Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Откровение — прв дел
ДОДЕКА е затворен на островот Патмос, остарениот апостол Јован добива низа од 16 виденија. Во нив Јован гледа што ќе направат Јехова Бог и Исус Христос во текот на денот на Господарот — период што започнува со воспоставувањето на Божјето Царство во 1914 год. и завршува на крајот на Христовото илјадагодишно владеење. Книгата Откровение, која Јован ја напишал околу 96 год. од н.е., содржи возбудлив опис на овие виденија.
Да разгледаме сега некои избрани мисли од Откровение 1:1 — 12:17, каде што се запишани првите седум виденија што ги добил Јован. Тие се од голем интерес за нас бидејќи зборуваат за она што се случува на светската сцена денес и покажуваат што ќе направи Јехова во блиска иднина. Оние што со вера го читаат записот за овие виденија, навистина се утешени и охрабрени (Евр. 4:12).
„ЈАГНЕТО“ ОТВОРА ШЕСТ ОД СЕДУМТЕ ПЕЧАТИ
Најпрвин Јован го гледа прославениот Исус Христос и добива низа пораки што треба да ги ‚напише во свиток и да ги испрати до седумте собранија‘ (Отк. 1:10, 11). Потоа следи видение на престол кој се наоѓа на небото. Во десната рака на Оној што седи на престолот има свиток кој е запечатен со седум печати. „Достоен да го отвори свитокот“ е „лавот од Јудиното племе“, односно ‚Јагнето кое има седум рогови и седум очи‘ — само тој и никој друг (Отк. 4:2; 5:1, 2, 5, 6).
Третото видение открива што се случува кога „Јагнето“ ги отвора еден по еден првите шест печати. При отворањето на шестиот печат, настанува силен потрес и пристигнува големиот ден на гневот (Отк. 6:1, 12, 17). Но, во видението што следи се гледаат ‚четири ангели кои цврсто ги држат четирите земни ветрови‘ додека не му се стави печат и на последниот од 144.000-те. Се гледа и „големо мноштво“ луѓе кои немаат печат, „како стојат пред престолот и пред Јагнето“ (Отк. 7:1, 9).
Одговорени библиски прашања:
1:4; 3:1; 4:5; 5:6 — Што означува изразот „седумте духови“? Бројот седум означува потполност од Божја гледна точка. Според тоа, пораката до „седумте собранија“, всушност, е упатена до сите Божји слуги кои денес се собрани во повеќе од 100.000 собранија низ целиот свет (Отк. 1:11, 20). Бидејќи Јехова дава свет дух според она што сака да го постигне, изразот „седумте духови“ покажува колку потполно дејствува Тој со својата сила, односно свет дух, за да им даде разбирање и благослов на оние што обрнуваат внимание на пророштвото. Се чини дека книгата Откровение разгледува едно по друго групи од по седум концепти. Овде бројот седум означува потполност, и тоа е соодветно бидејќи во книгата е разгледано како „Божјата света тајна“ „ќе се доврши“ во потполност (Отк. 10:7).
1:8, 17 — На кого се однесуваат титулите „алфа и омега“ и „Првиот и Последниот“? Титулата „алфа и омега“ се однесува на Јехова, и нагласува дека пред него немало семоќен Бог ниту ќе има таков по него. Тој е „почетокот и крајот“ (Отк. 21:6; 22:13). Иако во Откровение 22:13 за Јехова се вели дека е „првиот и последниот“ во таа смисла што нема никој ни пред ни по него, контекстот на првото поглавје од Откровението покажува дека титулата „Првиот и Последниот“ таму се однесува на Исус Христос. Тој бил првиот човек што воскреснал како бесмртен дух и последниот што лично Јехова го воскреснува на таков начин (Кол. 1:18).
2:7 — Што е „Божјиот рај“? Бидејќи овие зборови им се упатени на помазаните христијани, зборот рај овде мора да се однесува на небесниот свет сличен на рај, каде што е присутен самиот Јехова. Верните помазаници ќе бидат наградени со тоа што ќе им се даде да јадат „од дрвото на животот“. Тие ќе бидат бесмртни (1. Кор. 15:53).
3:7 — Кога го добил Исус „Давидовиот клуч“ и како го користи? Кога се крстил во 29 год. од н.е., Исус бил назначен за иден цар од лозата на Давид. Но, не го добил Давидовиот клуч сѐ до 33 год. од н.е., кога бил возвишен од десната страна на Бог на небесата. Таму бил овластен со сите права како наследник на Давидовото царство. Оттогаш Исус го користи клучот за да отвора можности и да доделува задачи во поврзаност со Царството. Во 1919 год., тој го ставил „клучот на Давидовиот дом“ на рамото на „верниот и разборит роб“ со тоа што го поставил овој роб „над целиот свој имот“ (Иса. 22:22; Мат. 24:45, 47).
3:12 — Кое е ‚новото име‘ на Исус? Ова име е поврзано со новата служба и овластувања што ги добил Исус (Фил. 2:9-11). Иако никој друг не го знае тоа име како што го знае самиот Исус, тој го пишува и на своите верни браќа на небото, и на тој начин тие стапуваат во многу близок однос со него (Отк. 19:12). Тој дури ги споделува своите должности со нив.
Поуки за нас:
1:3. Со оглед на тоа што е „блиску... времето [за извршување на Божјите судови над Сатановиот свет]“, под итно е потребно да ја разбереме пораката од книгата Откровение и да постапуваме во склад со неа.
3:17, 18. За да бидеме духовно богати, мора да купиме од Исус „злато пречистено со оган“. Тоа значи дека треба да се трудиме да се богатиме со добри дела (1. Тим. 6:17-19). Треба да облечеме и „бели облеки“ од кои јасно се гледа дека сме следбеници на Христос, а и да користиме „очна маст“, како што се советите кои излегуваат во списанието Стражарска кула, за да стекнеме разбирање на духовните работи (Отк. 19:8).
7:13, 14. Дваесет и четирите старешини ги претставуваат 144.000-те во нивната слава на небото, каде што служат и како цареви и како свештеници. Тие биле претставени со свештениците во древниот Израел, кои цар Давид ги организирал во 24 групи. Еден од овие старешини му кажува на Јован кое е големото мноштво. Според тоа, воскресението на помазаните христијани мора да почнало некаде пред 1935 год. Зошто? Бидејќи таа година на Божјите помазани слуги на Земјата им беше дадено точно објаснување за тоа која група луѓе е претставена со големото мноштво (Лука 22:28-30; Отк. 4:4; 7:9).
ПО ОТВОРАЊЕТО НА СЕДМИОТ ПЕЧАТ СЕ ОГЛАСУВААТ СЕДУМ ТРУБИ
Јагнето го отвора седмиот печат. На седум ангели им се дадени седум труби. Шест од нив почнуваат да трубат најавувајќи ги пораките на судот што ќе се изврши врз „третина“ од луѓето — христијанскиот свет (Отк. 8:1, 2, 7-12; 9:15, 18). Јован го гледа сето ова во петтото видение. Како учесник во следното видение, Јован јаде мал свиток и го мери светилиштето на храмот. Откако и седмиот ангел се огласува со својата труба, силни гласови објавуваат: „Царската власт над светот сега му припаѓа на нашиот Господар и на неговиот Христос“ (Отк. 10:10; 11:1, 15).
Во седмото видение се зборува поопширно за она што е кажано во Откровение 11:15, 17. На небото се гледа голем знак. Една жена на небото раѓа син, машко. Ѓаволот е исфрлен од небото. Разгневен на оваа жена, тој оди „да води војна против преостанатите нејзини потомци“ (Отк. 12:1, 5, 9, 17).
Одговорени библиски прашања:
8:1-5 — Зошто на небото настанала тишина, и што било фрлено потоа на Земјата? На небото настанала симболична тишина за да можат да се чујат „молитвите на светите“, кои тие ги упатувале од Земјата. Ова се случило на крајот од Првата светска војна. Помазаните христијани не се вознеле на небото на крајот од времињата на незнабошците, како што мнозина од нив очекувале. Во текот на војната доживеале многу неволји. Затоа сега горливо се молеле за водство. Како одговор на нивните молитви, ангелот фрлил симболичен оган на Земјата кој духовно ги распламтел помазаните христијани. Иако биле само малку на број, тие започнале да проповедаат низ целиот свет со што Божјето Царство станало тема на вжештени расправи и запалило оган во христијанскиот свет. Биле разгласени громогласни предупредувања од Библијата, продреле силни блесоци на светлината од Божјата реч и лажната религија била потресена до темел, исто како што се тресат згради при земјотрес.
8:6-12; 9:1, 13; 11:15 — Кога се подготвиле да затрубат седумте ангели, и кога и како се огласиле трубите? Во подготовката за огласување на седумте труби било вклучено и водството што ѝ било дадено на заживеаните членови од класата на Јован на Земјата од 1919 до 1922 год. Тогаш тие помазаници се зафатија со реорганизација на јавната служба и со развојот на своите печатарски дејности (Отк. 12:13, 14). Огласувањето на трубите го претставува бестрашното објавување на Јеховините судови над Сатановиот свет од страна на Божјиот народ во соработка со ангелите. Значајно е тоа што ова започна со конгресот во Седар Поинт (Охајо) во 1922 год. и ќе трае сѐ до големата неволја.
8:13; 9:12; 11:14 — Во која смисла последните три трубења се „маки“? Првите четири трубења се објави со кои се разоткрива духовно мртвата состојба на христијанскиот свет. Но, последните три се маки кои се поврзани со конкретни настани. Петтото трубење е поврзано со ослободувањето на Божјиот народ од „бездната“ на неактивност во 1919 год. и со нивното неуморно сведочење, кое му донело вистинско измачување на христијанскиот свет (Отк. 9:1). Шестото се однесува на најголемиот напад на коњица во историјата и на светското проповедање кое започна во 1922 год. Последното трубење е поврзано со раѓањето на Божјето Царство.
Поуки за нас:
9:10, 19. Веродостојните изјави што се темелат на Библијата, а излегуваат во публикациите на „верниот и разборит роб“, содржат остра порака (Мат. 24:45). Оваа порака одговара на опашките на скакулците кои имаат „осила како скорпии“ и на коњите во коњицата, кои имаат ‚опашки како змии‘. Зошто? Бидејќи овие публикации предупредуваат за ‚денот на Јеховината одмазда‘ (Иса. 61:2). Храбро и ревносно да им ги даваме на другите.
9:20, 21. Многу кротки лица кои живеат во таканаречените нехристијански земји ја прифаќаат пораката што ја објавуваме. Сепак, не очекуваме масовно преобраќање на луѓето што живеат во тие земји, кои овде се означени со „останатите луѓе“. И покрај тоа, истрајуваме во службата.
12:15, 16. „Земјата“ — елементите во самиот Сатанов поредок, односно властите во разни земји — ја поддржа слободата на вероисповеста. Почнувајќи од 1940-те, овие сили ‚ја проголтаа реката‘ на прогонство ‚што ја исфрли змејот од својата уста‘. Всушност, кога Јехова сака така, тој може да влијае врз световните власти и да ги наведе да ја извршат неговата волја. Во склад со тоа, во Изреки 21:1 се вели: „Срцето на царот е како вода што тече во раката на Јехова. Тој го насочува таму каде што сака“. Ова треба да ја зајакне нашата вера во Бог.