Поглавје 11
Севкупната складност на Библијата
Замисли си една библиотека од 66 книги што ги напишале околу 40 различни луѓе во период од 1.600 години. Писатели кои живееле во неколку земји користеле три јазика. Сите писатели биле со различни личности, способности и позадини. Но, кога на крајот биле собрани сите книги што ги напишале, се покажало дека тие, всушност, сочинуваат само една голема книга која од почетокот до крајот следи една основна тема. Тешко е да се замисли тоа, нели? Сепак, Библијата е токму една таква библиотека.
1. (Вклучи го и уводот.) Која извонредна складност сведочи за фактот дека Библијата е инспирирана од Бог?
НИТУ еден чесен студент не може а да не биде импресиониран од фактот дека Библијата, иако е збирка од различни книги, претставува едно обединето дело. Обединета е во тој поглед што, од почетокот до крајот, унапредува обожавање само на еден Бог чии особини никогаш не се менуваат, како и во тоа што сите нејзини книги развиваат една доминантна тема. Оваа севкупна складност е силен доказ дека Библијата навистина е Реч Божја.
2, 3. Кое пророштво изговорено во Едем дало основа за надеж, и кои околности довеле до изговарањето на тоа пророштво?
2 Основната тема на Библијата е внесена уште во почетните поглавја од нејзината прва книга, 1. Мојсеева. Таму читаме дека нашите прародители, Адам и Ева, биле создадени совршени и биле ставени во една рајска градина, Едем. Меѓутоа, на Ева ѝ пристапила една змија која ја оспорила исправноста на Божјите закони и со лукави лаги ја намамила на постапување кое води во грев. Адам ѝ се придружил, па така и тој станал непослушен на Бог. Со кој резултат? Обајцата биле истерани од Едем и биле осудени на смрт. Ние денес ги сносиме последиците од таа прва побуна. Сите наследуваме грев и смрт од нашите прародители (1. Мојсеева 3:1—7, 19, 24; Римјаните 5:12).
3 Меѓутоа, во тоа трагично време Бог изрекол едно пророштво кое дало основа за надеж. Пророштвото ѝ било кажано на змијата, но било така изговорено што Адам и Ева можеле да го слушнат за да им го кажат на своите деца. Еве што рекол Бог: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената и помеѓу твоето семе и нејзиното семе. Тоа ќе ти ја повреди главата, а ти ќе му ја повредиш петицата“ (1. Мојсеева 3:15, NW; Римјаните 8:20, 21).
4. Кои битија биле спомнати во Јеховиното пророштво во Едем, и во каков меѓусебен однос требало да бидат тие во текот на вековите?
4 Забележи ги четирите битија што се спомнати во овој тематски стих: Змијата и нејзиното семе, како и жената и нејзиното семе. Овие битија требало да играат клучна улога во настаните во илјадниците години што претстоеле. Требало да постои непрестано непријателство помеѓу жената и нејзиното семе од една страна и змијата и нејзиното семе од друга страна. Ова непријателство ќе вклучувало постојан конфликт помеѓу вистинското и лажното обожавање, помеѓу исправното постапување и злобата. Во една фаза змијата ќе добиела привидна предност кога ќе ја повредела петицата на семето на жената. Но, на крајот, семето на жената требало да ѝ ја смачка главата на змијата, а самиот Бог да биде оправдан кога ќе бидат отстранети сите траги од таа првобитна побуна.
5. Откаде знаеме дека Ева не била жената од пророштвото?
5 Кои се жената и змијата? И кои се нивните семиња? Кога Ева го добила својот прв син, Каин, таа извикнала: „Придобив човек од Господа!“ (1. Мојсеева 4:1). Можеби мислела дека таа е жената од пророштвото и дека овој син ќе се покаже како семето. Меѓутоа, Каин имал лош дух, како духот на змијата. Убивајќи го својот помлад брат Авел, тој станал убиец (1. Мојсеева 4:8). Јасно е дека пророштвото имало подлабоко, симболично значење кое можел да го објасни само Бог. Малку по малку, тој го сторил тоа. Сите 66 книги од Библијата, на еден или на друг начин, придонесуваат за откривањето на значењето на тоа — првото пророштво во Библијата.
Која е змијата?
6-8. Кои Исусови зборови ни помагаат да ја идентификуваме силата зад змијата? Објасни.
6 Прво, која е змијата за која се зборува во 1. Мојсеева 3:15? Извештајот вели дека во Едем на Ева ѝ пристапила една дословна змија, но сепак дословните змии не можат да зборуваат. Зад таа змија мора да имало некоја сила која предизвикувала да го направи она што го направила. Која била таа сила? Дури во првиот век од нашата ера, кога Исус ја извршувал својата служба овде на Земјата, идентитетот на таа сила бил јасно откриен.
7 Во една прилика Исус зборувал со некои самоправедни еврејски религиозни водачи кои се фалеле дека се синови на Авраам. Сепак, тие цврсто ѝ се противеле на вистината што ја проповедал Исус. Затоа, Исус им рекол: „Вие сте од вашиот татко, Ѓаволот, и сакате да ги извршувате желбите на вашиот татко. Тој беше човекоубиец кога започна и не стоеше цврсто во вистината, бидејќи вистината не е во него. Кога зборува лага, зборува според својата склоност, затоа што е лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44, NW).
8 Исусовите зборови биле силни и на место. Тој го опишал Ѓаволот како „човекоубиец“ и „татко на лагата“. Значи, првите лаги за кои се известува ги изговорила змијата во Едем. Кој и да е тој што ги кажал тие лаги, навистина бил „татко на лагата“. Освен тоа, тие лаги довеле до смртта на Адам и Ева, со што тој древен лажливец станал убиец. Значи, очигледно е дека силата зад змијата во Едем бил Сатана Ѓаволот, и во тоа древно пророштво Јехова, всушност, му зборувал на Сатана.
9. Како настанал Сатаната?
9 Некои се запрашале: Ако Бог е добар, тогаш зошто создал едно такво суштество како што е Ѓаволот? Исусовите зборови ни помагаат да одговориме и на тоа прашање. Исус рекол за Сатаната: „Тој беше човекоубиец кога започна“. Значи, тогаш кога Сатана ја излажал Ева, тој почнал да биде Сатана — облик на еден хебрејски збор кој значи „противник“. Бог не го создал Сатаната. Еден ангел кој претходно бил верен, допуштил во неговото срце да се развие неисправна желба и со тоа станал Сатана (5. Мојсеева 32:4; спореди Јов 1:6—12; 2:1—10; Јаков 1:13—15).
Семето на Змијата
10, 11. Како Исус и апостол Јован ни помагаат да го идентификуваме семето на Змијата?
10 Но, што е со ‚семето [односно потомството] на змијата‘? Исусовите зборови ни помагаат да го решиме и овој дел од загатката. На еврејските религиозни водачи им рекол: „Вие сте од вашиот татко, Ѓаволот, и сакате да ги извршувате желбите на вашиот татко“. Овие Евреи биле потомци на Авраам, токму онака како што се фалеле. Но, нивното злобно постапување ги направило духовни деца на Сатана, зачетникот на гревот.
11 Пишувајќи кон крајот на првиот век, апостол Јован јасно објаснува кој припаѓа на семето на Змијата, Сатана. Тој пишува: „Кој прави грев, од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од почетокот . . . Чедата Божји и чедата ѓаволски по тоа и се познаваат. Секој, што не врши правда, не е од Бога; а и оној кој не го сака братот свој“ (1. Јованово 3:8, 10). Очигледно, семето на Змијата било многу активно во текот на целата човечка историја!
Кое е семето на жената?
12, 13. а) Како Јехова му открил на Авраам дека семето на жената ќе се појави меѓу неговите потомци? б) Кој го наследил ветувањето во врска со Семето?
12 Тогаш, кое е ‚семето [односно потомството] на жената‘? Ова е едно од најважните прашања кои некогаш биле поставени, бидејќи семето на жената е тоа кое на крајот ќе му ја смачка главата на Сатана и ќе ги отстрани лошите последици од првобитната побуна. Во 20 век пр. н. е., Бог му открил на верниот човек Авраам еден главен клуч во врска со идентитетот на семето. Поради големата вера на Авраам, Бог му дал низа ветувања во врска со потомството кое требало да му се роди. Едно од нив јасно покажало дека ‚семето на жената‘ кое ќе ја ‚повреди главата на змијата‘ ќе се појави меѓу децата на Авраам. Бог му рекол: „Потомците твои ќе ги завладеат градовите на непријателите свои. И ќе бидат благословени преку потомството твое [твоето семе, NW] сите народи на земјата, зашто го послуша гласот Мој“ (1. Мојсеева 22:17, 18).
13 Со текот на годините, Јеховиното ветување дадено на Авраам му било повторено на Авраамовиот син Исак и на внукот Јаков (1. Мојсеева 26:3—5; 28:10—15). Потомците на Јаков конечно станале 12 племиња, а едно од тие племиња, Јуда, добило посебно ветување: „Нема да недостасува кнез од Јуда, и водач од бедрата негови, сѐ дури не дојде Оној, Кому му припаѓа власта, и Он е надеж на народите“ (1. Мојсеева 49:10). Очигледно, Семето требало да се појави во племето Јуда.
14. Која нација била организирана за да биде подготвена за доаѓањето на Семето?
14 На крајот од 16 век пр. н. е., 12-те племиња на Израел биле организирани во една нација како Божји посебен народ. За оваа цел, Бог склучил со нив свечен завет и им дал законски зборник. Главната причина за ова била да се подготви еден народ за доаѓањето на Семето (2. Мојсеева 19:5, 6; Галатјаните 3:24). Оттогаш, непријателството на Сатана кон Семето на жената се гледало во противничкиот став на народите кон Божјиот избран народ.
15. Кој последен клуч бил даден за тоа од која фамилија меѓу Авраамовите потомци ќе произлезе Семето?
15 Последниот клуч за тоа од која фамилија ќе произлезе Семето бил даден во 11 век пр. н. е. Во тоа време, Бог му зборувал на вториот израелски цар, Давид, и му ветил дека Семето ќе дојде од неговата лоза и дека престолот ќе Му „остане засекогаш“ (2. Царства 7:11—16). Оттогаш, Семето можело со право да се нарекува Давидов син (Матеј 22:42—45).
16, 17. Како Исаија ги опишал благословите што требало да ги донесе Семето?
16 Во годините што следеле, Бог подигал пророци за да даваат уште инспирирани информации во врска со Семето кое доаѓало. На пример, во осмиот век пр. н. е., Исаија напишал: „Младенец ни се роди — Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат: Советник, Чудесни, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот. Неговата власт и мирот бескраен ќе растат врз престолот на Давида и во царството негово“ (Исаија 9:6, 7).
17 Во врска со ова Семе, Исаија понатаму прорекол: „Он ќе им суди на сиромасите по правда, и делата на страдалците во земјата ќе ги решава според вистината . . . Тогаш волк ќе живее со јагне, леопардот ќе лежи заедно со јаре; теле, лавче и вол ќе бидат заедно, и мало дете ќе ги води . . . Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господа, како што водите го полнат морето“ (Исаија 11:4—9). Каков само богат благослов требало да донесе ова семе!
18. Кои понатамошни информации во врска со Семето ги запишал Даниил?
18 Во шестиот век пр. н. е., Даниил запишал уште едно пророштво во врска со Семето. Тој го прорекол времето кога оној што е како син човечки ќе се појави на небото и рекол дека ‚Му се дала власт, слава и царство, за да Му служат сите народи, племиња и јазици‘ (Даниил 7:13, 14). Значи, Семето што ќе дошло, требало да наследи небесно царство, а неговата царска власт да се протега низ целата Земја.
Загатката е решена
19. Како што открил ангелот, која улога во доаѓањето на Семето требало да ја одигра Марија?
19 Идентитетот на Семето конечно бил откриен на почетокот од нашата ера. Во 2 година пр. н. е., еден ангел ѝ се појавил на една млада еврејска девојка по име Марија, која била потомок на Давид. Ангелот ѝ рекол дека ќе роди едно многу посебно дете, и кажал: „Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај“ (Лука 1:32, 33). Значи, долгото очекување на ‚семето‘ конечно завршувало.
20. Кој е ветеното Семе, и која порака ја проповедал во Израел?
20 Во 29 година н. е. (датум на кој Даниил укажал долго време пред тоа) Исус се крстил. Тогаш светиот дух се симнал врз него и Бог го признал за свој Син (Даниил 9:24—27; Матеј 3:16, 17). Три и пол години после тоа Исус им сведочел на Евреите, објавувајќи: „Се приближи царството небесно“ (Матеј 4:17). За тоа време исполнил толку многу пророштва од Хебрејските списи што немало простор за сомневање дека тој навистина бил ветеното Семе.
21. Што разбрале раните христијани во врска со идентитетот на Семето?
21 Раните христијани добро го разбрале ова. На христијаните во Галатија, Павле им објаснил: „Но ветувањата му беа дадени на Авраама и на семето негово. Не е речено: ‚и на семињата‘, како за мнозина, а за еден: ‚и на семето твое‘, кое е Христос“ (Галатјаните 3:16). Исус требало да биде ‚Кнезот на мирот‘ што бил проречен од Исаија. Откако конечно ќе дошол во своето Царство, низ целиот свет ќе биле воспоставени правдата и праведноста.
Тогаш, која е жената?
22. Која е жената за која станува збор во Јеховиното пророштво во Едем?
22 Ако Исус е Семето, која е жената за која станало збор во Едем? Бидејќи силата зад змијата била духовно суштество, не треба да бидеме изненадени што и жената е дух а не човек. Апостол Павле зборувал за една небесна „жена“ кога рекол: „А горниот Ерусалим е слободен: тој е мајка на сите нас“ (Галатјаните 4:26). Други библиски стихови покажуваат дека овој ‚горен Ерусалим‘ постои веќе со милениуми. Тој е Јеховината небесна организација од духовни суштества, од која Исус се симнал за да ја исполни улогата како ‚семе на жената‘. Само една ваква духовна „жена“ можела со милениуми да го издржи непријателството на „првобитната змија“ (Откровение 12:9, NW; Исаија 54:1, 13; 62:2—6).
23. Зошто е толку извонредно постепеното откривање на значењето на Јеховиното пророштво во Едем?
23 Овој краток преглед на развојот на тоа древно пророштво во 1. Мојсеева 3:15 е едно силно сведоштво за големата складност на Библијата. Навистина е извонредно тоа што пророштвото можеме да го разбереме само ако ги поврземе настаните и изјавите од 20, 11, 8 и 6 век пр. н. е. со изјавите и настаните од првиот век од нашата ера. Ова не можело да биде случајно. Зад сето тоа мора да постоело некакво водство (Исаија 46:9, 10).
Значењето за нас
24. Што значи за нас идентификувањето на Семето?
24 Што значи за нас сето ова? Па, Исус е примарното ‚семе на жената‘. Тоа древно пророштво во 1. Мојсеева 3:15 (NW) прорекло дека Змијата ќе ја „повреди“ неговата пета, и тоа се случило кога Исус умрел на маченичкиот столб. Повредата не е долготрајна. Така, привидниот успех на Змијата брзо се претворил во пораз кога Исус бил воскреснат. (Како што видовме во 6. поглавје, постојат изобилни докази дека ова навистина се случило.) Исусовата смрт станала основа за спасението на човештвото со праведни срца, така што Семето станало благослов, токму онака како што Бог му ветил на Авраам. Но, што е со пророштвата дека Исус ќе владее од едно небесно Царство над целата негова земна област?
25, 26. Кое спорно прашање било вклучено во непријателството помеѓу ‚семето на жената‘ и Змијата, како што е опишано во Откровение?
25 Во една сликовита пророчка визија запишана во Откровение 12. поглавје, почетокот на ова Царство е прикажан како раѓање на машко дете на небото. Во ова Царство, ветеното Семе презема власт под називот Михаил, што значи „Кој е како Бог?“ Кога засекогаш ја исфрла од небото „првобитната змија“, тој покажува дека никој не може со право да го оспори Јеховиниот суверенитет. Читаме: „И беше исфрлен големиот змев — старата [првобитната, NW] змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше соборен на земјата“ (Откровение 12:7—9).
26 Резултатот е олеснување за небесата, но неволја за Земјата. „Сега настана спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христос“, се чул триумфален извик. Понатаму читаме: „Затоа веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто Ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време“ (Откровение 12:10, 12).
27. Кога било исполнето пророштвото за исфрлањето на Сатана од небесата? Откаде знаеме?
27 Можеме ли да кажеме кога требало да се исполни ова пророштво? Всушност, тоа било прашањето што го покренале учениците кога го прашале Исус за ‚знакот на неговата присутност и на завршетокот на системот на ствари‘ — како што дискутиравме во 10. поглавје (Матеј 24:3, NW). Како што видовме, изобилни се доказите дека Исусовата присутност во моќта на небесното Царство започнала во 1914. Оттогаш, навистина доживуваме ‚тешко на земјата‘!
28, 29. Кои големи промени на земната сцена сѐ уште претстојат, и откаде знаеме дека ќе се случат наскоро?
28 Но, забележи: Тој небесен извик објавил дека Сатана има само „малку време“. Значи, тоа првобитно пророштво од 1. Мојсеева 3:15 оди кон својата непогрешна кулминација. Сите се идентификувани — змијата со нејзиното семе, како и жената со нејзиното семе. На Семето му била ‚повредена петицата’, но се опоравило. Наскоро, смачкувањето на Сатана (и неговото семе) ќе започне под Божјиот Цар што владее сега, Христос Исус.
29 Ова ќе вклучи огромни промени на земната сцена. Заедно со Сатана, ќе бидат отстранети и оние кои ќе се покажат како негово семе. Како што прорекол псалмистот, „уште малку, и грешникот ќе го нема; ќе го побараш местото негово и нема да го најдеш“ (Псалм 36:10). Каква само коренита промена ќе биде тоа! Тогаш ќе се исполнат понатамошните зборови на псалмистот: „А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“ (Псалм 36:11).
30. Зошто се нереални скептичарите кои фрлаат сомневање врз инспирираноста на Библијата, па дури и врз постоењето на Бог?
30 На овој начин, ‚Кнезот на мирот‘ конечно ќе му донесе мир на човештвото. Тоа е ветување од Библијата, како што забележавме во Исаија 9:6, 7. Во овој век на скептицизам, многумина сметаат дека таквото ветување е нереално. Но, каква алтернатива нуди човекот? Никаква! Од друга страна, пак, ова ветување е јасно изнесено во Библијата, а Библијата е непогрешна Реч Божја. Скептичарите се тие кои се нереални (Исаија 55:8, 11). Тие го игнорираат Бог, кој ја инспирирал Библијата и кој е најголема од сите реалности.
[Слика на страница 151]
Првото пророштво од Библијата му дало основа за надеж на паднатото човештво
[Слика на страница 154]
Во 20 век пр. н. е., Јехова му рекол на Авраам дека ветеното Семе ќе дојде од неговите потомци
[Слика на страница 155]
Во 11 век пр. н. е., царот Давид дознал дека Семето ќе дојде од неговата кралска лоза
[Слика на страница 156]
Во осмиот век пр. н. е., Исаија ги прорекол благословите што ќе ги донесе Семето
[Слика на страница 157]
Во шестиот век пр. н. е., Даниил прорекол дека Семето ќе владее во едно небесно Царство
[Слика на страница 159]
Кон почетокот на првиот век н. е., Марија дознала дека Исус, детето што ќе го носи, кога ќе порасне ќе биде Семето