Дали е подоцна отколку што мислиш?
ТРИ дена пред својата смрт Исус имал многу напорен ден во Ерусалим, што се покажал како ден од најголемо значење за христијаните денес. Тој поучувал во храмот и одговарал на загадочни прашања од еврејските религиозни водачи, со кои тие се обидувале да го фатат во замка. На крајот, на книжевниците и на фарисеите им упатил остра со која биле обележани како лицемери и змии на пат за Гехена (Матеј 22. и 23. поглавје).
Кога го напуштал подрачјето на храмот, еден од учениците го запрашал: ”Учителе, гледај какви камења и какви градби!“ Без да е импресиониран, Исус му рекол: ”Ги гледаш ли овие големи градби? Ниту камен на камен нема да остане овде, што не ќе биде урнат“ (Марко 13:1, 2). Тогаш Исус за последен пат го напуштил храмот, слегол во долината Кедрон, ја поминал и се искачил по падините на Маслинската Гора.
Како што седел на гората облеан со сончевата светлина на доцното попладне, со поглед на храмот на брдото Морија преку долината, Петар, Јаков, Јован и Андреј дошле кај него насамо. Ги мачеле зборовите што ги изговорил за урнувањето на храмот. Прашале: ”Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за свршетокот на светот?“ (Матеј 24:3; Марко 13:3, 4). Одговорот што го дал на нивното прашање на Маслинската Гора тоа попладне е од животна важност за нас. Може да нѐ чува да не чекаме предолго пред да размислиме за ’свршетокот на светот‘.
Нивното прашање било со две значења. Едниот дел се однесувал на крајот на храмот и еврејскиот систем; другиот се однесувал на Исусовото присуство во иднина како Цар и за крајот на овој сегашен систем. Двете од овие прашања биле опфатени во Исусовиот одговор, како што е запишано во Матеј 24. и 25., Марко 13., и Лука 21. поглавје (Види исто така Откровение 6:1-8.) Во поглед на завршетокот на сегашниот свет или систем, Исус опишал повеќе карактеристики, кои ако се земат заедно, претставуваат комбиниран знак по кој се препознаваат последните денови. Дали тој комбиниран знак се исполнува? Дали нѐ става во последните денови за кои зборува Библијата? Дали неговото исполнување нѐ предупредува дека можеби е подоцна отколку што мислиме?
Една карактеристика на Исусовиот комбиниран знак е: ”Ќе се дигне народ против народ, и царство против царство“ (Матеј 24:7). Првата светска војна започнала во 1914 Јеховините сведоци од таа деценија веднаш биле будни. А зошто? Во декември 1879, околу 35 години пред тоа, во списанието Стражарска кула на темел на библиската хронологија пишувало дека 1914 ќе биде пресвртна година во човечката историја. Дали би можела оваа војна, прва војна на едно навистина светско ниво, во која конечно биле вовлечени 28 нации и биле убиени 14 милиони луѓе, да биде почеток на настаните кои го исполнуваат Исусовиот комбиниран знак за крајот? Дали ќе следат и другите карактеристики на знакот?
Во ’откровението на Исуса Христа‘ веќе е претскажан овој колеж. Тука коњот со огнена боја и неговиот јавач ’го одземаат мирот од Земјата‘ (Откровение 1:1; 6:4). Тоа навистина се случило од 1914 до 1918. А Првата светска војна била само почеток. Во 1939 следела Втората светска војна. Педесет и девет нации биле вовлечени во тој судир, а биле убиени околу 50 милиони луѓе. Во текот на 45 години по Втората светска војна, се воделе повеќе од 125 војни во кои биле убиени повеќе од 20 милиони луѓе.
Уште една карактеристика на знакот е: ’Ќе има недостаток на храна‘ (Матеј 24:7, NW). Гладот бил раширен за време и после Првата светска војна. Еден извештај наведува повеќе од 60 главни оскудици на храна од 1914, во кои биле загубени повеќе милиони животи. Освен тоа, дури и денес 40 000 деца умираат секој ден поради недоволна исхранетост и од болести кои можат да се спречат.
’Ќе има големи земјотреси‘ (Лука 21:11, NW). По започнувањето на Првата светска војна тие ја треселе Земјата. Еден земјотрес во Италија во 1915 одзел 32 610 животи; во 1920 уште еден погубил 200 000 души во Кина; во 1923 во Јапонија умреле 99 300; во 1935 во сегашен Пакистан 25 000 ги изгубиле своите животи; во 1939 во Турција загинале 32 700; во 1970 биле убиени 66 800 во Перу; во 1976 во Кина умреле 240 000 (некои велат 800 000); во 1988 во Ерменија 25 000 ги загубиле животите. Навистина, имало големи земјотреси после 1914 наваму!
’Од едно место во друго ќе има чуми‘ (Лука 21:11, NW). Во текот на 1918 и 1919, околу една милијарда луѓе биле заболени од шпанската грозница, а повеќе од 20 милиони умреле. Но тоа било само почеток. Во земјите во развој, маларијата, хистосомијазата, речното слепило, акутната дијареа и други болести продолжуваат да осакатуваат и убиваат милиони луѓе. Освен тоа, срцевите болести и ракот одземаат милиони животи. Болестите кои се пренесуваат по сексуален пат го опустошуваат човештвото. Смртоносниот камшик на СИДАТА денес внесува ужас во срцата, со проценка дека секоја минута може да се зарази нова жртва, без никакви можности за лекување.
’Беззаконијата ќе се умножат‘ (Матеј 24:12). Беззаконието се разбеснело од 1914, а денес тоа е експлозивно. Убиствата, силувањата, кражбите, борби на улични банди — ги испишуваат насловните страници на весниците и доминираат во вестите на радиото и телевизијата. Бесцелното насилство продолжува да беснее без контрола. Во Соединетите Држави, еден наоружан човек испукаал рафал од сто куршуми од автомат во група школски деца — 5 мртви, 29 ранети. Еден лудак во Англија убил 16 луѓе со автоматска пушка АК-47. Во Канада, еден човек кој мразел жени, отишол на универзитетот во Монтреал и убил 14 лица. Таквите луѓе се како волци, лавови, диви ѕверови, неразумни животни родени да бидат фатени и уништени. (Спореди Езекиел 22:27; Софонија 3:3; 2. Петрово 2:12.).
’Луѓето, пак, ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот‘ (Лука 21:26). Набргу по експлозијата на првите атомска бомба, атомскиот научник Харолд К. Јури за иднината рекол: ”Ќе јадеме во страв, ќе спиеме во страв, ќе живееме во страв и ќе умираме во страв“. На стравот од нуклеарна војна се додава стравот од криминал, глад, економска нестабилност, пад на моралот, распаѓање на семејството и загадувањето на Земјата. Всушност, лошите времиња кои се истакнати пред нас преку дневниот печат и информативните емисии на телевизија го шират стравот насекаде.
Апостол Павле исто така пишувал за условите кои ќе преовладуваат во последните денови од овој систем. Читањето на неговите зборови е како да се читаат дневните новости. ”Но ова знај го“, напишал тој, ”во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив одвратувај се!“ (2. Тимотеј 3:1-5).
Сѐ си е така ’од почетокот на создавањето‘?
Апостол Петар претскажал уште една карактеристика на последните денови: ”Во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе живеат според своите желби и ќе велат: ’Каде е ветувањето на Неговото доаѓање? Оти, откако татковците наши изумреа, сѐ си стои така, како од созданието на светот‘“ (2. Петрово 3:3, 4).
Денес кога се наметнува темата за последните денови, повеќето луѓе ги исполнуваат пророчките зборови од Петар со тоа што се исмејуваат и велат: ’Па, сите тие работи се случувале и порано. Историјата само се повторува‘. Така го отфрлуваат предупредувањето и продолжуваат да живеат ’според своите желби‘. И ’според своите желби‘ го ставаат настрана исполнувањето на пророштвата кои толку јасно ги идентификуваат последните денови (2. Петрово 3:5).
Сепак, различните карактеристики на комбинираниот знак што го претскажал Исус, никогаш порано не биле исполнети сите заедно во толку краток временски период со таков интензитет и со такви далекусежни последици. (Погледај на пр. Матеј 24:3-12; Марко 13:3-8; Лука 21:10, 11, 25, 26). И би сакале посебно да го свртиме твоето внимание на уште една претскажана карактеристика на последните денови, опишана во Откровение.
Да отвориме Откровение 11:18. Пишува дека кога Христовото Царство ќе почне да владее и народите ќе се разгневат и кога ќе дојде времето за суд, тогаш Јехова ќе ’ги погуби губителите на земјата‘. Зарем денес загадувањето не ја уништува околината? Вистина е дека луѓето отсекогаш ги експлоатирале изворите на Земјата со цел да се збогатат. Но, правејќи го тоа, никогаш не биле во состојба да ја уништат како планета за живеење. Сега, поради развиеноста на технологијата од 1914, луѓето ја имаат таа моќ и алчно грабајќи се за моќ, навистина ја уништуваат Земјата, загадувајќи ја околината и ставајќи ја во опасност способноста на Земјата да го одржува животот.
Алчното, материјалистичко општество го прави тоа сега со вознемирувачки пораст. Еве некои од свирепите последици: кисели дождови, глобално загревање на Земјата, дупки во озонскиот слој, презаситеност со ѓубре, отровни ѓубришта, опасни хербициди и пестициди, нуклеарен отпад, излевања на нафта и отпадоци од сурови течности, загрозување на животинските видови, мртви езера, загадени подземни води, уништени шуми, загадено обработливо земјиште, губиток на горниот слој од земјата и смог кој ги оштетува дрвјата и растителните култури како и човечкото здравје.
Професор Бари Комонер вели: ”Верувам дека понатамошното загадување на земјата, ако не се контролира, на крај ќе ја уништи погодноста на оваа планета како место за човечки живот. (. . .) Проблемот не лежи во научното незнаење, туку во тврдоглавата алчност“. Книгата State of the World 1987 (Состојбата на светот во 1987) на страна 5. цитира: ”Степенот на човечките активности почнал да ѝ се заканува на погодноста за живот на самата Земја“. Една главна телевизиска серија емитувана во Соединетите Држави во 1990 носела наслов ”Трка за спасување на планетата“.
Човекот никогаш нема да го прекине загадувањето; но Бог ќе го прекине кога ќе ги уништи оние кои ја уништуваат Земјата. Бог и неговиот небесен Врховен Војсководач, Исус Христос, ќе го сторат тоа со извршување на суд над материјалистичките нации во завршната војна на Армагедон (Откровение 16:14, 16; 19:11-21).
На крај, забележи ја истакнатата карактеристика на Исусовото пророштво за последните денови: ’И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет‘ (Матеј 24:14). Оваа добра вест кажува дека Божјето Царство сега владее на небото и дека наскоро ќе настапи да го уништи овој злобен систем и да го обнови Рајот на Земјата. Евангелието било проповедано и порано, но никогаш не била опфатена целата населена Земја. Меѓутоа, Јеховините сведоци го сториле тоа од 1914 и покрај прогонствата кои ги претскажал Исус — забрани од властите, насилства од толпи, затварања, мачења и многу смртни случаи.
Во 1919 имало 4 000 Јеховини сведоци кои ја проповедале ова добра вест. Нивниот број постојано расте, така што минатата година преку 4 000 000 проповедале во 212 земји, на околу 200 јазици, а растуриле стотици милиони Библии, книги и списанија, воделе милиони библиски студии по домовите на луѓето и одржале конгреси по големите стадиони во сите делови на светот. Овој огромен опсег на проповедање на евангелието никогаш не би можело да се направи пред 1914. Достигнувањето на ваквиот обем барало модерни машини за печатење со голема брзина, средства за патување, компјутери, телефакс уреди, како и средства за испорачување и комуникација кои единствено ни стојат на располагање во денешно време.
Ерусалим од времето на Еремија бил предупреден на своето претстоечко уништување; неговите жители само се исмејувале, но било подоцна отколку што мислеле. Денес се разгласува едно многу поголемо предупредување за уништувањето во Армагедон, со огромни докази кои го потврдуваат тоа (Откровение 14:6, 7, 17-20). Милиони се прават дека не слушаат. Но, времето истекува; подоцна е отколку што мислат. Дали е подоцна отколку што ти мислиш?
[Слика на страница 7]
Во деновите на Еремија било подоцна отколку што тие мислеле