија и Лаодикија‘“ (Откровение 1:10б, 11). Отсечно и заповеднички како звук на труба, еден глас бара од Јован да им пише на „седумте собранија“. Јован ќе добие низа пораки и треба да го запише она што ќе го види и ќе го чуе. Забележи дека собранијата што се спомнати овде навистина постоеле во времето на Јован. Сите тие се наоѓале во Мала Азија, на морскиот брег спроти Патмос. Било многу лесно да се стигне од едно до друго собрание бидејќи биле поврзани со одличните римски патишта. Немало да има никаков проблем еден гласник да го однесе свитокот од едно до друго собрание. Овие седум собранија потсетуваат на еден дел од денешните покраини на Јеховините сведоци.
6. а) На што се однесуваат зборовите „она што сега се случува“? б) Зошто можеме да бидеме сигурни дека состојбата во собранијата од помазани христијани денес мора да е слична на состојбата во времето на Јован?
6 Повеќето пророштва во Откровението требало да се исполнат по времето на Јован. Тие се однесувале „на она што ќе се случи потоа“. Но, на седумте собранија им се дадени совети во врска со „она што сега се случува“, односно со ситуации што во тоа време навистина постоеле во нив. Пораките им биле од голема помош на верните именувани старешини во седумте собранија, но и на сите тогашни собранија од помазани христијани.b Бидејќи главното исполнување на видението е во денот на Господарот, она што го вели Исус покажува дека можеме да очекуваме слични околности и во собранието од помазани христијани денес (Откровение 1:10, 19).
7. Кого го видел Јован во своето прво видение, и зошто е ова толку важно и возбудливо за нас денес?
7 Во ова прво видение, Јован го гледа прославениот Господар Исус Христос како блеска на небото. Која друга глетка би била посоодветна за една книга со пророштва кои се однесуваат на големиот ден на овој Господар кој добил овластување од Бог? И што друго може да биде поважно за нас кои живееме во тој период и внимателно ја слушаме секоја негова заповед? За оние што го поддржуваат Јеховиното неприкосновено право да владее, ова е навистина сигурна гаранција дека овој месијански потомок — кој ги издржал сите маки и страдања предизвикани од Сатана и претрпел страшна смрт кога пред речиси 2000 години бил ранет во петицата — сега е жив на небото, овластен успешно да ја исполни Јеховината величествена намера! (1. Мојсеева 3:15).
8. За што е подготвен Исус сега?
8 Јасно е дека Исус сега е подготвен да дејствува како устоличен Цар. Тој е назначен како Главен Извршител на Јеховините конечни пресуди над овој стар, злобен поредок и над неговиот свиреп бог, Сатана. Освен тоа, Исус е подготвен да им суди на членовите на своето собрание од помазаници и на големото мноштво од нивни придружници, а ќе му суди и на светот (Откровение 7:4, 9; Дела 17:31).
9. а) Како Јован го опишува прославениот Исус, кој стои меѓу златните светилници? б) На што укажува оваа сцена што потсетува на храмот и облеката што ја носи Исус? в) Што означува златниот појас?
9 Јован се свртува на звукот на силниот глас, и еве што гледа: „Се свртев за да видам кој ми зборува. И откако се свртев, видов седум златни светилници“ (Откровение 1:12). Подоцна Јован дознава што значат овие седум светилници. Но, неговото внимание го привлекува личноста што ја гледа меѓу светилниците. „А меѓу светилниците [стоеше] некој сличен на синот човечки. Беше облечен во облека која допираше до стапалата, и беше опашан со златен појас околу градите“ (Откровение 1:13). Овде Исус, „синот човечки“, му се покажува на исплашениот сведок, Јован, во величествена, сјајна светлина. Се појавува во блескава слава меѓу запалените златни светилници. Оваа сцена, која потсетува на храмот, му става до знаење на Јован дека Исус е присутен како Јеховин возвишен првосвештеник и дека е овластен да суди (Евреите 4:14; 7:21-25). Неговата долга и впечатлива облека е соодветна за неговата свештеничка служба. Исто како еврејскиот првосвештеник од старо време, Исус носи појас — златен појас околу градите, кој му го покрива срцето. Ова значи дека тој со цело срце ќе го изврши налогот што го добил од Јехова Бог (2. Мојсеева 28:8, 30; Евреите 8:1, 2).
10. а) На што укажуваат Исусовата снежно-бела коса и неговите огнени очи? б) Што значи тоа што нозете на Исус се како вжарен бакар?
10 Јован го продолжува својот опис со следниве зборови: „Главата и косата му беа бели како бела волна, како снег, а очите му беа како огнен пламен“ (Откровение 1:14). Исусовата снежно-бела коса укажува на мудроста што ја стекнал во текот на својот долг живот. (Спореди Изреки 16:31.) А неговите огнени очи покажуваат дека тој будно следи и многу брзо ги забележува работите додека испитува, проверува и го изразува своето незадоволство. Дури и нозете на Исус му го привлекуваат вниманието на Јован. Тој вели: „Нозете му беа како чист бакар кога се жари во печка, а гласот му беше како шум од многу води“ (Откровение 1:15). Во видението, нозете на Исус се како вжарен, сјаен бакар — соодветен опис за оној што чекори ревносно и има добар однос со Јехова Бог. Интересно е тоа што во Библијата работите кои се поврзани со Бог честопати се претставени со злато, а работите што се однесуваат на луѓето понекогаш се претставени со бакар.c Па така, Исусовите нозе што сјаат како чист бакар нѐ потсетуваат на тоа колку „убави“ биле неговите нозе кога чекорел на Земјата и ја објавувал добрата вест (Исаија 52:7; Римјаните 10:15).
11. а) На што нѐ потсетуваат нозете на Исус? б) Што покажува тоа што гласот на Исус ‚бил како шум од многу води‘?
11 Навистина, како совршен човек, Исус поседувал блескава слава што можеле да ја видат и ангелите и луѓето (Јован 1:14). Неговите величествени нозе нѐ потсетуваат и на тоа дека тој, како Првосвештеник, чекори на свето место во Јеховината организација. (Спореди 2. Мојсеева 3:5.) Освен тоа, неговиот глас одекнува громогласно како силен водопад. Овој опис, кој нѐ остава без здив и во нас влева страхопочит, навистина е соодветен за оној што е наречен Реч Божја и што доаѓа „да му суди на целиот свет според правдата“ (Дела 17:31; Јован 1:1).
12. Какво значење има ‚остриот меч со две сечила‘?
12 „Во својата десна рака имаше седум ѕвезди, од устата му излегуваше остар меч со две сечила, а лицето му беше како сонцето кога сјае со полн сјај. Кога го видов, паднав како мртов пред неговите нозе“ (Откровение 1:16, 17а). Самиот Исус подоцна објаснува што значат седумте ѕвезди. Но, забележи што излегува од неговата уста — „остар меч со две сечила“. Ваквиот опис навистина е соодветен затоа што Исус е тој кого Јехова го одредил да ги изрече Божјите конечни пресуди над Неговите непријатели. Одлучните зборови од неговата уста ќе доведат до погубување на сите злобни (Откровение 19:13, 15).
13. а) На што нѐ потсетува Исусовото блескаво, сјајно лице? б) Каков впечаток добиваме од Јовановиот опис на Исус?
13 Лицето на Исус блеска, сјае. Ова нѐ потсетува на лицето на Мојсеј, од кое исто така зрачела блескава светлина откако Јехова разговарал со него на планината Синај (2. Мојсеева 34:29, 30). Сети се дека, кога пред речиси 2000 години Исус се преобразил пред тројца од своите апостоли, лицето исто така ‚му светнало како сонце, а облеката му станала бела како светлина‘ (Матеј 17:2). Сега, во ова видение за Исус во денот на Господарот, од неговото лице на сличен начин зрачи блескава светлина затоа што бил во Јеховиното присуство (2. Коринќаните 3:18). Всушност, целото видение на Јован остава впечаток на величествена слава. Од снежно-белата коса, огнените очи и блескавото лице па до сјајните нозе, ова е најдобрата можна визија за Оној што сега престојува „во непристапната светлина“ (1. Тимотеј 6:16). Она што го гледа Јован е толку живо пред неговите очи! Како реагирал овој исплашен човек? Тој ни кажува: „Кога го видов, паднав како мртов пред неговите нозе“ (Откровение 1:17).
14. Додека читаме за Јовановото видение за прославениот Исус, како треба тоа да влијае врз нас?
14 Денес овој сликовит и детален опис од видението на Јован нѐ исполнува со длабоко ценење. Поминаа повеќе од 90 години од денот на Господарот, и видението продолжува да се исполнува на извонреден начин. За нас царувањето на Исус е жива реалност, а не некоја надеж која ќе се оствари во иднина. Затоа, како лојални поданици на тоа Царство, да го гледаме со восхит она што понатаму го опишува Јован во своето прво видение, и да го слушаме и применуваме она што го вели прославениот Исус Христос.
[Фусноти]
a За детално објаснување, види ја книгата Што навистина учи Библијата?, страници 88-92, 216-218, издадена од Јеховините сведоци.
b Кога едно собрание ќе добиело писмо од некој апостол во првиот век, било обичај тоа да се испрати и до другите собранија, за сите да имаат корист од советите што биле дадени во него. (Спореди Колошаните 4:16.)
c Сѐ во храмот на Соломон било направено или обложено со злато. Но, сите работи во дворот биле направени од бакар (1. Царевите 6:19-23, 28-35; 7:15, 16, 27, 30, 38-50; 8:64).
[Слики на страница 23]
Археолошките остатоци од градовите каде што се наоѓале седумте собранија го потврдуваат она што е запишано во Библијата. Овде христијаните од првиот век ги добиле Исусовите охрабрувачки пораки што го мотивираат меѓународното собрание денес
ПЕРГАМ
СМИРНА
ТИЈАТИРА
САРД
ЕФЕС
ФИЛАДЕЛФИЈА
ЛАОДИКИЈА